Приказна 14
Бог ја испитува верата на Авраам
ГЛЕДАШ ЛИ на сликата што прави Авраам? Има нож, и изгледа како да има намера да го убие својот син. Зошто воопшто би го сторил тоа? Прво, да видиме како Авраам и Сара добиле син.
Сети се, Бог им ветил дека ќе имаат син. Но тоа изгледало невозможно затоа што Авраам и Сара биле многу стари. Меѓутоа, Авраам верувал дека Бог може да го направи она што изгледа невозможно. И што се случило?
Поминала цела година откако Бог го дал своето ветување. И тогаш, кога Авраам имал 100 години, а Сара 90, им се родило синче кое се викало Исак. Бог си го одржал ветувањето!
Но кога Исак пораснал, Јехова ја испитал верата на Авраам. Тој го повикал: ‚Аврааме!‘ И Авраам се одгласил: ‚Еве ме!‘ Тогаш Бог му рекол: ‚Земи го својот син, својот единец, Исак, и појди на еден рид што ќе ти го покажам. Таму убиј го својот син и принеси го како жртва‘.
Колку тажен мора да бил Авраам од тие зборови, бидејќи многу го сакал својот син. Освен тоа, сети се дека Бог ветил дека децата на Авраам ќе живеат во ханаанската земја. Па како ќе се случело тоа ако Исак бил мртов? Авраам не разбирал, но сепак го послушал Бог.
Кога се качил на ридот, Авраам го врзал Исак и го легнал на жртвеникот што го изградил. Потоа го зел ножот за да го заколе својот син. Но, токму во тој момент, еден Божји ангел повикал: ‚Аврааме, Аврааме!‘ А Авраам се одгласил: ‚Еве ме!‘
‚Не повредувај го момчето и не прави му ништо‘, рекол Бог. ‚Сега знам дека имаш вера во мене, бидејќи не одби да ми го дадеш и својот син единец.‘
Колку голема вера во Бог имал Авраам! Тој верувал дека за Јехова ништо не е невозможно, и дека Јехова дури може да го воскресне Исак од мртвите. Но, Божја волја, всушност, не била Авраам да го убие Исак. Затоа Бог предизвикал една овца да се заплетка во некои грмушки во близината, и му рекол на Авраам да ја жртвува неа наместо својот син.