Чекор по патот за враќање
‚ИМ ЈА кажа оваа парабола.‘ Така Библијата ги воведува трите Исусови значајни илустрации за милоста — изгубената овца, изгубената драхма и изгубениот син (Лука 15:3-32).
Две статии во Стражарска кула од 15. април 1991, ги анализираа тие илустрации и на многу читатели им помогнаа да видат како милоста денес може да се прошири. Во средиштето првенствено беа духовните пастири кои преземаат иницијатива да стапат во контакт со оние кои биле исклучени, но кои можеби би одговориле на доброљубивите посети. Каков бил резултатот на овие статии и на новиот пристап?
Кратко по излегувањето на списанието, еден човек од државата Вашингтон напиша: „Денес во моето поштенско сандаче пристигна доказ за Јеховината изобилна љубезна доброљубивост. Седнав со солзи во очите и со радост во срцето заради подготовките и прилагодувањата кои ги пружил Највишиот. Само еден вистински праведен Бог може да пружи помош за оние слични на овци кои се изгубени. . . . Да, јас сум исклучен, но сум на патот за повторно примање“. Во октомври тој беше повторно примен.
Но, што да се каже за посетите што ги направиле двајца собраниски старешини? Една христијанска сопруга пишува: „Не може да се изрази со зборови она што го чувствувам. Мојот сопруг беше исклучен околу 13 години. Старешините го посетија, како што беше предложено во статијата. Синоќа за првпат по многу години, тој појде на еден од состаноците. Сега се обидува да го сврти својот живот во друга насока и повторно да се врати.“
Додека посетуваат собрание по собрание, патувачките надгледници ги гледаат резултатите. Еден покраински надгледник неодамна напиша:
„Кога излезе Стражарска кула од 15. април, многумина се прашуваа каков ќе биде одѕивот кога старешините ќе стапат во контакт. Одговорот стана сосем очигледен.“
„Во нашата покраина, последните четири собранија кои ги посетив сведочат дека деветмина луѓе се вратиле во Царските сали. Иако само еден е повторно примен, другите осуммина одлично напредуваат. Старешините и собранијата се восхитени кога ги гледаат плодовите од својот напор и од мудроста на применувањето на теократските упатства.“
„Се радуваме на оваа прекрасна, милосрдна подготовка. Како што коментираше една повторно примена сестра: ‚Немав храброст да се вратам сама, бидејќи се чувствував осудена пред Јехова. Но, кога ме посетија старешините, тоа беше охрабрувањето што ми требаше за да се вратам назад‘. Нејзиниот полет мошне го охрабри собранието.“
Дури и ако многумина кои се посетени не се одѕвале, секако е добро човек да биде исполнет со оваа милосрдна иницијатива. Така, почнувајќи од септември, старешините во секое собрание ќе ги разгледаат имињата на оние од подрачјето кои се исклучени и ќе договорат да ги посетат сите за кои тие сметаат дека можеби ќе одговорат на проширената милост.