Белешки
1. НАЧЕЛА
Божјите закони се темелат на неговите начела. Овие начела се основни вистини што се запишани во Библијата. Тие ни помагаат да сфатиме како гледа Бог на работите. Со помош на начелата можеме да носиме добри одлуки и да го правиме она што е исправно. Тие особено ни користат во ситуации за кои нема конкретен закон во Библијата.
2. ПОСЛУШНОСТ
Да му бидеме послушни на Јехова значи без приговор да го правиме она што го бара од нас. Јехова сака да му бидеме послушни од љубов (1. Јованово 5:3). Ако го сакаме Бог и ако сме му послушни, ќе ги применуваме неговите совети во секоја ситуација. Кога сме му послушни на Јехова, тоа е за наше добро бидејќи советите што ни ги дава ни помагаат да имаме подобар живот сега. Освен тоа, Јехова ни ветува дека ќе имаме многу благослови и во иднина (Исаија 48:17).
3. СЛОБОДНА ВОЛЈА
Јехова на сите нас ни дал слободна волја, односно способност да носиме одлуки. Тој не нѐ создал како роботи (5. Мојсеева 30:19; Исус Навин 24:15). Нашата слобода можеме да ја користиме за да носиме добри одлуки. Но, ако не внимаваме, може да донесеме лоши одлуки. Тоа што имаме слободна волја значи дека самите мора да одлучиме дали ќе му бидеме верни на Јехова и дека самите треба да докажеме дека вистински го сакаме.
4. МОРАЛНИ МЕРИЛА
Јехова поставува морални мерила за тоа како да се однесуваме. Од Библијата дознаваме кои се тие мерила и како можат да ни помогнат да го радуваме Јехова и да имаме подобар живот (Изреки 6:16-19; 1. Коринќаните 6:9-11). Тие мерила ни помагаат да знаеме што е исправно а што е погрешно во Божји очи. Исто така, ни помагаат да покажуваме љубов, да носиме добри одлуки и да им правиме добро на другите. Иако мерилата во овој свет сѐ повеќе се спуштаат, Јеховините мерила не се менуваат (5. Мојсеева 32:4-6; Малахија 3:6). Ако се држиме за нив, тие ќе нѐ штитат и во физички и во емоционален поглед.
5. СОВЕСТ
Совеста е внатрешно чувство кое ни кажува што е исправно, а што погрешно. Јехова секому од нас му дал совест (Римјаните 2:14, 15). За нашата совест добро да функционира, мора да ја обликуваме според Јеховините мерила. Тогаш таа може да ни помогне да носиме одлуки кои го радуваат Бог (1. Петрово 3:16). Совеста може да нѐ предупреди пред да донесеме некоја лоша одлука или силно да нѐ пече кога ќе направиме нешто погрешно. Таа може да затапи, но со помош од Јехова може повторно да ја изостриме. Чистата совест ни помага да имаме внатрешен мир и самопочит.
6. СТРАВ ОД БОГ
Да имаме страв од Бог значи толку многу да го сакаме и да го почитуваме што не би сакале да направиме нешто со што би го разочарале. Таквиот страв ни помага да го правиме она што е добро и да не го правиме она што е лошо (Псалм 111:10). Нѐ поттикнува внимателно да слушаме сѐ што ни кажува Јехова. Исто така, ни помага да исполниме сѐ што сме му ветиле бидејќи многу го почитуваме. Ако имаме страв од Бог, тоа ќе се види во начинот на кој размислуваме, начинот на кој постапуваме со другите и во нашите секојдневни одлуки.
7. КАЕЊЕ
На оној што се кае многу му е жал за грешката што ја направил. На оние што го сакаат Бог многу им е жал кога ќе сфатат дека направиле нешто со кое ги прекршиле неговите мерила. Ако направиме нешто погрешно, треба да го молиме Јехова да ни прости на темел на откупната жртва на Исус (Матеј 26:28; 1. Јованово 2:1, 2). Ако искрено се каеме и престанеме да го правиме она што е лошо, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе ни прости. Повеќе нема потреба да чувствуваме вина поради грешките што сме ги направиле во минатото (Псалм 103:10-14; 1. Јованово 1:9; 3:19-22). Треба да дадеме сѐ од себе да учиме од нашите грешки, да ги исправаме нашите погрешни ставови и да живееме според мерилата на Јехова.
8. ИСКЛУЧУВАЊЕ
Ако некој што направил тежок грев не се кае поради тоа и одбива да живее според Јеховините мерила, повеќе не може да биде дел од собранието. Тој мора да биде исклучен. Кога некој е исклучен, повеќе не треба да се дружиме и да зборуваме со него (1. Коринќаните 5:11; 2. Јованово 9-11). Исклучувањето спречува да му се нанесе срам на Јеховиното име и придонесува да се заштити собранието (1. Коринќаните 5:6). Исто така, исклучувањето е дисциплинска мерка која може да му помогне на исклученото лице да се покае и да му се врати на Јехова (Лука 15:17).
9. ВОДСТВО, УПАТСТВА И СОВЕТИ
Јехова нѐ сака и сака да ни помогне. Затоа ни дава водство, упатства и совети преку Библијата и преку луѓе кои го сакаат. Бидејќи сме несовршени, очајно ни треба неговата помош (Еремија 17:9). Кога ги почитуваме оние преку кои Јехова нѐ води, покажуваме дека го почитуваме него и дека сакаме да му бидеме послушни (Евреите 13:7).
10. ГОРДОСТ И ПОНИЗНОСТ
Бидејќи сме несовршени, склони сме да бидеме себични и горделиви. Сепак, Јехова очекува од нас да бидеме понизни. Честопати, почнуваме да развиваме понизност кога се споредуваме со Јехова и кога сфаќаме колку сме мали и безначајни во однос на него (Јов 38:1-4). Исто така, за да бидеме понизни многу е важно да научиме повеќе да размислуваме за другите отколку за себеси и за тоа што е најдобро за нив, а не за нас. Оној што е горд обично мисли дека е подобар од другите. А оној што е понизен е искрен со себеси и ги гледа своите јаки и слаби страни. Тој не се плаши да си ги признае грешките, да се извини и да прифати предлози и совети. Еден понизен човек се потпира на Јехова и го следи неговото водство (1. Петрово 5:5).
11. АВТОРИТЕТ
Оној што има авторитет има право да дава наредби и да донесува одлуки. Јехова има најголем авторитет на небото и на Земјата. Тој создал сѐ и е најмоќната личност во вселената. Јехова секогаш го користи својот авторитет за доброто на другите. Тој им дава на некои луѓе одговорност да се грижат за нас. На пример, родителите, собраниските старешини и властите имаат одредена мера авторитет, и Јехова сака да ги почитуваме (Римјаните 13:1-5; 1. Тимотеј 5:17). Но, кога човечките закони се косат со Божјите закони, ние сме му послушни на Бог, а не на луѓето (Дела 5:29). Кога ги почитуваме оние на кои Јехова им дал одреден авторитет, покажуваме дека го почитуваме начинот на кој тој ги води работите.
12. СТАРЕШИНИ
Јехова користи старешини — духовно зрели браќа — за да се грижат за собранието (5. Мојсеева 1:13; Дела 20:28). Овие браќа ни помагаат да останеме блиски со Јехова, а во собранието да преовладува ред и мир (1. Коринќаните 14:33, 40). Може да се каже дека старешините се именувани од светиот дух бидејќи треба да исполнат одредени услови што се наведени во Библијата која е запишана под водство на светиот дух (1. Тимотеј 3:1-7; Тит 1:5-9; 1. Петрово 5:2, 3). Ние имаме доверба во Божјата организација и ја поддржуваме. Затоа со задоволство соработуваме со старешините (Псалм 138:6; Евреите 13:17).
13. ГЛАВА НА СЕМЕЈСТВОТО
Јехова им ја дал на родителите одговорноста да се грижат за своите деца. Но, Библијата вели дека сопругот е глава на семејството. Ако во семејството нема татко, тогаш мајката е глава на семејството. Оној што е глава на семејството има одговорност да обезбеди храна, облека и место за живеење. Многу е важно и да им помага на членовите на семејството да му служат на Јехова. На пример, се грижи тие редовно да присуствуваат на собраниските состаноци, да учествуваат во службата на проповедање и заедно да ја проучуваат Библијата. Исто така, главата на семејството има одговорност да ги носи конечните одлуки во семејството. Секогаш се труди да го следи примерот на Исус така што е обѕирен и разумен, а не суров или груб. Ова придонесува во семејството да владее убава атмосфера, а тоа им овозможува на сите да се чувствуваат сигурно и да стануваат сѐ поблиски со Јехова.
14. ВОДЕЧКО ТЕЛО
Водечкото тело го сочинуваат група браќа кои имаат надеж за вечен живот на небото и преку кои Бог го води својот народ. Во првиот век, Јехова користел едно водечко тело за да им помага на оние што биле дел од христијанското собрание да му служат и да го вршат проповедничкото дело (Дела 15:2). Денес, браќата кои служат како членови на Водечкото тело го штитат Божјиот народ и му даваат водство и упатства. Кога носат одлуки, овие браќа се потпираат на водството од Божјата Реч и светиот дух. Оваа група помазани мажи Исус ја нарекол „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45-47).
15. ПОКРИВАЊЕ НА ГЛАВАТА
Понекогаш една сестра ќе биде замолена да извршува задача во собранието што обично би ја извршувал некој брат. Во тој случај, таа ќе си ја покрие главата за да покаже дека го почитува начинот на кој Јехова го води семејството и собранието. Освен тоа, една сестра ќе си ја покрие главата ако води библиски курс во присуство на нејзиниот сопруг или некој крстен брат (1. Коринќаните 11:11-15).
16. НЕУТРАЛНОСТ
Покажуваме дека сме неутрални така што одбиваме да заземаме страна во политиката на овој свет (Јован 17:16). Слугите на Јехова го поддржуваат неговото Царство. Исто како Исус, и ние не се мешаме во работите на овој свет.
Јехова ни заповеда да им бидеме „покорни на властите и на владетелите“ (Тит 3:1, 2; Римјаните 13:1-7). Но од друга страна, Божјиот закон ни забранува да убиваме. Според тоа, совеста на еден христијанин нема да му дозволи да оди во војна или да служи воен рок. Во некои земји, од оние што ќе одбијат да одат во војска, државата бара извесно време да вршат некој вид цивилна служба така што ќе помагаат во болница, во противпожарна служба или во некоја друга установа. Ако има можност да извршува цивилна служба наместо да служи воен рок, еден христијанин мора да размисли дали совеста му го дозволува тоа.
Ние го обожаваме само Јехова, бидејќи тој е нашиот Творец. Иако ги почитуваме државните симболи, ние не го поздравуваме знамето ниту ја пееме државната химна (Исаија 43:11; Даниел 3:1-30; 1. Коринќаните 10:14). Исто така, секој слуга на Јехова донел лична одлука да не гласа за ниту една политичка партија или политички кандидат. Таква одлука сме донеле бидејќи веќе сме застанале на страната на Божјата влада (Матеј 22:21; Јован 15:19; 18:36).
17. ДУХОТ НА СВЕТОТ
Овој свет го шири начинот на размислување кој потекнува од Сатана. Овој начин на размислување е вообичаен меѓу оние што не го сакаат Јехова и кои не ги почитуваат неговите мерила (1. Јованово 5:19). Таквото размислување и постапките кои произлегуваат од него се опишани како духот на светот (Ефешаните 2:2). Слугите на Јехова внимаваат да не паднат под влијание на овој дух (Ефешаните 6:10-18). Наместо тоа, ние го сакаме начинот на кој размислува и постапува Јехова и даваме сѐ од себе да бидеме како него.
18. ОТПАДНИШТВО
Отпадници се луѓе кои го напуштиле Јехова и прават сѐ за да ја оспорат библиската вистина. Тие се бунтуваат против Јехова и против Исус, Царот на Божјето Царство, и се обидуваат да наведат и други да им се придружат во тоа (Римјаните 1:25). Отпадниците сакаат да им всадат сомнежи на оние што му служат на Јехова. Некои во христијанското собрание во првиот век станале отпадници, а тоа се случува и во наше време (2. Солуњаните 2:3). Оние што му се верни на Јехова не сакаат да имаат ништо со отпадниците. Не треба никогаш да дозволиме поради љубопитност или поради притисок од другите да читаме или да слушаме отпаднички идеи. Ние сме му верни на Јехова и го обожаваме само него.
19. ОЧИСТУВАЊЕ НА ГРЕВОВИТЕ
Кога биле под Мојсеевиот закон, Израелците требало да носат во храмот жито, масло и животни како жртви за очистување со цел Јехова да им ги прости гревовите. Ова ги потсетувало дека Јехова сака да му ги прости гревовите и на целиот народ и секому од нив поединечно. Подоцна, откако Исус си го дал животот за да ни бидат простени гревовите, ваквите жртви за очистување повеќе не биле потребни. Тој принел совршена жртва „еднаш засекогаш“ (Евреите 10:1, 4, 10).
20. ПОЧИТУВАЈ ГО ЖИВОТОТ НА ЖИВОТНИТЕ
Мојсеевиот закон дозволувал луѓето да убиваат животни за храна. Исто така, Законот барал да се принесуваат животински жртви (3. Мојсеева 1:5, 6). Но, Јехова никогаш не им дозволувал на неговите слуги да бидат сурови со животните (Изреки 12:10). Всушност, во Законот имало правила кои забранувале некој да постапува сурово со нив. На Израелците им било заповедано добро да се грижат за своите животни (5. Мојсеева 22:6, 7).
21. КРВНИ ФРАКЦИИ И МЕДИЦИНСКИ ПОСТАПКИ
Крвни фракции. Крвта е составена од четири главни состојки: црвени крвни зрнца, бели крвни зрнца, крвни плочки и плазма. Овие четири главни состојки можат да се разложат на помали делови наречени крвни фракции.a
Христијаните одбиваат трансфузија на полна крв или на која и да било од нејзините четири главни состојки. Но, дали треба да прифаќаат крвни фракции? Библијата не дава детални информации во врска со тоа. Затоа, секој мора да донесе лична одлука на темел на својата совест обликувана според Библијата.
Некои христијани ги одбиваат сите крвни фракции бидејќи Божјиот закон барал од Израелците да ја истурат на земја крвта која ќе истечела од животните (5. Мојсеева 12:22-24).
На други христијани совеста им дозволува да прифатат некои крвни фракции. Тие сметаат дека малите фракции повеќе не го претставуваат животот на човекот или животното од кое е земена крвта.
Ако треба да донесеш одлука во врска со крвните фракции, размисли за следниве прашања:
Дали сум свесен дека, доколку ги одбијам сите крвни фракции, тоа ќе значи дека нема да прифатам лекови кои се користат против некои болести или кои помагаат да се запре крвавењето?
Дали би можел да му објаснам на лекарот зошто одбивам или прифаќам одредени крвни фракции?
Медицински постапки. Како христијани, ние не даруваме крв и не ја складираме својата крв за трансфузија пред некој хируршки зафат. Но, постојат други медицински постапки при кои се користи крвта на пациентот. Секој мора самиот да одлучи како ќе се користи неговата крв во текот на некој хируршки зафат, некое медицинско испитување или, пак, некоја терапија. Во текот на таквите медицински постапки, дел од крвта на пациентот може привремено да биде потполно одвоен од него. (Нешто повеќе на оваа тема можеш да прочиташ во Стражарска кула од 15 октомври 2000, страници 30-31.)
На пример, една медицинска постапка е наречена хемодилуција, при која пред самиот почеток на хируршкиот зафат еден дел од крвта на пациентот се отстранува и се заменува со експандер на волумен. Подоцна, во текот на операцијата или кратко по неа, крвта повторно се враќа во телото на пациентот.
Една друга медицинска постапка е наречена колекционирање на клетки. При оваа постапка, крвта на пациентот која се губи за време на операцијата се собира, се чисти и потоа повторно се враќа во телото на пациентот во текот на операцијата или кратко по неа.
Сите лекари не ги применуваат овие медицински постапки на потполно ист начин. Затоа, пред да прифатиш некој хируршки зафат, некое медицинско испитување или некоја терапија, треба да дознаеш како точно ќе се користи твојата крв.
Кога треба да донесеш одлуки во врска со медицинските постапки во кои ќе се користи твојата крв, размисли за следниве прашања:
Ако дел од мојата крв се пренасочи надвор од моето тело и можеби дури за некое време се прекине нејзиниот тек, дали совеста ќе ми дозволи сѐ уште да гледам на оваа крв како на дел од мене и да не барам таа да биде „истурена на земја“, односно отстранета? (5. Мојсеева 12:23, 24).
Дали мојата совест која е обликувана според Библијата ќе ме мачи доколку за време на некоја медицинска постапка ми извадат дел од крвта, ја преработат за да може да се користи како лек и повторно ми ја вратат во телото или ми ја нанесат на раната во текот на некој хируршки зафат?
Дали сум свесен дека, доколку ги одбијам сите медицински постапки во кои е вклучена мојата сопствена крв, тоа значи дека одбивам да ми се прави крвна слика и дека не прифаќам дијализа или користење на машина за срце/бели дробови?
Пред да донесеме одлуки во врска со крвните фракции и медицинските постапки или терапии во кои се користи нашата сопствена крв, треба да му се молиме на Јехова за водство и потоа да истражиме нешто повеќе на таа тема (Јаков 1:5, 6). Откако ќе го направиме тоа, треба да донесеме одлука на темел на нашата совест која е обликувана според Библијата. Не треба да ги прашуваме другите што би направиле доколку би биле на наше место, а ни другите не треба да се обидуваат да влијаат врз нашата одлука (Римјаните 14:12; Галатите 6:5).
22. МОРАЛНА ЧИСТОТА
Да бидеме чисти во морален поглед значи нашето однесување и нашите постапки да бидат чисти во Божји очи. Треба да бидеме чисти во мислите, зборовите и постапките. Јехова ни заповеда да се чуваме од секаков вид на сексуална нечистота или неморал (Изреки 1:10; 3:1). Мора да бидеме решени да се држиме за Јеховините морални мерила уште пред да се најдеме во искушение да направиме нешто погрешно. Треба постојано да го молиме Бог да ни помага да имаме чисти мисли и мора да бидеме решени да му се спротивставиме на искушението да направиме нешто нечисто во морален поглед (1. Коринќаните 6:9, 10, 18; Ефешаните 5:5).
23. БЕСРАМНО ОДНЕСУВАЊЕ И НЕЧИСТОТИЈА
Бесрамното однесување вклучува зборови и постапки со кои сериозно се прекршуваат Божјите мерила и кои одразуваат дрзок став. Оној што се однесува на ваков начин покажува дека не ги почитува Божјите закони. Ако има докази дека некој се впуштил во бесрамно однесување, старешините ќе формираат правен одбор кој ќе го разгледа случајот.
Во нечистотија спаѓаат различни видови погрешно постапување. Во зависност од тоа за колку сериозна нечистотија станува збор, старешините може да формираат правен одбор кој ќе го разгледа случајот (Галатите 5:19-21; Ефешаните 4:19; нешто повеќе можеш да прочиташ во статијата „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 15 јули 2006).
24. МАСТУРБАЦИЈА
Јехова имал намера сексуалните односи да бидат израз на љубов меѓу мажот и жената кои се во брак. Но, кога некој мастурбира, тој ги користи своите полови органи за да ги задоволи своите сексуални желби на нечист начин. Оној што има таква навика може да си го наруши пријателството со Јехова. Тој може да развие изопачени желби и да стекне искривено гледиште за сексуалните односи (Колошаните 3:5). Некој што ја има оваа нечиста навика и не му е лесно да прекине со неа, не треба да се откажува (Псалм 86:5; 1. Јованово 3:20). Ако ова е случај и со тебе, искрено моли го Јехова да ти помогне. Чувај се од порнографија, бидејќи таа може да ти создаде нечисти мисли. Зборувај со еден од твоите родители кои се Сведоци или со некој зрел пријател кој живее според Јеховините закони (Изреки 1:8, 9; 1. Солуњаните 5:14; Тит 2:3-5). Можеш да бидеш уверен дека Јехова го гледа и го цени трудот што го вложуваш за да останеш морално чист (Псалм 51:17; Исаија 1:18).
25. ПОЛИГАМИЈА
Обичајот според кој еден маж има повеќе жени се нарекува полигамија. Јехова имал намера бракот да биде врска меѓу еден маж и една жена. Во древниот Израел, Бог им дозволувал на мажите да имаат повеќе од една жена, но тоа не била неговата првобитна намера. Денес, Јехова повеќе не дозволува полигамија меѓу неговите слуги. Мажот може да има само една жена, и жената може да има само еден маж (Матеј 19:9; 1. Тимотеј 3:2).
26. РАЗВОД И ОДВОЕНО ЖИВЕЕЊЕ
Јехова имал намера мажот и жената кои се во брак да останат заедно сѐ додека се живи (1. Мојсеева 2:24; Малахија 2:15, 16; Матеј 19:3-6; 1. Коринќаните 7:39). Тој дозволува развод само доколку некој од брачните другари направил прељуба. Во таков случај, Јехова му дава право на невиниот брачен другар да одлучи дали ќе се разведе (Матеј 19:9).
Во одредени ситуации, иако нивниот брачен другар не направил прељуба, некои христијани одлучиле да живеат одвоено од него (1. Коринќаните 7:11). Еве некои причини поради кои еден христијанин можеби ќе донесе таква одлука.
Намерно запоставување на потребите на семејството: Мажот не сака да се грижи за материјалните потреби на семејството до тој степен што домашните немаат пари дури ни за основните работи како што е храната (1. Тимотеј 5:8).
Тешко физичко малтретирање: Едниот брачен другар е насилен до таа мера што другиот смета дека здравјето, па дури и животот му е во опасност (Галатите 5:19-21).
Потполно оневозможување да му се служи на Јехова: Едниот брачен другар потполно го спречува другиот да му служи на Јехова (Дела 5:29).
27. ПОФАЛБИ И ОХРАБРУВАЊА
Сите имаме потреба од пофалба и охрабрување (Изреки 12:25; 16:24). Можеме да се зајакнуваме и да се тешиме меѓусебно со пријатни зборови. Таквите зборови можат да им помогнат на нашите браќа и сестри да истраат и да продолжат да му служат на Јехова и покрај големите тешкотии (Изреки 12:18; Филипјаните 2:1-4). Ако некој е многу обесхрабрен, треба со почит да го слушаме и да се обидеме да разбереме како се чувствува. Тоа може да ни помогне да сфатиме што треба да му кажеме или да направиме за да му помогнеме (Јаков 1:19). Постави си за цел добро да ги запознаеш браќата и сестрите за потполно да разбереш што навистина им е потребно. Тогаш ќе можеш да ги поттикнеш да побараат помош од Јехова кој е извор на секоја утеха и охрабрување (2. Коринќаните 1:3, 4; 1. Солуњаните 5:11).
28. СВАДБИ
Во Библијата не се запишани конкретни правила во врска со свадбите. Обичаите и законските барања се разликуваат од место до место (1. Мојсеева 24:67; Матеј 1:24; 25:10; Лука 14:8). Најважниот дел од една венчавка е заветот што младенците си го даваат пред Јехова. Многумина кои стапуваат во брак, ги канат своите роднини и блиски пријатели да присуствуваат на нивната регистрација кога си даваат завет еден на друг. Исто така, многу двојки замолуваат некој старешина да им одржи говор за венчавање. Младенците треба да одлучат дали потоа ќе имаат свадбена веселба и како таа ќе биде организирана (Лука 14:28; Јован 2:1-11). Сеедно каква свадба ќе решат да имаат, најважно треба да им биде таа да му носи слава на Јехова (1. Мојсеева 2:18-24; Матеј 19:5, 6). Библиските начела можат да им помогнат да донесат добри одлуки (1. Јованово 2:16, 17). Ако одлучат на свадбата да се служи алкохол, младенците треба да се погрижат тоа добро да се надгледува (Изреки 20:1; Ефешаните 5:18). Исто така, доколку планираат да има музика или некаква програма, треба да внимаваат и овие работи да му носат слава на Јехова. На оние што стапуваат во брак, најважното нешто не треба да им биде свадбата, туку нивното пријателство со Јехова и нивниот меѓусебен однос (Изреки 18:22; нешто повеќе на оваа тема можеш да прочиташ во Стражарска кула од 15 октомври 2006, страници 18-31).
29. ДОНЕСУВАЈ МУДРИ ОДЛУКИ
Сакаме да носиме добри одлуки кои се темелат на начелата од Божјата Реч. На пример, еден маж кој не е Јеховин сведок ѝ вели на својата сопруга која е наша сестра да одат на ручек кај роднини за време на некој празник. Да си ти на нејзино место, како ќе постапиш? Ако совеста ти дозволува да одиш, би можел да му објасниш на твојот сопружник дека, доколку има пагански обичаи за време на ручекот, ти нема да учествуваш во нив. Исто така, треба да размислиш дали тоа што ќе одиш на ручекот би можело да спрепне некого (1. Коринќаните 8:9; 10:23, 24).
Втор пример: твојот работодавач сака да ти даде бонус за време на новогодишните празници. Дали треба да го одбиеш? Не мора да значи. Твојата одлука до некоја мера може да зависи од тоа како твојот работодавач гледа на бонусот. Дали ти го дава како подарок за празникот или, пак, во знак на благодарност? Овие и други фактори може да ти помогнат да одлучиш дали да го прифатиш бонусот.
Трет пример: некој ти дава подарок за време на новогодишните празници и ти вели: „Знам дека не го славиш овој празник, ама сепак сакам да ти го подарам ова“. Можеби тоа го прави од искрени мотиви и само сака да ти покаже дека те цени. Од друга страна, дали имаш причина да сметаш дека тоа лице сака да види дали се држиш за своите верувања или сака да те наведе да учествуваш во празничните обичаи? Откако ќе размислиш за овие работи, од тебе зависи дали ќе го земеш подарокот или не. Сакаме секогаш да носиме мудри одлуки за да имаме чиста совест и да му бидеме верни на Јехова (Дела 23:1).
30. ДЕЛОВНИ И ПРАВНИ СПОРОВИ
Кога несогласувањата се решаваат брзо и на мирен начин, во повеќето случаи тие нема да прераснат во посериозен проблем (Матеј 5:23-26). На секој христијанин треба најважно да му биде да му носи слава на Јехова и да придонесува за единството во собранието (Јован 13:34, 35; 1. Коринќаните 13:4, 5).
Доколку имаат несогласување околу некоја деловна работа, христијаните треба да се трудат да го решат без да одат на суд. Во врска со тоа, апостол Павле дал совет кој е запишан во 1. Коринќаните 6:1-8. Ако покренуваме судски спор против некој брат, тоа би можело да им нанесе срам на Јехова и на собранието. Кога станува збор за сериозни обвинувања, како што се клевета или измама, христијаните треба да ги следат трите чекори наведени во Матеј 18:15-17 за да можат да ги решат таквите несогласувања. 1) Тие треба да се потрудат насамо да го решат проблемот. 2) Ако тоа не успее, треба да побараат помош од еден или двајца духовно зрели објавители од собранието. 3) Потоа, ако е неопходно, треба да го изнесат проблемот пред старешинството. Во таков случај, старешините со помош на библиските начела ќе се потрудат да им помогнат на оние што се вклучени во спорот да ги решат несогласувањата на мирен начин. Но, доколку некој одбива да ги следи библиските мерила, можеби ќе биде потребно собраниските старешини да покренат правна постапка.
Има ситуации кога законски е неопходно да се започне судска постапка, како на пример, за да се добие развод, старателство над дете, алиментација, отштета од осигурување, наследство оставено со тестамент или за да се спроведе стечајна постапка. Ако еден христијанин ги решава таквите работи по судски пат, и тоа го прави на еден мирољубив начин, не го прекршува советот што го дал Павле.
Доколку станува збор за сериозно кривично дело, како на пример, силување, злоупотреба на дете, физички напад, голема кражба или убиство, христијанинот кој го пријавува ваквото злодело кај властите не го прекршува советот на Павле.
31. ИЗМАМИТЕ НА САТАНА
Сатана се обидува да ги измами луѓето уште од времето кога постоела рајската градина (1. Мојсеева 3:1-6; Откровение 12:9). Тој знае дека, ако ни го искриви начинот на размислување, ќе може да нѐ наведе да постапуваме неисправно (2. Коринќаните 4:4; Јаков 1:14, 15). Сатана ја користи политиката, религијата, трговијата, забавата, образованието и многу други работи за да го шири својот начин на размислување и да го прикаже како нешто прифатливо (Јован 14:30; 1. Јованово 5:19).
Сатана знае дека му останува уште малку време за да ги измами луѓето. Затоа прави сѐ што може за да заведе колку што е можно повеќе луѓе. Тој особено сака да ги заведе оние што му служат на Јехова (Откровение 12:12). Ако не сме внимателни, Ѓаволот би можел постепено да ни го искриви размислувањето (1. Коринќаните 10:12). На пример, Јехова сака браковите да бидат трајни (Матеј 19:5, 6, 9). Но, многу луѓе денес гледаат на бракот како на привремен договор кој лесно може да се прекрши. Ова гледиште го шират и многу филмови и телевизиски емисии. Не смееме да дозволиме врз нас да влијае гледиштето за бракот што го има светот.
Друг начин на кој Сатана се обидува да нѐ измами е така што го шири духот на независност (2. Тимотеј 3:4). Ако не внимаваме, би можеле да престанеме да ги почитуваме оние на кои Јехова им дал авторитет. На пример, еден брат би можел да почне да одбива да ги следи упатствата од старешините (Евреите 12:5). Или, пак, една сестра би можела да почне да не го почитува својот сопруг кого Јехова го поставил за глава на семејството (1. Коринќаните 11:3).
Мора да бидеме решени да не му дозволиме на Ѓаволот да влијае врз нашето размислување. Наместо тоа, сакаме да размислуваме како Јехова и да мислиме „на она што е на небото“ (Колошаните 3:2; 2. Коринќаните 2:11).
32. НАЧИН НА ЛЕКУВАЊЕ
Сите сакаме да бидеме здрави и да ја добиеме најдобрата здравствена грижа кога ќе се разболиме (Исаија 38:21; Марко 5:25, 26; Лука 10:34). Денес, многу лекари и други лица нудат голем број различни начини на лекување. Кога размислуваме какво лекување ќе избереме, важно е да ги земеме предвид библиските начела. Ние знаеме дека само Божјето Царство засекогаш ќе ги отстрани сите наши здравствени проблеми. Не сакаме да станеме толку преокупирани со нашето здравје што ќе ги запоставиме духовните активности (Исаија 33:24; 1. Тимотеј 4:16).
Мора да внимаваме да не избереме начин на лекување за кој мислиме дека вклучува употреба на сила која потекнува од демоните (5. Мојсеева 18:10-12; Исаија 1:13). Затоа, пред да прифатиме некое лекување или лекарство, треба да дознаеме сѐ што можеме за неговото потекло и што сѐ е вклучено во лекувањето, односно дали има некаква врска со демонизам (Изреки 14:15). Не смееме да заборавиме дека Сатана сака да нѐ наведе да се вплеткаме во демонизам. Дури и да имаме најмал сомнеж дека некое лекување е поврзано со демоните, најдобро е да го избегнеме (1. Петрово 5:8).
a Некои лекари гледаат на овие четири главни состојки на крвта како на фракции. Затоа, можеби ќе треба да им објасниш зошто не сакаш да примиш трансфузија на полна крв или на нејзините четири главни состојки — црвени крвни зрнца, бели крвни зрнца, крвни плочки и плазма.