ПОГЛАВЈЕ 1
„Гледај, тоа е нашиот Бог!“
1, 2. а) Што би сакал да го прашаш Бог? б) Какво прашање му поставил Мојсеј на Бог?
ЗАМИСЛИ СИ да зборуваш со Бог. Влева страхопочит дури и самата помисла Севишниот Господар на вселената да зборува со тебе! Отпрвин си збунет, но потоа се соземаш и почнуваш да зборуваш. Тој те слуша, ти одговара, па дури и ти дава до знаење дека можеш слободно да го прашаш сѐ што сакаш. Но, кое прашање би му го поставил?
2 Многу одамна, еден човек се нашол во иста ваква ситуација. Тој се викал Мојсеј. Но, можеби ќе се изненадиш кога ќе дознаеш што одбрал тој да го праша Бог. Не прашал нешто во врска со себе, со својата иднина, па дури ни во врска со тешката ситуација на луѓето. Тој му поставил прашање на Бог поврзано со Неговото име. Можеби ова ти звучи чудно, зашто Мојсеј веќе го знаел името на Бог. Тогаш, неговото прашање мора да се однесувало на нешто подлабоко. Всушност, тоа е најважното прашање што Мојсеј можел да го постави, а нѐ засега и сите нас. Одговорот на ова прашање може да ти помогне да направиш некои важни чекори за да се зближиш со Бог. Зошто го велиме ова? Да го разгледаме подетално тој значаен разговор помеѓу Мојсеј и Бог.
3, 4. Што се случило пред Мојсеј да почне да разговара со Бог, и за што зборувале?
3 Мојсеј имал 80 години и веќе 40 години живеел далеку од својот народ, Израелците, кои биле робови во Египет. Еден ден, додека го пасел стадото на својот тест, видел нешто многу чудно. Една грмушка горела, но никако не изгорувала! Едноставно продолжувала да гори, фрлајќи силна светлина. Мојсеј отишол поблизу до неа да види што се случува. Сигурно се стаписал кога чул глас од грмушката! Потоа, со посредство на еден ангел, Бог и Мојсеј долго разговарале. Како што веројатно знаеш, во таа прилика Бог му дал задача на Мојсеј да го напушти својот спокоен живот и да се врати во Египет за да ги избави Израелците од ропство (2. Мојсеева 3:1-12).
4 Додека бил на планината, Мојсеј можел да го праша Бог сѐ што сакал. Но, еве кое прашање го избрал: „Ако дојдам кај синовите на Израел и им речам: ‚Богот на вашите прататковци ме испрати кај вас‘, а тие ме прашаат: ‚Како му е името?‘ — што да им одговорам?“ (2. Мојсеева 3:13).
5, 6. а) Која едноставна, но важна вистина ја учиме од прашањето на Мојсеј? б) Кое срамно дело е направено во врска со Божјето име? в) Зошто е толку важно тоа што Бог им го открил своето име на луѓето?
5 Од ова прашање пред сѐ дознаваме дека Бог има име. Не смееме да ја потценуваме важноста на оваа едноставна вистина. За жал, мнозина го прават токму тоа. На пример, името на Бог е отстрането од многу библиски преводи и заменето со титули, како што се „Господ“ и „Бог“. Ова е едно од најтешките и најсрамни дела направени во име на религијата. Впрочем, што е првото нешто што го правиш кога ќе запознаеш некого? Зарем не го прашуваш како се вика? Истото важи и кога сакаме да го запознаеме Бог. Тој не е некое далечно, безимено битие кое не можеме да го запознаеме. Иако не можеме да го видиме, тој е личност и има име — Јехова.
6 Освен тоа, откривајќи го своето име, Бог ни овозможува нешто значајно и многу убаво — нѐ повикува да го запознаеме. Тој сака да ја донесеме најважната одлука во животот — да станеме блиски со него. Но, со тоа што ни го кажал своето име, Јехова ни открил и нешто за својата личност.
Што значи Божјето име
7. а) Што значи Божјето име? б) Што всушност сакал да дознае Мојсеј кога го прашал Бог за Неговото име?
7 Јехова сам си го избрал името кое има многу длабоко значење. Голем број изучувачи сметаат дека името „Јехова“ значи „оној што предизвикува да стане“. Никој друг не е како него затоа што тој создал сѐ што постои и може да направи сѐ што е потребно за да ги исполни своите намери. Овој факт навистина влева стравопочит! Но, дали ова е единственото значење на Божјето име? Очигледно, Мојсеј сакал да дознае нешто повеќе. Тој знаел дека Јехова е Творец и веќе го знаел неговото име. Божјето име не било нешто ново за него. Луѓето веќе со векови го користеле. Според тоа, кога прашал за Божјето име, Мојсеј всушност сакал да дознае повеќе за личноста што го носи тоа име. Со други зборови, тој како да рекол: ‚Што да му кажам за тебе на твојот народ, на Израелците, за да имаат поцврста вера во тебе, за да бидат сигурни дека навистина ќе ги избавиш?‘
8, 9. а) Каков одговор му дал Јехова на Мојсеј, и зошто начинот на кој честопати се преведуваат Неговите зборови е погрешен? б) Кое е значењето на изјавата „ќе станам сѐ што ќе посакам да станам“?
8 Во одговорот што му го дал на Мојсеј, Јехова открил едно извонредно обележје на својата личност кое е поврзано со значењето на неговото име. Тој рекол: „Ќе станам сѐ што ќе посакам да станам“ (2. Мојсеева 3:14). Во многу преводи на Библијата, овој израз гласи: „Јас сум, кој сум“. Но, од други преводи, каде што овие зборови се попрецизно преведени, се гледа дека Бог не укажал само на своето постоење. Јехова го поучил Мојсеј, а преку него и нас, дека Тој може ‚да стане‘ сѐ што е потребно за да ги исполни своите ветувања. Еден експерт за старохебрејски јазик вака го објаснува овој израз: „Сеедно за каква ситуација или проблем се работи... Бог ќе ‚стане‘ решение за нив“.
9 Што значело тоа за Израелците? На каква пречка и да наиделе, во колку тешка ситуација и да се нашле, Јехова ќе станел сѐ што треба за да ги избави од ропството и да ги одведе во Ветената земја. Нема сомнение дека името на Бог им влевало голема доверба во него. Истото може да биде случај и со нас (Псалм 9:10). Зошто?
10, 11. Како името на Јехова ни покажува дека можеме да го сметаме за најприспособливиот и најдобриот Татко што постои? Објасни со пример.
10 Да го објасниме ова со еден пример: Родителите се свесни дека мора да бидат многу приспособливи во однос на своите деца. Во текот на само еден ден, родителот можеби ќе мора да има разни улоги — да ги негува децата ако се болни, да готви, да ги поучува, да ги воспитува, да пресуди во некоја нивна расправија итн. Многу родители се плашат дека не ќе можат да го постигнат сето она што се очекува од нив. Гледаат дека децата имаат безусловна доверба во нив и никогаш не се сомневаат дека мама и тато можат да направат сѐ — да им помине чукнатото коленце, да ги смират сите кавги, да ја поправат секоја расипана играчка и да им одговорат на сите прашања што нивните љубопитни главчиња можат да ги смислат. Некои родители сметаат дека не се достојни за таква доверба, а понекогаш се и разочарани поради своите ограничувања. Мислат дека никогаш нема да успеат да ги исполнат сите тие улоги.
11 И Јехова е родител полн со љубов. Но, за разлика од луѓето, тој може да стане сѐ што е потребно за да се грижи за своите деца на Земјата на најдобар можен начин, се разбира, без да ги прекршува своите совршени мерила. Значи, неговото име, Јехова, ни покажува дека можеме да го сметаме за најдобриот Татко што постои (Јаков 1:17). Мојсеј и сите други верни Израелци набрзо самите се увериле дека Јехова живее во склад со своето име. Тие со страхопочит гледале како тој станува непобедлив Воен заповедник, Господар над природните сили, ненадминлив Законодавец, Судија, Градител, Татко кој се грижи да имаат храна, вода, облека и обувки, а станува и сѐ друго што е потребно.
12. Која е разликата помеѓу ставот на фараонот и ставот на Мојсеј кон Јехова?
12 Како што видовме, Бог ни го открил своето име, ни открил некои изворедни обележја на својата личност кои се поврзани со значењето на неговото име и докажал дека она што го кажува за себе е вистинито. Нема сомнение дека Јехова сака да го запознаеме. А како е со нас? Мојсеј сакал да го запознае Бог. Таа горлива желба го водела во животот и му помогнала да стане многу близок со својот небесен Татко (4. Мојсеева 12:6-8; Евреите 11:27). За жал, само малкумина од неговите современици имале иста таква желба. Кога Мојсеј му го кажал на фараонот Божјето име, тој горделив египетски цар дрско му рекол: „Кој е Јехова?“ (2. Мојсеева 5:2). Фараонот не сакал да дознае нешто повеќе за Јехова. Тој со презир гледал на Богот на Израелците и го сметал за безначаен. Ваквото гледиште е многу раширено денес. Тоа не им дозволува на луѓето да ја увидат најважната вистина — дека Јехова е Севишен Господар.
Севишниот Господар Јехова
13, 14. а) Зошто во Библијата му се дадени многу титули на Јехова, и кои се некои од нив? (Види ја рамката на страница 14.) б) Зошто само Јехова заслужува да биде наречен „Севишен Господар“?
13 Јехова е толку приспособлив што со право ги носи различните титули што му се дадени во Светото писмо. Овие титули не ја засенуваат важноста на неговото име — напротив, тие ни помагаат уште подобро да го сфатиме неговото значење. На пример, тој е наречен ‚Севишниот Господар Јехова‘ (2. Самоилова 7:22). Оваа висока титула, која се појавува стотици пати во Библијата, ни кажува многу за положбата што ја има Јехова. Само тој има право да биде Владетел на целата вселена. Да видиме зошто.
14 Единствено за Јехова може да се каже дека е Творец. Во Откровение 4:11 читаме: „Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, бидејќи ти создаде сѐ, и поради твојата волја сѐ постои и е создадено“. Овие впечатливи зборови не може да се кажат за никој друг. Сѐ во вселената постои поради Јехова! Неоспорно е дека Јехова, како Севишен Господар и Творец на сѐ, е достоен за сета чест, моќ и слава.
15. Зошто Јехова е наречен ‚Цар на вечноста‘?
15 Друга титула што само Јехова може да ја носи е ‚Цар на вечноста‘ (1. Тимотеј 1:17; Откровение 15:3). Што значи ова? Јехова е вечен и во поглед на минатото и во поглед на иднината, иако нашиот ум не може сосема да го сфати ова. Во Псалм 90:2 стои: „Од век до век, ти си Бог“. Значи, Јехова нема почеток, тој постои отсекогаш. Затоа со право е наречен „Прадревниот“ — тој постоел неограничено долго пред да биде создадено сѐ друго во вселената! (Даниел 7:9, 13, 22). Зарем може некој да го оспори неговото право да биде Севишен Господар?
16, 17. а) Зошто не можеме да го видиме Јехова, и зошто тоа не треба да нѐ изненади? б) Во која смисла Јехова е пореален од сѐ што можеме да видиме или да допреме?
16 Сепак, некои го оспоруваат тоа право, како што направил и фараонот. Проблемот делумно лежи во тоа што несовршените луѓе премногу се потпираат на она што можат да го видат со свои очи. А Севишниот Господар не можеме да го видиме. Тој е духовно суштество, невидливо за човечко око (Јован 4:24). Освен тоа, кога еден човек од крв и месо би застанал пред Јехова Бог, тоа би било смртоносно за него. Самиот Јехова му рекол на Мојсеј: „Не можеш да го видиш моето лице, зашто не може човек да ме види мене и да остане жив“ (2. Мојсеева 33:20; Јован 1:18).
17 Ова не треба да нѐ изненади. Мојсеј видел само дел од Јеховината слава, најверојатно со посредство на ангел. Како влијаело тоа врз него? Лицето на Мојсеј ‚зрачело светлина‘ уште некое време по тој настан. На Израелците дури им било страв да го погледнат Мојсеј в лице (2. Мојсеева 33:21-23; 34:5-7, 29, 30). Според ова, јасно е дека ниеден човек не може да го види Севишниот Господар во сета негова слава! Дали тоа што не можеме да го видиме Јехова значи дека не е реален? Не. Ние без размислување ја прифаќаме реалноста на многу работи што не можеме да ги видиме — на пример, ветрот, радиобрановите и мислите. Освен тоа, врз Јехова не влијае времето, дури и да се работи за неброени векови. Но за разлика од него, сѐ што е материјално е подложно на стареење и распаѓање. Во таа смисла, Јехова е многу пореален од сѐ што можеме да допреме или да видиме (Матеј 6:19). Но, дали треба да си го замислиме Бог како некоја апстрактна, безлична сила која е одговорна за постоењето на сѐ? Да видиме.
Бог со свои карактеристични особини
18. Какво видение имал Езекиел, и што симболизираат четирите лица на суштествата што се во близина на Јехова?
18 Точно е дека не можеме да го видиме Бог, но во Библијата има впечатливи стихови што ни овозможуваат да ѕирнеме во самото небо. Еден пример за тоа е првото поглавје од книгата Езекиел. Во видение, Езекиел го видел небесниот дел од Јеховината организација, претставен со огромна небесна кочија. Посебен впечаток остава описот на моќните духовни суштества околу Јехова (Езекиел 1:4-10). Овие суштества тесно соработуваат со Јехова и нивниот изглед ни кажува нешто важно за Богот кому му служат. Секое од нив има четири лица — лице на бик, на лав, на орел и на човек. Очигледно овие лица ги симболизираат четирите најистакнати особини на Јехова (Откровение 4:6-8, 10).
19. Која особина е претставена со лицето а) на бик? б) на лав? в) на орел? г) на човек?
19 Во Библијата, бикот честопати е симбол за моќ, што е сосема на место затоа што бикот е многу силно животно. Лавот, пак, честопати ја претставува правдата, зашто за вистинската правда е потребна храброст, карактеристика со која се одликуваат лавовите. Орелот е познат по својот остар вид и може да види дури и мали предмети што се оддалечени со километри. Според тоа, лицето на орел многу добро ја претставува мудроста на Бог, зашто тој може совршено да ги согледа работите. А што е со лицето на човек? Само човекот, кој е создаден според Божјиот лик, може да ја покажува највпечатливата особина на Бог — љубовта (1. Мојсеева 1:26). Овие особини на Јехова — моќта, правдата, мудроста и љубовта — толку често се истакнуваат во Библијата што може да се каже дека тоа се неговите главни особини.
20. Можно ли е Јехова да се сменил низ вековите, и зошто мислиш така?
20 Но, овој опис во Библијата бил запишан пред илјадници години. Можно ли е во меѓувреме Бог да се сменил? Не. Тој ни кажува: „Јас сум Јехова, јас не се менувам“ (Малахија 3:6). Јехова не се менува непредвидливо, туку е совршен Татко и во секоја ситуација ги покажува оние особини што се најсоодветни. Најистакната од четирите особини е љубовта. Таа се гледа во сѐ што прави Бог. Својата моќ, правда и мудрост тој ги покажува со многу љубов. Всушност, Библијата кажува нешто извонредно за Бог и за оваа особина. Таа вели: „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Не вели дека Бог има љубов или дека Бог покажува љубов. Напротив, вели дека Бог е љубов. Љубовта, која е неразделен дел од него, го води во сѐ што прави.
„Гледај, тоа е нашиот Бог!“
21. Во што ќе се увериме ако подобро ги запознаеме особините на Јехова?
21 Веројатно си видел мало детенце како покажува со прстето кон својот татко и со нескриена радост и гордост им вели на другарчињата: „Ене го тато!“ И слугите на Јехова Бог имаат слични чувства кон својот небесен Татко. Во Библијата е претскажано време кога верните луѓе ќе извикуваат: „Гледај, тоа е нашиот Бог!“ (Исаија 25:8, 9). Колку подобро ги запознаеш особините на Јехова толку поуверен ќе бидеш дека го имаш најдобриот Татко што постои.
22, 23. Како Библијата го прикажува нашиот небесен Татко, и од каде знаеме дека тој сака да бидеме блиски со него?
22 Како наш Татко, Јехова не е ладен и непристаплив, како што сметаат некои крути верници и филозофи. Тешко дека би сакале да бидеме блиски со таков бесчувствителен Бог. Но, Библијата не го прикажува нашиот небесен Татко како таков. Напротив, во неа тој е наречен „среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11). Тој покажува и силни и топли чувства. На пример, ‚го боли во срцето‘ кога луѓето ги прекршуваат начелата што тој им ги дал за нивно добро (1. Мојсеева 6:6; Псалм 78:41). Но, кога постапуваме мудро и во склад со неговата Реч, тогаш ‚го радуваме неговото срце‘ (Изреки 27:11).
23 Нашиот Татко сака да бидеме блиски со него. Неговата Реч нѐ поттикнува ‚да го напипаме и да го најдеме, иако не е далеку од никого од нас‘ (Дела 17:27). Но, дали воопшто е возможно ние луѓето да станеме блиски со Севишниот Господар на целата вселена?