Дали дарот на јазици е дел од вистинското христијанство?
„КОГА го чув како се моли на јазици, се чувствував како да постоеше некаква наелектризираност во воздухот“, рекол Бил откако тој и шестмина други се собрале пред проповедникот кај црквениот олтар. Дали таквите искуства го повторуваат дејствувањето на светиот дух од првиот век? Дали тие ја идентификуваат религијата на Библијата? Можеме да најдеме задоволувачки одговори ако грижливо го истражиме Светото Писмо.
Библискиот запис открива дека кога бил пренесуван било каков чудесен дар на духот, присуствувал барем еден од 12-те апостоли или апостолот Павле. Првиот од трите случаи на зборување на јазици се одиграл меѓу 120 Исусови ученици кои биле собрани во Ерусалим на Пентакост 33. г. н. е. (Дела на св. апостоли 2:1-4). Три и пол години подоцна, една група необрежани Италијани, додека го слушале Петар како проповеда, го примиле духот и почнале „да зборуваат на разни јазици и да Го величаат Бога“ (Дела на св. апостоли 10:44-48). А 19 години по Пентекост, околу 52. г. н. е., Павле ѝ зборувал на една група во Ефес и ги положил своите раце на 12 ученици. И „тие почнаа да зборуваат на разни јазици и да пророкуваат“ (Дела на св. апостоли 19:6).
Зошто дарот на јазици?
Кратко пред да се вознесе на небо, Исус им рекол на своите следбеници: „Ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, дури и до крајот на земјата“ (Дела на св. апостоли 1:8). Забележи дека со тоа навестил како ќе биде извршено тоа монументално дело на сведочење — со поддршката на светиот дух.
Современата комуникациска технологија која ни овозможува да испраќаме пораки на многу јазици ширум Земјата, во тоа време не постоела. Добрата вест првенствено требало да се шири усно а чудесниот дар на зборување странски јазици требало да се покаже како многу корисен. Таков бил случајот на христијаните од првиот век кои им проповедале на Евреи и проселити во Ерусалим на Пентакост 33. г. н. е. Партјани, Мидјани, Еламити, Критјани, Арабјани, жители на Месопотамија, Јудеја, Кападокија, Понт и на подрачјето на Азија, како и посетители од Рим, ги слушнале „големите дела Божји“ на свој јазик и разбрале што било речено. Набргу три илјади станале верници (Дела на св. апостоли 2:5-11, 41).
Често е превидуван фактот дека зборувањето на јазици било само едно од деветте дејства на светиот дух коишто апостол Павле ги споменал во своето писмо до Коринтјаните. Иако Павле зборувањето на јазици го сметал за помал дар, тоа било корисно за раното собрание во ширењето на добрата вест за небесното Божје Царство. Тоа бил еден од „даровите“ кои придонеле за бројниот пораст и изградувањето на младото собрание од христијани (1. Коринтјаните 12:7-11; 14:24-26).
Различните дејстувања на светиот дух во првиот век, вклучувајќи го и зборувањето на јазици, исто така биле видлив доказ дека Бог повеќе не го употребувал израелското собрание старо 1.500 години, како свој посебен народ. Без сомнение, неговото одобрување сега почивало на новото христијанско собрание кое го воспоставил неговиот единороден Син. (Спореди Евреите 2:2-4.)
Овие манифестирања на духот биле клучни елементи во воспоставувањето на младото христијанско собрание и во помагањето да порасне до зрело доба. Павле објаснил дека откако послужиле за својата цел, овие чудесни дарови требало да исчезнат: „Ако се и дарови на пророкување, ќе бидат отстранети; ако се и јазици, ќе престанат“ (1. Коринтјаните 13:8, New World Translation of the Holy Scriptures).
Да, Библијата јасно покажува дека дарот на јазици требало да престане. Но, кога? Делата на апостолите 8:18 откриваат дека даровите на духот требало да се добијат „со полагање раце од апостолите“. Тогаш, очигледно е дека со смртта на последниот апостол пренесувањето на даровите на духот требало да престане — вклучувајќи го и зборувањето на јазици. Затоа, кога оние, коишто ги примиле овие дарови од апостолите, заминале од земската сцена, чудесниот дар требало да престане. Оттогаш на христијанското собрание му требало време додека добро се втемелило и додека се проширило во многу земји.
„Непознати јазици“ и нивното толкување
Денешното повторно заживување на зборувањето на јазици „некои го сметаат за емоционално претерување на нестабилни луѓе кои со своето однесување сакаат да го свртат вниманието кон себе, додека пак други го сметаат за идентично со феноменот на зборување на јазици од Апостолското време“. На современите црквени собири кадешто се случува зборување на „непознати јазици“, тоа обично вклучува екстатична провала на неразбирливи гласови. Според тоа, едно лице признало: „Мојот дар на зборување јазици најмногу го користам за лично медитирање. . . . Се чувствувам малку збунето пред други луѓе“. Едно друго лице раскажало: „Ги слушам сопствените зборови, и не ги разбирам, но постојано чувствувам како мојот јазик да е теран да зборува“.
Какви вистински вредни информации се пренесуваат преку таквите непознати јазици и како се толкуваат? Оние кои тврдат дека толкуваат таков говор, понудиле различни објаснувања за исти неразбирливи изјави. Колку различни? Тие го ублажуваат таквото неслагање, велејќи дека „Бог му дал на еден едно толкување на говорот, а на друг друго толкување“. Едно лице признало: „Сум забележал случаи кога толкувањето не беше точно“. Д. А. Хејс во својата книга Дарот на јазици (The Gift of Tongues) се осврнал на еден случај кога некој човек одбил да го протолкува говорот на некоја жена која зборувала на непознат јазик затоа што ‚јазикот бил погнасен и од најсрамниот‘. Каков контраст спрема зборувањето на јазици што постоело во првиот век и што всушност било за изградување на собранието! (1. Коринтјаните 14:4-6, 12, 18).
Денес, некои тврдат дека слушнале прекрасни толкувања, можеби искрено верувајќи дека Бог го употребува овој дар кога „сака да им даде директна порака на луѓето“. Но, каква порака од Бог ни е потребна денес, а која Исус Христос и апостолите не ни ја пружиле? Павле, кој и самиот имал дар на светиот дух, рекол: „Сето писмо е инспирирано од Бог и корисно за поучување, за укорување, за исправање на работите, за воспитување во праведност, за човекот Божји да биде потполно способен, потполно опремен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16, 17, NW).
Факт е дека христијанското собрание повеќе не е во своето детство, и така божествените откровенија или чудесни дарови на духот повеќе не се потребни за потврдување на неговата улога. Библијата предупредува: „Дури и ние, или ангел од небото да ви благовестеше нешто друго од [„во противречност со“, The New English Bible] она, што ви благовестевме ние, нека биде анатема! (Галатјаните 1:8).
Чудесното зборување на јазици повеќе не е неопходно и не постои библиски темел да се верува дека тоа е дел од вистинското христијанство денес. Сега кога Библијата е комплетна и стои на располагање насекаде, го имаме она што ни е потребно во Божјата Реч. Таа ни дозволува да постигнеме точно спознание за Јехова и неговиот Син, што води до вечен живот (Јован 17:3; Откровение 22:18, 19).
Дури и во првиот век, апостолот Павле бил присилен да му пише на собранието во Коринт за да го исправи нивното гледиште за тоа зошто на раните христијани им бил даден дарот на јазици. Очигледно, некои биле фасцинирани од дарот на јазици, па постапувале како мали, духовно незрели деца. Премногу значење им било придавано на „јазиците“ (1. Коринтјаните 14:1-39). Павле нагласил дека не зборувале сите христијани во првиот век на чудесни јазици. Тоа не било неопходно за нивното спасение. Дури и во тоа време кога постоел, дарот на јазици бил спореден во однос на чудесното пророкување. Зборувањето на јазици не било и не е услов за христијаните да постигнат вечен живот (1. Коринтјаните 12:29, 30; 14:4, 5).
Силата зад непознатите јазици денес
Некои веруваат дека подвижната сила зад денешните „јазичари“ се каризматични црковни водачи кои ги тераат членовите на своите стада да ја стекнат оваа способност. Во некои случаи таа е предизвикана од чувствителност и нерамнотежа. Сирил Г. Вилијамс во делото Tongues of the Spirit вели дека ‚во многу случаи тоа станало амблем на елитизам внатре во групата‘ и на лицето му дава „углед и авторитет во очите на групата, како и во неговите сопствени очи“. Затоа, мотивацијата може да биде нечија желба да се припаѓа на надмоќната група [која зборува на] непознати јазици“.
Бившиот ректор на универзитетот Лојола, Доналд П. Мерифилд, забележал дека „јазиците можат да бидат хистерично доживување или, според некои, ѓаволско доживување“. Свештеникот Тод Х. Фаст рекол: „Јазиците се противречност. Ѓаволот влијае врз нас на многу начини“. Самата Библија нѐ предупредува дека Сатана и неговите демони се способни да влијаат на луѓето и да го контролираат нивниот говор (Дела на св. апостоли 16:17, 18). Исус дејствувал против демонскиот дух кој натерал еден човек да вреска и да се фрла наземи (Лука 4:33-35). Павле предупредил дека „сатана се преобразува во ангел на светлината“ (2. Коринтјаните 11:14). Оние кои денес го бараат дарот на јазици којшто Бог повеќе не му го дарува на својот народ, навистина се отвараат себеси за измамите на Сатана кој, како што сме предупредени, користи „секаква сила и знаци и лажни чудеса“ (2. Солунјаните 2:9, 10).
Јазиците — и вистинското христијанство
Христијаните од првиот век кои го примиле дарот на зборување на јазици, го користеле за да ги објаснат величествените Божји работи. Нагласокот бил ставен на потребата јасно да се интерпретира пораката што била пренесувана преку јазици, така што можеле да ја разберат сите, а како последица било поучување на мнозина (1. Коринтјаните 14:26-33). Павле советувал: „Ако со јазикот свој не изговарате разбирливи зборови, како ќе се разбере она што го зборувате? Ќе зборувате во ветар“ (1. Коринтјаните 14:9).
Иако Божјиот дух на раните христијани им го дал дарот на јазици, тој не ги терал да изговараат неразбирливо или непреведливо дрдорење. Во склад со Павловиот совет, светиот дух дал говор кој за последица имал добрата вест побрзо да биде ‚проповедана на секое поднебесно создание‘ (Колосјаните 1:23).
Во врска со овие последни денови од сегашниот систем, Исус Христос заповедал: „Кај сите народи најнапред треба да се проповеда Евангелието [за воспоставеното Царство]“ (Марко 13:10). Како во првиот век, сето творештво мора да ја слушне пораката на Царството. Тоа е можно затоа што Библијата, во целост или делумно, сега е преведена скоро на 2.000 јазици. Истиот дух којшто ги вдахнал раните христијани да зборуваат храбро и решително, сега го поддржува огромното и чудесно проповедничко дело на денешното собрание на Јеховини сведоци. Усно или со помош на модерна печатарска технологија, за библиската вистина да се направи достапна во печатен облик, тие го зборуваат ‚чистиот јазик‘. Оваа порака се разлева во преку 200 земји и морски острови. Јеховините сведоци се единствени луѓе кои се мотивирани од неговиот дух да им ги објават на сите величествените Божји работи (Зефанија 3:9, NW; 2. Тимотеј 1:13).
[Слики на страница 7]
Сведочење од врата до врата во Јапонија
Сведочење од брод до брод во Колумбија
Долу: библиска студија во Гватемала
На дното: сведочење на село во Холандија