Да се оди во чекор со Јеховината небесна кола
’И кажувај им ги зборовите Мои — па слушале тие или не‘ (КНИГА НА ПРОРОКОТ ЈЕЗЕКИИЛ 2:7).
1, 2. Каква кралска кочија видел Езекиел, и што му било речено?
ЈЕХОВИНАТА небесна кола сега стои пред неговите слуги. Со очите на верата тие го гледаат тоа кралско возило на нивниот Суверен Господ. Таа кола е славна, влева стравопочитување и е достоинствена.
2 Истата кралска кола застанала во визијата пред Божјиот пророк Езекиел пред околу 2 600 години. Од таа кола која носела престол — Божјата небесна организација на духовни суштества — Јехова му ја издава оваа драматична заповед на Езекиел: ”Тие се синови со огрубено лице и со жестоко срце; при нив те праќам и ти ќе им кажеш — вака вели Господ Бог. Дали ќе те послушаат или нема да те послушаат, бидејќи тие се дом отстапнички — но нека знаат дека меѓу нив имало пророк“ (Книга пророк Језекиил 2:4, 5).
3. Што е денешна паралела на Езекиел?
3 Езекиел одлучно ја извршувал таа должност, служејќи како единствено средство во божествената рака. На ист начин, Бог денес има едно единствено организационо средство во своја контрола. Класата на Езекиел, помазаниот остаток, е на истакната положба во делото на давање на заклучно сведоштво, со ’големо мноштво‘ или ’другите овци‘ кои се собираат околу него со подршка (Откровение 7:9, 10; Јован 10:16, NW). Тие заедно сочинуваат ”едно стадо“, со Добриот Пастир, Исус Христос, кој ги води под суверенитетот на големиот Возач на колата, Јехова Бог.
4, 5. Како настанала Божјата видлива организација, и што доживеала таа согласно со Исаија 60:22?
4 Под Јеховино водство, таа светска организација растела од малите почетоци за да стане силно средство за објавување на прогласот ’да се плашат од Бог и да му оддадат слава, зашто дошол часот на неговиот суд‘ (Откровение 14:7, NW). Како што Езекиел самиот не се поставил или ополномоштил за пророк, така ни Божјата видлива организација сама не се создала или ополномоштила самата. Таа не настанала поради човечка волја или напори. Божествениот Возач на колата го овозможил нејзиниот постанок. Оспособен со Божји дух и поткрепен од светите ангели, Јеховиниот народ доживеал таков драматичен пораст што ’од мал постанал моќен народ‘ (Исаија 60:22, NW).
5 Преку 4 000 000 Сведоци на Јехова ја објавуваат веста на Царството во 212 земји. Групирани се во повеќе од 63 000 собранија организирани во покраини и области. Ширум светот подружниците и печатниците дејствуваат под водство на Водечкото тело како средиште во седиштето на организацијата. Како еден, сите тие се движат напред, проповедајќи ја добрата вест, поучувајќи ги оние кои се одѕиваат и градејќи места за состанување. Да, Јеховината видлива организација е во чекор со небесната кола и нејзиниот Возач.
6. Што сѐ е вклучено во одењето во чекор со Јеховината видлива организација?
6 Ако си Јеховин сведок, дали одиш во чекор со Божјата видлива организација? Тоа не значи само да се посетуваат христијанските состаноци и да се помунива време во службата. Првенствено, одењето во чекор се однесува на напредокот и духовниот раст. Тоа вклучува да се има позитивен став, да се поставуваат исправни приоритети и да се биде упатен во текот на настаните. Ако одиме во чекор со Јеховината небесна кола, нашиот живот ќе биде во склад со веста што ја објавуваме.
7. Зошто треба да го разгледаме однесувањето на Езекиел како Божји пророк?
7 Што се однесува до одењето во чекор, денешните Јеховини слуги можат многу да научат од примерот на Езекиел. Иако бил од Јехова посебно ополномоштен за пророк, Езекиел сепак имал чувства, грижи и потреби. На пример, како релативно млад оженет човек, поднесувал тага поради смртта на својата сопруга. Сепак, никогаш не го изгубил од вид својот налог од Јехова како негов пророк. Со разгледување на Езекиеловото постапување и во другите прилики, можеме исто така да се зајакнеме да бидеме во состојба да одиме во чекор со Божјата видлива организација. Тоа ќе ни овозможи да одиме во чекор со неговата невидлива организација.
Налогот прифатен и исполнет
8. Со оглед на својот налог, каков пример поставил Езекиел?
8 Езекиел поставил добар пример со прифаќањето и исполнувањето на својот налог. Меѓутоа, била потребна послушност и храброст да се стори тоа, бидејќи читаме: ”А ти, сине човечки, не бој се од нив и не плаши се од нивните зборови, зашто ќе се разбеснат и ќе те навредуваат од сите страни; меѓу нив ќе живееш — како меѓу трње и скорпии; не бој се од зборовите нивни и не плаши се од лицата нивни, зашто тие се дом отстапнички; и кажувај им ги зборовите Мои — па слушнале тие или не, бидејќи се тие непокорни. А ти, сине човечки, чуј што ќе ти кажам: не биди како тој отстапнички дом“ (Книга пророк Језекиил 2:6-8).
9. Што било неопходно да прави Езекиел за да биде ослободен од вината за крв?
9 Езекиел не смеел да биде рамнодушен или страшлив, и како таков кој постојано требало да биде поттикнуван да го исполни својот налог. Би бил ослободен од вината за крв само ако спремно и храбро би ги говорел Јеховините зборови. На Езекиел му било речено: ”А, ако го опоменеш беззаконикот и тој не се откаже од беззаконието свое и од грешниот свој пат, беззаконикот ќе умре во беззаконието свое, а ти ќе си ја спасиш душата своја“ (Книга пророк Језекиил 3:19).
10. Како класата на Езекиел докажала дека е како пророкот?
10 Како и во случајот со Езекиел, помазаната класа на Езекиел го прифатила налогот даден од Бог и го исполнила. Ако сме Јеховини сведоци, би требало да запомниме дека нашиот живот и животите на другите зависат од нашата послушност (1. Тимотеј 4:15, 16, NW). Секој Сведок треба да оди во чекор со Јеховината организација. Бог нема да нѐ врзе за својата кола и да нѐ влече понатаму. Рамнодушноста и поделеното срце го понижуваат Возачот на колата. Затоа Јеховината видлива организација нѐ поттикнува Божјите интереси да ги ставиме на прво место во својот живот. Ако постојано се одѕиваме на таквиот совет, ќе одиме во чекор со Божјата организација и ја воздигнуваме нашата света служба над рутинското или механичкото извршување. Секако, Јеховиниот народ во целина покажува извонредна предаденост. Наше е да го одржиме чекорот.
Божјите зборови земени при срце
11. Каков пример поставил Езекиел со оглед на Божјите зборови?
11 Езекиел исто така поставил одличен пример со тоа што ги зел при срце Божјите зборови. На заповед, го изел свитокот или ролната дадена од Бог. ’А во устата почувствував сладост како мед‘, рекол Езекиел. Иако свитокот бил полн со ’плач, жалости и офкања‘, на Езекиел му бил сладок, бидејќи ја ценел честа да го застапува Јехова. За пророкот било угодно искуство да го исполни налогот даден од Бог. Бог му рекол: ”Сине човечки, сите зборови Мои што ти ги кажувам, прими ги во срцето свое и слушај ги со ушите свои“ (Книга пророк Језекиил 2:9-3:3, 10). Тие визии го направиле Езекиел вистински свесен за она во кое Бог му дозволил да учествува и го зајакнале неговиот однос со Јехова.
12. Што направил Езекиел за повеќе од две децении на пророчка служба?
12 На Езекиел му биле дадени визии и пораки за различни цели и слушатели. Требало внимателно да слуша и потоа да говори и да постапува по упатството. Во текот на 22 години пророчка служба му биле откривани нови информации и постапки. Понекогаш Езекиел кажувал порака со посебно составени зборови. Во други прилики се користел со пантомима, како што било во случајот кога лежел пред една тула која го предочувала Ерусалим (Езекиел 4:1-8). Неговиот пример во личните работи, како што била реакцијата на смртта на сопругата, исто така носел порака (Езекиел 24:15-19). Морал да биде во тек, секогаш пренесувајќи ја исправната вест и преземајќи исправни дела во право време. Езекиел се наоѓал во многу близок, напреден однос со Јехова.
13. Како можеме да изградиме близок однос со Јехова?
13 За да и ние изградиме и задржиме близок однос со Јехова како негови соработници, мораме да ја земеме при срце Божјата Реч (1. Коринтјаните 3:9). Да се оди во чекор со Божјата видлива организација на тој начин бара да бидеме во тек со изобилството на духовна храна која се подготвува во право време (Матеј 24:45-47). ”Чистиот јазик“ непрестајно се шири (Софонија 3:9, NW). Само ако сме во тек, ќе бидеме навистина во можност послушно да се оѕвиеме на водството од Возачот на колата.
14, 15. Каква навика е потребна за да одиме во чекор со Божјата организација?
14 Сѐ до самиот крај потребна ни е добра навика за лична молитва, лично проучување и учествување во светата служба на добрата вест (Римјаните 15:16, NW). Да се сетиме на Езекиеловиот пример кога го изеде свитокот кој ја содржеше Божјата вест. Езекиел го изел целиот свиток, а не само дел од него. Тој не ги бирал залаците кои можеби лично повеќе одговарале на неговиот вкус. На ист начин, би требало нашето лично проучување на Библијата и христијанските публикации да го насочуваме да биде во чекор со приливот на духовната храна, а исто така би требало да земеме од сѐ што се наоѓа на духовната трпеза, вклучувајќи ги подлабоките вистини.
15 Дали во молитва преземаме напор да стекнеме разбирање на тврдата храна? Одржувањето на чекорот бара нашето сознание и разбирање да напредуваат понатаму од основното, зашто читаме: ”Секој кој се храни со млеко, не ја познава речта на праведноста, зашто е мало дете. Но тврдата храна е за зрелите, кои преку употреба ја извежбале својата моќ за разликување на доброто и злото“ (Евреите 5:13, 14, NW). Да, духовниот напредок е пресуден дел во одржувањето на чекорот којшто го одредува Божјата организацијата.
Да не се одвратиме поради рамнодушноста
16, 17. Како постапувал Езекиел спрема рамнодушноста, исмејувањето и слабиот интерес?
16 Езекиел исто така поставил одличен пример со тоа што бил послушен и што не дозволил да го одврати рамнодушноста и исмејувањата. Слично на тоа, следејќи го развојот на чистиот јазик, во согласност сме со водството на кралскиот Возач на колата. Така сме опремени да одговориме на неговите заповеди, зајакнати да не се одвратиме поради рамнодушноста или исмејувањата од оние на кои им ја говориме Јеховината порака на осуда. Како што сторил со Езекиел, Бог однапред нѐ предупредил дека некои луѓе жестоко ќе се противат и дека ќе бидат тврдоглави и со тврди срца. Други нема да слушаат бидејќи не сакаат да го слушаат Јехова (Езекиел 3:7-9). Други пак ќе бидат лицемери, како што стои во Езекиел 33:31, 32: ”И тие ќе доаѓаат при тебе како на собирание народно и Мојот народ ќе седи пред лицето твое и ќе ги слуша зборовите твои, но нема да ги извршува; оти тие од тоа во устата своја си прават шеги, а срцето нивно се вовлекува по нивната лакомост. Па, ете, за нив ти си пеач со пријатен глас и кој убаво свири: тие ги слушаат твоите зборови, но не ги исполнуваат.“
17 Каков ќе биде резултатот? Во 33. стих се додава: ”А кога ќе дојде тоа, — а, еве, веќе иде, — тогаш ќе познаат, дека меѓу нив се покажало дека имало пророк.“ Овие зборови откриваат дека Езекиел не се предал поради слабата реакција. Рамнодушноста на другите не го направила да биде рамнодушен. Сеедно дали луѓето слушале или не, тој го слушал Бог и го исполнувал својот налог.
18. Кои прашања можеш да си ги поставиш?
18 Јеховината видлива организација сега го засилува објавувањето дека сите мораат да се плашат од Бог и да му оддадат слава. Дали истрајуваш кога те критикуваат поради храбриот став во давањето сведоштво за Царството и поради тоа што водиш морален начин на живот? Дали цврсто стоиш кога си цел на притисокот поради неприфаќање крв, поради тоа што не ги обожаваш државните симболи и што не ги славиш светските празници? (Матеј 5:11, 12; 1. Петрово 4:4, 5).
19. Што се однесува до водството, што ќе правиме ако одиме во чекор со Јеховината небесна кола?
19 Таквиот начин на постапување не е лесен, но оние кои издржат до крај ќе бидат спасени (Матеј 24:13). Со Јеховина помош, нема да дозволиме светските луѓе да нѐ направат како нив и да нѐ спречат од одењето во чекор со Јеховината небесна кола (Езекиел 2:8; Римјаните 12:21). Ако одиме во чекор со ангелската организација слична на кола, брзо ќе постапуваме по упатствата и насоките што ги добиваме преку Божјата видлива организација. Јехова нѐ обезбедува со она што ни е потребно за да им одолееме на нападите на нашата вера, да го одржиме нашето разбирање на Речта на животот и да ги задржиме очите на духовните вистини сосредоточени на Кралскиот Возач на небесната кола.
Поттикнати да одиме во чекор
20. Кои мисли запишани од Езекиел би требало да нѐ поттикнат да го задржиме чекорот?
20 Визијата на Езекиел би требало да нѐ поттикне да одиме во чекор. Тој не објавил само Божји осуди на Израел, туку исто така запишал пророштва за обновата. Езекиел укажал на Оној кој ќе има законско право да владее на Јеховиниот престол во одредено време (Езекиел 21:27, NW). Тој Царски Слуга, ”Давид“, повторно ќе го собере Божјиот народ и ќе го води (Езекиел 34:23, 24). Иако ќе бидат нападнати од Гог од Магог, Бог ќе ги ослободи, а неговите непријатели ќе бидат присилени да ’го познаат Јехова‘ дури и кога ќе одат во уништување (Езекиел 38:8-12; 39:4, 7, NW). Тогаш Божјите слуги ќе се радуваат на бескраен живот во еден систем на чисто обожавање, вклучувајќи го духовниот храм. Водите на животот кои течат од храмот ќе бидат извор на храна и оздравување, а наследувањето на земја ќе биде доделено за нивни благослов (Езекиел 40:2; 47:9, 12, 21).
21. Зошто улогата на денешните Јеховини сведоци е поитна од онаа на Езекиел?
21 Колку возбудливо мора да било за Езекиел запишувањето на тие пророштва! Но, улогата на Јеховините денешни Сведоци е поголема. Ние живееме во време кога некои од тие пророштва се исполнуваат. Всушност, ние сме активни учесници во одредени исполнувања. Дали со својот живот го покажуваме нашето уверување дека Исус сега владее како Оној кој има законско право? Дали сме лично уверени дека Јехова наскоро самиот ќе се посвети и дека ќе ги ослободи во својот нов свет оние кои одат во чекор со неговата организација? (2. Петрово 3:13). Таквото уверување, заедно со делата на верата, докажува дека навистина одиме во чекор со Јеховината небесна кола.
Продолжи да одиш во чекор
22. Што може да се стори за да избегнеме да бидеме одвлечени и да задржиме чист духовен поглед?
22 Кога ја ставиме ’раката на ралото‘, не смееме со копнеж да гледаме назад на било што кое светот го нуди (Лука 9:62; 17:32; Тит 2:11-13). Затоа би требало да ја обуздаме секоја склоност да трупаме богатство на Земјата и да задржиме едноставно око насочено кон Царството (Матеј 6:19-22, 33). Ако го поедноставиме нашиот живот и ги отфрлуваме светските вредности секаде кадешто можеме, тоа ќе ни помогне да одиме во чекор со Јеховината организација (Евреите 12:1-3). Работите кои ни го одвраќаат вниманието можат да ја затемнат нашата визија на небесната кола и нејзиниот Возач. Но, со негова помош, можеме да го задржиме чистиот духовен поглед, како што сторил и Езекиел.
23. Што треба да прават верните Сведоци во корист на новите?
23 Дел од нашата одговорност како Јеховини сведоци вклучува да им помагаме на многуте нови да одат во чекор со Божјата небесна кола. Во 1990. скоро 10 000 000 лица присуствувале на свеченоста во Спомен на смртта на Исус Христос. Иако многу од тие лица можеби присуствувале на неколку христијански состаноци, сепак треба да ја увидат важноста да напредуваат со Јеховината видлива организација. Како верни Сведоци, можеме да им помогнеме со духот што го покажуваме и со охрабрувањето кое им го пружаме.
24. Што би требало да правиме во ова време на кулминација?
24 Ова е време на кулминација. Со очите на верата ја видовме небесната кола како застанува пред нас. Кралскиот Возач на колата ѝ дал на својата видлива организација налог да им проповеда на народите, така што на крајот сите ќе знаат кој е Јехова (Езекиел 39:7). Искористи ја на најдобар начин таа величествена можност да учествуваш во оправдувањето на Божјиот суверенитет и посветувањето на неговото свето име одејќи во чекор со Јеховината небесна кола.
Како би одговорил?
◻ Каков пример ни оставил Езекиел со оглед на доделениот налог?
◻ Што значи да се задржи чекорот со Божјата организација?
◻ Како гледал Езекиел на Јеховините зборови?
◻ Како можеме да го следиме примерот на Езекиел кога се соочуваме со рамнодушност?
◻ Што би требало да ги поттикне Јеховините слуги да одат во чекор со небесната кола?
[Слики на страница 15]
Што е потребно за да се оди во чекор со Јеховината небесна кола?
[Слика на страница 16]
Езекиел го ценел својот налог даден од Бог. А ти?