Јехова простува во голема мера
„Нека злобниот човек го остави својот пат, а штетниот човек своите мисли; и нека се врати кај Јехова, . . . зашто тој ќе прости во голема мера“ (ИСАИЈА 55:7, NW).
1. Со што се благословени уште сега оние кои го примаат Јеховиното простување?
ЈЕХОВА им простува на покајничките престапници и им овозможува уште сега да се радуваат на душевен мир во духовен рај. Тоа е затоа што ги исполнуваат следниве услови: „Барајте го Јехова додека може да се најде. Повикувајте го додека се покажува близу. Нека злобниот човек го остави својот пат, а штетниот човек своите мисли; и нека се врати кај Јехова, кој ќе се смилува на него, и кај нашиот Бог, зашто тој ќе прости во голема мера“ (Исаија 55:6, 7, NW)
2. а) Што се мисли со зборовите ‚да се бара Јехова‘ и ‚да се врати кај него‘, како што е споменато во Исаија 55:6, 7? б) Зошто еврејските изгнаници во Вавилон требало да се вратат кај Јехова, и што им се случило на некои од нив?
2 За да го ‚бара Јехова‘ и да го повикува со прифаќање, злобниот човек мора да го остави својот погрешен начин на постапување и секаква помисла да им наштетува на другите. Потребата да се „врати кај Јехова“ укажува дека престапникот го оставил Бог, со кого некогаш имал близок однос. Така било со жителите на Јуда чија неверност спрема Бог конечно довела до изгнанство во Вавилон. Еврејските изгнаници требало да се вратат кај Јехова така што ќе се покаеле за лошите дела што довеле до нивното вавилонско ропство и претскажаното 70-годишно опустошување на нивната татковина. Во 537. пр.н. е., таа земја повторно ја населил еден богобојазлив остаток на Евреи кои биле ослободени од Вавилон со државна одлука (Ездра 1:1-8; Даниел 9:1-4). Последиците на таа обнова биле толку величествени така што земјата Јуда била споредена со Еденскиот Рај (Језекиил 36:33-36).
3. На кој начин остатокот од духовниот Израел доживеал исто искуство како на богобојазливите изгнаници кои се вратиле во Јуда?
3 Духовните Израелци доживеале исто такво искуство како богобојазливите Евреи кои се вратиле во Јуда после вавилонското изгнанство (Галатјаните 6:16). Веднаш по I Светска војна, остатокот од духовниот Израел направил некои измени во своите постапки и размислувања. А 1919 година го обележа крајот на нивното изгнанство од Божјата потполна милост во подрачјето на Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија. Бидејќи се покајале од гревови поврзани со стравот од човек и неактивност во Јеховината служба, тој ги ослободил од Големиот Вавилон, ги вратил на нивниот законски духовен имот и продолжил да ги употребува за да ја проповедаат пораката за Царството. Оттогаш, меѓу Божјиот народ процветал духовен рај на чест на неговото свето име (Исаија 55:8-13). Значи, во древниот прототип и современата противслика, имаме јасни докази дека после божествено простување следат благослови и дека Јехова навистина во голема мера им простува на оние кои се каат.
4. Каков страв имаат некои Јеховини слуги?
4 Поради тоа, денешните Јеховини слуги можат да се надеваат на неговото простување. Сепак, некои од нив се малодушни поради грешките од минатото и скоро се совладани од чувствата на вина. Не се сметаат достојни да живеат во духовниот рај. Всушност, некои се плашат дека го сториле неопростливиот грев и дека никогаш нема да добијат Јеховино простување. Дали е тоа веројатно?
Некои неопростливи гревови
5. Зошто може да се каже дека некои гревови се неопростливи?
5 Некои гревови се неопростливи. Исус Христос рекол: „Секој грев и хула ќе им се прости на луѓето, но хулата против Светиот Дух нема да им се прости на луѓето“ (Матеј 12:31). Значи, хулењето против Божјиот свет дух, или активна сила, нема да се прости. Апостолот Павле укажал на таков грев кога напишал: „Оние, кои веднаш се просветија, . . . отпаднаа, — не е можно пак да бидат обновени за покајание, кога повторно во себеси [за себеси, NW] го распнуваат Синот Божји и Го хулат“ (Евреите 6:4-6).
6. Што одредува дали некој грев е опростлив или не?
6 Само Бог знае кога некој ќе направи неопростлив грев. Меѓутоа, Павле ја расветлил таа работа кога напишал: „Ако, откако ја познавме вистината, своеволно грешиме, тогаш нема веќе жртва за гревови, туку некакво страшно очекување на суд“ (Евреите 10:26, 27). Своеволниот човек постапува намерно, или е „тврдоглаво и, често, изопачено непопустлив“ (Webster’s New Collegiate Dictionary). Секој кој своеволно и тврдоглаво ќе продолжи да чини грев откако ќе ја дознае вистината, нема да му се прости. Според тоа, самиот грев не влијае толку на тоа дали гревот е опростлив или не, колку што влијае состојбата на срцето, и степенот на своеволноста што е вклучена. Од друга страна, што, обично, се случува кога еден христијанин, кој греши, е длабоко вознемирен поради своето престапување? Веројатно, неговата голема загриженост покажува дека, всушност, не извршил неопростлив грев.
Нивните гревови биле неопростливи
7. Зошто можеме да кажеме дека некои од Исусовите религиозни противници извршиле неопростлив грев?
7 Извесни еврејски религиозни водачи кои му се спротивставиле на Исус, извршиле своеволен, и со тоа неопростлив грев. Иако преку Исус го виделе на дело Божјиот свет дух кога правел добро и кога извршувал чуда, тие свештеници неговата моќ ја припишале на Велзевул, или Сатана Ѓаволот. Сосем свесно грешеле со оглед на непобитното делување на Божјиот дух. На тој начин, тие извршиле неопростлив грев, зашто Исус рекол: „Ако каже нешто против Светиот Дух, нема да му се прости ни на овој, ни на оној свет“ (Матеј 12:22-32).
8. Зошто гревот на Јуда Искариотски бил неопростлив?
8 Гревот на Јуда Искариотски исто така бил неопростлив. Тоа што го предал Исус било своеволна, намерна кулминација на лицемерно и нечесно постапување. На пример, кога ја видел Марија како го помазува Исус со скапоцено масло, Јуда прашал: „Зошто не се продаде ова миро за триста динарии, и да се раздадеше на сиромаси?“ Апостолот Јован додал: „Ова [Јуда] го рече не дека се грижеше за сиромасите, туку зашто беше крадец. Тој го чуваше ковчежето и крадеше од она, што пуштаа во него“. Набргу после тоа, Јуда го издал Исус за 30 сребреници (Јован 12:1-6; Матеј 26:6-16). Вистина, Јуда зажалил и извршил самоубиство (Матеј 27:1-5). Но не му било простено, зашто неговото намерно, тврдоглаво, себично постапување и неговиот предавнички чин го одразувале неговиот грев против светиот дух. Колку било прикладно што Исус го нарекол Јуда „погибелниот син“! (Јован 17:12; Марко 3:29; 14:21).
Нивните гревови биле простени
9. Зошто Бог му го простил гревот на Давид во врска со Вирсавија?
9 Своеволните гревови се во остра спротивност со грешките што ги простил Бог. Да го земеме за пример цар Давид од Израел. Тој извршил прељуба со Вирсавија, жената на Урија, и подоцна наредил Јоав да ја намести смртта на Урија во битка (2. Царства 11:1-27). Зошто Бог му покажал милост на Давид? Воглавно поради сојузот на Царството, но и поради Давидовата сопствена милосрдност и неговото искрено каење (1. Царства 24:4-7; 2. Царства 7:12; 12:13).
10. Зошто Бог му простил на Петар, иако згрешил сериозно?
10 Земи го предвид и апостолот Петар. Сериозно погрешил така што повеќе пати се одрекол од Исус. Зошто Бог му простил на Петар? За разлика од Јуда Искариотски, Петар бил чесен во службата на Бог и Христос. Гревот на овој апостол се должел на телесна слабост, и тој искрено се каел и ‚горко плачел‘ (Матеј 26:69-75).
11. Како би го дефинирал терминот „каење“, и што треба некој да направи ако вистински се кае?
11 Горенаведените примери покажуваат дека дури и некој кој тешко греши, може да добие простување од Јехова Бог. Но, каков став се бара за да се добие простување? За Бог да му прости на христијанинот кој погрешил, потребно е вистинско каење. Да се каеш значи „да се одвратиш од грев со каење заради минати престапи“ или „да се чувствува жалење или каење за она што некој го направил или што пропуштил да го направи“ (Webster’s Third New International Dictionary). Вистински покајничкиот човек ќе покажува жалење поради секаков срам, жалост или проблеми што со неговиот грев им се нанесени на Јеховиното име и организација. Покајничкиот престапник ќе донесува и соодветни плодови, вршејќи дела што му доликуваат на каењето (Матеј 3:8; Дела на св. апостоли 26:20). На пример, ако некој некого измамил, тој ќе преземе разумни чекори да ја надомести загубата (Лука 19:8). Таквиот покајнички христијанин има здрави библиски причини да биде сигурен дека Јехова ќе му прости во голема мера. Кои се тие причини?
Причини за доверба во Божјето простување
12. На темел на што некој покајник може да моли за простување според Псалми 25:11?
12 Покајничкиот престапник може со сигурност да моли за простување на темел на Јеховиното име. Давид се молел: „Заради Твоето име, Господи [Јехова, NW], прости ми го гревот мој, зашто е голем“ (Псалми 24:11). Таквата молитва, заедно со каење за било каков срам што престапникот го нанел на Божјето име, треба исто така да послужи како средство за спречување на тежок грев во иднина.
13. Каква улога игра молитвата во божественото простување?
13 Јехова Бог одговара на искрените молитви на своите грешни, но покајнички слуги. На пример, Јехова не ги затворил ушите пред Давид кој се молел од срце откако ја сфатил големината на својот грев со Вирсавија (Бат-Шеба). Всушност, Давидовите зборови во Псалми 51 ги изразуваат чувствата на многу молители. Тој молел: „Смилувај се на мене, Боже, по милоста своја, и по својата голема доброта очисти го моето беззаконие. Измиј ме добро од беззаконието мое, и исчисти ме од гревот мој. Жртва за Бог е потиштениот дух, срцата потиштени и поништени не ги отфрлуваш, Боже“ (Псалми 51:1, 2, 17, ДК).
14. Како Библијата дава гаранција дека Бог им простува на оние кои покажуваат вера во Исусовата откупна жртва?
14 Бог им простува на оние кои покажуваат вера во Исусовата откупна жртва. Павле напишал: „Во Кого имаме откуп преку Неговата крв, прошка на гревовите“ (Ефесјаните 1:7). Со слично значење, апостол Јован напишал: „Чеда мои, ова ви го пишувам за да не грешите; и ако некој згреши, кај Отецот имаме застапник, Исуса Христа, праведникот: а Он е очистување за нашите гревови, и не само нашите, туку и гревовите на целиот свет“ (1. Јованово 2:1, 2).
15. Што мора еден покајнички грешник да прави за и понатаму да се радува на Божјата милост?
15 Јеховината милост му дава на престапникот основа за доверба дека може да му биде простено. Неемија рекол: „Ти си Бог, Кој сака да проштава, добар и милостив, долготрпелив и многу милостив“ (Неемија 9:17; спореди 2. Мојсеева 34:6, 7). Се разбира, за и понатаму да ја ужива божествената милост, грешникот мора да се труди да го држи Божјиот закон. Како што рекол псалмистот: „Нека пријде на мене Твојата штедрост, и јас ќе живеам, зашто законот Твој е утеха моја. Голема е Твојата милост, Господи [Јехова, NW], според Твојот суд оживи ме“ (Псалми 118:77, 156).
16. Каква утеха имаме со фактот што Јехова ја зема во обзир нашата грешна состојба?
16 Фактот што Јехова ја зема во обѕир нашата грешна состојба, на покајничкиот престапник исто така му дава утеха и причина да се моли со доверба дека Бог ќе му прости (Псалми 50:5; Римјаните 5:12). Псалмистот Давид дал утешно уверување кога изјавил: „Он [Јехова Бог] не ни направи ништо според нашите беззаконија и не постапи според нашите гревови; зашто, колку е големо растојанието од небото до земјата, толку е голема милоста на Господа спрема оние што се бојат од Него; колку е далеку исток од запад, толку ги оддалечил Он од нас нашите беззаконија; како таткото што ги милува синовите, така и Господ ги милува оние, кои се бојат од Него. Зашто Он го знае нашиот состав, помни дека ние сме земја“ (Псалми 102:10-14). Да, нашиот небесен Татко е уште помилостив и посочувствителен отколку еден човечки родител.
17. Како влијае на простувањето нечиј минат запис на верна служба за Бог?
17 Еден покајнички грешник може да моли за простување со доверба дека Јехова нема да го занемари неговиот минат запис на верна служба. Неемија не молел за простување на својот грев, туку рекол: „Спомни ме, Боже мој, на добро“ (Нехемија 13:31, ДК). Покајничкиот христијанин може да најде утеха во зборовите: „Бог не е неправеден, та да го заборави делото ваше и трудот на љубовта, што ги покажавте во Негово име“ (Евреите 6:10).
Помош од постарите мажи
18. Што треба да се стори ако гревот духовно го разболел христијанинот?
18 Што ако некој христијанин мисли дека не е прикладен да остане во духовниот рај или не е во состојба да се моли затоа што неговиот грев духовно го разболел? „Нека ги повика свештениците црковни [постарите мажи, NW], та да се помолат над него, и нека го помажат со елеј во името Господово“, напишал ученикот Јаков. „И молитвата со вера ќе го исцели болниот, и Господ ќе го крене; и гревови, ако направил, ќе му се простат“. Да, собраниските старешини можат делотворно да се молат со и за покајничкиот соверник со надеж повторно да го вратат во добро духовно здравје (Јаков 5:14-16).
19. Што мора некој да прави за да му биде простено и ако е исклучен, повторно да биде примен?
19 Дури и кога правниот одбор исклучува некој непокајнички грешник, тоа не мора да значи дека го извршил неопростливиот грев. Меѓутоа, за да му биде простено и повторно да биде примен назад, мора понизно да ги слуша Божјите закони, да донесува плодови што одговараат на покајание и да им се обрати на старешините за повторно примање. Откако еден блудник бил исклучен од собранието во древниот Коринт, Павле напишал: „Оти доволна казна е ова за таков од мнозинството; така што за вас е подобро да му простите и да го утешите, за да не пропадне од преголема жалост; затоа ве молам кон него да покажете љубов“ (2. Коринтјаните 2:6-8; 1. Коринтјаните 5:1-13).
Бог дава сила
20, 21. Што може да му помогне на некој кој е загрижен поради можноста дека извршил неопростлив грев?
20 Ако факторите како што се лошото здравје или стресот предизвикуваат загриженост поради извршениот неопростлив грев, може да ти биде од помош ако доволно спиеш и се одмораш. Меѓутоа, особено треба да ги запомниш Петровите зборови: „Сите ваши грижи оставете ги на Него [Бог], зашто Он се грижи за вас“. И никогаш не дозволувај Сатана да те обесхрабри, зашто Петар додал: „Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да го проголта; спротивете му се со тврда вера, знаејќи дека такви страдања ги снаоѓаат и вашите браќа по светот. А Бог на секоја благодат, . . . по вашето кратко страдање, да ве усоврши, укрепи и направи непоколебливи“ (1. Петрово 5:6-10).
21 Затоа, ако си потиштен, но си се плашел дека си виновен за неопростлив грев, запомни дека Божјите патишта се мудри, праведни и полни со љубов. Затоа, моли му се со вера. И понатаму земај ја духовната храна што тој ја дава преку „верниот и разумен роб“ (Матеј 24:45-47, NW). Дружи се со другите верници и редовно учествувај во христијанската служба. Тоа ќе ја зајакне твојата вера и ќе те ослободи од секој страв дека Бог можеби нема да ти го прости гревот.
22. Што ќе разгледаме понатаму?
22 Жителите на духовниот рај можат да се утешат од спознанието дека Јехова простува во голема мера. Сепак, нивниот живот денес не е без искушенија. Можеби се во депресија поради смртта на некој драг или поради тешката болест на сакан пријател. Како што ќе видиме, во тие и други околности, Јехова му помага и го води својот народ со помош на својот свет дух.
Како ќе одговориш?
◻ Каков доказ постои дека Јехова ‚простува во голема мера‘?
◻ За каков грев нема простување?
◻ Под какви околности се простуваат нечии гревови?
◻ Зошто покајничките грешници можат да бидат уверени во Божјето простување?
◻ Каква помош им е достапна на покајничките престапници?
[Слика на страница 10]
Дали знаеш зошто им било простено на Давид и на Петар, а зошто не на Јуда Искариотски?
[Слика на страница 12]
Помошта од собраниските старешини може да биде од голема духовна помош за христијанинот