Сцени од Ветената земја
На пат кон Силом — добрите и лошите деца
КОГА ќе помислиш на места, градови или подрачја од Ветената земја, дали ти доаѓаат на ум значајни мажи и жени? Веројатно да, бидејќи повеќето библиски извештаи вклучуваат возрасни. Но што е со децата од тоа време? Дали си ги замислуваш и нив во сцените?
Горната слика може да ни помогне да се сосредоточиме на извештаите кои ги вклучуваат и младите, од кои некои претставуваат извонредни примери за христијаните, а други пак биле предупредувачки примери. Заоблениот рид во средината очигледно е местото на Силом.a Но, зошто вниманието го свртуваме на Силом?
Веројатно се сеќаваш дека кога Израел влезе во Ветената земја, дека тие најпрвин го поставија Божјиот шатор за обожавање во Гилгал, близу Јерихон (Исус Навин 4:19), а кога земјата беше поделена, овој свет шатор — средиштето на израелското обожавање — беше пренесен овде во Силом (Исус Навин 18:1). Тоа е околу 30 километри северно од Ерусалим во планинскиот предел на Ефрем. До Силом патувале мажи и жени од сиот Израел; веројатно во долината јужно од местото кадешто стоел шаторот за обожавање, можеле да се соберат огромни маси луѓе (Исус Навин 22:12). Замисли си само како ваму доаѓаат и деца!
Да, имало и деца. Најзабележителен пример кој треба да го знаеме е младиот Самуил. Неговите родители, Елкана и Ана, живееле во еден град преку ридовите на запад. Секоја година патувале овде, веројатно водејќи со себе и некои од децата од другата сопруга на Елкана. Најпосле Јехова ја благословил и Ана со син на кој му дале име Самуил. Со тек на времето, неговите родители го донеле да живее во Силом, каде можел да служи во шаторот за обожавање заедно со првосвештеникот Илиј (1. Царства 1:1–2:11).
Момчето извршувало секојдневни работи во Божјиот дом и сигурно имало многу прилики да пешачи по блиските ридови (1. Царства 3:1, 15). Некои од нив биле во вид на тераси полни со маслинови дрвја, како што може да се види на сликата на стр. 9. Забележи ја малата стражарска кула од камен. Осамени селани или овчари можеле да набљудуваат од таква стражарска кула, но замисли си го младиот Самуил како и тој се искачува за да погледне. (Спореди 2. Дневника 20:24, ДК). Тоа место било особено поволно за набљудување на дивите животни.
Во тоа време имало повеќе дрвја отколку сега, дури шуми низ кои талкале диви животни (Исус Навин 17:15, 18). Го гледаме тоа од еден непријатен настан што се одиграл кога Јелисеј станал Божји главен пророк. Тој патувал од Јерихон кон Ветил (Бетел) наоѓајќи се во ова подрачје, на околу 16 километри јужно од Силом. Каков прием ќе му приредат луѓето од Ветил, кој станал центар за обожавање на златно теле? (3. Царства 12:27-33; 4. Царства 10:29). Очигледно возрасните се непријателски расположени спрема Јеховиниот пророк, а се чини нивниот став дека оставил печат и на нивните деца.
Четврта книга Царства 2:23, 24 нѐ известува кога една толпа од деца му се потсмевала на Божјиот пророк: „Врви, ќелавко! Врви, ќелавко!“ Во одговор, Елисеј „ги проколна во името на Господа [Јехова, NW]. Тогаш излегоа од гората две мечки и раскинаа од нив четириесет и две деца“. Такви сириски кафеави мечки можат да бидат свирепи кога се изненадени или кога изгледа дека нивните младенчиња се загрозени (2. Царства 17:8; Соломонови изреки 17:12; 28:15). Бог ги употребил нив за да извршат божествена правда против оние кои грубо ги презирале неговите претставници и со тоа го презирале самиот Јехова.
Тоа што некое дете можело да сретне такви диви животни на ридовите околу Силом, ќе ни послужи повеќе да ја цениме верата која ја покажале родителите на Самуил кога го донеле да служи во шаторот за обожавање.
Таква вера и предаденост покажал еден друг обожавател од старо време — судијата Ефтај, кој живеел во ритчестиот предел на Галад на источната страна од Јордан. Од ревност спрема Јехова против непријателските Амонити, Ефтај се заколнал дека првиот што ќе му излезе в пресрет од неговата куќа ќе му биде жртвуван на Јехова. Испаднало тоа да биде неговата девствена ќерка. Така го довел своето единствено дете во Божјето светилиште кај Силом кадешто живеела и верно му служела со години (Судии Израилеви 11:30-40).
Верната оддаденост што ја покажале Самуил и Ефтајовата ќерка во подрачјето на Силом сигурно претставува извонреден контраст спрема негативниот пример на 42-та престапници кои му се потсмевале на Јеховиниот пророк во тоа исто подрачје. (Спореди 1. Коринтјаните 10:6, 11).
[Фуснота]
a Може да се види на поголема слика на Календарот на Јеховини сведоци 1992
[Извор на слика на страница 8]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.
[Извор на слика на страница 9]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.
[Извор на слика на страница 9]
Сафари Зоо, Рамат-Ган, Тел Авив