ПОГЛАВЈЕ 69
Кој бил нивниот татко — Авраам или Ѓаволот?
ЕВРЕИТЕ ТВРДЕЛЕ ДЕКА АВРААМ ИМ БИЛ ТАТКО
ИСУС ПОСТОЕЛ УШТЕ ПРЕД АВРААМ
Исус сѐ уште бил во Ерусалим за Празникот на сениците и продолжил да им дава на луѓето важни поуки. Некои од Евреите што биле таму му рекле: „Ние сме Авраамово потомство и никогаш никому не сме му робувале“. Исус им одговорил: „Знам дека сте Авраамово потомство, но вие сакате да ме убиете, бидејќи мојата реч не наидува на одѕив кај вас. Јас го зборувам она што сум го видел кај мојот Татко, а вие го правите она што сте го чуле од вашиот татко“ (Јован 8:33, 37, 38).
Со тоа, Исус јасно кажал дека тој и тие немале ист татко. Меѓутоа, Евреите не го разбрале, па повторно рекле: „Наш татко е Авраам“ (Јован 8:39; Исаија 41:8). Буквално кажано, тие навистина биле потомци на Авраам. Затоа сметале дека Божјиот пријател Авраам им бил и духовен татко.
Но, Исус им рекол нешто што ги запрепастило: „Ако сте Авраамови деца, тогаш вршете ги делата на Авраам“. Вистинскиот син оди по стапките на својот татко, а тие не го правеле тоа. Затоа Исус продолжил: „А сега сакате да ме убиете мене, човек кој ви ја кажува вистината која ја чу од Бог. Авраам не правеше така“. Она што го рекол потоа уште повеќе ги збунило: „Вие ги вршите делата на вашиот татко“ (Јован 8:39-41).
Евреите и понатаму не разбирале на кого мислел Исус. Сметале дека се законски синови на Авраам, па затоа рекле: „Ние не сме родени од блуд, нашиот Татко е еден, Бог“. Но, дали Бог навистина бил нивниот Татко? Исус им рекол: „Да беше Бог ваш Татко, ќе ме сакавте мене, бидејќи јас дојдов од Бог и сега сум овде. Не дојдов сам од себе, туку тој ме испрати“. Потоа Исус поставил прашање што самиот го одговорил: „Зошто не го разбирате она што го зборувам? Затоа што не сте во состојба да ја слушате мојата реч“ (Јован 8:41-43).
Исус се обидел да им укаже какви последици ќе сносат ако го отфрлат. Но, на крајот отворено им рекол: „Вашиот татко е Ѓаволот и сакате да постапувате според желбите на својот татко“. А каков бил нивниот татко? Исус јасно го опишал: „Тој е човекоубиец откако се побуни, и не остана постојан во вистината“. Потоа додал: „Кој е од Бог, слуша што зборува Бог. Затоа вие не слушате, бидејќи не сте од Бог“ (Јован 8:44, 47).
Гневни што ги осудил, Евреите му одговориле: „Зар не велиме со право дека ти си Самарјанин и дека демон има во тебе?“ Со тоа што го нарекле Исус „Самарјанин“, тие се обиделе да го понижат. Но, Исус не обрнал внимание на нивната навреда, туку им рекол: „Нема демон во мене, туку му укажувам чест на својот Татко, а вие ме обесчестувате“. Потоа дал едно ветување со кое покажал колку било важно дали ќе го прифатат или не: „Ако некој ја држи мојата реч, никогаш нема да види смрт“. Исус не мислел дека неговите апостоли и останатите следбеници буквално нема никогаш да умрат. Наместо тоа, тие немало да бидат трајно уништени, односно немало да ги снајде „втората смрт“, од која нема воскресение (Јован 8:48-51; Откровение 21:8).
Меѓутоа, Евреите буквално ги сфатиле зборовите на Исус, па затоа му рекле: „Сега знаеме дека има демон во тебе. Авраам умре, а и пророците, а ти велиш: ‚Ако некој ја држи мојата реч, никогаш нема да вкуси смрт‘. Да не си ти поголем од нашиот татко Авраам, кој умре?.. За кого се претставуваш ти?“ (Јован 8:52, 53).
Било очигледно дека Исус се обидувал да им покаже дека тој е Месијата. Но, не дал директен одговор на нивното прашање, туку рекол: „Ако самиот себе се прославувам, мојата слава не е ништо. Мојот Татко е тој што ме прославува, оној за кого вие велите дека е ваш Бог, а не го познавате. Но јас го познавам. Ако речам дека не го познавам, ќе бидам лажливец како вас“ (Јован 8:54, 55).
Потоа повторно го спомнал примерот на нивниот верен прататко Авраам, велејќи: „Вашиот татко Авраам многу се радуваше на надежта дека ќе го види мојот ден. И го виде и се зарадува“. Да, Авраам го видел доаѓањето на Месијата со очите на верата и се радувал на тоа. „Уште немаш ни педесет години, а сепак си го видел Авраам?“, зачудено рекле Евреите. Исус им одговорил: „Вистина, вистина, ви велам, пред да се роди Авраам, јас постоев“. Тој зборувал за времето кога постоел како моќно духовно суштество на небото, уште пред да се роди како човек (Јован 8:56-58).
Разбеснети од тоа што Исус тврдел дека живеел пред Авраам, Евреите зеле камења за да ги фрлат на него. Но, Исус се скрил и излегол од храмот.