ЕДИНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ
Гледал и чекал
1, 2. Која непријатна задача го чекала Илија, и колку се разликувале тој и Ахав?
ИЛИЈА сакал да биде сам за да му се помоли на својот небесен Татко. Но, толпата луѓе штотуку видела како овој вистински пророк повикал оган од небото и мнозина несомнено се собрале околу него за да му се умилкуваат. Пред да успее да се искачи на врвот на планината Кармил и насамо да му се помоли на Јехова Бог, морал да заврши една непријатна задача. Требало да зборува со цар Ахав.
2 Овие двајца луѓе се разликувале како ден и ноќ. Ахав, облечен во царско руво, бил алчен човек, отпадник и слабак. Илија носел едноставна и скромна пророчка облека, која веројатно била направена од животинска кожа или исткаена од камилски или козји влакна. Тој бил многу храбар и беспрекорен човек со силна вера. Денот кој полека одминувал открил многу за карактерот на секој од нив.
3, 4. а) Што доживеале Ахав и другите обожаватели на Ваал? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?
3 Тоа било лош ден за Ахав и за другите обожаватели на Ваал. На паганската религија што Ахав и неговата жена Језавела ја вовеле во десетплеменското царство Израел ѝ бил зададен страшен удар. Било разоткриено дека Ваал е лажен бог. Тој безживотен бог не можел да запали ниту едно мало пламенче и покрај тоа што неговите пророци неуморно го молеле да го направи тоа, дивјачки танцувале и се сечеле по телото според својот обичај. Ваал не успеал да ги спаси тие 450 луѓе од заслужената смрт. Но, тој лажен бог не успеал во уште нешто — и за кратко време тоа требало јасно да се види. Три години пророците на Ваал го преколнувале својот бог да ја прекине страшната суша — но Ваал не можел да направи ама баш ништо. Сепак, Јехова имал намера да ја прекине сушата и така да ја докаже својата надмоќност (1. Цар. 16:30—17:1; 18:1-40).
4 Но, кога Јехова ќе го направи тоа? Што ќе прави Илија за тоа време? И што можеме да научиме од овој верен човек? Да видиме што се случило. (Прочитај 1. Царевите 18:41-46.)
Илија се молел
5. Што му рекол Илија на Ахав, и дали Ахав извлекол поука од настаните тој ден?
5 Илија му рекол на Ахав: „Оди горе, јади и пиј, зашто се слуша шум што најавува пороен дожд“. Дали овој злобен цар извлекол поука од она што се случило тој ден? Библискиот извештај не кажува ништо конкретно околу тоа, но никаде не пишува дека Ахав се покајал или дека го замолил пророкот да зборува со Јехова и во негово име да побара прошка. Ахав едноставно ‚отишол горе да јаде и да пие‘ (1. Цар. 18:41, 42). А што направил Илија?
6, 7. За што се молел Илија, и зошто?
6 Во Библијата читаме: „Илија се качи на врвот од Кармил, клекна на земја и си го стави лицето меѓу колената“. Додека на Ахав му било важно да се најаде, Илија ја искористил приликата да му се помоли на својот небесен Татко. Забележи колкава понизност покажал со положбата на телото — клекнал на земја и го ставил лицето меѓу колената. За што се молел Илија? Не треба да нагаѓаме. Во Јаков 5:18, Библијата кажува дека се молел да заврши сушата. Без сомнение, за истото се молел и на врвот на Кармил.
7 Некое време пред тоа, Јехова рекол: „Решив да пуштам дожд на земјата“ (1. Цар. 18:1). Значи, Илија се молел да се исполни волјата на неговиот Татко, а околу илјада години подоцна Исус ги поучил своите следбеници да се молат токму за тоа (Мат. 6:9, 10).
8. Што можеме да научиме од Илија за молитвата?
8 Од примерот на Илија учиме многу за молитвата. Нему му било најважно да се исполни Божјата волја. Добро е и ние, додека се молиме, да ја имаме на ум следнава мисла: „Што и да бараме во склад со [Божјата] волја, тој нѐ слуша“ (1. Јов. 5:14). Сосема е јасно дека, за да се молиме на исправен начин, треба да знаеме која е Божјата волја, а тоа е добра причина секојдневно да ја проучуваме Библијата. Илија сигурно сакал сушата да престане и затоа што неговиот народ многу страдал поради неа. Несомнено срцето му се прелевало од благодарност откако го видел чудото што тој ден го направил Јехова. И ние секојдневно треба да се молиме за доброто на другите и искрено да му благодариме на Јехова. (Прочитај 2. Коринќаните 1:11; Филипјаните 4:6.)
Имал доверба и бил буден
9. Што побарал Илија од својот слуга, и кои две важни работи можеме да ги научиме од Илија?
9 Илија бил сигурен дека Јехова ќе стори нешто за да ѝ стави крај на сушата, но не знаел кога ќе биде тоа. Што правел овој пророк во меѓувреме? Забележи што вели библискиот извештај: „На својот слуга му рече: ‚Те молам, оди горе и погледни кон морето‘. И тој отиде горе и погледна, па рече: ‚Ништо не се гледа‘. А тој одговори: ‚Оди пак!‘ — и така седум пати“ (1. Цар. 18:43). Од примерот на Илија можеме да научиме најмалку две важни работи. Прво, овој пророк имал доверба дека Јехова ќе го исполни своето ветување. И второ, бил буден.
Илија желно чекал доказ дека Јехова наскоро ќе почне да го исполнува она што го рекол
10, 11. а) Како Илија покажал колку голема доверба има во она што го ветил Јехова? б) Зошто можеме и ние да имаме таква доверба?
10 Илија имал доверба дека Јехова ќе си стои на зборот, па затоа желно чекал доказ дека наскоро ќе почне да го исполнува она што го рекол. Го пратил својот слуга да се качи на некое повисоко, попрегледно место за да види дали на хоризонтот веќе имало некакви знаци дека ќе заврне. Кога се вратил, слугата донел лоша вест: „Ништо не се гледа“. На хоризонтот немало ништо, а небото било ведро. Но, дали забележа нешто необично? Сети се дека Илија веќе му рекол на цар Ахав: „Се слуша шум што најавува пороен дожд“. Како можел пророкот да каже такво нешто кога на небото немало ниту едно облаче?
11 Илија знаел што ветил Јехова. Како негов пророк и застапник, бил сигурен дека Јехова Бог ќе го исполни она што го рекол. Илија имал доверба во Јехова — и тоа толку голема што за него било како веќе да го слушал поројниот дожд. Ова можеби нѐ потсетува на тоа што Библијата ни го кажува за Мојсеј: „Остана постојан како да го гледа Невидливиот“. Дали Бог ти е толку реален и тебе? Тој ни дал доволно силни докази што покажуваат дека и ние можеме да имаме потполна доверба во него и во неговите ветувања (Евр. 11:1, 27).
12. Како Илија покажал дека е буден, и како реагирал кога слушнал дека се гледал еден мал облак?
12 Исто така, обрни внимание и на будноста на Илија. Тој упорно го праќал својот слуга да провери какво е небото, и тоа не само еднаш или двапати туку седумпати! Можеме да си замислиме колку мора да му здодеало на слугата постојано да го минува истиот пат, но Илија желно сакал да дознае дали има некаков знак и затоа не се откажувал. На крајот, откако се вратил по седми пат, слугата рекол: „Ене, облак мал колку човечка дланка се крева од морето!“ Можеш ли да си го замислиш слугата како со дланката покажува колку малечко облаче почнало да се гледа над Големото Море? Тој можеби не му придал кој знае колкаво значење. Но, за Илија, тоа облаче било многу важно. На својот слуга му го дал следново упатство: „Оди и кажи му на Ахав: ‚Впрегни ги коњите и оди долу за да не те фати дождот‘“ (1. Цар. 18:44).
13, 14. а) Како можеме да бидеме будни како Илија? б) Зошто треба горливо да ја вршиме нашата служба?
13 И со тоа Илија ни дал добар пример. И ние живееме во време кога Бог ќе дејствува за да го исполни она што го наумил. Илија го чекал крајот на сушата, а Божјите слуги денес го чекаат крајот на овој расипан свет (1. Јов. 2:17). Сѐ додека Јехова Бог не почне да дејствува, мора да останеме будни, исто како Илија. Божјиот Син, Исус, им го дал следниов совет на своите следбеници: „Бдејте, зашто не знаете во кој ден доаѓа вашиот Господар“ (Мат. 24:42). Дали Исус сакал да каже дека неговите следбеници нема да знаат ништо за времето кога ќе дојде крајот? Не, бидејќи надолго и нашироко зборувал за тоа каков ќе биде светот во времето на крајот. Секој од нас може да види како се исполнува овој детален знак за „свршетокот на овој поредок“. (Прочитај Матеј 24:3-7.)
На Илија му било доволно само едно мало облаче за да се увери дека Јехова наскоро ќе дејствува. Знакот за последните денови ни дава силни причини горливо да ја вршиме нашата служба за Јехова
14 Секој дел од тој знак е силен, убедлив доказ. Дали тие докази се доволни за да нѐ поттикнат горливо да ја вршиме нашата служба за Јехова? На Илија му било доволно само едно мало облаче на хоризонтот за да се увери дека Јехова наскоро ќе го направи она што го рекол. Дали тој верен пророк се разочарал?
Јехова дава олеснување и благослов
15, 16. Кои настани почнале да се случуваат со неверојатна брзина, и на што се надевал Илија во врска со Ахав?
15 Понатаму, извештајот ни кажува: „Тогаш небото се замрачи од облаците и од ветрот, и падна силен пороен дожд. А Ахав се качи на колата и отиде во Језраел“ (1. Цар. 18:45). Настаните почнале да се одвиваат со неверојатна брзина. Додека слугата на Илија му ја пренесувал на Ахав пораката од пророкот, малото облаче станало толкав облак што се затемнило целото небо. Почнало да дува силен ветар. Конечно, по три и пол години, на израелската почва паднале првите капки дожд. Сувата земја жедно ја впивала секоја капка. Кога дождот се засилил и станал пороен, реката Кисон надошла и ја измила крвта на погубените пророци на Ваал. И своеглавите Израелци имале прилика да ја исчистат ужасната дамка од себе и да го искоренат од својата земја обожавањето на Ваал.
16 Илија сигурно се надевал дека ќе биде така! Можеби се прашувал како ќе реагира Ахав на драматичните настани што допрва требало да се случат? Дали Ахав ќе се покаел и ќе престанел да го обожава Ваал? Тој ден можел да види силни причини за да направи такви промени. Се разбира, не можеме да знаеме какви мисли му доаѓале на Ахав во тој момент. Библијата едноставно ни кажува дека царот ‚се качил на колата и отишол во Језраел‘. Дали извлекол поука? Дали решил да се промени? Не, како што ќе видиме од она што се случило подоцна. Сепак, тој ден сѐ уште не бил завршен — ниту за Ахав ниту за Илија.
17, 18. а) Што му се случило на Илија по патот до Језраел? б) Зошто тоа што Илија трчал од Кармил до Језраел било необично? (Види ја и фуснотата.)
17 Јеховиниот пророк тргнал по истиот пат по кој заминал и Ахав. Пред него лежел долг, мрачен и каллив пат. Но, се случило нешто необично.
18 „Јеховината рака беше над Илија и тој си ги подврза скутовите на облеката и трчаше пред Ахав дури до Језраел“, пишува во Библијата (1. Цар. 18:46). Јасно е дека „Јеховината рака“ му помогнала на Илија на натприроден начин. Језраел бил оддалечен 30 километри, а Илија не бил млад.a Само замисли си како овој пророк ги завиткува скутовите на долгата наметка, ја врзува околу колковите за да може послободно да се движи и почнува да трча по калливиот пат — и тоа толку брзо што ја стигнал и ја одминал колата на царот!
19. а) На кое пророштво нѐ потсетуваат силата и виталноста што Илија ги добил од Бог? б) Во што бил сигурен Илија додека трчал до Језраел?
19 Колкав ли само благослов било ова за Илија! Да почувствува таква сила и виталност — повеќе од кога било порано, дури и од времето кога бил млад — сигурно било возбудливо искуство. Ова нѐ потсетува на пророштвата со кои на верните луѓе што ќе живеат во рајот на Земјата им се гарантира дека ќе имаат сила и совршено здравје. (Прочитај Исаија 35:6; Лука 23:43.) Додека трчал по тој каллив пат, Илија бил сигурен дека неговиот Татко Јехова, единствениот вистински Бог, и тоа како го поддржува!
20. Како можеме да ги добиеме благословите од Јехова?
20 Јехова од сѐ срце сака да нѐ благослови. За да ги добиеме тие благослови, вреди да направиме секакви жртви. Исто како Илија, и ние во овие тешки времиња треба да бидеме будни и да им обрнеме внимание на цврстите докази кои покажуваат дека Јехова наскоро ќе го исполни она што го ветил. Како Илија, имаме многу причини да покажеме целосна доверба во Јехова, ‚Богот на вистината‘ (Пс. 31:5).
a Кратко по ова, Јехова му дал задача на Илија да го обучи Елисеј, кој подоцна станал познат како оној „кој му ги полеваше со вода рацете на Илија“ (2. Цар. 3:11). Елисеј му бил слуга на Илија и по сѐ изгледа му помагал на овој остарен пророк во секојдневните работи.