Работи на тоа да го сочуваш твоето семејство во Божјиот нов свет
„Ти, Господи, ќе нѐ одбраниш и ќе нѐ запазиш од овој род и довека“ (ПСАЛМИ 11:7).
1, 2. а) Како им е на некои семејства под притисоците на последните денови? б) Како можат христијанските семејства да се стремат кон преживување?
„ДЕНЕС срцето ми е исполнето со радост!“, извикал еден христијански старешина по име Џон. А која била причината за таа воодушевеност? „Се крстија мојот 14-годишен син и 12-годишна ќерка“, објаснил. Но тоа не била сета негова радост. Тој додал: „Минатата година, мојот 17-годишен син и 16-годишната ќерка беа помошни пионери“.
2 Многу семејства во нашата средина имаат слични извонредни резултати кога ги применуваат библиските начела. Но, некои, пак, доживуваат проблеми. „Имаме пет деца“, пишува една христијанска двојка, „и станува сѐ потешко да се излезе на крај со нив. Веќе изгубивме едно дете во овој стар систем. Изгледа дека нашите тинејџери токму сега се главната цел на нападите од Сатана“. Постојат и двојки кои доживуваат тешки брачни судири кои понекогаш доведуваат до разделување или развод. Сепак, семејствата кои негуваат христијански одлики можат да ја преживеат ‚големата неволја‘ (ДК) и ќе бидат сочувани во Божјиот претстоен нов свет (Матеј 24:21; 2. Петрово 3:13). Но, што можеш да сториш за да го осигуриш сочувувањето на твоето семејство?
Подобрување на комуникацијата
3, 4. а) Колку е важна комуникацијата во семејниот живот и зошто често се појавуваат проблеми поврзани со неа? б) Зошто треба сопрузите да се стремат да бидат добри слушатели?
3 Добрата комуникација е животна крв на едно здраво семејство; кога таа недостига, се зголемува напнатоста и стресот. „Без советување намерите се растураат“, стои во Соломонови изреки 15:22. Занимливо е дека една брачна советничка известува: „Најчеста поплака што ја слушам од сопругите кои ги советувам е: ‚Тој не ми зборува‘, и ‚Тој не ме слуша‘. И кога за таа поплака разговарам со нивните сопрузи, ниту мене не ме слушаат“.
4 Што го предизвикува недостигот на комуникација? Како прво, мажите и жените се различни и често имаат уочливо различен начин на комуницирање. Една статија забележала дека сопругот „е склон да биде директен и практичен“ во своите разговори, додека „[сопругата] најмногу од сѐ сака слушател кој се соживува“. Ако ова претставува проблем во вашиот брак, работи на тоа да ги подобриш работите. Можеби христијанскиот сопруг треба да се напрега да стане подобар слушател. „Секој човек“, вели Јаков, „нека биде брз во слушањето, а спор во зборувањето“ (Јаков 1:19). Научи се да се воздржуваш да наредуваш, предупредуваш или да држиш лекции кога твојата сопруга сака само „сочувство“ (1. Петрово 3:8, Ст). „Разумниот е воздржан во зборовите свои“, стои во Соломонови изреки 17:27.
5. На кои начини сопрузите можат да се подобрат во искажувањето на своите мисли и чувства?
5 Од друга страна, има „време кога се зборува“, и можеби треба да научиш повеќе да ги искажуваш твоите мисли и чувства (Проповедник 3:7). На пример, дали дарежливо ја пофалуваш својата сопруга за тоа што го достигнала? (Соломонови изреки 31:28). Дали покажуваш благодарност за напорната работа што таа ја врши, со тоа што ти помага и што се грижи за домаќинството? (Спореди Колосјаните 3:15.) Или, можеби треба да се подобриш во давање усни „изрази на нежност“ (Песна над песните 1:2, NW). Можеби на почетокот ќе ти биде незгодно, но тоа може многу да придонесе твојата сопруга да се чувствува уверена во твојата љубов кон неа.
6. Што можат да сторат сопругите за да ја подобрат семејната комуникација?
6 А што е со христијанските сопруги? Една сопруга навела дека нејзиниот сопруг знае дека таа го цени, и затоа не е потребно тоа да му го кажува. Меѓутоа, и мажите се радуваат на благодарност, пофалба и фалба (Соломонови изреки 12:8). Дали треба повеќе да се изразуваш во таа насока? Од друга страна, можеби треба да обрнеш повеќе внимание на тоа како слушаш. Ако на сопругот му е тешко отворено да разговара за неговите проблеми, стравови или грижи, дали си научила како, на љубезен и тактичен начин, да го наведеш на разговор?
7. Што може да предизвика избувнување на брачни караници, и како можат да се спречат?
7 Се разбира, дури и двојките кои обично добро се сложуваат, понекогаш можат да доживеат криза во комуникацијата. Емоциите можат да го засенат разумот, или може да се случи мирната дискусија брзо да се претвори во вжештена расправија (Соломонови изреки 15:1). „Сите ние многу грешиме“; но една брачна расправија не значи крај на бракот (Јаков 3:2). Сепак, „пискање и навредлив говор“ (NW) се неприкладни и разорни за секој однос (Ефесјаните 4:31). Брзо смири се кога чуеш болни зборови (Матеј 5:23, 24). Кавгите можат да се спречат на почетокот ако двајцата ги применувате Павловите зборови во Ефесјаните 4:26: „Сонцето да не зајде во гневот ваш“. Да, разговарај за проблемите додека се мали и под контрола; не чекај емоциите да достигнат точкана палење. Ако се разговара секој ден по неколку минути за работи кои се важни, тоа може многу да придонесе за унапредување на комуникацијата и за спречување на недоразбирањата.
‚Јеховиното мисловно насочување‘
8. Зошто може некои млади да застранат од вистината?
8 Изгледа дека некои родители се задоволни со тоа нивните деца да растат со малку водство. Децата присуствуваат на состаноци и имаат некаков удел во службата на проповедање, но често немаат изградено свој сопствен однос со Бог. Со текот на времето, „похотта на телото, желбата на очите“ можат да одвлечкаат од вистината многу такви млади (1. Јованово 2:16). Колку би било жалосно некои родители да го преживеат Армагедон, но поради запоставување во минатото, да ги остават зад себе своите деца како жртви!
9, 10. а) Што вклучува одгледувањето на децата во „стега и Јеховино мисловно насочување“? б) Зошто е важно да им дозволиш на децата слободно да ги изразуваат своите чувства?
9 Затоа Павле напишал: „Вие, татковците, не дразнете ги децата свои, туку воспитувајте ги во науката и стравот Господов [Јеховино мисловно насочување, NW]!“ (Ефесјаните 6:4). За таа цел мораш самиот темелно да бидеш запознаен со Јеховините начела. Треба да дадеш добар пример кога станува збор за работи како што се твојот избор на разонода, лична студија, присуствување на состаноци и службата на проповедање. Павловите зборови исто така вклучуваат, родителот да мора да 1) биде прониклив набљудувач на своите деца и 2) да одржува добра комуникација со нив. Само тогаш можеш да знаеш каде им е потребно „мисловно насочување“.
10 Природно е младите да се стремат кон поголема мера на независност. Меѓутоа, мораш да внимаваш на очигледните знаци на световното влијание во нивниот говор, размислување, облекување и изглед, како и во изборот на пријатели. Еден мудар татко рекол, а запишано е во Соломонови изреки 23:26: „Синко, дај ми го мене срцето“. Дали твоите деца се чувствуваат слободни да ги споделуваат своите мисли и чувства со тебе? Кога децата не се плашат од моментална критика, би можеле да бидат посклони да откријат што навистина мислат за работите како што се воншколските активности, излегувањето со спротивниот пол, високото образование или самата библиска вистина.
11, 12. а) Како можат оброците да се искористат за унапредување на семејната комуникација? б) Што може да произлезе од истрајните настојувања на еден родител да ја унапредува комуникацијата со своите деца?
11 Во многу земји е вообичаено семејствата да јадат заедно. Затоа оброците можат да пружат одлична прилика сите членови на семејството да учествуваат во изградувачки разговор. Сосем често семејниот оброк е заменет со телевизорот или со друга разонода. Но, твоите деца практично со часови биле заложници во училиштето и биле изложени на световно размислување. Оброците се згодно време да комуницираш со твоите деца. „Времето за јадење го користиме да разговараме за работите кои се појавиле во текот на денот“, вели еден родител. Сепак, оброците не мора да бидат време на незгодно карање или испитување со крстосани прашања. Нека приликата биде опуштена и забавна!
12 За да постигнеш децата отворено да разговараат со тебе, може да биде предизвик и може да бара бесконечна стрпливост. Но, со текот на времето, можеш да видиш воодушевувачки резултати. „Нашиот 14-годишен син беше потиштен и повлечен“, се сеќава една загрижена мајка. „Со помош на нашите молитви и истрајност, почнува да се отвора и да разговара!“
Семејна студија која изградува
13. Зошто раното оспособување на децата е толку важно и како може тоа да се постигне?
13 ‚Мисловното насочување‘ вклучува и формално поучување од Божјата Реч. Како во случајот со Тимотеј, таквото поучување треба да започне „од детството“ (2. Тимотеј 3:15, Стварност). Раното поучување ги јакне децата за испити на верата кои можат да се појават во текот на школските години — роденденски прослави, патриотски церемонии или религиозни празници. Ако не се подготвени за таквите испити, верата на едно дете може да биде срушена. Затоа искористи ги средствата кои Друштвото Стражарска кула ги подготвило за мали деца, како што се книгите Да се слуша Големиот Учител и Моја книга со библиски приказни (хрв.).a
14. Како може редовно да се одржува семејната студија, и што си направил ти за да имаш редовна семејна студија?
14 Друга област која заслужува внимание е семејната студија, која лесно може да стане нередовна или досадна, механичка работа која е како товар и за родителите и за децата. Како можеш да ги подобриш работите? Прво, мораш ‚да го откупиш времето‘ (NW) за студијата, така што нема да дозволиш да го пополнат ТВ емисии или друга разонода (Ефесјаните 5:15-17). „Ни беше тешко редовно да ја одржуваме нашата семејна студија“, признава еден семеен поглавар. „Се обидовме со различни временски термини сѐ додека конечно не најдовме еден кој, иаку малку подоцна навечер, за нас беше практичен. Сега нашата семејна студија е редовна“.
15. Како можеш да ја скроиш вашата семејна студија според потребите на твоето семејство?
15 Потоа, разгледај ги посебните потреби на твоето семејство. Многу семејства уживаат кога заеднички се подготвуваат за својата седмична студија на Стражарска кула. Но, одвреме навреме, можеби твоето семејство има посебни прашања кои треба да се дискутираат, вклучувајќи проблеми што се јавуваат на училиште. Книгата Младите прашуваат — делотворни одговори (срп.) и некои статии од Стражарска кула и Разбудете се!, можат да ја задоволат таа потреба. „Кога кај нашите момчиња ќе откриеме некои ставови што треба да се поправат“ вели еден татко, „се сосредоточуваме на едно поглавје од книгата Младите прашуваат кое конкретно зборува за тоа“. Неговата сопруга додава: „Се трудиме да бидеме флексибилни. Ако сме испланирале нешто за нашата студија, а се појавува потреба да дискутираме за нешто друго, тогаш вршиме промена според потребата“.
16. а) Како можеш да провериш дали твоите деца го разбираат она што го учат? б) Што обично треба да се избегнува кога се води семејна студија?
16 Како можеш да се увериш дека твоите деца навистина го разбираат она што го учат? Големиот Учител, Исус, поставувал целисходни прашања, како што е: „Што мислиш“? (Матеј 17:25, ДК). Следејќи го тој пример, обиди се да откриеш што твоите деца навистина мислат. Поттикни го секое дете да одговори со свои сопствени зборови. Се разбира, ако на нивните искрени искази претерано реагираш со гнев или шок, другпат ќе размислат дали уште еднаш ќе бидат отворени со тебе. Затоа, остани смирен. Избегнувај семејната студија да ја претвораш во прилика за казнување. Таа треба да биде пријатна и изградувачка. „Ако откријам дека некое од моите деца има проблем“, вели еден татко, „тоа го решавам во друго време“. „Кога со детето се постапува одвоено“, додава една мајка, „тоа не е толку засрамено и склоно е да зборува послободно, отколку кога би го советувале за време на семејната студија“.
17. Што може да се стори за семејната студија да биде интересна, и што се покажало успешно за твоето семејство?
17 Да ги натераш децата да учествуваат во семејната студија може да биде предизвик, особено кога работиш со деца на различна возраст. Малите деца се склони да бидат немирни, нестрпливи, или после кратко време да изгубат концентрација. Што можеш да сториш? Потруди се атмосферата на студијата да остане опуштена. Ако твоите деца после кратко време го губат вниманието, обиди се да ја одржуваш студијата пократко, но почесто. Ќе ти помогне твојата воодушевеност. „Управител ли е, нека управува [нека го прави тоа со вистинска сериозност, NW]“ (Римјаните 12:8). Вклучи ги сите. Помалите деца би можеле да ги коментираат сликите или да одговараат на едноставни прашања. Можеш да ги замолиш тинејџерите да извршат додатно истражување или практично да го применат материјалот што се разгледува.
18. Како можат родителите да ја всадуваат Божјата Реч во секоја прилика, и со кој резултат?
18 Но, немој духовното поучување да го ограничуваш на еден час во седмицата. Всадувај ја Божјата Реч во твоите деца во секоја прилика (5. Мојсеева 6:7). Одвојувај време да ги сослушуваш. Опоменувај ги и утешувај ги кога е потребно. (Спореди 1. Солунјаните 2:11, 12). Биди сочувствителен и милостив (Псалми 102:13; Малахија 3:17). Ако постапуваш така, децата ќе ‚ти донесат радост‘, а ти ќе го поддржуваш нивното сочувување во Божјиот нов свет (Соломонови изреки 29:17).
„Време кога се смее“
19, 20. а) Каква улога игра рекреацијата во семејниот живот? б) На кои начини родителите можат да организираат рекреација за своето семејство?
19 Има „време кога се смее . . ., време кога се игра“ (Проповедник 3:4). Хебрејскиот израз „се смее“ може да се преведе и со изразите „свири и игра“, „се забавува“, „се весели“, дури и „се шегува“ (2. Царства 6:21; Јов 40:24; Судиите 16:25; 2. Мојсеева 32:6; 1. Мојсеева 26:8). Играта служи за корисни намени, а важна е за децата и младите. Во библиски времиња, родителите организирале забава и рекреација за своите семејства. (Спореди Лука 15:25.) Дали ти го правиш истото?
20 „Ги користиме јавните паркови“, вели еден христијански сопруг. „Покануваме некои млади браќа и играме топка, а имаме и пикник. Се забавуваат и се радуваат на здравото дружење“. Еден друг родител додава: „Планираме заеднички работи со нашите момчиња. Одиме на пливање, играме топка, одиме на одмор. Но, разонодата ја задржуваме на нејзиното исправно место. Ја нагласувам потребата да се одржува рамнотежа“. Здравата рекреација, како што се прикладните собири или излетите во зоолошка градина или во музеи, можат многу да сторат за едно дете да го спречат да биде привлечено од задоволствата на светот.
21. Како можат родителите да спречат нивните деца да се чувствуваат како нешто да им е ускратено поради тоа што не слават световни празници?
21 Многу е важно твоите деца да не се чувствуваат како нешто да им е ускратено само затоа што не слават родендени или нехристијански празници. Со малку организација од твоја страна, можат да бидат во исчекување на многу радосни моменти во текот на годината. Да, на еден добар родител не му е потребен некој празник како повод да ја изрази својата љубов во материјален поглед. Како неговиот небесен Татко, тој спонтано ‚умее да им дава на своите чеда добри дарови‘ (Матеј 7:11).
Обезбеди вечна иднина за твоето семејство
22, 23. а) За што можат да бидат сигурни богобојазливите семејства додека се приближува големата неволја? б) Што можат семејствата да прават за да бидат сочувани во Божјиот нов свет?
22 Псалмистот се молел: „Ти, Господи, ќе нѐ одбраниш и ќе нѐ запазиш од овој род и довека“ (Псалми 11:7). Притисокот од Сатана сигурно ќе се зголеми — особено против семејствата на Јеховините сведоци. Сепак, можно е да му се спротивставиме на тој растечки напад. Со Јеховина помош и со горливата одлучност и напорната работа од страна на сопрузите, сопругите и децата, семејствата — вклучувајќи го и твоето — можат да ја имаат надежта да останат сочувани во живот во текот на големата неволја.
23 Сопрузи и сопруги, внесете мир и хармонија во вашиот брак, исполнувајќи ги вашите улоги дадени од Бог. Родители, продолжете да пружате исправен пример за вашите деца, откупувајќи го времето за да им ја дадете поуката и воспитувањето кои толку многу им се потребни. Разговарајте со нив. Слушајте ги. Во прашање се нивните животи! Деца, слушајте ги вашите родители и бидете им послушни. Со Јеховина помош можете да успеете и да си обезбедите вечна иднина во Божјиот претстоен нов свет.
[Фуснота]
a Аудио касети исто така се достапни на неколку јазици.
Дали се сеќаваш?
◻ Како можат сопрузите и сопругите да ја подобрат својата комуникација?
◻ Како можат родителите да одгледуваат деца во ‚Јеховиното мисловно насочување‘? (Ефесјаните 6:4).
◻ Кои се некои од начините кои придонесуваат семејната студија да биде изградувачка и поинтересна?
◻ Што би можеле родителите да сторат во поглед на организирање на рекреацијата и разонодата за своите семејства?
[Рамка на страница 16]
Музиката — силно влијание
Авторот на една книга за подигање на деца, наведува: „Кога би застанал пред публика . . . и би ги застапувал пијаните оргии, опивањето со кокаин, марихуана, или било која друга дрога која предизвикува душевно возбудување, би гледале во мене со запрепастена зачуденост. . . . [Сепак] родителите често им даваат пари на своите деца за да купат плочи или касети кои отворено ги застапуваат тие работи“ — Одгледување деца во негативен свет (Raising Positive Kids in a Negative World), од Зиг Зиглар. На пример, во САД, отворените сексуални текстови на рап музиката ги повторуваат многу млади. Дали им помагаш на твоите деца да бидат избирливи во поглед на музиката и така да ги избегнат таквите демонски замки?
[Слика на страница 15]
Оброците можат да бидат пријатни прилики кои го унапредуваат семејното единство и комуникација