Сведочење во Франција — земјата на разновидности
ФРАНЦИЈА е земја на голема разновидност. Величествени планини, брановидни ридови, карпести гребени издлабени од бури, топли песочни плажи, широки житни полиња, мали оградени фарми, пространи лозја, пасишта, зимзелени борови и листопадни шуми, селца и поголеми села, гратчиња и модерни велеградови — сето тоа е Франција, и многу повеќе од тоа.
Иако голем дел од природата го задржала својот шарм, француската општествена сцена доживеала брзи промени во последните години. ”Француското општество не минува низ период на криза“, вели изданието на Francoscopie (Франкоскоп) од 1989, ”туку низ вистински пресврт. Општествените структури, вредости, културни мерила и односи доживуваат длабоки промени со забрзани чекори.“
Овие драстични промени се одразиле и на религиозното подрачје. Иако католицизмот сѐ уште е најброен, тој сега е повеќе традиција отколку религија, без никакво влијание врз животот на повеќето членови. Растечката рамнодушност кај луѓето во поглед на духовните вредности го запрела порастот на црквите.
Во остра спротивност на тоа, активноста на Јеховините сведоци во Франција напредувала брзо во изминатите неколку години. Од Алзас на североисток до Бретања на Атлантикот, од високите Алпи до ниската долина на Лоара, па дури и на медитеранскиот остров Корзика, Сведоците се соочуваат со различни околности и наидуваат на луѓе со различно потекло. Да направиме една сликовита прошетка и да видиме како изгледа да се проповеда добрата вест за Царството во Франција, земјата на разновидности (Матеј 24:14).
АЛЗАС
Провинцијата Алзас на границата со Германија е позната по своите лозја и прекрасни цветни села. Стразбур, нејзиниот главен град, некогаш бил протестантско упориште од времето на реформацијата, а Алзашаните воглавно имаат здраво почитување за Библијата. Јеховините сведоци ја проповедале добрата вест во овој регион уште во почетокот на овој век. Денес делото е добро втемелено, како што покажува искуството на една млада сестра по име Силви, која ја искористила приликата да проповеда во училиштето.
Во една дискусија со неколкумина школски другари, Силви ја изнела целта на животот и изгледите за иднината. Едно момче покажало доволно интерес и се согласило Силви и други Сведоци да го посетат дома. ”Иако ова католичко момче служеше како олтарник во црквата, имаше многу прашања на кои никогаш не добил одговор“, рекла Силви. ”Ја употребивме Библијата за да одговориме на некои од нив, и тој прифати редовна библиска студија.“ Младиот човек се крстил по една година и после оспособувањето ја прифатил полновремената служба како општ пионер. Исто така и Силви оттогаш ја прифатила таа предносна служба.
БРЕТАЊА
Бретања, која излегува на Атлантскиот Океан, е провинција со строга католичка традиција. Меѓутоа, благодарение на истрајните напори на Јеховините сведоци, сѐ поголем број луѓе во ова подрачје ја прифаќаат пораката за Царството. Еве еден пример за тоа што се случува во овој северозападен регион на Франција.
”Една млада брачна двојка се всели во апартманот над нас“, раскажува една жена од месните Јеховини сведоци. ”По некое време ја сретнав младата жена на скалиштето со своето синче во рацете. Кога дознав дека неговото име е Јонатан, ја прашав дали го знае потеклото на тоа име. ’Мислам дека е од Библијата, но тоа е сѐ што знам‘, одговори таа. Таа го сослуша објаснението што ѝ го понудив и спомна дека таа и нејзиниот сопруг се интересираат за Библијата. И покрај тоа што водевме натамошни разговори, ништо конкретно не испадна од тоа.
Нешто подоцна, оваа двојка ме запраша за совет околу извесни проблеми. Јас ја употребив Библијата за одговор, а тие беа импресионирани од информациите кои им ги понудив. Ги повикав уште еднаш да ја проучиме Библијата. Следниот ден младата жена се согласи. По неколку недели нејзиниот сопруг се придружи. Сега и двајцата се крстени Сведоци.“
АЛПИТЕ
Алпите се прочуени по своите спектакуларни предели. Луѓето одат таму за да се одушевуваат од величествените врвови, особено од Мон Блан, највисокиот врв во Западна Европа. И во овој регион бројот на објавителите на Царството кои го слават Творецот е во пораст. Луѓе од сите старости и од секакви животни занимања стапуваат во нивните редови, како што покажува следниот извештај.
Четворица младинци во ова подрачје забележале вистински рекорд. Краделе автомобили и други предмети од вредност, честопати се опивале, употребувале и ”шиткале“ дрога и биле вплеткани во проституција и спиритизам. Биле невработени и честопати во судир со полицијата, и сите тие веќе биле в затвор. Меѓутоа, сите четворица имале слушнато за вистината во своите домови, бидејќи нивните семејства одвреме навреме проучувале со Јеховините сведоци.
По неколку години разуздан живот, еден од младичите се променил во своето срце и одлучил да му служи на Јехова. Тоа предизвикало верижна реакција. Еден ден полицијата вршела редовна проверка и му рекле на едното од момчињата да ја отвори својата торба. Очекувајќи да најдат дрога или украдени работи, тие биле изненадени кога нашле само Библија и неколку брошури. Младиот човек ја употребил Библијата да им објасни што ги предизвикало тие промени во неговиот живот. Бидејќи му било тешко да поверува, еден од полицајците прашал: ”Сакаш да кажеш дека повеќе не пушиш, не пиеш и не земаш дрога?“ Најпосле полицаецот го прифатил објаснувањето и го пуштил без да му прави натамошни проблеми. Денес овие четворица млади луѓе се крстени и сите служат во своето собрание како слуги помошници, а тројца од нив се општи пионери.
ДОЛИНАТА НА РЕКАТА ЛОАРА
Долината на реката Лоара е наречена градина на Франција. Се протега од Орлеан, 110 километри јужно од Париз, па до устието на реката Лоара на атлантскиот брег. Овој регион е познат по своите многубројни замоци, некогашни резиденции и кралски ловечки куќи. Во сите поголеми градови во ова подрачје постојат собранија на Јеховините сведоци.
За време на училишниот одмор, малата Ема, отворено и срдечно шестгодишно девојче, се вратило во училницата да се поздрави со учителката. Изненадена кога ја видела учителката како пуши, таа почнала да плаче и истрчала надвор. Учителката отишла по неа и ја прашала зошто плаче, но Ема не сакала да каже ништо. Откако учителката инсистирала да ѝ каже, Ема липајќи одговорила: ”Затоа што пушите. Ќе се разболите и ќе умрете!“
Следниот ден учителката ја повикала мајка ѝ на Ема да ѝ каже колку ја трогнала реакцијата на нејзината ќерка. Така мајката ѝ го објаснила ставот на Јеховините сведоци спрема тутунот. Учителката потоа признала дека нејзиното семејство веќе ја молело да го остави пушењето, но без успех. Но, овој пат била толку трогната од искрениот одговор на Ема што престанала со пушењето за само два дена.
КОРЗИКА
Иако е наречен ”миризлив остров“, островот Корзика е познат и по остриот дух на своите жители кој често пати завршува со крвави одмазди. Со години Сведоците биле сметани за ”религија од континентот“. Сепак, моќта на библиската вистина ги променила срцата на многумина Корзиканци.
Еден неодамна крстен Сведок известува дека еднаш, враќајќи се од одмор, открил дека сѐ што можело да се понесе било украдено од неговата фарма. ”Имајќи доверба во Јехова“, признава тој, ”бев во можност да реагирам многу поинаку отколку што би реагирал во минатото.“ Додека разговарал со својот сосед, спокојно ја спомнал својата штета.
”Подоцна, некои соседи имаа проблеми. Ја оставив својата работа и отидов да им помогнам. По неколку дена еден од нив ме повика по телефон, молејќи ме да навратам што поскоро. Мислев дека повторно е во неволја, па отидов веднаш. Ме понуди да седнам и ме запраша: ’Знаеш ли зошто те викнав? Се работи за вашата покуќнина. Јас бев тој што ти ја украде. Но кога ја видов твојата љубезност и пријателскиот однос, си реков во себеси: ”Не можам да му го направам тоа!“ А откако ни помогна, не можам да спијам мирно ниту една ноќ‘“ Вистинското христијанство всушност доведува до добри резултати.
На крајот од Втората светска војна, кога делото на сведочење за Царството повторно се отвори, имаше само околу 1 700 Јеховини сведоци во целата земја. Задачата да се достигне сето население со веста за Царството изгледаше невозможна. Меѓутоа, со тек на годините, Јехова го благослови својот народ во Франција со потребната опрема — постројки за печатење, Царски сали, конгресни сали и така натаму — но и со дух на спремност да се изврши задачата. Денес пораката дека Јеховиното Царство под Христос е единствената надеж за човештвото, ја проповедаат преку 117 000 активни проповедници низ целата оваа земја на разновидности.
[Карта/слики на страница 23]
(Види во публикацијата)
ФРАНЦИЈА
БРЕТАЊА
ДОЛИНАТА НА ЛОАРА
АЛПИТЕ
АЛЗАС
АТЛАНТСКИ ОКЕАН
СРЕДОЗЕМНО МОРЕ
АНГЛИСКИ КАНАЛ
КОРЗИКА