ЛЕКЦИЈА 26
Зошто има зло и страдања во светот?
Кога ќе се случи некоја трагедија, нормално е да се прашаме зошто се случуваат такви работи. Многу сме среќни што Библијата дава јасен одговор на тоа прашање.
1. Зошто почнале да се случуваат лоши работи во светот?
Сатана Ѓаволот се побунил против Бог. Бидејќи сакал да владее над други, тој ги навел Адам и Ева да му се придружат во побуната. Сатана успеал да го направи тоа така што ѝ кажал на Ева една лага (1. Мојсеева 3:1-5). Тој ја навел да помисли дека Јехова ѝ ускратува нешто добро и дека луѓето ќе бидат посреќни ако не го слушаат Бог. Сатана ја кажал првата лага кога ѝ рекол дека таа нема да умре. Затоа, Библијата го нарекува Сатана „лажливец и татко на лагата“ (Јован 8:44).
2. Каква одлука донеле Адам и Ева?
Јехова бил многу великодушен кон Адам и Ева. Тој им рекол дека можат да јадат од секое дрво во рајската градина, освен од едно (1. Мојсеева 2:15-17). Сепак, тие одлучиле да јадат од тоа дрво. Ева скинала и каснала од плодот, а потоа и Адам јадел од него (1. Мојсеева 3:6). Така и двајцата покажале непослушност кон Бог. Бидејќи Адам и Ева биле совршени, не било во нивна природа да грешат, односно немале склоност да постапуваат погрешно. Со тоа што свесно и намерно одлучиле да му бидат непослушни на Бог, тие направиле грев и го отфрлиле Божјето владеење. Нивната одлука им донела големо страдање (1. Мојсеева 3:16-19).
3. Како одлуката на Адам и Ева се одразила врз луѓето?
Кога згрешиле, Адам и Ева станале несовршени и така им пренеле несовршеност на сите свои потомци. Во врска со Адам, Библијата вели: „Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе“ (Римјаните 5:12).
Луѓето страдаат од различни причини. Понекогаш страдаме поради лошите одлуки што самите сме ги донеле, понекогаш поради лошите одлуки на другите, а понекогаш бидејќи сме се нашле на погрешно место во погрешно време. (Прочитај Проповедник 9:11.)
ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ
Во овој дел ќе дознаеш зошто Бог не е виновен за злото и за страдањата во светот и како се чувствува тој кога страдаме.
4. Кој е виновен за нашите страдања?
Многу луѓе мислат дека Бог владее со светот. Но, дали тоа е точно? Пушти го ВИДЕОКЛИПОТ.
Прочитај Јаков 1:13 и 1. Јованово 5:19, а потоа разговарајте за ова прашање:
Дали Бог е виновен за злото и за страдањата во светот?
5. Размисли кои се последиците од владеењето на Сатана
Прочитај 1. Мојсеева 3:1-6, а потоа разговарајте за овие прашања:
Која лага ја кажал Сатана? (Види ги стиховите 4 и 5.)
Како Сатана ја навел Ева да помисли дека Јехова им ускратува нешто добро на луѓето?
Што тврдел Сатана — дали на луѓето им е потребен Бог за да бидат среќни?
Прочитај Проповедник 8:9, а потоа разговарајте за ова прашање:
Кои се последиците поради тоа што светот не е под власта на Јехова?
А. Адам и Ева биле совршени и живееле во рај. Но, го послушале Сатана и се побуниле против Јехова
Б. По побуната, светот се исполнил со страдања, грев и смрт
В. Јехова ќе им стави крај на страдањата, гревот и смртта. Тогаш луѓето повторно ќе бидат совршени и ќе живеат во рај
6. На Јехова не му е сеедно кога страдаме
Дали Бог е рамнодушен кога страдаме? Размисли за она што го напишале цар Давид и апостол Петар. Прочитај Псалм 31:7 и 1. Петрово 5:7, а потоа разговарајте за ова прашање:
Како се чувствуваш поради тоа што знаеш дека Јехова ги забележува нашите страдања и дека сочувствува со нас?
7. Бог ќе му стави крај на сето страдање
Прочитај Исаија 65:17 и Откровение 21:3, 4, а потоа разговарајте за ова прашање:
Зошто е утешна помислата дека Јехова ќе ја поправи сета штета која им се нанесува на луѓето поради злото и неправдите?
Дали си знаел?
Кога ја кажал првата лага, Сатана го наклеветил Јехова. Тој го оцрнил неговото име со тоа што го обвинил дека е неправеден Владетел и дека не ги сака луѓето. Во блиска иднина, Јехова ќе му стави крај на сето страдање, и така ќе го посвети своето име. Со други зборови, тој ќе докаже дека неговото владеење е најдобро. Не постои ништо поважно од тоа да се посвети Јеховиното име (Матеј 6:9, 10).
НЕКОИ ВЕЛАТ: „Божја волја е да страдаме“.
Што би рекол ти?
ШТО НАУЧИ:
Сатана Ѓаволот и првите луѓе носат најголема вина зошто има зло во светот. На Јехова му е многу тешко кога страдаме и наскоро ќе им стави крај на страдањата и ќе ја поправи сета штета.
Како би одговорил?
Која лага ѝ ја кажал Сатана Ѓаволот на Ева?
Како се одразува врз луѓето тоа што Адам и Ева се побуниле против Бог?
Од каде знаеме дека на Јехова не му е сеедно што страдаме?
ИСТРАЖУВАЈ
Дознај што е грев според Библијата.
Прочитај нешто повеќе за обвинението што Сатана Ѓаволот го изнел против Бог во рајската градина.
„Зошто Бог ги допушта страдањата?“ (Стражарска кула од 1 јануари 2014)
Дознај го утешниот одговор на едно прашање кое си го поставуваат многу луѓе.
„Зошто Бог не го спречил холокаустот?“ (Статија на интернет)
Види што дознал еден човек во врска со страдањата што ги гледал.