Кога навистина ќе дојде траен мир?
”ВОЈНАТА е една од константите на историјата, и не исчезна со цивилизацијата или демократијата“, напишале Вил и Ариел Дјурант во нивната книга The Lessons of History. ”Мирот е нестабилна рамнотежа која може да истрае само со признавање на надмоќна или еднаква сила.“
Навистина, и покрај интензивните напори, трајниот мир е толку далеку од човештвото. Зошто? Проблемот е во тоа што причините за војна се многу подлабоко вкоренети отколку политичките, територијалните или социјални борби кои ги гледаме на површината. Дјурантови забележале: ”Причините за војна се исти како и причините за ривалство помеѓу индивидуите: алчност, борбеност и гордост; желбата за храна, земја, материјални богатства, гориво, превласт“.
Меѓутоа, Библијата посебно ги идентификува главните причини за борби и војни меѓу поединците и тоа на широка основа. Читаме: ”Од каде се војните и расправиите меѓу вас? Не оттаму ли — од вашите похоти, кои се борат во органите ваши? Пожелувате и немате; убивате и завидувате, и не можете да добиете; се препирате и војувате“ (Јаков 4:1, 2).
Тогаш, прашањето се сведува на следново: за да дојде до вистински мир, мораме да ги елиминираме не само симптомите — војни, востанија, државни удари, револуции, туку исто така и коренските причини: сомневањањата, алчноста, омразата, непријателствата, и тоа кај сите луѓе. Тие мораат да бидат заменети со дела кои се во склад со несебичните особини, како што се љубов, љубезност, доверба и великодушност. Дали постои некој кој е способен да го постигне тоа? Ако тоа зависи од несовршените, смртни човечки жители на Земјата, одговорот би бил ”не“. Но, постои некој за кого тоа не е претешко. тоа е оној кој го има одговорот на прашањето: Кога мирот навистина ќе дојде?
Оној кој може да донесе мир
Пред околу 28 века, пророкот Исаија бил инспириран да изјави: ”Зашто ни се роди дете, син ни е даден; на рамењата ќе му биде кнежевска власт. И неговото име ќе биде: Прекрасен Советник, Силен Бог, Вечен Татко, Кнез на мирот. На изобилството од кнежевската власт и мирот нема да има крај“ (Исаија 9:6, 7, NW).
Идентитетот на оној кој ќе донесе бескраен мир, бил откриен подоцна, а тоа не е никој друг туку Исус Христос, ”Синот на Највишиот“ (Лука 1:30-33; Матеј 1:18-23). Но, зошто тој ќе успее токму таму кадешто останатите кнезови и владетели промашиле? Пред сѐ, да забележиме дека ветеното ”дете“ не требало да остане засекогаш беспомошно детенце, како што го цртаат некои. Напротив, тој требало да покаже ”кнежевска власт“ како ”Кнез на мирот“, на вечен благослов на човештвото.
Исусовото владетелство ќе постигне многу повеќе. Како ”Прекрасен Советник“ кој има извонредно разбирање за човечката природа и најголема способност, тој ќе биде во состојба да допре до сржта на спорните прашања и да ги реши тешките проблеми со кои се соочуваат и од кои се разочаруваат светските владетели денес (Матеј 7:28, 29; Марко 12:13-17; Лука 11:14-20). Потоа, како ”Моќен Бог“, воскреснатиот божествен, Исус Христос, сега поставен на престолот на небесата како Месијански Цар, ќе дејствува за мирот така што во поголем размер ќе го повтори она што го правел додека бил на Земјата — оздравување на оние со неизлечиви болести, обезбедување на мноштвото луѓе со храна и пиење, па дури ќе го контролира и времето (Матеј 14:14-21; Марко 4:36-39; Лука 17:11-14; Јован 2:1-11). Како ”Вечен Татко“, Исус има моќ да ги врати во живот оние кои починале во смрт и да им даде вечен живот. Тој самиот ќе живее засекогаш, давајќи гаранција на тој начин дека неговата влада и мирот нема да имаат крај (Матеј 20:28; Јован 11:25, 26; Римјаните 6:9).
Така опремен, Исус Христос сигурно е оној кој е способен да се соочи со длабоковкоренетите причини на војните и борбите. Тој нема само да оствари мировен пакт или план за таканаречена мирољубива коегзистенција меѓу народите, за да само биде срушен со нова војна. Наместо тоа, ќе ги смени сите политички, територијални, социјални и економски нееднаквости така што ќе го доведе човештвото под една влада, владата на неговото Месијанско Царство. Водејќи ги луѓето во обожавањето на единствениот вистинит Бог, Јехова, тој ќе ја отстрани главната причина за војните — лажната религија. Нема сомневање дека Исус Христос, Кнезот на мирот, ќе го исполни сето тоа. Прашањето е, кога?
Настани кои ќе доведат до траен мир
По своето воскресение и вознесување на небото 33. н. е., Исус требало да чека на одреденото време за да стапи во акција. Тоа било во согласност со Јеховината одлука: ”’Седи од Мојата десна страна, додека ги ставам непријателите Твои во подножјето на нозете твои‘. Жезалот на Твојата сила ќе ти го прати Господ од Сион: владеј меѓу непријателите Свои“ (Псалми 109:1, 2; Лука 22:69; Ефесјаните 1:20; Евреите 10:12, 13). Кога ќе се случи тоа? Веќе над 70 години, Јеховините сведоци ја објавуваат ширум светот добрата вест дека Исус Христос почнал да владее како Цар во Божјето Царство на небото во 1914 година.a
Но можеби ќе речеш: ”Не постоел мир од 1914. Напротив, од тогаш па наваму условите станале уште полоши“. Апсолутно си во право. Тоа навистина докажува дека настаните се одигруваат како што било проречено. Библијата ни кажува дека токму во времето кога ’царството на светот станало царство на нашиот Господ и на Неговиот Христос, . . . се разгневија народите‘ (Откровение 11:15, 18). Наместо да ѝ се подложат на владата на Јехова Бог и неговиот Кнез на мирот, народите се втурнале во безумна борба за светска превласт и покажале гнев особено против христијаните кои давале сведоштво за Божјето воспоставено Царство.
Книгата Откровение исто така открива дека веднаш откако Христос дошол во Царска моќ, тој презел акција да ги отстрани Сатана и неговите демони од небото: ”Сега настана спасението и силата и царството на нашиот Бог и власта на неговиот Христос, бидејќи е симнат клеветникот на браќата наши, кој ги клеветеше пред нашиот Бог дење и ноќе“. Со кој резултат? Извештајот продолжува: ”Затоа веселете се, небеса, и вие, кои живеете на нив! Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто Ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време!“ (Откровение 12:10, 12).
Последниот знак
Ова ни дава увид во тоа зошто народите не биле способни да постигнат мир и покрај сите свои настојувања. Големиот гнев на Ѓаволот, кој се огледува во гневот на самите народи, го бранува и (го) збркува народот како никогаш порано во човечката историја. Кога ќе му дојде крај на сето тоа? Библијата ни дава еден важен патоказ: ”Кога ќе речат: ’Мир и безбедност!‘, тогаш врз нив ќе дојде ненадејно уништување“ (1. Солунјаните 5:3, NW).
Дали го цениш значењето на ова предупредување? Светските настани какви што ги опишавме во претходната статија, покажуваат дека многу владетели и многу луѓе говорат за мирот и посегаат по него како никогаш порано. Некои мислат дека со исчезнувањето на студената војна, заканата од нуклеарен холокауст е нешто што му припаѓа на минатото. Да, народите многу говореле за мирот и безбедноста. Но, дали светската ситуација оди во тој правец? Сети се, Исус рекол за оние кои живеат во последните денови, почнувајќи од 1914: ”Вистина ви велам: нема да премине овој род, додека сето тоа не се исполни“ (Матеј 24:34). Да, мирот навистина ќе дојде уште за животот на оваа генерација, но не преку напорите на народите. Цврсто втемелениот, вистински и праведен мир кој го ветил Јехова Бог, може да дојде само преку идната влада на неговиот Кнез на мирот, Исус Христос (Исаија 9:7).
Ако копнееш да го дочекаш денот кога навистина ќе биде мир и ако сакаш да го доживееш заедно со своите сакани, тогаш гледај на Кнезот на мирот и задржи ги добро во мислите неговите уверливи зборови: ”Бидете будни во секое време и молете се, за да го избегнете сето она, што ќе настане, и да се исправите пред Синот Човечки“ (Лука 21:36).
[Фуснота]
a Поединости за библиската хронологија и исполнетите библиски пророштва можеш да најдеш во книгата Да дође Краљевство твоје, поглавја 12 до 14, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Рамка на страница 6]
ДЕФИНИЦИЈА ЗА МИР
Повеќето луѓе денес мислат дека мирот значи отсуство на војна или борба. Меѓутоа, ова е само штура дефиниција на зборот. Во библиски времиња зборот ”мир“ (еврејски шало́м) или изразот ”Мир со вас!“ бил употребуван како вообичаена форма на поздрав (Судиите 19:20; Даниел 10:19; Јован 20:19, 26). Очигледно е дека тоа не се однесува само ан отсуството на војна. Забележи што за оваа работа вели книгата The Concept of Peace: Кога зборот шалом е употребен за мир, тогаш што го имале на ум оние кои првобитно го употребувале, била состојбата на светот или човечкото општество во кое постои потполност, единство, целовитост, изобилство, . . . Таму кадешто постои мир, и целината и нејзините составни делови го достигнале своето максимално и оптимално ниво на постоење.“ Кога Бог ќе донесе мир, нема само човекот ”повеќе да не се учи на војна“, туку ’секој ќе седи под својата винова лоза и под својата смоква‘ (Михеј 4:3, 4).
[Слика на страница 7]
Отсуството на мирот бил жестоко почувствуван од I. Светска војна наваму