Предизвикот да се сее семето на Царството во јужен Чиле
КОЛКУ е прекрасно да се оди по тивкиот селски пат во јужен Чиле! Стоката мирољубиво пасе по полињата посадени со дрвја, со величествени вулкани со снежни врвови во позадината. Можеш да го слушнеш црцорењето на птиците и шушкањето на лисјата на ветрот. Колку идилична да изгледа ваквата околина, овде постојат и предизвици за оние кои го сеат семето на вистината за Царството.
Дали би сакал да се запознаеш со некои од нашите пионери, односно полновремени објавители на Царството? Како би било да поминеш ден-два со нив додека ја проповедаат добрата вест? Прво, да слушнеме како Џејми и Оскар ги опишуваат привлечностите и предизвиците на таков ден во јужен Чиле.
Еден ден во проповедање
”Почнуваме да се будиме и стануваме свесни за студот кој влегол во нашето мало живеалиште. Со волнени чорапи и уште со капа на главата, Оскар станува од креветот. Го пали шпоретот на дрва, ја пали малата плинска греалка за да го истера студот од собата, и се враќа назад во топлиот кревет. Надвор е сѐ уште темно, и го слушаме дождот што паѓаше цела ноќ. Погледнуваме низ прозорецот, а потоа еден во друг. Ах, колку би било убаво денес да бидеме слободни! Тогаш се сеќаваме на плановите за тој ден и за потребата да работиме во едно оддалечено подрачје кое минатата година воопшто не беше достигнато. Мотивирани сме да тргнеме.
По патот пред осум часот, одиме со брзи чекори и се надеваме дека некој ќе застане да нѐ качи или дека ќе наиде автобус, за да го забрзаме нашето патување до патиштата во внатрешноста кои водат до изолираните куќи и селца на нашето подрачје. Наидува трактор влечејќи приколица со неколку работници во неа. Возачот застанува и ни дозволува да се качиме. Среќни сме што, благодарение на синоќешниот дожд, денес сме поштедени од вообичаеното искуство да патуваме во облак од прашина. Додека се возиме со потскокнување, ја споделуваме добрата вест со земјоделските работници. Кога е време да слеземе, им даваме неколку списанија. Колку сме благодарни за ова возење кое ни заштеди 12 километри одење пеш!
Ќе биде тоа долг ден додека одиме надолж и нашир по тој крај во потрага по оние кои се достојни. Кога започнавме со нашата задача, не можевме да разбереме зошто луѓето се согласуваат со она што им го кажуваме, но не изгледаа спремни да земат библиска литература. Дознавме дека тоа било често така бидејќи не знаат да читаат. Затоа, наоѓаме за корисно да истакнеме дека нашата литература е прекрасен подарок за нивните деца и роднини, кои пак, би можеле со нив да ја споделат содржината. Повеќето од оние со кои разговараме немаат многу во поглед на материјалните работи од овој свет. Но, бидејќи се среќни да го споделат она што го имаат, штом ќе примат библиска литература, често ни даваат јајца, компири, репа, кромид, грав, леќа и гарбанцо [слануток].“
Џејми научи да дава приговори кога домаќинот сака да даде нешто за библиската литература што ќе ја добие. Зошто? Во една прилика, пионерите се вратија со 15 килограми зеленчук, а еден од нив мораше да носи живо пиле во ташната со книги скоро цел ден! Џејми често предлага меркен, вкусно јадење подготвено од чили-пиперки и зачини. Извештајот продолжува:
”Преминувајќи ги полињата, наидуваме на некои рукас [куќи] од доморотците Мапуче [кое значи ”луѓе од оваа земја“]. Тешко е да се разговара со постарите Мапуче, зашто повеќето го зборуваат само својот домородечки јазик. Кога има помлади во близина, често служат како преведувачи. Како што се движиме подлабоко во селското подрачје, се среќаваме со луѓе кои никогаш не виделе Библија ниту посетиле некој поголем град како Темуко, главниот град на покраината. Тоа претставува предизвик да им се помогне да разберат како состојбата во светот се влошува. Мораме тоа да го правиме чекор по чекор, и да им покажеме како локалните проблеми го одразуваат она што се случува на друго место.
Како што денот одминува, нашите уморни нозе бараат одмор. Времето наизменично се менува помеѓу блескаво сонце и налет од дожд, кое чадорот го прави бескорисен. Неодамна изораните полиња ги оставаме зад себе со кал на чизмите. Кога ги слушнеме зборовите пасе но мас (”Влезете внатре“), со благодарност влегуваме во кујната и уживаме во топлината на шпоретот на дрва, во ”кафето“ направено од житарици, во мекото бело сирење и во тазе домашниот леб. Ах, тој вкусен мирис на тазе леб!
Со обновена сила, продолжуваме во раната квечерина, преминувајќи ги полињата ретко заградени со огради, иако може да се најдат некои житни полиња заградени со грмушка наречена пика-пика, зимзелена метлика со жолти цветови. Бидејќи сонцето наскоро ќе зајде и мораме да стигнеме до другиот главен пат за да го фатиме последниот автобус назад за в град, нашето одење пеш 20 километри наскоро ќе заврши.
Се враќаме здрави и живи, уморни но среќни, затоа што водевме многу пријатни разговори со луѓе слични на овци. Отколку малку каснавме, го анализираме изминатиот ден а потоа ги довлечкуваме уморните тела в кревет.“
Посета во Чилое́
Архипелагот Чилое́ се состои од бројни мали острови. Неговиот главниот остров е долг 180 километри и има зелени брда разделени со мали езера. Каде и да одиш можеш да видиш прекрасни приморски сцени и старински рибарски села!
Во градот Ачао, близу до главниот остров, ги наоѓаме Рубен и Сесилија. Кога пристигнаа во март 1988, месниот свештеник ги предупреди луѓето ’да не го слушаат брачниот пар кој шета по целиот остров и зборува за Библијата‘. Неговите негативни коментари им го затворија разумот на некои, но побудија љубопитство кај други. Со тек на времето, Рубен и Сесилија водеа 28 библиски студии. Многу од студиите беа водени со наставници, од кои четворица ги корисетаа публикациите на Стражарска кула ”All Scripture Is Inspired of God and Beneficial“ (Сето Писмо е од Бог инспирирано и корисно) и Моја књига библиских прича на часовите по религиозно воспитување во своите училишта.
Јехова се грижи за тие пионери кои работат напорно и кои минуваат по 34 километри на ден проповедајќи го Царството и создавајќи ученици (Матеј 24:14; 28:19, 20). Еден ден, додека Рубен и Сесилија оделе по патеката која се граничи со плажата, забележале на осеката изобилство од чоритоси (вид школка) кои биле на дофат на рака. Рубен ја почнал бербата, но како ќе ги однесат дома? Сесилија го решила проблемот. Нејзините чорапи станале торби. Пионерите така заработиле вкусна вечера од морска храна!
Северно од Ачао, двајца полновремени проповедници на Царството, познати како специјални пионери, се поврзани со малото собрание во Линао. Делото на проповедање таму започнало во 1968, а првиот сведок на Јехова во Линао бил крстен во 1970. Четири години овој брат бил сам во делото на проповедање и морал да поднесува исмејување од членовите на семејството и познаниците. Конечно, во 1974, неговата жена поволно реагирала на библиската вистина и се крстила. Потоа следело крштевање на четворица телесни браќа, четири сестри, четворица стриковци, шест внука и еден шура и неговата жена. Собранието кое таму се формирало било едно големо семејство. Со тек на времето, тројца од петте браќа почнале да служат како старешини а еден како слуга помошник.
Луиза и Хуан се полновремени проповедници кои се сосредоточени да го сеат семето на Царството во Квемчи, мало гратче на 30 километри од Линао. Секој ден ги прескокнуваат оградите и минуваат по полињата со густа вегетација, и одат по брдата, со ветрот и дождот како постојани придружници. За да стигнат до блиските острови, користат мали чамци кои одат до островот Чилое́ двапати или трипати неделно. На секој остров остануваат по неколку дена. Патувањето од остров до остров за оној кој не е навикнат на море може да биде мачно, но гостопримството и љубезноста на луѓето од островите тоа изобилно го надоместуваат. На Луиза и Хуан им се придружи уште еден објавител на Царството, и заедно се обидуваат да ги достигнат 11 500-те жители на своето подрачје. Иако порастот бил бавен, Луиза и Хуан биле пресреќни кога на Спомен-свеченоста 1989 биле присутни 36 души.
Назад на копно
Продолжувајќи на север, го преминуваме каналот Чакао и стигнуваме на копното. На тоа големо подрачје кое ги опфаќа издвоените групи во Маули́н, Карелмапу и Паргуа, работат пионерите Рамон и Ирена. Сведоците од островот Чилое́ одат пеш еден час, а потоа се качуваат на трансбордадор (траект) да го преминат теснецот и да присуствуваат на христијанските состаноци во Паргуа. Рамон патува еден час и 20 минути со автобус од Маули́н да ги води состаноците на кои воглавно присуствуваат двапати повеќе луѓе отколку што има објавители. Зошто е потребно толку многу време за да се поминат само 38 километри? Затоа што автобусот застанува долж целиот пат за да ги земе патниците натоварени со торби со овошје и зеленчук, вреќи со компири и кромид, а понекогаш дури и со живи прасиња и кокошки. Сѐ што не може да се смести на покривот од автобусот оди внатре. Конечниот резултат е долго патување со многу мириси, глетки и звуци.
Бидејќи многу малку од овие пионери имаат автомобили, да се пропушти автобусот кој оди од еден град во друг значи долго пешачење, освен ако некој не се понуди да те повезе. Додека Рамон и еден интересент се возеле со еден возач, тој го прашал: ”Како реагираат луѓето на вашата работа?“ Забележувајќи ги нивните љубопитни погледи, возачот рекол: ”Јас сум свештеник во ова село, а вие сте Јеховини сведоци. Добро го познавам вашето дело и ми се допаѓаат вашите списанија.“ Тоа била вистинска седница пред да ги остави во Паргуа кога било време за состанок. Свештеникот сигурно нашол одговор и на многу други прашања бидејќи продолжил да ги чита нашите списанија.
На Рамон и Ирена не им е секогаш лесно да стигнат до домовите каде што водат библиски студии. Некои се наоѓаат преку реката Маули́н или во изолирани рибарски села, и до нив мора да се дојде со мал чамец. Иако силните дождови можат да бидат обесхрабрувачки, било јасно дека истрајноста што тие и 18-те други објавители на Царството растурени низ целото тоа селско подрачје донела плод кога на Спомен-свеченоста се собрале 77 души.
Во Лос Муермос полновремените проповедници за Царството Хуан и Гледис воделе 23 библиски студии. Долгото одење пеш по калливите патишта биле наградени кога семето на Царството фатило корени во срцата на послушните луѓе. Во едно оддалечено подрачје на приморскиот планински венец близу Естакилја, Хуан и Гледис обработувале подрачје кое никогаш порано не било посетено. Замолиле еден човек кој ја проучувал Библијата дали може да им го позајми коњот за тој ден. ”Се разбира“, одговорил тој. ”Смеам ли да појдам со вас?“ Хуан набргу сфатил дека тоа морало да биде под Јеховино водство. Би било лесно да се загубат во густата шума, но интересентот добро го познавал подрачјето и ги водел до куќите кои не се гледаат од планинските патеки. Со болки после девет часови одење пеш или јавање на коњ, еден од специјалните пионери го запрашал интересентот како се чувствува. Човекот одговорил: ”Единствено што ви барам е да ме земете со вас и друг пат.“ Овој благодарен човек продолжил духовно да напредува и се крстил во јануари 1988. Неговата жена се крстила на еден покраински состанок.
Во текот на посетата на покраинскиот надгледник, 11-те објавители на Естакилја биле одушевени кога на јавното предавање присуствувале 110 души. Во едно мало гратче со 1 000 жители близу Лос Муермос, 66 души биле присутни на Спомен-свеченоста. Значи, има многу да се работи на оваа голема нива (Матеј 9:37, 38).
Понатаму на север, ги наоѓаме пионерите Алан и Фернандо. Додека еден ден оделе пеш по прашливиот пат, еден возач им понудил да се качат на приколицата од неговиот камион. Кога слегле, морале да се смеат, бидејќи од глава до петици биле покриени со дебел слој прашина. Смисолата за хумор и радоста при водењето на 20 библиски студии им помогнала да ги пребродат таквите неугодности. И замисли ја нивната радост кога на Спомен-свеченоста присуствувале 65 лица и кога следниот месец во делото на проповедање им се придружиле првите двајца месни жители!
Преминување преку Био-Био
Да се достигнат луѓето слични на овци блиску до Андите, треба да се помине една клисура со бучните води на реката Био-Био длабок 50 метри. Тоа се прави преку кревка дрвена конструкција обесена на дебело јаже што се протега преку клисурата. Со некое лошо претчувство, се качуваш и ја задвижуваш лост-рачката што ја ослободува платформата да оди по јажето. Се фаќаш за оградата од платформата додека вешто се движиш преку средината на клисурата, каде се нишаш до застој. Откако земаш здив, туркаш уште еден лост напред-назад, и полека сантиметар по сантиметар одиш преку другата половина. Ова сигурно не е за плашливите! Сепак, една сестра го прави ова секоја недела за да стигне до луѓето слични на овци во едно оддалечено планинско село!
Прекрасниот пример што го покажуваат пионерите и другите објавители на Царството ги охрабруваат заинтересираните кои имаат срца полни со ценење да преземат соодветни напори за да присуствуваат на христијанските состаноци (Евреите 10:24, 25). Едно семејство патува 40 километри јавајќи на коњ до реката Био-Био, а потоа оди пеш уште 12 километри до Царската сала.
На што се сеќаваат пионерите кога ќе се осврнат на сите изминати години? На вулканите со снежни врвови,прекрасните полиња и брзите реки? На прашината, дождот, калтта и долгите пешачења? Да, но посебно се сеќаваат на пријателскиот народ кој поволно реагирал на добрата вест. Ваквите луѓе слични на овци сигурно се вредни за сетиот труд. Колку е радосно да се сее семето на Царството во јужен Чиле!