ПОГЛАВЈЕ 36
Како да ја бранам својата вера во Бог?
Што може да ти биде најголемата пречка да зборуваш со некој соученик за својата вера?
□ Слабо познавање на Библијата
□ Страв од исмејување
□ Не знаеш како да почнеш
Во која ситуација би ти било најлесно да зборуваш за својата вера?
□ Да зборувам насамо со некого
□ Да зборувам пред цел клас
□ Да ги спомнам моите библиски верувања во состав
Напиши го името на некој соученик кој би слушал ако започнеш разговор за Библијата. ․․․․․
МЕЃУ твоите соученици веројатно не е баш популарно да се зборува на тема „Бог“. Ако спомнеш што и да било друго — спорт, облека или спротивен пол — веднаш ќе почне жива дискусија. Но, спомни го Бог, и брзо настанува непријатна штама.
Тоа не значи дека твоите врсници не веруваат во Бог — всушност, мнозина од нив веруваат. Но, на некои им е срам да зборуваат на таа тема. ‚Тоа не е кул‘, можеби си мислат.
Како е со тебе?
Сосема е разбирливо ако се плашиш да зборуваш за Бог со децата на училиште. Никој не сака да биде отфрлен или, уште полошо, исмејуван! Може ли да се случи такво нешто ако зборуваш за својата вера? Може. Од друга страна, можеби ќе се изненадиш од врсниците. Многу од нив бараат одговор на прашања, како: Каде оди овој свет? и Зошто има толку проблеми? Тие можеби повеќе би сакале да зборуваат за овие теми со некој на нивни години отколку со некој возрасен.
Сепак, можеби ти се чини дека е многу страшно да зборуваш со врсниците за религија. Но, не мора да оставиш впечаток дека си фанатик, ниту да се секираш дали ќе кажеш точно како што треба. Да зборуваш за својата вера е слично како да свириш некој инструмент. Во почеток е тешко, нели? Но, колку повеќе вежбаш, толку полесно станува и толку повеќе твојот труд дава резултати. Меѓутоа, како да започнеш разговор?
Обично, можеш да почнеш со нешто за што може лесно да се зборува. На пример, кога на училиште се зборува за некоја актуелна вест, би можел да ја поврзеш со некоја мисла од Библијата. Или би можел да се обидеш да зборуваш за тоа само со еден соученик. Како уште полесна опција, други млади христијани едноставно ќе стават некоја библиска публикација на клупата за да видат дали некој соученик ќе се заинтересира. Тоа често се случува и потоа следи разговор!
Која од овие методи би ја пробал ти? ․․․․․
Ти текнува ли на кој друг начин би можел да почнеш разговор за твојата вера со некој соученик? Ако да, напиши на линиите.
․․․․․
Некогаш некоја училишна задача може да биде прилика да дадеш сведоштво за твојата вера. На пример, што би можел да направиш кога ќе се зборува за еволуција? Како да го одбраниш твоето верување во создавањето?
Во одбрана на создавањето
„Кога во класот се зборуваше за еволуцијата, сѐ беше спротивно од она што го знаев дотогаш“, вели Рајан. „Таа беше прикажана како докажан факт, и тоа малку ме заплаши.“ Една девојка по име Ракел кажува нешто слично. „Се уплашив кога наставничката по општествени науки рече дека следниот час ќе учиме за еволуцијата“, вели таа. „Знаев дека ќе треба да објаснам што мислам јас по тоа прашање.“
Како се чувствуваш ти кога на час треба да се зборува за еволуција? Ти веруваш дека Бог ‚создал сѐ‘ (Откровение 4:11). Насекаде околу себе гледаш докази дека некоја интелигентна личност осмислила сѐ. Но, учебниците велат дека животот настанал по пат на еволуција, а истото го вели и твојот наставник. Тогаш, кој си ти да се расправаш со „стручњаците“?
Биди сигурен дека ти не си единствениот што не верува во теоријата за еволуција. Факт е дека дури и некои научници не ја прифаќаат. А не ја прифаќаат ни многу наставници и ученици.
Сепак, за да го браниш своето верување во создавање, треба да знаеш што навистина вели Библијата на оваа тема. Нема потреба да се расправаш за работи за кои Библијата не зборува директно. Размисли за неколку примери.
Во мојот учебник пишува дека Земјата и Сончевиот систем постојат милијарди години. Библијата вели дека Земјата и вселената постоеле пред првиот ден на создавање. Според тоа, можно е Земјата и Сончевиот систем да се стари милијарди години (1. Мојсеева 1:1).
Мојот наставник вели дека не е можно Земјата да била создадена за шест дена. Библијата не кажува дека шестте дена на создавање биле периоди од дословни 24 часа.
Во класот се дискутираше за тоа како животните и луѓето постепено се менувале. Библијата вели дека Бог ги создал живите суштества „според својот вид“ (1. Мојсеева 1:20, 21). Таа не ја поткрепува идејата дека животот настанал од нежива материја или дека Бог го започнал процесот на еволуција од една единствена клетка. Сепак, во секој „вид“ има потенцијал за голема разноликост. Значи, според Библијата, можно е да настанат промени во рамките на секој „вид“.
Имајќи го предвид она што го разгледавме во ова поглавје, како би одговорил ако некој наставник или соученик ти рече:
„Науката докажала дека сме производ на еволуцијата.“ ․․․․․
„Не верувам во Бог затоа што не можам да го видам.“ ․․․․․
Биди убеден во она во што веруваш!
Ако твоите родители се христијани, можеби веруваш во создавањето само затоа што тие те учеле така. Но сега, како што растеш, сакаш да му служиш на Бог „користејќи го својот разум“, и да имаш цврст темел за своите верувања (Римјаните 12:1). Затоа, прашај се: ‚Што ме убедува мене дека постои Творец?‘ Сем (14) го наоѓа одговорот во човечкото тело. „Толку е сложено“, вели тој, „и сите негови органи толку добро функционираат во склад еден со друг. Не е можно човечкото тело да настанало по пат на еволуција!“ Холи (16) се согласува со тоа. „Откако се откри дека имам дијабетес“, вели таа, „научив многу за тоа како функционира телото. На пример, ме воодушевува како панкреасот — еден мал орган што се наоѓа зад желудникот — врши толку голема работа со тоа што ја одржува работата на крвта и на другите органи“.
На линиите напиши три работи што тебе те уверуваат дека постои Творец.
1. ․․․․․
2. ․․․․․
3. ․․․․․
Нема причина да ти биде незгодно или да се срамиш затоа што веруваш во Бог и во создавањето. Кога ќе се земат предвид доказите, сосема е разумно да веруваме дека сме создадени.
Впрочем, за да се верува во еволуцијата — а не во создавањето — треба огромна вера без вистинска основа. Тоа би било исто како да веруваш во чуда, но не и во чудотворец! Кога добро ќе размислиш за оваа работа користејќи здрав разум и логика, ќе се чувствуваш уште посигурен да ја браниш својата вера во Бог.
Гледаш како други на твоја возраст се крштаваат. Спремен ли си и ти да го направиш тој чекор?
КЛУЧЕН СТИХ
„Јас не се срамам од добрата вест. Таа е Божја сила која му донесува спасение на секој што верува“ (Римјаните 1:16)
ПРЕДЛОГ
Внимавај на своето држење кога зборуваш за своите верувања. Ако изгледа како да ти е срам, може да предизвикаш другите да те исмејуваат. Но, ако зборуваш самоуверено — онака како што твоите соученици би зборувале за нивните гледишта — има поголеми шанси да ја стекнеш нивната почит.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?
Понекогаш кога од наставниците се бара да ја докажат еволуцијата, сфаќаат дека не можат, и затоа признаваат дека ја прифаќаат таа теорија само затоа што така биле поучени.
ПЛАН!
За да започнам со некој соученик разговор за Библијата, би можел ․․․․․
Ако некој ме праша зошто верувам во Творец, ќе речам ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Зошто е важно да зборуваш со другите за твоите верувања?
● Како би можел на училиште лесно да кажеш дека веруваш во создавање?
● Како ќе покажеш ценење за Оној што создал сѐ? (Дела 17:26, 27)
[Истакната мисла на страница 299]
››Училиштето е подрачје за проповедање до кое можеме да дојдеме само ние‹‹ (Ираида)
[Слика на страница 298]
И за да свириш на инструмент и за да зборуваш со другите за твојата вера, треба вештина — а тоа се постигнува со вежбање
[Слика на страници 300 и 301]
Можеш да го победиш стравот и да ги браниш своите верувања