”Барај мир и стреми се кон него“
”Нека се величи Јехова, кој се радува на мирот на својот слуга!“ (ПСАЛМИ 35:27, NW).
1. На каков мир се радуваме денес?
КОЛКАВА радост е да се биде во мир во овој поделен свет! Колкаво задоволство да се обожава Јехова, ’самиот Бог на мирот‘, и да се учествува во благословите на неговиот ”сојуз на мирот“! Колку е освежувачки, среде животните притисоци да се сознае ’мирот Божји кој ја надминува секоја мисла‘ и да се вкуси ’врската на мирот‘ која го обединува Божјиот народ без оглед на нивната националност, јазик, раса или општествено потекло! (1. Солунјаните 5:23; Езекиел 37:26; Филипјаните 4:7; Ефесјаните 4:3, NW).
2, 3. (а) Што ќе им се случи на поедини христијани иако Божјиот народ како целина ќе истрае? (б) Што нѐ поттикнува Библијата да правиме?
2 Како Јеховини Сведоци, ние го цениме тој мир. Меѓутоа, не можеме да го сметаме за нешто само по себе разбирливо. Мирот не се одржува автоматски затоа што сме поврзани со христијанското собрание или ако сме дел од христијанско семејство. Иако помазаниот остаток и нивните придружници, ”другите овци“ ќе истраат како едно стадо до крајот, поединци можат да го загубат својот мир и да отпаднат (Јован 10:16; Матеј 24:13; Римјаните 11:22; 1. Коринтјаните 10:12).
3 Апостол Павле ги предупредил помазаните христијани од своето време: ”Чувајте се, браќа, во некого од вас некогаш да не се развие злобно срце на кое му недостасува вера, одвраќајќи се од живиот Бог“ (Евреите 3:12, NW). Ова предупредување се однесува и на големото мноштво. Така, Библијата ги поттикнува христијаните: ’Барајте мир и стремете се кон него. Зашто очите на Јехова се на праведните, и неговите уши се кон нивното преколнување; но лицето на Јехова е против оние кои прават зло‘ (1. Петрово 3:10-12; Псалми 34:14, 15, NW).
”Склоноста на телото“
4. Што може да го наруши нашиот мир со Бог?
4 Што може да нѐ спречи да се стремиме кон мир? Павле споменува една работа кога вели: ”Склоноста на телото значи смрт, а склоноста на духот значи живот и мир; бидејќи склоноста на телото значи непријателство со Бог“ (Римјаните 8:6, 7, NW). Со ”тело“, Павле мисли на нашата падната состојба како несовршени луѓе со наследени грешни склоности. Попуштање на склоностите на паднатото тело ќе го наруши нашиот мир. Ако еден христијанин непокајнички прави неморал, лаже, краде, зема дрога или на некој друг начин го повредува божествениот закон, го нарушува мирот со Јехова на кој некогаш се радувал (Изреките 15:8, 29; 1. Коринтјаните 6:9, 10; Откровение 21:8). Освен тоа, ако дозволува материјалните работи да му станат поважни од духовните, неговиот мир со Бог е сериозно загрозен (Матеј 6:24; 1. Јованово 2:15-17).
5. Што вклучува да се стремиме кон мир?
5 Од друга страна, Павле рекол: ”Склоноста на духот значи живот и мир“. Мирот е дел од плодовите на духот, и ако го вежбаме своето срце да ги цени духовните работи, молејќи за Божјиот дух да ни помогни во тоа, тогаш ќе ги избегнуваме ”склоностите на телото“ (Галатјаните 5:22-24). Во 1. Петрово 3:10-12, мирот е поврзан со праведноста (Римјаните 5:1). Петар вели дека стремењето кон мир вклучува одвраќање од злото и правење добро‘. Божјиот дух може да ни помогне да ’се стремиме кон праведноста‘ и така да го зачуваме својот мир со Бог (1. Тимотеј 6:11, 12).
6. Која е една од одговорностите на старешините во врска со мирот во собранието?
6 Стремењето кон мир е главната грижа на старешините во собранието. На пример, ако некој се обидува да воведе нечисти обичаи, старешините се одговорни да го заштитат собранието со тоа што ќе настојуваат да го укорат грешникот. Ако го прифати укорот, повторно ќе стекне свој мир (Евреите 12:11, NW). Ако не, веројатно ќе мора да биде исклучен за да собранието го сочува мирот со Јехова (1. Коринтјаните 5:1-5).
Мир со нашите браќа
7. За каква манифестација на ’склоностите на телото‘ Павле ги предупредува Коринтјаните?
7 ”Склоноста на телото“ може да го разори не само нашиот мир со Бог туку и нашиот добар однос со другите христијани. Павле им напишал на Коринтјаните: ”Бидејќи уште сте телесни. И навистина, штом помеѓу вас има завист, кавга и неслога, не сте ли телесни и не живеете ли како обични луѓе?“(1. Коринтјаните 3:3). Љубомората и раздорот се сушта спротивност на мирот.
8. (а) Што може да му се случи на оној кој во собранието предизвикува љубомора и раздор? (б) Од што зависи нашиот мир со Бог?
8 Да се нарушува мирот на собранието со предизвикување на љубомора и раздор е сериозна работа. Кога зборувал за особината која е поврзана со мирот како плод на духот, апостол Јован предупредил: ”Ако некој рече: ’Го сакам Бога‘, а го мрази својот брат, лажец е: оти, кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не Го видел?“ (1. Јованово 4:20). На сличен начин, ако некој поединец предизвикува љубомора или раздор меѓу браќата, дали може навистина да биде во мир со Бог? Сигурно не! Ние сме поттикнати: ”И така, браќа, радувајте се, усовршувајте се, утешувајте се, бидете едномислени, живејте во мир, — и Бог на љубовта и на мирот ќе биде со вас“ (2. Коринтјаните 13:11). Да, ако продолжиме мирољубиво да живееме меѓусебе, тогаш Богот на љубовта и мирот ќе биде со нас.
9. Како знаеме дека христијаните понекогаш ќе имаат недоразбирања и несогласувања?
9 Тоа не значи дека меѓу христијаните никогаш нема да дојде до недоразбирања. Во неделите после Пентакост, во младото христијанско собрание дошло до недоразбирање околу секојдневното делење на храна (Дела на апостолите 6:1). Во една прилика несогласувањето помеѓу Павле и Варнава довело до ”жесток излив на гнев“ (Дела на апостолите 15:39, NW). Павле морал да им даде совет на Еводија и Синтихија, без сомнение примерни и ревносни сестри, ”да бидат едномислени во Господа“ (Филипјаните 4:2). Не е чудо што Исус дал детален совет како да се реши нарушувањето на мирот меѓу христијаните и ја истакнал итноста во постапувањето спрема таквите таквите проблеми! (Матеј 5:23-25; 18:15-17, NW). Тој не би го дал овој совет ако не очекувал потешкотии меѓу своите следбеници.
10. Какви ситуации понекогаш се јавуваат во собранието, и каква одговорност тоа им наметнува на сите кои се вклучени?
10 Затоа денес е сосема можно некој да се навреди од некој неумесен збор или нешто што го сфатил како омаловажување од некој сохристијанин. Некоја особина кај некого може многу да го нервира некој друг. Може да дојде до судир меѓу личностите. Некој би можел одлучно да изразува несогласување со некоја одлука на старешините. Во самото старешинство, еден старешина може да биде многу енергичен и да настојува да преовладува над другите старешини. И покрај фактот што се случуваат такви работи, сепак мораме да бараме мир и да се стремеме кон него. Решавањето на овие проблеми на христијански начин претставува предизвик исто како и сочувувањето на ”обединувачката врска на мирот“ (Ефесјаните 4:3, NW).
11. Какви подготовки направил Јехова да ни помогне да се стремиме кон мир меѓу себе?
11 Во Библијата стои: ”Нека се величи Јехова, кој се радува на мирот на својот слуга!“ (Псалми 35:27, NW). Да, Јехова сака да бидеме во мир. Затоа направил две извонредни подготовки за да ни помогне да го зачуваме мирот меѓу себе како и со него. Една е светиот дух, чиј плод е мирот, заедно со други сродни мирољубиви особини, како што се трпеливост, љубезност, благост и самосовладување (Галатјаните 5:22, 23, NW). Другата е божествената мудрост, за која читаме: ”Мудроста одозгора е пред сѐ чиста, потоа мирољубива, разумна, спремна да послуша, полна со милосрдие и добри плодови“ (Јаков 3:17, 18, NW).
12. Што треба да сториме ако е нарушен мирот со нашите браќа?
12 Според тоа, кога е нарушен нашиот мир со другите, треба да молиме за мудрост која доаѓа одозгора да ни покаже како да постапуваме и да бараме свет дух да нѐ зајакне да го правиме она што е исправно (Лука 11:13; Јаков 1:5; 1. Јованово 3:22). Во согласност со нашата молитва, потоа можеме во Библијата, изворот на божествена мудрост, да бараме водство и да ја прегледаме библиската литература која ни стои на располагање за совет како да го применеме Писмото (2. Тимотеј 3:16). Можеби исто така, ќе сакаме да побараме совет од старешините во собранието. Последен чекор би бил да го следиме добиеното водството. Во Исаија 54:13 пишува: ”Сите твои синови ќе бидат научени од Јехова, и обилен ќе биде мирот на твоите синови.“ Тоа подразбира дека нашиот мир зависи од тоа дали го спроведуваме во дело она што Јехова нѐ подучува.
”Среќни се мирољубивите“
13, 14. (а) Што значи зборот ”мирољубив“ кој го употребил Исус? (б) Како можеме да станеме миротворци?
13 Во својата Проповед на Гората, Исус рекол: ”Среќни се мирољубивите, зашто тие ќе бидат наречени ’Божји синови‘“ (Матеј 5:9, NW). Со ”мирољубиви“ овде не се мисли само на некој кој по природа е мирен. Изворниот грчки збор значи ”миротворци“. Еден миротворец е вешт во обновувањето на нарушениот мир. Што е уште поважно, миротворецот на прво место се труди да го избегне нарушувањето на мирот. ’Во неговото срце владее мир‘ (Колосјаните 3:15). Ако Божјите слуги се трудат да бидат миротворци, тогаш нивните меѓусебни проблеми ќе бидат сведени на минимум.
14 Да се стане миротворец вклучува препознавање на сопствените слабости. На пример, некој христијанин може да има избувлив карактер или да биде чувствителен и лесно навредлив. Под притисок, неговите емоции можат да го наведат да заборави на библиските начела. Тоа не е нешто неочекувано кај несовршените луѓе (Римјаните 7:21-23). Сепак, непријателството, раздорот, и изливите на гнев се вбројуваат во делата на телото (Галатјаните 5:19-21). Ако кај себе откриеме такви склоности — или ако другите ни укажат на нив — треба срдечно и постојано да молиме за Јеховиниот дух да развива во нас самосовладување и благост. Навистина, секој треба да се труди да негува такви особини како дел од својата нова личност (Ефесјаните 4:23, 24; Колосјаните 3:10, 15).
15. Како мудроста која доаѓа одозгора е спротивна на неразумната тврдоглавост?
15 Повремено во собранието или старешинството е вознемирено поради некој кој е тврдоглав и кој секогаш настојува да го истакне своето гледиште. Додуша, кога се работи за Божјиот закон, христијанинот треба да биде цврсто уверен, дури и непопустлив. Исто така, ако мислиме дека имаме некоја добра идеја која би можеле да им користи на другите, нема ништо лошо во тоа ако отворено се изјасниме, сѐ додека ги објаснуваме своите причини. Меѓутоа, не сакаме да бидеме како оние од светот кои ”се непристапливи за било каков договор“ (2. Тимотеј 3:1-4, NW). Мудроста која доаѓа одозгора е мирољубива, разумна. Оние чии постапки создаваат слика на тврдоглавост и непопустливост треба да внимаваат на Павловиот совет до Филипјаните да ’не прават ништо од егоизам‘ (Филипјаните 2:3, NW).
16. Како Павловиот совет во книгата до Филипјаните ни помага да го совладаме егоизмот?
16 Во истото писмо, Павле поттикнува дека треба ’во понизност на мислите‘, искрено ’да ги сметаме другите за поголеми од себе‘. Тоа е токму спротивно на егоизмот. Зрелиот христијанин не размислува прво како ќе ги истакне своите лични идеи, да го спаси образот, или да си ја заштити својата положба или авторитет. Тоа би било спротивно на Павловата опомена да ’се гледа не само за сопствените интереси, туку и за интересите на другите‘ (Филипјаните 2:4; 1. Петрово 5:2, 3, 6, NW).
Мирољубиви зборови
17. Која погрешна употреба на јазикот може да го наруши мирот на собранието?
17 Оној кој се стреми кон мир треба особено да внимава како го употребува својот јазик. Јаков предупредува: ”А така и јазикот е мал орган, но големи работи зборува. Ете, мал оган, а колку голема гора запалува“ (Јаков 3:5). Штетно озборување, критикување на другите зад грб, нељубезни и груби зборови, мрморење и жалење, како и неискрено ласкање заради лична корист — сето тоа се дела на телото кои го нарушуваат мирот на Божјиот народ (1. Коринтјаните 10:10; 2. Коринтјаните 12:20; 1. Тимотеј 5:13; Јуда 16, NW).
18. (а) Кој е исправниот пат за секој кој е вплетен во случај на ненамерна погрешна употреба на јазикот? (б) Како реагираат зрелите христијани на некој кого гневот го тера да изговара навредливи зборови?
18 Додуша, Јаков рекол: ”А јазикот никој не може да го скроти“ (Јаков 3:8). Дури и зрелите христијани понекогаш кажуваат нешто за кое потоа искрено се каат. Сите ние се надеваме дека другите ќе ни ги простат таквите грешки како што и ние им простуваме (Матеј 6:9, 10). Понекогаш жестокиот излив на гнев може да доведе до навредливи зборови. Миротворецот тогаш ќе се сети дека ”Одговорот кога е благ, ја отстранува лутината, а зборот кој предизвикува болка го подига гневот“ (Изреките 15:1, NW). Честопати ќе мора само длабоко да вдиши и да не одговори на жестоките зборови со уште посилни зборови. Потоа, откога ќе се смират разлутените расположенија, великодушниот миротворец знае како да премине преку она што било речено во моментот на гнев. Освен тоа, понизниот христијанин ќе знае како да се извини и да се обиде да ја излечи секоја рана што ја предизвикал. Способноста искрено да се каже: ”Жал ми е“, е знак на морална сила.
19. Што учиме од Павле и Исус за тоа како да се даде советот?
19 Јазикот можеби ќе мора да се употреби за да на другите им се даде совет. Павле јавно го укорил Петар кога овој неисправно постапил во Антиохија. Исус упатил строг совет во своите пораки до седумте собранија (Галатјаните 2:11-14; Откровение 2 и 3 поглавје). Ако ги проучиме тие примери, ќе сознаеме дека советот не би требало да биде толку благ да ја изгуби својата цел. Меѓутоа, Исус и Павле не биле груби или сурови. Нивниот совет не бил средство за покажување на сопствените чувства на незадоволство. Тие искрено се труделе да им помогнат на своите браќа. Ако оној којшто дава совет почувствува дека нема потполна контрола на својот јазик, може да се одлучи да застане и малку да се смири пред да каже било што. Инаку би можел да изговори груби зборови и да предизвика поголем проблем од оној за кој се труди да го поправи (Изреките 12:18, NW).
20. Што треба да влијае на сѐ она што им го кажуваме на нашите браќа и сестри или пак за нив?
20 Како што веќе е спомнато, мирот и љубовта се тесно поврзани како плодови на духот. Ако она што им го кажуваме на нашите браќа — или за нив — е секогаш одраз на нашата љубов спрема нив, тогаш тоа ќе допринесе за мирот на собранието (Јован 15:12, 13). Нашите зборови мораат да бидат ”љубезни, со сол зачинети“ (Колосјаните 4:6, Ст). Би требало да бидат, така да се каже, приемливи за срцето. Исус советувал: ”Затоа имајте сол во себе, и мир имајте помеѓу себе!“ (Марко 9:50).
”Дајте сѐ од себе“
21. Што е очигледно кај Божјиот народ на нивните неделни состаноци и во текот на собирите и конгресите?
21 Псалмистот напишал: ”Гледај! Колку е добро и колку е угодномило кога браќата живеат заедно!“ (Псалми 133:1, NW). Ние навистина се радуваме да бидеме со нашите браќа, особено на нашите седмични состаноци и во текот на собирите и поголемите конгреси. Во таквите прилики, нашиот мир е очигледен и за оние однадвор.
22. (а) Кој лажен мир народите наскоро ќе мислат дека го остваруваат, и до што ќе доведе тоа? (б) До каков вистински мир ќе доведе Божјиот сојуз на мирот?
22 Наскоро, народите ќе мислат дека постигнуваат мир без Јехова. Но додека ќе говорат, ”Мир и безбедност!“ одеднаш ќе дојде уништување на сите оние кои не се во мир со Бог (1. Солунјаните 5:3). После тоа големиот Кнез на Мирот ќе го спроведе лекувањето на човештвото од кобните последици на човековиот првобитен губиток на мирот со Бог (Исаија 9:6, 7; Откровение 22:1, 2, NW). Тогаш, Божјиот сојуз на мирот ќе доведе до спокојство ширум светот. Дури и земските ѕверови ќе доживеат починок од непријателството (Псалми 37:10, 11; 72:3-7; Исаија 11:1-9; Откровение 21:3, 4).
23. Што треба сега да правиме ако негуваме надеж во новиот свет на мирот?
23 Какво величествено време ќе биде тоа! Дали горливо очекуваш? Ако е така, ’стреми се кон мир со сите луѓе‘. Сега барај мир со своите браќа, а особено со Јехова. Да, ”додека ги очекувате овие работи, дајте сѐ од себе за да најпосле ве најде чист и неизвалкан и во мир“ (Евреите 12:14; 2. Петрово 3:14, NW).
Дали се сеќаваш?
◻ Што може да го наруши нашиот мир со Јехова?
◻ Какви видови на недоразбирања можеби мораат да се решаваат во собранието?
◻ Каква подготовка направил Јехова да ни помогне да го бараме мирот и да се стремеме кон него?
◻ Кои телесни ставови можат да го нарушат мирот во собранието, и како можеме да им се спротивставиме?
[Слика на страница 22]
Мирот изобилува меѓу оние кои се поучени од Јехова
[Слика на страница 24]
Колку е угоден мирот на браќата кои служат во единство!