Добрата вест која сакаат да ја чуете
КОГА Исус бил на Земјата, неговите ученици дошле кај него и го прашале: „Што ќе биде знакот на твојата присутност и на завршетокот на системот на работи?“ Тој одговорил дека ќе има војни во кои ќе бидат вовлечени многу народи, исто така глад, чуми, земјотреси, пораст на беззаконието, лажни религиозни учители кои ќе заведат многумина, омраза и прогонство врз неговите вистински следбеници и дека кај многу луѓе ќе олади љубовта кон праведноста. Започнувањето на овие работи требало да покаже дека Христос е невидливо присутен и дека небесното Царство е близу. Тоа навистина би било вест — добра вест! Затоа Исус ги додал следниве зборови како дел од знакот: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:3—14).
Неодамнешните светски настани сами по себе се лоши, но добро е она што тие го означуваат, имено, Христовата присутност. Погоре спомнатите околности станале видливи во таа насекаде објавувана 1914 година! Таа го означила крајот на времињата на не-Евреите и започнувањето на преодниот период од човечко владеење кон Илјадагодишната (милениумска) влада на Христос.
Псалм 109, 1. и 2. стих, и Откровение 12:7—12 покажуваат дека требало да постои еден таков преоден период. Таму е наведено дека додека дојде времето кога ќе стане Цар, Христос ќе седи од Божјата десна страна на небото. Потоа, како резултат на една војна на небото Сатана ќе биде исфрлен на Земјата, што ќе донесе неволја на Земјата, а Христос ќе владее среде своите непријатели. Потполниот крај на злото ќе дојде преку ‚големата неволја‘, која ќе кулминира со војната во Армагедон, а после неа следи Христовата илјадагодишна влада на мир (Матеј 24:21, 33, 34; Откровение 16:14—16).
„А ова знај го“, вели Библијата, „дека во последните денови ќе настанат критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај. Зашто луѓето ќе бидат себељубиви, љубители на пари, вообразени, надуени, хулници, непослушни на родителите, неблагодарни, нелојални, без природна наклоност, непристапни за каков и да е договор, клеветници, без самосовладување, свирепи, без љубов кон доброта, предавници, своеглави, надуени од гордост, љубители на уживања наместо љубители на Бог, кои имаат надворешен облик на побожна оддаденост, но се покажале лажни во поглед на нејзината сила; од таквите одвратувај се“ (2. Тимотеј 3:1—5).
Некои може да тврдат дека овие работи се случувале и порано во човечката историја, но факт е дека тие никогаш не се случиле во ваква мера. Според изјавите на историчарите и коментаторите, на Земјата никогаш не постоело време слично на ова што го доживуваме од 1914 па наваму. (Видете страница 7.) Неволјите се пообемни од кога и да било порано. Освен тоа, што се однесува до другите обележја на Христовиот знак за последните денови, треба да се земат предвид следниве факти: Објавувањето на Христовата присутност и на неговото Царство ширум Земјата е во размери кои се без преседан во историјата. Никогаш немало прогонство заради проповедање рамно на прогонството врз Јеховините сведоци. Повеќе стотици од нив биле погубени во нацистичките концентрациони логори. До ден-денес, Јеховините сведоци на многу места се под забрана, додека во други се апсени, затворани, мачени и убивани. Сево ова е составен дел од знакот што го дал Исус.
Како што е претскажано во Откровение 11:18, ‚нациите се разгневиле‘ против Јеховините верни сведоци, и тоа покажува дека наскоро Јехова ќе го излее ‚својот гнев‘ врз тие нации. Истиот стих вели дека Бог ќе ‚ги уништи оние кои ја уништуваат земјата‘. Никогаш порано во човечката историја немало период кога била загрозена способноста на Земјата да го поддржува животот. Меѓутоа, сега е поинаку! Многу научници предупредуваат дека ако човекот продолжи да ја загадува Земјата, таа ќе стане неповолна за живеење. Но, Јехова Земјата ја ‚создал за живеење‘, и затоа ќе ги отстрани оние кои ја загадуваат пред потполно да ја уништат (Исаија 45:18).
ЗЕМНИТЕ БЛАГОСЛОВИ ПОД ЦАРСТВОТО
Мислата дека луѓето ќе живеат овде на Земјата како поданици на Божјето Царство може да им изгледа чудна на многумина кои веруваат во Библијата, но мислат дека сите луѓе кои ќе бидат спасени ќе одат на небо. Библијата покажува дека на небото ќе оди само еден ограничен број, и дека на Земјата засекогаш ќе живее едно големо мноштво од неограничен број луѓе (Псалм 36:11, 29; Откровение 7:9; 14:1—5). Едно пророштво во библиската книга Даниил покажува дека Божјето Царство под Христос ќе ја исполни Земјата и ќе владее над неа.
Во оваа книга Христовото Царство е претставено со камен кој се откачува од Јеховината сувереност слична на планина. Тој погодува и уништува еден идол кој ги претставува моќните нации на Земјата, ‚а каменот што го разбива идолот станува голема планина и ја исполнува целата земја‘. Пророштвото понатаму вели: „И во деновите на тие царства [цареви, NW] небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема да се разруши никогаш, и тоа царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно“ (Даниил 2:34, 35, 44).
Јеховините сведоци сакаат да Ви кажат токму за тоа Царство и за библиски темелената надеж за вечен живот на исчистената и разубавена Земја. Милиони луѓе кои сега живеат и уште многу, многу милиони кои се во своите гробови, ќе добијат можност да живеат на неа засекогаш. Тогаш, под Илјадагодишната влада на Христос Исус, ќе се оствари првобитната намера што ја имал Јехова кога ги создал Земјата и првиот човечки пар. Во тој Рај на Земјата нема никогаш да биде здодевно. Исто како што на Адам му била доделена работа во градината Едем така и човештвото ќе има предизвикувачки проекти во грижата за Земјата и за нејзиниот растителен и животински свет. Тие „долго ќе се користат со делото на рацете свои“ (Исаија 65:22; 1. Мојсеева 2:15).
Може да се наведат многу стихови кои покажуваат какви услови ќе постојат кога ќе биде одговорено на молитвата за која нѐ поучил Исус: „Нека дојде царството Твое. Нека биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10). Но, засега нека биде доволен овој: „Чув еден силен глас од престолот како вели: ‚Гледај, Божјиот шатор е со луѓето, и тој ќе престојува со нив, и тие ќе бидат негови народи. И самиот Бог ќе биде со нив. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи поминаа‘. И Оној кој седи на престолот рече: ‚Гледај, јас правам сѐ ново‘. Исто така вели: ‚Напиши, зашто овие зборови се веродостојни и вистинити‘“ (Откровение 21:3—5).
[Истакната мисла на страница 15]
„Критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“,
НО „тогаш ќе дојде крајот“
[Слика на страница 18]
Холандија
[Слика на страница 18]
Нигерија