Дваесет и трето поглавје
„Ново име“
1. Кое уверување е запишано во Исаија 62. поглавје?
УВЕРУВАЊЕ, утеха, надеж за обнова — тоа е она што им е потребно на малодушните Евреи во Вавилон. Поминале неколку децении од уништувањето на Ерусалим и на неговиот храм. На околу 800 километри од Вавилон, Јуда лежи опустошена, а на Евреите им се чини дека Јехова ги заборавил. Што може да ја подобри нивната ситуација? Можат ветувањата од Јехова дека ќе ги врати дома и ќе им дозволи да го обноват чистото обожавање. Тогаш, описите како „Оставена“ и „Запустена“ ќе бидат заменети со имиња што означуваат Божје одобрување (Исаија 62:4; Захарија 2:12). Шеесет и второто поглавје од Исаија е полно со вакви ветувања. Меѓутоа, слично на други пророштва за обнова, и ова поглавје допира прашања што не се однесуваат само на ослободувањето на Евреите од заробеништво во Вавилон. Во своето главно исполнување, Исаија 62. поглавје нѐ уверува дека спасението на Јеховината духовна нација, „Израелот Божји“, е сигурно (Галатите 6:16).
Јехова не молчи
2. На кој начин Јехова повторно покажува благонаклоност кон Сион?
2 Вавилон е поразен во 539 пр.н.е. Потоа Кир, царот на Персија, издава декрет со кој им дозволува на богобојазливите Евреи да се вратат во Ерусалим и да го обноват Јеховиното обожавање (Езра 1:2—4). Во 537 пр.н.е., првите еврејски повратници пристигнуваат во својата татковина. Јехова уште еднаш покажува благонаклоност кон Ерусалим, што се одразува во срдечноста на неговата пророчка објава: „За љубов на Сион не ќе молчам, заради Ерусалим не ќе мирувам, додека неговата правда не засвети како светлина, додека неговото спасение не пламне како светилник [факел, NW]“ (Исаија 62:1).
3. а) Зошто Јехова на крајот го отфрлил земниот Сион, и кој дошол на негово место? б) До какво отпаѓање дошло, кога, и во каков период живееме денес?
3 Во 537 пр.н.е., Јехова го исполнил своето ветување да го обнови Сион, односно Ерусалим. Тој ги спасил неговите жители, и нивната правда засветила сјајно. Меѓутоа, подоцна повторно се оддалечиле од чистото обожавање. Најпосле го отфрлиле Исус како Месија, а Јехова на крајот ги напуштил како своја избрана нација (Матеј 21:43; 23:38; Јован 1:9—13). Јехова го предизвикал раѓањето на една нова нација, „Израелот Божји“. Оваа нова нација станала негов посебен народ и, во првиот век, нејзините членови ревносно ја проповедале добрата вест низ целиот тогаш познат свет (Галатите 6:16; Колошаните 1:23). За жал, по смртта на апостолите дошло до отпаѓање од вистинската религија. Како резултат на тоа, се развил отпаднички облик на христијанство, кој постои во христијанскиот свет денес (Матеј 13:24—30, 36—43; Дела 20:29, 30). На христијанскиот свет со векови му било дозволувано да му нанесува голем срам на Јеховиното име. Меѓутоа, во 1914, конечно започнала Јеховината ‚година на добра волја‘, како и главното исполнување на овој дел од пророштвото на Исаија (Исаија 61:2, NW).
4, 5. а) Кого го симболизираат Сион и неговите деца денес? б) На кој начин Јехова го користел Сион за да направи ‚неговото спасение да пламне како факел‘?
4 Денес, Јеховиното ветување за обнова на Сион се исполнува на неговата небесна организација, „горниот Ерусалим“, кој на Земјата го претставуваат неговите деца, христијаните помазани со дух (Галатите 4:26). Јеховината небесна организација служи како оддадена помошничка — внимателна, полна со љубов и работлива. Колку само возбудлив настан бил кога во 1914 таа го родила месијанското Царство! (Откровение 12:1—5). Особено од 1919, нејзините деца на Земјата им проповедаат на нациите за нејзината праведност и спасение. Како што претскажал Исаија, овие деца ја осветлуваат темнината како факел, дозволувајќи нивната светлина да свети (Матеј 5:15, 16; Филипјаните 2:15).
5 Јехова е живо заинтересиран за своите обожаватели и тој нема да почива, односно да молчи, сѐ додека не ги исполни сите ветувања што му ги дал на Сион и на неговите деца. Преостанатите помазаници заедно со своите придружници, другите овци, исто така одбиваат да молчат (Јован 10:16). Тие се навистина гласни додека им укажуваат на луѓето на единствениот начин да се спасат (Римјаните 10:10).
Јехова дава „ново име“
6. Што има на ум Јехова за Сион?
6 Што има на ум Јехова за Сион, својата небесна ‚жена‘, претставена со древниот Ерусалим? Тој вели: „Народите ќе ја видат твојата праведност [о жено, NW], и твојата слава — сите цареви; ќе те наречат со ново име, што ќе го одреди Господовата уста“ (Исаија 62:2). Додека Израелците постапуваат праведно, нациите се принудени внимателно да ги посматраат. Дури и некои цареви се принудени да признаат дека Јехова го користи Ерусалим и дека, сеедно на кој начин тие владеат, нивното владеење е безначајно во споредба со Јеховиното Царство (Исаија 49:23).
7. Што означува новото име на Сион?
7 Јехова сега потврдува дека состојбата на Сион е променета, со тоа што му дава ново име. Тоа ново име ја означува благословената состојба и почесната положба што ја уживаат земните деца на Сион од 537 пр.н.е. наваму.a Тоа покажува дека Јехова го признава Сион како своја сопственост. Денес, Израелот Божји е восхитен што може да му биде милина на Јехова на ваков начин, а другите овци се радуваат со него.
8. На кои начини Јехова му оддава чест на Сион?
8 Откако му дал на Сион ново име, Јехова сега ветува: „Ќе бидеш прекрасен венец во Господовата рака, и царски венец на дланката на својот Бог“ (Исаија 62:3). Јехова ја подига својата симболична сопруга, небесниот Сион, за да ја гледаат со восхит (Псалм 48:2; 50:2). Прекрасниот венец и ‚царскиот венец‘ укажуваат дека е облечена со чест и авторитет (Захарија 9:16). Претставувајќи го небесниот Сион, односно „горниот Ерусалим“, Израелот Божји е впечатлив резултат на Божјата рака на дело, односно на неговата применета моќ (Галатите 4:26). Со Јеховина помош, оваа духовна нација изгради монументално досие на интегритет и оддаденост. На милиони поединци, вклучувајќи ги и помазаниците и другите овци, им се зголемила решеноста да покажат извонредна вера и љубов. Во текот на милениумското владеење на Христос, помазаниците, откако ќе ја добијат својата славна небесна награда, ќе бидат алатки во Јеховината рака за подигање на созданието, кое воздивнува, до вечен живот (Римјаните 8:21, 22; Откровение 22:2).
„Ти си Господова милозливост“
9. Опиши ја преобразбата на Сион.
9 Тоа што му е дадено ново име е дел од прекрасната преобразба на небесниот Сион, кој е застапен од своите деца на Земјата. Читаме: „Не ќе те наречуваат веќе Оставена, ни твојата земја Запустена, туку ќе те викаат Моја Милина, а твојата земја — Венчана, зашто ти си Господова милозливост, и твојата земја ќе има сопруг“ (Исаија 62:4). Земниот Сион лежи запустен од своето уништување во 607 пр.н.е. Меѓутоа, Јеховините зборови го уверуваат во неговата обнова и во повторно населување на неговата земја. Откако еднаш е разорен, Сион повеќе нема да биде оставена жена, а неговата земја повеќе нема да биде запустена. Обновата на Ерусалим во 537 пр.н.е. означува нова ситуација за него, потполно различна од неговата претходно разрушена состојба. Јехова објавува дека Сион ќе биде наречен „Моја Милина“, а неговата земја — „Венчана“ (Исаија 54:1, 5, 6; 66:8; Еремија 23:5—8; 30:17; Галатите 4:27—31).
10. а) Како бил преобразен Израелот Божји? б) Што е ‚земјата‘ на Израелот Божји?
10 Слична промена доживеал Израелот Божји, со почеток во 1919. Во текот на Првата светска војна на помазаните христијани им изгледало дека Бог се откажал од нив. Но, во 1919 биле вратени на нивната повластена положба, и нивниот начин на обожавање бил прочистен. Ова се одразило на нивните учења, организација и активност. Израелот Божји дошол во својата „земја“, својот духовен имот, односно подрачје на активност (Исаија 66:7, 8, 20—22).
11. Како Евреите ја земаат во сопственост како сопруга својата мајка?
11 Понатаму, нагласувајќи ја новата, повластена положба на својот народ, Јехова објавува: „Како што младецот се жени со девица, така синовите ќе се оженат за тебе [ќе те земат во сопственост како сопруга, NW], и како што младоженецот ѝ се радува на невестата, твојот Бог ќе ти се радува тебе“ (Исаија 62:5). Како можат Евреите, „синовите“ на Сион, да ја земат во сопственост како сопруга својата мајка? Така, што вратените синови на Сион, кои се ослободени од вавилонско изгнанство, ќе го заземат својот стар главен град и ќе се населат во него повторно. Кога ова ќе се случи, Сион повеќе нема да биде запустен туку исполнет со синови (Еремија 3:14).
12. а) На кој начин Јехова јасно покажал дека помазаните христијани се дел од организацијата што е врзана во брак со него? б) Како Јеховините постапки со неговиот народ даваат возвишен модел за брак денес? (Види ја рамката на 342. страница.)
12 На соодветен начин, од 1919, децата на небесниот Сион ја заземаат својата земја, својот духовен имот, кој има пророчко име „Венчана“. Од нивната христијанска активност во таа земја станува очигледно дека овие помазани христијани се „народ за [Јеховиното] име“ (Дела 15:14). Од тоа што ги донесуваат плодовите на Царството и го објавуваат Јеховиното име, јасно се гледа дека Јехова наоѓа милина во овие христијани. Тој јасно покажал дека тие се дел од организацијата што е поврзана со него во нескршливо единство. Со тоа што ги помазал со свет дух овие христијани, ги ослободил од духовно заробеништво и ги користи да му ја проповедаат на целото човештво надежта за Царството, Јехова покажува дека им се радува како што еден младоженец ѝ се радува на невестата (Еремија 32:41).
,Нема молчење за вас‘
13, 14. а) Како Ерусалим станал безбеден град во старо време? б) Како Сион станал „славен на земјата“ во нашево време?
13 Фигуративното ново име, кое му го дал Јехова, е причина неговиот народ да се чувствува сигурен. Тој знае дека Јехова го признава и дека му припаѓа Нему. Сега, користејќи поинаква илустрација, Јехова му зборува на својот народ како на град со ѕидини: „Ерусалиме, на твоите ѕидови поставив стражари: ни дење ни ноќе не смеат да замолчат. О вие кои Го споменувате Господа, нема почивка [молчење, NW] за вас! Не му давајте мир додека не го обнови Ерусалим, додека пак не го направи славен на земјата“ (Исаија 62:6, 7). Во Јеховиното одредено време по враќањето на верниот остаток од Вавилон, Ерусалим станува „славен на земјата“ — град со ѕидини, кој им дава сигурност на своите жители. Дење и ноќе, стражарите поставени на овие ѕидини се будни за да го обезбедуваат градот и да ги предупредат граѓаните на опасност (Неемија 6:15; 7:3; Исаија 52:8).
14 Во нашево време, Јехова ги користи своите помазани стражари за да им го покаже на кротките патот до слобода од ропството на лажната религија. Таквите се повикани да дојдат во неговата организација, каде што ќе најдат заштита од духовно загадување, безбожни влијанија и од Јеховиното незадоволство (Еремија 33:9; Софонија 3:19). Битна за таквата заштита е улогата на класата на стражарот, „верниот и разборит роб“, кој обезбедува духовна „храна во право време“ (Матеј 24:45—47). Работејќи со класата на стражарот, ‚големото мноштво‘ исто така значајно придонесува за Сион да стане „славен на земјата“ (Откровение 7:9).
15. На кој начин класата на стражарот и нејзините придружници му служат на Јехова постојано?
15 Службата на класата на стражарот и на нејзините придружници продолжува! Нивниот став да служат со цела душа се гледа во ревносната активност на милионите верни поединци, кои се поддржани од патувачките надгледници и нивните сопруги; на доброволците во различните бетелски домови и во печатниците на Јеховините сведоци; на мисионерите; и на специјалните, општите и помошните пионери. Освен тоа, напорно работат за да изградат нови Сали на Царството, да ги посетат болните, да им помогнат на поединци што се соочуваат со медицински ситуации кои претставуваат предизвик и да им однесат навремена помош на жртвите во катастрофи и несреќи. Многумина од овие самопожртвувани поединци честопати служат буквално „ден и ноќ“ (Откровение 7:14, 15).
16. На кој начин Јеховините слуги ‚не му даваат мир‘?
16 Јеховините слуги се охрабрени да се молат без престан, да го молат Бог да биде ‚волјата негова, како на небото така и на земјата‘ (Матеј 6:9, 10; 1. Солуњаните 5:17). Тие се поттикнати да ‚не му даваат мир [на Јехова]‘ сѐ додека не им ги исполни желбите и надежите во врска со обновата на вистинското обожавање. Исус ја нагласил потребата од постојано молење, поттикнувајќи ги своите следбеници да „викаат кон [Бог] дење и ноќе“ (Лука 18:1—8).
Службата за Бог ќе биде наградена
17, 18. а) На кој начин можат жителите на Сион да очекуваат да уживаат во плодовите од својот труд? б) Како Јеховиниот народ денес ужива во плодовите од својот труд?
17 Новото име што Јехова му го дава на својот народ го уверува дека неговите напори не се залудни. „Господ се заколна во десницата и во својата силна мишка: ‚Нема веќе да го дадам твоето жито за храна на непријателите. Нема веќе туѓинците да го пијат твоето вино за кое се трудеше. Нека го јадат оние што го жниеја, и нека Го фалат Господа, нека го пијат, оние што го береа, во дворот на Моето Светилиште“ (Исаија 62:8, 9). Јеховината десница и силна мишка се симболи на неговата моќ и сила (Второзаконие 32:40; Езекиел 20:5). Тоа што се заколнува во овие работи покажува дека тој е решен да ја промени состојбата на работите во Сион. Во 607 пр.н.е., Јехова им дозволува на непријателите на Сион да го ограбат и да му опљачкаат сѐ што поседува (Второзаконие 28:33, 51). Но сега, во поседите на Сион ќе уживаат само оние што имаат право на нив (Второзаконие 14:22—27).
18 При исполнувањето на ова ветување во нашево време, Јеховиниот обновен народ доживува голем духовен просперитет. Тој потполно ужива во плодовите од својот труд — а тоа е зголемениот број христијански ученици и изобилството од духовна храна (Исаија 55:1, 2; 65:14). Поради тоа што неговиот народ е верен, Јехова не дозволува непријателите да ја нарушат неговата духовна благосостојба или да го лишат од резултатите на неговата служба со сета душа. Ниедна работа извршена во службата за Јехова не е залудна (Малахија 3:10—12; Евреите 6:10).
19, 20. а) Како им е расчистен патот на Евреите за да се вратат во Ерусалим? б) Како е расчистен патот во нашево време за кротките да дојдат во Јеховината организација?
19 Новото име ја прави Јеховината организација привлечна за луѓето со искрени срца. Мноштва се собираат во неа, а патот е постојано отворен за нив. Пророштвото на Исаија вели: „Поминете, поминете низ вратата, израмнете му го патот на народот. Насипете го, насипете го патот, отстранете ги камењата од него, подигнете им знаме [сигнал, NW] на народите!“ (Исаија 62:10). Во првиот случај, овој повик веројатно се однесува на поминувањето низ вратите на градовите во Вавилонија со цел народот да се врати во Ерусалим. Повратниците треба да ги расчистат камењата од патот за да го олеснат патувањето и треба да подигнат сигнал што ќе го покажува патот (Исаија 11:12).
20 Од 1919 наваму, помазаните христијани се одвоени за служба на Бог и чекорат по ‚светиот пат‘ (Исаија 35:8). Тие биле првите што зачекориле по духовниот друм за да излезат од Големиот Вавилон (Исаија 40:3; 48:20). Бог им ја дал привилегијата да го преземат водството за да ги објават неговите моќни дела и за да им покажат на другите како да стигнат на тој друм. Отстранувањето на камењата — односно расчистувањето на камењата спрепиначи — било главно за нивна сопствена корист (Исаија 57:14). Требало јасно да ги согледаат Божјите намери и учења. Лажните верувања се камења спрепиначи на патеката до животот, но Јеховината реч е како „млат што ја крши карпата“. Со неа помазаните христијани ги разбиваат камењата што можат да ги спрепнат оние што сакаат да му служат на Јехова (Еремија 23:29).
21, 22. Каков сигнал поставил Јехова за оние што ја напуштаат лажната религија, и од каде го знаеме тоа?
21 Во 537 пр.н.е., Ерусалим станал сигнал кој му покажал на еврејскиот остаток дека треба да се врати и повторно да го изгради храмот (Исаија 49:22). Во 1919, кога бил ослободен од ропството на лажната религија, помазаниот остаток не талкал бесцелно. Тој го знаел своето одредиште, зашто Јехова му поставил сигнал. Каков сигнал? Истиот сигнал претскажан во Исаија 11:10, кој гласи: „Во оној ден: Јесеевиот корен, ќе биде издигнат како знаме [сигнал, NW] на народите“. Овие зборови апостол Павле ги применил на Исус (Римјаните 15:8, 12). Да, сигналот е Христос Исус, кој владее како Цар на небесната планина Сион! (Евреите 12:22; Откровение 14:1).
22 И помазаните христијани и другите овци се собираат околу Исус Христос за да учествуваат во обединувачкото обожавање на Највишиот Бог. Неговото владетелство служи за да ја оправда Јеховината универзална сувереност и да ги благослови поединците со искрени срца од сите нации на Земјата. Зар ова не е причина секој од нас заедно со другите да го возвишува Бог со фалба?
„Твојот Спасител доаѓа“!
23, 24. Како им е донесено спасение на оние што имаат вера во Бог?
23 Новото име што Јехова ѝ го дава на својата организација слична на сопруга има врска со вечното спасение на нејзините деца. Исаија пишува: „Еве, Господ прогласува: до крајот на земјата: ‚Речете ѝ на Сионската Ќерка: „Еве, твојот Спасител доаѓа. Еве, со Него Неговата плата, и Неговата награда пред Него!“‘“ (Исаија 62:11). За Евреите спасението дошло кога паднал Вавилон, и тие се вратиле во својата татковина. Но овие зборови укажуваат на нешто поголемо. Јеховината објава нѐ потсетува на пророштвото на Захарија во врска со Ерусалим: „Ликувај од радост Сионска Ќерко! Воскликнувај, Ерусалимска Ќерко! Еве твојот Цар иде при тебе: справедлив е и спасува, кроток и седнал на осле, на ослица, младенче на ослицата“ (Захарија 9:9).
24 Три и пол години откако бил крстен во вода и помазан со Божји дух, Исус јавајќи влегол во Ерусалим и го очистил неговиот храм (Матеј 21:1—5; Јован 12:14—16). Денес, Исус Христос е оној што им носи спасение од Јехова на сите оние што имаат вера во Бог. Од неговото устоличување во 1914, Исус е, исто така, Јеховин наименуван Судија и Погубител. Во 1918, три и пол години по своето устоличување, тој го исчистил Јеховиниот духовен храм, којшто на Земјата бил претставен од собранието на помазани христијани (Малахија 3:1—5). Тоа што бил подигнат како сигнал го одбележало почетокот на големото собирање на луѓе од целиот свет, како поддршка на месијанското Царство. Според древниот модел, ‚спасението‘ за Израелот Божји дошло кога неговите членови биле ослободени од Големиот Вавилон во 1919. ‚Платата‘ односно ‚наградата‘ што е подготвена за самопожртвуваните жетвари е или бесмртен живот на небото или вечен живот на Земјата. Сите што остануваат верни можат да бидат сигурни дека нивниот „труд во врска со Господ не е залуден“ (1. Коринќаните 15:58).
25. Каква гаранција му е дадена на Јеховиниот народ?
25 Колку само позитивни се изгледите за Јеховината небесна организација, за нејзините помазани претставници овде на Земјата и за сите кои се активно поврзани со нив! (Второзаконие 26:19). Исаија прорекол: „Тие ќе се наречуваат ‚Свет народ‘, ‚Господови искупеници.‘ А тебе ќе те викаат: ‚Бараниот‘ — ‚Неоставениот Град‘“ (Исаија 62:12). Во еден момент, „горниот Ерусалим“, претставен од Израелот Божји, се почувствувал оставен. Тој никогаш повеќе нема да се чувствува така. Јеховиниот народ засекогаш ќе дојде под неговата заштитничка грижа и постојано ќе ја ужива неговата насмевка на одобрување.
[Фуснота]
a Во библиското пророштво, едно „ново име“ може да означува нова положба или привилегија (Откровение 2:17; 3:12).
[Рамка на страница 342]
Еден возвишен модел за брак
Кога ќе стапат во брак, луѓето си ги носат со себе своите очекувања за брачната заедница. А какви се Божјите очекувања? Бракот како институција потекнува од него. Каква намера имал тој со него?
Еден показател за Божјето гледиште произлегува од неговиот однос со нацијата Израел. Овој однос Исаија го опишува како брак (Исаија 62:1—5). Забележи што прави Јехова Бог како „сопруг“ за својата „невеста“. Ја штити и ја осветува (Исаија 62:6, 7, 12). Ѝ искажува чест и ја цени (Исаија 62:3, 8, 9). И, таа му е милина, како што покажуваат новите имиња што ѝ ги дава (Исаија 62:4, 5, 12).
Во Христијанските грчки списи, Павле го повторува описот на Исаија за односот меѓу Јехова и Израел кога го споредува односот што Христос го има со собранието од помазани христијани со односот меѓу еден сопруг и сопруга (Ефешаните 5:21—27).
Павле ги охрабрил христијаните да го имитираат во својот брак односот меѓу Исус и собранието. Не може да постои поголема љубов од онаа што ја покажал Јехова кон Израел и што ја покажал Исус кон собранието. Овие симболични односи претставуваат возвишен модел за успешен и среќен брак меѓу христијани (Ефешаните 5:28—33).
[Слика на страница 339]
Јехова ќе го нарече небесниот Сион со ново име
[Слики на страница 347]
Во нашево време, Јеховината класа на стражарот не молчи