„Ставете ја потполната Божја бојна опрема“
ХРИСТИЈАНИ да носат оружје? Зошто да земат таква воена опрема? Зарем не се љубители на мирот? (2. Тимотеј 2:24). Да, секако. Но и покрај тоа, сите вистински христијани се вклучени во една борба — борба во која се стремат не да убиваат, туку да победат.
Да не се побунил Сатана, таквата борба не би била потребна. Но тој се побунил и ги завел Адам и Ева да му се придружат во неговата побуна. Оттогаш, светскиот систем кој се развил лежи во моќта на „Злобниот“, Сатана Ѓаволот (1. Иванова 5:19, Ст). Оние кои му се подложуваат на законскиот Суверен, Јехова, мораат да му се спротивстават на влијанието на светот и неговиот владетел. Мораат да се борат за својот духовен живот. За таа цел, на христијаните им се советува: „Ставете ја потполната Божја бојна опрема за да можете да им се спротивставите на Ѓаволовите сплетки“ (Ефесјаните 6:11, NW).
Бојната опрема
Забележи дека ни е потребна „потполната Божја бојна опрема“ ако сакаме исправно да бидеме заштитени. Тогаш, да го погледнеме секој дел од таа опрема како што ја опишува апостол Павле, и искрено да се процениме себеси за да одредиме дали сме потполно опремени за духовна војна (Ефесјаните 6:14-17).
„Затоа, стојте цврсто, со бедрата опашани со вистина“ (Ефесјаните 6:14а, NW). Во библиски времиња војниците носеле кожен каиш широк 15 сантиметри. Тој појас служел за заштита на слабините. Кога војникот го прицврстувал појасот, тоа означувало дека е спремен за битка.
Колку е прикладно што божествената вистина е споредена со појасот на војникот! Тоа добро покажува дека Божјата Реч на вистината треба да ја чуваме многу близу до нас, како да сме опашани со неа. Треба длабоко да размислуваме за мисловната содржина на Божјата Реч. Тоа ќе нѐ заштити да не бидеме заведени од лаги и измами. Дури и повеќе, изјавите од Јеховината уста ќе нѐ поткрепат и зајакнат духовно и ќе ја зацврстат нашата беспрекорност.
„Облечени со градниот оклоп на праведност“ (Ефесјаните 6:14б, NW). Градниот оклоп на војникот заштитувал витален физички орган — срцето. Тогаш, во нашата опрема дадена од Бог, праведноста го заштитува нашето срце. Библиски гледано, срцето е прикладен симбол за она што сме одвнатре — нашите чувства, мисли и желби. Бидејќи Библијата исто така вели дека срцето е наклонето кон злоба, важно е да развиваме одлучност да се држиме за Јеховиното мерило за праведност (Јеремија 17:9). Послушноста спрема Бог не смее да биде лицемерна надворешна претстава; таа мора да доаѓа одвнатре. Тоа бара да развиваме силна љубов за праведноста и подеднакво силна омраза спрема беззаконието (Псалми 45:7, NW). На тој начин срцето ќе ни биде заштитено.
„И вашите нозе обуени во опремата на добрата вест на мирот“ (Ефесјаните 6:15, NW). Дали твоите нозе се обуени на овој начин? Те носат ли редовно во службата на проповедање за да ја објавуваш добрата вест? Се стремиш ли да го подобриш квалитетот на твоите активности на проповедање и поучување? Точно, некои подрачја релативно слабо се одѕвиваат. Можеби поединци се рамнодушни, апатични или непријателски настроени. Нашето проповедање може да ни донесе дури и прогонство. Но со тоа што издржуваат, христијаните развиваат истрајност, особина која дава заштита од Сатанините напади. Иако го прогонувале, Павле бил ревносен проповедник, и охрабрени сме да ‚се угледаме на него, како што и тој [се угледал] на Христа‘ (1. Коринтјаните 11:1).
Ако сме зафатени во активноста на проповедање за Царството, јакне нашата доверба во добрата вест. Понатаму, тоа му овозможува на Јеховиниот дух да делува преку нас во извршување на неговата волја. Всушност, со таквата активност ние стануваме соработници на ангелите — дури на самиот Јехова Бог (1. Коринтјаните 3:9; Откровение 14:6). А ако сме ‚изобилно вработени во делото Господово‘, ќе бидеме „цврсти, неподвижни“ (1. Коринтјаните 15:58, NW). Каква прекрасна заштита пружа тоа!
„Земете го големиот штит на верата“ (Ефежанима 6:16, NW). Со големиот штит војникот во старо време се заштитувал од копја и стрели. Ако пропуштел да користи штит, би можел да биде сериозно ранет, па дури и убиен. Христијаните се соочуваат со уште посмртоносни оружја — „пламените стрели на оној кој е злобен“. Тие ги вклучуваат сите средства кои Сатана ги користи за да ја ослаби нашата вера и да нѐ убие духовно. Тие вклучуваат прогонство, лаги, измамнички светски филозофии, материјалистички привлечности и искушението да се вклучиме во неморал. За да се заштитиме против сето тоа, потребен ни е голем штит. Ниеден дел од нас не е неранлив.
Авраам и неговата жена, Сара, имале јака вера. Кога ја поминале возраста за раѓање деца, тие положиле вера во Божјето ветување дека ќе им се роди семе. Подоцна, Авраам покажал извонредна вера кога го послушал повикот да го жртвува Исак, единствениот син од саканата Сара. Јехова му ја задржал раката на Авраам и му дал жртва за замена. Но Авраам бил спремен да послуша. Зошто? Затоа што имал апсолутна вера дека Јехова може да го воскресне неговиот син и да ги исполни ветувањата што ги дал за него (Римјаните 4:16-21; Евреите 11:11, 12, 17-19).
И Мојсеј имал вера каква што ни е потребна нам. Тој го отфрлил богатството на Египет и наместо тоа одбрал да поднесе угнетување со Божјиот народ. Зошто? Затоа што имал вера дека Јехова постои и дека ќе им донесе спасение на Израелците. Верата на Мојсеј толку била јака што „се држеше за оној кој не се гледа, како да го гледаше“ (Јеврејима 11:6, 24-27, ДК).
Дали ние имаме слична вера во Јехова? Дали нашиот однос со Јехова е толку близок што скоро и го гледаме? Дали сме спремни да направиме некаква жртва или да поднесеме некаква неволја за да го одржиме односот со Бог? Дали имаме потполна вера во Јехова? (Евреите 11:1). Ако имаме, пламенетите стрели на Сатана нема да го пробијат нашиот штит на верата.
„Примете го шлемот на спасението“ (Ефесјаните 6:17а, NW). Шлемот му ја заштитува главата на војникот, а со тоа и мозокот — органот на нервната координација и на мислите. Христијанската надеж за спасение е споредена со шлем затоа што го заштитува умот. Умот на христијанинот се обновил преку точно спознание, но сѐ уште му припаѓа на слаб и несовршен поединец (Римјаните 7:18; 12:2). Ако дозволиме умот да се храни со нечисто размислување кое ја уништува верата, а кое се создава преку духот на овој свет, нашата доверба во спасението ќе избледи и на крај може да изумре. Од друга страна, ако постојано го храниме умот со зајакнувачките Божји зборови, нашата надеж ќе остане светла и јасна. Дали твојот шлем ти е добро прицврстен?
„Мечот на духот, то ест Божјата реч“ (Ефесјаните 6:17б, NW). Пословицата дека нападот е најдобрата одбрана важи и за христијанското војување. Додека нозете кои ни се обуени со добрата вест на мирот, нѐ носат меѓу неверниците, не сме оставени без оружје. Божјата Реч, Библијата, служи како моќен меч за да ги расечува духовните лаги и погрешните сфаќања и за да им помогне на поединци да најдат духовна слобода (Јован 8:31, 32).
Исус ја покажал моќта на ова оружје кога всушност го предизвикал Сатана Ѓаволот на двобој. Кога бил искушуван во дивината, Исус се бранел од трите сатански напади така што делотворно ја користел Божјата Реч и со зборовите: „Напишано е“ (Матеј 4:1-11). Ако научиме вешто да го користиме овој меч, можеме да им помогнеме на кротките да излезат од моќта на Сатана. Исто така и собраниските старешини ја користат Божјата Реч за да го заштитат стадото од поединци кои се обидуваат да ја соборат верата на послабите (Дела на св. апостоли 20:28-30).
Војниковата вештина со мечот не доаѓа лесно. Потребна е обука и долго предадено вежбање за да се користи вешто. Слично на тоа, во духовното војување е потребно многу проучување и редовно вежбање во службата на проповедање за да се стане вешт корисник на Божјата Реч. Секако, да вложиме потребен напор за да бидеме вешти духовни мечувачи, способни ‚исправно да управуваме со речта на вистината‘ (2. Тимотеј 2:15, NW).
Продолжи со молитва, стој цврсто
Сите делови од нашата духовна опрема се битни за одржувањето на беспрекорноста спрема Бог. Но како можеме да ја носиме таа опрема? Редовното проучување на Библијата, подготвувањето однапред за христијанските состаноци, а потоа внимателното слушање и активното учествување во нив ќе ни помогне да ја задржиме нашата опрема (2. Тимотеј 3:16; Евреите 10:24, 25). Редовната и ревносна служба на проповедање, заедно со доброто христијанско друштво исто така ќе ни помогнат да ја одржиме нашата духовна опрема за напад и одбрана во добра состојба (Соломонови изреки 13:20[21]; Римјаните 15:15, 16; 1. Коринтјаните 15:33).
Развивањето на исправен умствен став е исто така важно. Мораме да ги одбиваме и да не дозволиме привлечностите од овој свет да нѐ одвлечат. Наместо тоа, да развиваме ‚едноставно око‘ (Матеј 6:19-24, NW). Имитирајќи го Исус Христос, мораме да научиме и да ја љубиме праведноста, а да го мразиме беззаконието (Евреите 1:9, NW). Сите тие работи ни помагаат да ја задржиме нашата духовна опрема дадена од Бог.
Откако расправа за секој дел од духовната опрема, Павле заклучува со зборовите: „Молејќи се и понатаму со секаков вид молитва и преколнување во дух во секоја прилика. И притоа бидете будни со сета истрајност и преколнување за сите свети“ (Ефесјаните 6:18, NW). Лојалните војници одржуваат контакт со главниот штаб и ги слушаат наредбите. Како христијански војници, мораме постојано да бидеме поврзани со нашиот Суверен, Јехова Бог, преку неговиот голем „заповедник на народните групи“, Исус Христос (Исаија 55:4, NW). Тоа може да се стори не преку површна молитва, туку преку срдечно преколнување кое одразува блискост и длабока оддаденост спрема Јехова. Ако редовно комуницираме со Јехова, добиваме сила секој ден да издржиме во борбата.
Исус рекол: „Јас го победив светот“ (Јован 16:33). И Јехова сака да бидеме победоносци. Кога на апостол Павле му се ближела смртта, можел да каже: „Добра војна војував, трката ја завршив, верата ја одржав“ (2. Тимотију 4:7, ДК). Нека и ние бидеме во можност слично да се изразиме за нашиот удел во борбата. Ако вистински го сакаме тоа, тогаш да ‚им се спротивставиме на Ѓаволовите сплетки‘ така што ќе ја задржиме потполната Божја бојна опрема (Ефесјаните 6:11, NW).