Не промашувај ја целта на слободата дадена од Бог
„Каде е Јеховиниот дух, таму има слобода“ (2. КОРИНТЈАНИТЕ 3:17, NW).
1. Зошто Исаија 65:13, 14 се однесува на Јеховините сведоци?
ЈЕХОВА е Бог на слобода. Колкав благослов е слободата дадена од Бог! Бидејќи неговите предадени слуги имаат таква слобода, следниве зборови на Суверениот Господ Јехова се однесуваат на нив: „Гледај, моите слуги ќе јадат, а вие ќе гладувате; гледај, моите слуги ќе пијат, а вие ќе бидете жедни; гледај, моите слуги ќе се веселат, а вие ќе се срамите. Гледај, моите слуги ќе пеат од радост во срцето, а вие ќе викате од жалост во срцето и ќе пискате од тага во духот“ (Исаија 65:13, 14, ДК).
2. Зошто Јеховиниот народ е духовно напреден?
2 Божјиот народ ја ужива таа духовно напредна состојба бидејќи е воден од неговиот дух, или активна сила. Апостол Павле рекол: „Јехова е Духот; а кадешто е Јеховиниот дух, таму има слобода“ (2. Коринтјаните 3:17, NW). Која е целта на слободата дадена од Бог? И што се бара од нас за потполно да ја користиме?
Слободата што ја има Бог
3. Каков вид слобода има Бог, и зошто?
3 Само Јехова има апсолутна слобода. Ниедно од неговите суштества не може да ја ограничи Неговата слобода бидејќи тој е Семоќен Бог и Универзалниот Суверен. Како што рекол верниот човек Јов: „Кој ќе Му забрани? Кој смее да Го праша: што правиш?“ (Јов 9:12). Слично на тоа, вавилонскиот цар Навуходоносор бил принуден да признае: „Нема никој кој би му ја запрел раката [на Бог] и би му рекол: што правиш?“ (Данијел 4:35, ДК).
4. Како може Јехова да ја чува својата слобода во граници?
4 Меѓутоа, Јеховините лични праведни начела ја држат таа апсолутна слобода во граници. Тоа било прикажано кога Авраам изразил загриженост за жителите на Содом и прашал: „Зарем Судијата на целата земја нема да суди право?“ Божјиот одговор покажува дека тој ја признава одговорноста да го прави она што е исправно. Тој не би го уништил Содом ако во него останале некои праведни жители (1. Мојсеева 18:22-33). Бог исто така ја чува својата слобода во граници бидејќи неговата љубов и мудрост го прават бавен на гнев, а покажува и самосовладување (Исаија 42:14).
Ограничувања на човековата слобода
5. Кои фактори ја ограничуваат човековата слобода?
5 Иако Јехова има апсолутна слобода, сите други постапуваат во рамките на границите што им ги поставува нивната природа, способностите и подрачјето на живеење, како и факторите како што е сегашниов ограничен животен век на грешните луѓе. Бог го создал човекот со совршена слобода за да дејствува во рамките на подрачјето коешто Јехова му го одредил. И од многу други причини човековата слобода е ограничена, не е апсолутна.
6. Како одговорноста пред Бог влијае на нашата слобода?
6 Прво, човековата слобода е ограничена поради тоа што Бог го создал човекот за да ѝ служи на Неговата намера. Јехова е ‚достоен да ја прими славата, честа и силата, зашто Тој создал сѐ, и според Неговата волја постои сѐ и е создадено!‘ (Откровение 4:11). Значи, човекот е одговорен пред својот Творец кој со право поставил закони според кои луѓето треба да се владеат. Во стариот Израел кој бил под Мозаитски Закон, Бог барал да бидат погубени поединците кои го навредувале неговото име или кои го прекршувале Сабатниот закон (2. Мојсеева 20:7; 31:14, 15; 3. Мојсеева 24:13-16; 4. Мојсеева 15:32-36). Иако христијаните не се под Законот, нашата слобода е ограничена поради тоа што сме одговорни пред Јехова кој е наш Судија, Наредбодавач и Цар (Исаија 33:22; Римјаните 14:12).
7, 8. (а) Како физичките закони ја ограничуваат човековата слобода? (б) Кои други Божји закони ја ограничуваат нашата слобода како луѓе?
7 Второ, човековата слобода е ограничена поради Божјите физички закони. На пример, поради законот на гравитацијата, човек не може да скокне од облакодер без да се повреди или да се убие. Јасно е дека Божјите физички закони ја ограничуваат човековата слобода во правењето на одредени работи.
8 Трето, човековата слобода е ограничена поради Божјите морални закони. Најверојатно си забележал како се исполнило она што Павле го напишал во Галатјаните 6:7, 8: „Не лажете се: Бог не позволува да биде поруган. Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее: кој сее во телото свое, од телото ќе пожнее погибел; а кој сее во духот, од духот ќе пожнее вечен живот“. Неоспорно е дека моралните закони на Јехова Бог исто така ја ограничуваат нашата слобода, но послушноста спрема нив значи живот.
9. На кој начин тоа што сме дел од човечкото општество ја ограничува нашата слобода?
9 Четврто, човековата слобода е ограничена поради тоа што тој е дел од човечкото општество. Според тоа, треба да има слобода само до таа мера до која нема неправедно да се меша во слободата на другите. Христијаните мораат да бидат подложни на државните ‚претпоставени власти‘, и да ги слушаат сѐ додека не бараат да ги прекршиме Божјите закони (Римјаните 13:1; Дела на св. апостоли 5:29). На пример, мораме да ги слушаме законите за плаќање даноци, брзината со која возиме автомобил, и така натаму. Фактот што мораме да ги слушаме таквите закони на ‚цезарот‘ понатаму покажува дека нашата слобода што ни ја дал Бог не е апсолутна (Марко 12:17, ДК; Римјаните 13:7).
Зошто релативна слобода?
10, 11. Зошто Јехова им дал на луѓето релативна слобода?
10 Зошто Бог им дал на луѓето релативна слобода? Една причина била таа за Творецот да би имал интелигентни суштества на Земјата кои би му донеле чест и фалба со своите добри зборови и однесување. Луѓето можат да го прават тоа, а животните не. Животните ги води инстинкт и не знаат ништо за моралното однесување. Можеш кучето да го истренираш да научи нешто да не зема, но не можеш да го поучиш зошто крадењето е неисправно. Едно животно со, така да речеме, програмирани постапки, не може да му донесе фалба и чест на Бог, додека човекот може слободно да избере да му служи на својот Творец од љубов и ценење.
11 Бог им ја дава таа слобода на луѓето и за нивна добробит и среќа. Тие можат да ја спроведуваат својата релативна слобода ако се креативни и инвентивни, благонаклонети и ако соработуваат. Луѓето исто така имаат слобода, на пример, при изборот на занимање и местото на живеење. Денес, економските и политичките фактори често ја ограничуваат таа слобода на изборот, и тоа може да се должи на човековата алчност, а не на начинот на кој Бог во почетокот го создал човештвото.
12. Зошто поголемиот дел од човештвото е во ропство?
12 Иако Јехова им дал на луѓето голема слобода, повеќето од нив денес се наоѓат во разочарувачко ропство. Што се случило? Првиот човечки пар, Адам и Ева, ја промашиле целта на слободата што им ја дал Бог. Ги преминале божествените граници на својата слобода и го довеле во прашање законското владеење на Бог над нив како Суверен Господ Јехова (1. Мојсеева 3:1-7; Јеремија 10:10; 50:31). Не биле задоволни да ја користат својата слобода за да му оддаваат чест на Бог, туку ја користеле себично, за независно да одлучуваат што е исправно а што погрешно, и со тоа му се придружиле на Сатана во неговиот бунт против Јехова. Меѓутоа, наместо грешниците Адам и Ева да постигнат повеќе слобода, тие станале подложени на искушувачки ограничувања и ропство, намалување на својата слобода и на крајот смрт. Нивното потомство ја наследило таа загуба на слобода. „Сите згрешија и се лишени од славата Божја.“ „Платата, што ја дава гревот, е смрт“ (Римјаните 3:23; 5:12; 6:23).
13. Зошто Сатана успеал да ги зароби луѓето?
13 Поради побуната во Еден, Адам и неговото потомство исто така дошле под ропство на Сатана Ѓаволот. А ‚целиот свет е во власта на Злобниот‘! (1. Иванова 5:19, Ст). Токму поради својата надмоќна сила и способност, Сатана можел да ги мами и да прави робови од целото човештво кое е отуѓено од Бог. И повеќе од тоа, себичните луѓе доминирале над другите на нивна штета (Проповједник 8:9, Ст). Затоа, човештвото во целина сега е во ропство на гревот и смртта, на Сатана и неговите демони и на светските политички, економски и религиозни системи.
Овозможена вистинска слобода
14. Со што е поврзана надежта на човештвото за вистинска слобода?
14 Стекнувањето на слобода од гревот, смртта и Ѓаволот и неговиот свет е тесно поврзано со Божјата одлучност да го реши спорното прашање во врска со законитоста на неговиот универзален суверенитет. Бидејќи Сатана го покренал тоа прашање, Јехова му дозволил и понатаму да живее, како што му дозволил и на фараонот да постои некое време. Сето тоа со цел Јехова потполно да ја покаже својата сила, и да го објави своето име по целата Земја (2. Мојсеева 9:15, 16). Бог наскоро ќе се оправда како Универзален Суверен и ќе го посвети своето свето име со отстранување на срамот што му е нанесен со побуната на Сатана, Адам и Ева. Значи, оние кои се плашат од Јехова, ќе бидат ослободени од ропството на гревот и смртта и ќе бидат доведени во нов свет на слобода што ја дал Бог (Римјаните 8:19-23).
15. Каква улога одиграл Исус во повторното враќање на слободата на човештвото?
15 За повторно да му ја врати слободата на човештвото, Бог го испратил својот Син на Земјата како човек. Со тоа што доброволно го дал својот совршен човечки живот, Божјиот Син, Исус Христос, ја овозможил откупната жртва, темелот за ослободување на човештвото (Матеј 20:28). Тој исто така објавил вест на слобода. Во почетокот на својата служба, на себе ги применил зборовите: „Духот на Јахве Господ е на мене, бидејќи Јахве ме помаза, ме испрати да им ја донесам радосната вест на бедните, да ги исцелам скршените срца; да им навестам слобода на заробените и ослободување на заточените“ (Изаија 61:1, Ст; Лука 4:16-21).
16. Какви чекори морале да преземат Евреите од I. век за да постигнат вистинска слобода?
16 Како требало луѓето да ја добијат таа слобода? Исус рекол: „Ако вие останете при Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици; и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“. Значи, Исусовите следбеници го постигнале тоа да се радуваат на духовна слобода (Јован 8:31, 32, 36). Како што Исус му рекол на римскиот намесник Понтиј Пилат: „За тоа се родив и затоа дојдов на светот да сведочам за вистината. Секој кој е пријател на вистината го слуша мојот глас“ (Иван 18:37, Ст). Евреите кои ја прифатиле вистината каква што ја проповедал и каква што со пример ја покажал Исус, се покајале за своите гревови, го поправиле својот грешен пат, му се предале на Јехова и биле крстени како и Исус (Матеј 3:13-17; Дела на св. апостоли 3:19). На тој начин тие се радувале на релативната слобода дадена од Бог.
17. Зошто Јехова им дава слобода на своите слуги?
17 Јехова им ја дава на своите лојални слуги слободата првенствено заради оправдување на својот суверенитет, но исто и за нивна удобност или корист. Тој ги ослободил Израелците од египетско ропство за да би можеле да го прослават како царство на свештеници, негови сведоци (2. Мојсеева 19:5, 6; Исаија 43:10-12). Слично на тоа, Јехова го извел својот народ од вавилонско изгнанство првенствено за да го изградат неговиот храм и да го обноват вистинското обожавање (Ездра 1:2-4, ДК). Кога изгнаниците се грижеле само за сопствените материјални удобности, Јехова им ги испратил своите пророци Агеј и Захарија да ги потсетат на нивните обврски пред Бог. Тоа што на тој начин ја ставиле својата слобода од Бог во исправен сооднос, довело до завршување на храмот, на Божја слава, како и до удобност и добробит на неговиот народ.
Да не се промаши целта на слободата што ја дал Бог
18. Зошто може да се каже дека Јеховините денешни слуги не ја промашиле целта на својата слобода од Бог?
18 Како е со денешните Божји слуги? Како организација, тие не ја промашиле целта на својата слобода од Бог. Во 1870-те почнале да се ослободуваат од вавилонските заблуди и да се радуваат на зголемена христијанска слобода. Тоа било во согласност со Приче Соломунове 4:18, кадешто вели: „Патот праведнички е како светло видело, кое сѐ повеќе светли сѐ додека не биде вистински ден“ (ДК). Сепак, како што Божјиот древен народ некое време бил одведен во вавилонско ропство, во 1918 Јеховините слуги до извесна мера биле под ропство на Големиот Вавилон (Откровение 17:1, 2, 5). Членовите на тоа светско царство на лажна религија се радувале кога симболичните ‚двајца сведоци‘ лежеле духовно мртви. Но преку Божјата незаслужена доброљубивост, во 1919 неговите помазани слуги биле оживеани така што биле духовно слободни (Откровение 11:3, 7-11). Користејќи ја слободата што ја дава Бог, станале ревносни сведоци на Највишиот. Затоа, колку било прикладно што во 1931 радосно го прифатиле името Јеховини сведоци! (Исаија 43:10-12). Особено од 1935 на помазаните Сведоци им се придружило „големо мноштво“ кое се надева да добие вечен живот на Земјата. И тие не ја промашуваат целта на својата слобода дадена од Бог (Откровение 7:9-17).
19, 20. (а) На кој истакнат начин Јеховиниот народ добро ја користи својата слобода од Бог? (б) На кој друг важен начин Јеховините сведоци добро ја користат слободата што им ја дал Бог?
19 Јеховиниот народ добро ја користи својата слобода од Бог на два посебно забележителни начина. Како прво, тие ја користат за да следат исправен пат (1. Петрово 2:16). И каков добар глас уживаат! На пример, еднаш некој човек влегол во Царска сала во Цирих, Швајцарија, и рекол дека сака да стане Јеховин сведок. Кога го прашале зошто, рекол дека сестра му била Сведок, но била исклучена поради неморал. Рекол: „Тоа е токму таква организација на која сакам да ѝ се приклучам — која не толерира лошо однесување“. Од добра причина New Catholic Encyclopedia навела дека Јеховините сведоци стекнале глас дека се „една од групите во светот која има најдобро однесување“.
20 Јеховините сведоци ја користат својата слобода од Бог и со тоа што го исполнуваат налогот да ја проповедаат добрата вест за Царството, како што правел Исус (Матеј 4:17). Усмено и писмено, формално и неформално, тие го објавуваат Јеховиното Царство. Правејќи го тоа, тие самите имаат голема корист така што ја зајакнуваат својата вера и ја расветлуваат својата надеж. И уште повеќе, таа активност служи да ги спаси и нив и оние кои ги слушаат нив (1. Тимотеј 4:16). Во врска со таа активност, книгата Dynamic Religious Movements (Динамични религиозни движења) наведува: „Би било тешко да се најдат членови на некоја друга група кои работат толку напорно за својата религија како што работат Сведоците“.
21. Кој доказ постои дека Јехова ја благословува службата на својот народ?
21 Колку Јехова нѐ благословува во спроведувањето на целта на нашата слобода дадена од Бог! Тоа може да се види од ланскиот извештај за службата на проповедање — највисок број од преку четири милиони објавители на Царството, со преку десет милиони присутни на Спомен–свеченоста по повод Исусовата смрт. Според еден извештај, Ирска имала 29 едноподруго месечни највисоки броеви на објавители; Мексико имал 78 пати највисок број на објавители за 80 месеци; а Јапонија имала 153 највисоки броеви на објавители по ред!
Добро искористи ја слободата што ти ја дал Бог
22. Која е суштината на некои прашања кои наведуваат на размислување, коишто би можеле да си ги поставиме?
22 Ако си еден од Јеховините предадени Сведоци, дали добро ја користиш слободата која ти ја дал Бог? Секој од нас би можел да се праша: Дали јас внимателно ја користам мојата слобода од Бог за да не би препнал некого со лошо однесување? Дали совесно ги слушам законите на Цезарот, а сепак го ставам Божјиот закон на прво место? Дали во потполност соработувам со собраниските старешини? Дали во потполност ја користам слободата од Бог во проповедањето на добрата вест? Дали секогаш сум ‚изобилно вработен во делото Господово‘? (1. Коринтјаните 15:58, NW). Дали лакомо тежнеам по световна кариера кога можам подобро да ја искористам својата слобода од Бог проширувајќи ја својата служба, посегнувајќи по поголеми одговорности во собранието или по полновремена служба?
23. Што треба да правиме за да не ја промашиме целта на слободата дадена од Бог?
23 Нека сите ние ‚вкусиме и видиме дека Јехова е добар‘ (Псалми 34:8, NW). Да имаме доверба во него, да се држиме за неговите закони и да го славиме неговото свето име со тоа што ревносно ќе го објавуваме неговото Царство. Запомни дека оние ‚кои богато сеат, богато и ќе жнеат‘ (2. Коринтјаните 9:6). Затоа, да му принесеме служба на Јехова од сѐ срце и да покажеме дека не сме ја промашиле целта на нашата слобода дадена од Бог.
Како би одговорил?
◻ Каков вид слобода има Бог?
◻ Какви ограничувања има човечката слобода?
◻ Како била овозможена вистинската слобода?
◻ Што мора да правиме за да избегнеме да ја пропуштиме целта на слободата од Бог?
[Слика на страница 9]
Човечката слобода е ограничена од фактори како што е законот на гравитација?