Поглавје пет
Слободата што ја уживаат обожавателите на Јехова
1, 2. а) Каква слобода ѝ дал Бог на првата човечка двојка? б) Спомни некои од законите што управувале со активноста на Адам и Ева.
КОГА Јехова ги создал првиот маж и првата жена, тие уживале слобода која далеку ја надминувала која и да било друга слобода што луѓето ја имаат денес. Нивниот дом бил Рај, прекрасната Еденска градина. Никаква болест не го нарушувала нивното уживање во животот бидејќи имале совршени умови и тела. Не ги чекала смрт како што ги чекала сите други оттогаш наваму. Исто така, тие не биле роботи, туку го имале прекрасниот дар на слободна волја, способноста да донесуваат свои сопствени одлуки. Меѓутоа, за да уживаат и понатаму во таквата прекрасна слобода, морале да ги почитуваат Божјите закони.
2 Размисли, на пример, за физичките закони што ги воспоставил Бог. Се разбира, овие закони можеби не биле изразени буквално, но Адам и Ева биле создадени на таков начин што било сосема природно да им бидат послушни. Нивниот апетит ја сигнализирал потребата да јадат; нивната жед — потребата да пијат; заоѓањето на сонцето — потребата да спијат. Јехова исто така им дал работна задача. Оваа задача, всушност, била закон затоа што таа би управувала со нивниот правец на постапување. Тие требало да раѓаат деца, да владеат над многуте облици на живот на Земјата и да ги прошират границите на Рајот сѐ додека тој не ја опфати целата Земјина топка (Битие 1:28; 2:15). Каков само љубезен, корисен закон било тоа! Тој им дал една сосема задоволувачка работа, овозможувајќи им да ги користат своите способности во полна мера на полезни начини! Исто така, имале доволно слобода да донесуваат одлуки за тоа како ќе ја извршат својата задача. Зарем некој би можел да побара нешто повеќе?
3. Како можеле Адам и Ева да научат мудро да ја користат својата слобода во донесувањето одлуки?
3 Се разбира, кога на Адам и Ева им била дадена предноста да донесуваат одлуки, тоа не значело дека каква и да е одлука што би ја донеле, би дала добри резултати. Нивната слобода да донесуваат одлуки требало да се применува во рамките на границите на Божјите закони и начела. Како можеле да ги научат? Така што би го слушале својот Творец и би ги набљудувале неговите дела. Бог им ја дал на Адам и на Ева потребната интелигенција да го применуваат она што го научиле. Поради тоа што биле создадени совршени, нивна природна склоност би била да ги одразуваат Божјите особини при донесувањето одлуки. Всушност, тие би внимавале да го прават тоа ако навистина го ценеле она што Бог го имал направено за нив и ако сакале да му угодат (Битие 1:26, 27; Јован 8:29).
4. а) Дали заповедта што им била дадена на Адам и Ева да не јадат од плодот од едно дрво ги лишила од слобода? б) Зошто ова барање било на место?
4 Затоа, Бог со право избрал да ја испита нивната оддаденост кон него како нивни Животодавец и нивната спремност да останат во оние рамки коишто тој ги одредил. Јехова му ја дал на Адам оваа заповед: „Јади слободно од секое дрво во градината, но да не јадеш од дрвото за познавање на доброто и злото! Во денот кога ќе јадеш од него, навистина ќе умреш!“ (Битие 2:16, 17). После создавањето на Ева, и таа била известена за овој закон (Битие 3:2, 3). Дали ова ограничување ги лишило од слобода? Се разбира не. Тие можеле да јадат изобилство извонредна храна од сите видови без да има потреба да го јадат плодот од тоа едно дрво (Битие 2:8, 9). Било сосема на место да признаат дека Земјата му припаѓа на Бог затоа што тој ја создал. Затоа, тој имал право да донесува закони што одговараат на неговата намера и што се од корист за човештвото (Псалм 24:1, 10).
5. а) Како Адам и Ева ја изгубиле славната слобода што ја имале? б) Што го зазело местото на слободата што ја уживале Адам и Ева, и како се одразило тоа врз нас?
5 Но, што се случило? Мотивиран од себична амбиција, еден ангел ја злоупотребил својата слободна волја и станал Сатана, што значи „Противник“. Тој ја завел Ева уверувајќи ја во нешто што било спротивно на Божјата волја (Битие 3:4, 5). Адам ѝ се придружил на Ева во кршењето на Божјиот закон. Со тоа што го зеле она што не им припаѓало, тие ја изгубиле својата славна слобода. Гревот станал нивни господар и, како што предупредил Бог, на крајот следела смрт. Наследството што тие му го пренеле на своето потомство било гревот, и ова станало видливо по вродената тенденција кон неисправно постапување. Гревот исто така донел слабости кои резултирале со болест, стареење и смрт. Склоноста кон неисправно постапување, отежната со Сатановото влијание, произвела човечко општество со историја на омраза, злосторства, угнетување и војни што однеле многу милиони животи. Каков контраст во однос на слободата што Бог му ја дал на човештвото во почетокот! (Второзаконие 32:4, 5; Јов 14:1, 2; Римјаните 5:12; Откровение 12:9).
Каде може да се најде слобода
6. а) Каде може да се најде вистинска слобода? б) За каков вид слобода зборувал Исус?
6 Со оглед на лошите услови што денес постојат насекаде, не изненадува тоа што луѓето копнеат по поголема слобода. Но, каде може да се најде вистинска слобода? Исус рекол: „Ако останете во мојата реч, навистина сте мои ученици, и ќе ја спознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:31, 32). Оваа слобода не е од таков вид на којшто се надеваат луѓето кога ќе отфрлат еден владетел или еден облик на влада во полза на друг. Наместо тоа, оваа слобода навлегува дури до сржта на човечките проблеми. Она за што зборувал Исус било слобода од ропството на гревот (Јован 8:24, 34—36). Затоа, кога едно лице ќе стане вистински ученик на Исус Христос, тоа доживува значителна промена во својот живот, ослободување!
7. а) Во која смисла можеме да бидеме слободни од грев сега? б) Што мораме да правиме за да ја имаме таа слобода?
7 Ова не значи дека сега вистинските христијани повеќе не ги чувствуваат последиците од вродената тенденција кон грешно однесување. Поради тоа што наследиле грев, тие сѐ уште водат борба со него (Римјаните 7:21—25). Меѓутоа, ако едно лице навистина живее во склад со Исусовите учења, тоа повеќе нема да биде роб на гревот. Гревот повеќе нема да му биде како диктатор кој му дава наредби што слепо мораат да се извршуваат. Нема да биде фатено во стапица да води начин на живот на кој му недостига смисла и кој го остава со нечиста совест. Ќе се радува на чиста совест пред Бог бидејќи гревовите од минатото му се простени на темел на неговата вера во Христовата жртва. Грешните склоности би можеле да се обидат да продрат, но ако лицето одбива да постапува според нив затоа што на ум ги има чистите Христови учења, ќе покаже дека гревот повеќе не е негов господар (Римјаните 6:12—17).
8. а) Каква слобода ни дава вистинското христијанство? б) Каков треба да биде нашиот став кон световните владетели?
8 Размисли за слободата што ја уживаме како христијани. Сме се ослободиле од последиците на лажните учења, од ропството на празноверието и од слугувањето на гревот. Величествените вистини за состојбата на мртвите и воскресението нѐ ослободиле од неразумниот страв од смртта. Спознанието дека несовршените човечки влади наскоро ќе бидат заменети со Божјето праведно Царство нѐ ослободува од безнадежност (Даниел 2:44; Матеј 6:10). Меѓутоа, таквата слобода не го оправдува непочитувањето на државните власти и нивните закони (Тит 3:1, 2; 1. Петрово 2:16, 17).
9. а) Како Јехова со љубов ни помага да ја уживаме најголемата мера на слобода која сега им е возможна на луѓето? б) Како можеме да донесуваме мудри одлуки?
9 Јехова не нѐ тера да откриеме по пат на проба кој е најдобриот начин на живот. Тој знае како сме создадени, што ни донесува вистинско задоволство и што е за наша вечна корист. Свесен е за мислите и однесувањето што можат да расипат нечиј однос со Него и со останатите луѓе, и дури да не му дозволат пристап на тоа лице во новиот свет. Јехова со љубов ни ги кажува сите овие работи преку Библијата и преку неговата видлива организација (Марко 13:10; Галатите 5:19—23; 1. Тимотеј 1:12, 13). Потоа, останува на нас да ја користиме нашата од Бог дадена слободна волја да одлучиме како ќе се оѕвиеме. За разлика од Адам, ако сме го зеле при срце она што ни го кажува Библијата, ќе донесуваме мудри одлуки. Ќе покажеме дека добриот однос со Јехова е наш главен интерес во животот.
Сакаат поинаква слобода
10. По каков вид слобода се стремат некои Јеховини сведоци?
10 Понекогаш, некои млади луѓе што се Јеховини сведоци — како и други не толку млади — можеби мислат дека сакаат некаква поинаква слобода. Светот може да изгледа привлечен и возбудлив, и колку повеќе мислат на тоа толку посилна станува нивната желба да ги прават нехристијанските работи што се популарни во светот. Таквите можеби не планираат да злоупотребуваат дрога, да пијат премногу или да вршат блуд. Меѓутоа, почнуваат да се дружат со некои што не се вистински христијани и сакаат да бидат прифатени од нив. Можеби дури почнуваат да го имитираат нивниот говор и однесување (3. Јованово 11).
11. Од каде доаѓа понекогаш заведувањето да се постапува неисправно?
11 Понекогаш заведувањето на нехристијанско однесување доаѓа од некој што тврди дека му служи на Јехова. Тоа било случај со некои рани христијани, а истото може да се случи и во нашево време. Таквите луѓе честопати сакаат да прават работи за кои мислат дека ќе им донесат задоволство, но тие работи се против Божјите закони. Тие ги поттикнуваат другите малку да се „забавуваат“. ‚Ветуваат слобода, а самите се робови на распадливоста‘ (2. Петрово 2:19).
12. Кои се жалосните последици од однесувањето што е спротивно на Божјите закони и начела?
12 Плодот на таквата таканаречена слобода секогаш е лош, бидејќи значи непослушност кон Божјите закони. На пример, недозволениот секс може да доведе до емоционален немир, болест, смрт, несакана бременост и можеби до раскинување на бракот (1. Коринќаните 6:18; 1. Солуњаните 4:3—8). Злоупотребата на дрога може да предизвика раздразливост, неразбирлив говор, замаглен вид, вртоглавица, нарушена способност за дишење, халуцинации и смрт. Може да доведе до зависност која би можела да води до криминал за да се поддржува навиката. Многу слични последици доаѓаат од злоупотребата на алкохол (Пословици 23:29—35). Оние што се впушаат во такво однесување, можеби мислат дека се слободни, но потоа — обично предоцна — увидуваат дека станале робови на гревот. А колку само суров господар е гревот! Ако сега резонираме за таа работа, тоа може да ни помогне да се заштитиме од вакво искуство (Галатите 6:7, 8).
Каде почнуваат проблемите
13. а) На кој начин честопати се подбудуваат желбите што водат до проблеми? б) За да разбереме што се ‚лоши друштва‘, чие гледиште ни е потребно? в) Додека одговараш на прашањата наведени во 13. пасус, истакни го Јеховиното гледиште.
13 Размисли за тоа каде честопати почнуваат проблемите. Библијата објаснува: „Секој е искушуван со тоа што неговата сопствена желба го одвлекува и мами. Тогаш желбата, кога станува плодна, раѓа грев; а гревот, пак, кога е извршен, донесува смрт“ (Јаков 1:14, 15). На кој начин се подбудува желбата? Преку она што влегува во умот. Честопати, тоа е резултат на дружењето со луѓе што не ги применуваат библиските начела. Се разбира, сите ние знаеме дека треба да избегнуваме „лоши друштва“ (1. Коринќаните 15:33). Но, кои друштва се лоши? Како гледа Јехова на работата? Ако резонираме за следните прашања и ги побараме наведените стихови, ќе можеме да дојдеме до исправните заклучоци.
Дали фактот што некои луѓе изгледаат чесни значи дека тие се добро друштво? (Битие 34:1, 2, 18, 19).
Дали би можеле нивните разговори, можеби нивните шеги, да покажат дали ни е местото во нивното тесно друштво? (Ефешаните 5:3, 4).
Како се чувствува Јехова ако избереме блиско дружење со луѓе што не го љубат него? (2. Летописи 19:1, 2).
Иако можеби работиме или одиме на училиште со луѓе што не ги делат нашите верувања, зошто постои потреба да се биде внимателен? (1. Петрово 4:3, 4).
Гледањето телевизија и филмови, користењето Интернет и читањето книги, списанија и весници се облици на дружење со другите. Од каков вид материјал од вакви извори треба да се чуваме? (Пословици 3:31; Исаија 8:19; Ефешаните 4:17—19).
Што му кажува на Јехова нашиот избор на пријатели за тоа какви луѓе сме? (Псалм 26:1, 4, 5; 97:10).
14. Каква величествена слобода лежи пред оние што верно го применуваат советот од Божјата реч сега?
14 Непосредно пред нас лежи Божјиот нов свет. Со помош на владата на Божјето небесно Царство, човештвото ќе биде ослободено од влијанието на Сатана и од неговиот целокупен зол систем на работи. Постепено, од послушното човештво ќе бидат отстранети сите последици од гревот, што ќе доведе до совршенство на умот и телото, така што ќе можеме да се радуваме на вечен живот во Рај. Конечно, сето творештво ќе се радува на слободата која е во потполна хармонија со ‚Јеховиниот дух‘ (2. Коринќаните 3:17). Дали би имало смисла да се ризикува да се изгуби сето ова поради непочитување на советот од Божјата реч сега? Мудро користејќи ја нашата христијанска слобода денес, сите јасно да покажеме дека она што навистина го сакаме е „славната слобода на Божјите деца“ (Римјаните 8:21).
Дискусија за повторување
• Каков вид слобода уживала првата човечка двојка? Како може тоа да се спореди со она што човештвото го доживува денес?
• Каква слобода имаат вистинските христијани? Како е тоа во спротивност со она што светот го смета за слобода?
• Зошто е толку важно да се избегнуваат лоши друштва? За разлика од Адам, чии одлуки во поглед на тоа што е лошо треба да ги прифаќаме?
[Слики на страница 46]
Божјата реч предупредува: „Немојте да се заведувате. Лошите друштва ги расипуваат корисните навики“