Биди прогресивен — напредувај
КОГА за првпат си научил да ги применуваш библиските начела, длабоко закоравените обрасци на размислување, говор и однесување почнале постепено да се менуваат. Голем дел од ова се случило уште пред да се запишеш во Теократската школа за служба. Сега, веројатно си напредувал до тој степен што си му го предал животот на Јехова. Дали тоа значи дека можеш да престанеш со напредокот? Никако. Твоето крштавање е само почеток.
Ученикот Тимотеј веќе служел како христијански старешина кога Павле му рекол ,длабоко да размислува за‘ советот што му го дал и за предностите на службата што му биле доверени — да ,се задлабочи во‘ тие работи — за неговиот „напредок да им биде видлив на сите“ (1. Тим. 4:12-15). Сеедно дали штотуку започнуваш да одиш по патот на вистината или имаш големо искуство во христијанскиот живот, треба да бидеш заинтересиран за напредок.
Спознание и преобразување
Во Ефешаните 3:14-19 читаме дека апостол Павле се молел неговите соверници ,во потполност да сфатат умствено која е ширината и должината и висината и длабочината‘ на вистината. За таа цел, Исус дал дарови во облик на луѓе за да го поучуваат, исправаат и изградуваат собранието. Редовното медитирање за инспирираната реч Божја, како и водството од искусните учители, може да ни помогне да „пораснеме“ духовно (Ефеш. 4:11-15).
Тој раст вклучува да ,ја обновиш силата која го задвижува твојот ум‘. Тука спаѓа да воспоставиш една силна умствена склоност во согласност со онаа на Бог и на Христос. Тоа изискува постојано да се изложуваш на нивното размислување за да ,ја облечеш новата личност‘ (Ефеш. 4:23, 24). Кога ги проучуваш евангелијата, дали на овие извештаи за животот на Христос гледаш како на образец што треба да го следиш? Дали настојуваш да ги идентификуваш специфичните карактерни особини што ги покажувал Исус, а потоа да вложиш вистински напори да ги имитираш во сопствениот живот? (1. Петр. 2:21).
Точките што ги вклучуваш во разговор можат да бидат показател до која мера си напредувал. Оние што ја облекле новата личност не се впуштаат во нечесен, навредлив, срамотен или негативен говор. Наместо тоа, нивниот говор е „добар за изградување . . . за на оние кои слушаат да им го даде она што е корисно“ (Ефеш. 4:25, 26, 29, 31; 5:3, 4; Јуда 16). Нивните коментари и начинот на изразување во приватниот живот и на собраниските состаноци откриваат дека вистината ги преобразува нивните животи.
Ако не си повеќе ,фрлан наоколу како од бранови и носен ваму-таму од секој ветар на учењето‘, и тоа е доказ за напредок (Ефеш. 4:14). Како реагираш, на пример, кога светот те опсипува со нови идеи, цели или облици на забава? Дали си во искушение да земеш од времето за духовните обврски за да се стремиш кон такви работи? Тоа може да го задуши духовниот напредок. Колку само е помудро да откупуваме време за духовни стремежи! (Ефеш. 5:15, 16).
Начинот на кој се справуваш со другите луѓе може исто така да биде показател за твојот духовен напредок. Дали си научил да бидеш ,нежно сочувствителен, спремно простувајќи‘ им на своите браќа и сестри? (Ефеш. 4:32).
Твојот напредок во вршењето на работите на Јеховин начин треба да се види и во собранието и дома. Исто така, треба да е видлив на училиште, на јавни места и на твоето световно работно место (Ефеш. 5:21-6:9). Ако покажуваш побожни особини во колку што е можно поцелосна мера под сите овие околности, тогаш твојот напредок станува видлив.
Користи го својот дар
Јехова му доверил секому од нас способности и таленти. Тој очекува да ги употребуваме во корист на другите на таков начин што преку нас ќе може да ја изрази својата незаслужена љубезност. Во врска со ова, апостол Петар напишал: „Користете го дарот, секој во мерата во која го примил, служејќи си еден на друг како одлични настојници на Божјата незаслужена љубезност“ (1. Петр. 4:10). Како го вршиш своето настојништво?
Петар продолжува: „Ако некој зборува, нека зборува како да се работи за Божјите свети објави“ (1. Петр. 4:11). Овој стих ја нагласува одговорноста да се зборува во целосна согласност со Божјата реч, при што се слави Бог. Начинот на кој се зборува исто така треба да го слави Јехова. Обуката што се дава во Теократската школа за служба може да ти помогне својот дар да го употребиш токму така — славејќи го Бог преку начинот на кој им помагаш на другите. Имајќи го тоа за цел, по што да го мериш својот напредок во школата?
Наместо да размислуваш колку точки си поминал на твоето ливче совет за говор или за видот на задачите што ти се дадени, размислувај до која мера обуката го подобрила квалитетот на твојата жртва на фалба. Школата нѐ подготвува да бидеме поделотворни во службата на теренот. Затоа, запрашај се: ,Дали јас навистина се подготвувам што ќе кажам во службата на теренот? Дали сум научил да покажувам личен интерес за оние на кои им сведочам? Дали полагам темел за повторни посети на тој начин што им оставам на луѓето некое прашање за дискусија за следниот пат? Ако ја проучувам Библијата со некого, дали работам на тоа да се подобрам како учител што го достигнува срцето?‘
Не гледај на напредокот само од аспект на предностите на службата што ти се даваат. Твојот напредок не се гледа во задачата туку во твојот однос кон неа. Ако ти е дадена задача што вклучува поучување, прашај се: ,Дали навистина ја искористив уметноста на поучување? Дали го обработив материјалот на таков начин што тој ќе смени нешто во животот на оние што го слушаат?‘
Поттикот да го користиш својот дар подразбира да користиш иницијатива. Дали преземаш иницијатива да работиш со другите во службата на теренот? Дали бараш прилики да им помогнеш на членовите на твоето собрание кои се нови, млади или немоќни? Дали доброволно се јавуваш да ја чистиш Салата на Царството или на различни начини да помогнеш на конгресите и собирите? Можеш ли периодично да се пријавуваш за помошен пионер? Дали можеш да служиш како општ пионер или да му помогнеш на некое собрание таму каде што има поголема потреба? Ако си брат, дали тежнееш да ги исполниш библиските квалификации за слуги помошници и старешини? Твојата спремност да понудиш помош и да прифатиш одговорност е знак на напредок (Псал. 110:3, NW).
Каква улога игра искуството
Ако се чувствуваш ограничен поради недостигот на искуство во христијанскиот живот, охрабри се. Божјата реч може да му даде „мудрост на неукиот [неискусниот, NW]“ (Псал. 19:7; 119:130; Посл. 1:1-4). Применувањето на библиските совети ни овозможува да извлечеме корист од Јеховината совршена мудрост, која има поголема вредност од кое и да е учење стекнато само со искуство. Сепак, додека напредуваме во нашата служба за Јехова, навистина стекнуваме скапоцено искуство. Како можеме добро да го искористиме?
Поради тоа што е изложен на најразлични околности во животот, човек би можел да биде искушан да резонира: ,И порано сум се соочил со ваква ситуација. Знам што да правам‘. Дали би било мудро да се размислува во тој правец? Во Пословици 3:7 (NW) се предупредува: „Не станувај мудар во сопствените очи“. Искуството сигурно би требало да го прошири нашето гледиште за факторите што треба да ги земеме во обѕир кога се справуваме со ситуациите во животот. Но, ако напредуваме духовно, нашето искуство исто така ќе ни вреже во умот и срцето дека за да успееме, потребен ни е Јеховиниот благослов. Значи, нашиот напредок не се гледа по тоа што самоуверено ќе се соочуваме со ситуациите, туку по тоа што спремно ќе му се обраќаме на Јехова за водство во животот. Тоа го покажуваме преку нашата увереност дека ништо не може да се случи без негово допуштање и преку тоа што задржуваме доверлив и срдечен однос со нашиот небесен Татко.
Продолжи да посегнуваш
И покрај тоа што бил духовно зрел, помазан христијанин, апостол Павле признал дека требало и понатаму ,да посегнува‘ за да ја постигне целта — животот (Фил. 3:13-16). Дали го делиш тоа гледиште?
До која мера си напредувал? Измери го твојот раст во однос на тоа колку целосно си ја облекол новата личност, колку целосно си се подложил на Јеховиниот суверенитет и колку марливо ги користиш своите дарови за да му искажеш чест на Јехова. Додека извлекуваш корист од образованието во Теократската школа за служба, особините истакнати во Божјата реч треба постепено да стануваат видливи во твојот начин на говорење и поучување. Задржи ги во фокусот овие аспекти на твојот раст. Да, радувај им се и нека твојот напредок брзо стане видлив.