Дали ни е потребна Библијата?
ОКСАНА, млада Русинка, се восхитила кога забележала дека кај еден аквизитер во Москва се продава Библијата. Нејзиниот придружник Џон, кој потекнувал од земја каде Библијата била достапна за читање, бил трогнат од одушевувањето на Оксана. „Сакав да ѝ ја купам Библијата макар што бев атеист“ — признава тој. Иако Оксана одбила на почетокот, на крајот го примила подарокот од Џон.
Многумина, слично на Оксана, имаат голема желба да ја имаат Библијата. Тоа особено се однесува на земјите каде што Библијата била забранета долги години. На пример, издавачите на ова списание напорно работат за да ги задоволат потребите за Библии во поранешните Советски Републики, како и во останатите делови на светот. За прв пат, многу луѓе во овие подрачја имаат можност лично да ја истражат Библијата — и голем број се привлечени од нејзината силна порака.
Критики и сомневања
Како сушта спротивност, особено во северна Европа, Библијата стои на полицата за книги и збира прашина. „Мртва историја!“, велат некои, „пишувана е за некој друг век. Не е од никаква корист за денешниот човек“. Дури и истакнати свештеници дале јавни изјави со кои ја омаловажиле Библијата. Англиканскиот надбискуп Дезмонд Туту за јужноафриканскиот весник The Star изјавил: „Делови од Библијата немаат никаква трајна вредност“. Ваквите изјави придонеле многумина да се прашуваат колку можат да ѝ веруваат на Библијата.
Потреба од водство
И критичарите и верниците мораат да признаат дека, повеќе од кога и да е, на светот му е потребно решение во врска со овој проблем. „Ако човекот наскоро не научи да ја контролира брзината со која се случуваат промените во неговиот сопствен живот, како и во општеството воопшто,“ — напишал Алвин Тофлер во својата книга Future Shock — „тогаш сме осудени на масовен . . . слом“. Ова предупредување било изнесено пред повеќе од 20 години. Сломот за којшто зборувал Тофлер се чини дека се случува токму денес.
Технолошките откритија и човечките филозофии не успеале да создадат светска стабилност во светот, како што ова столетие се приближува кон својот крај. Неодамнешните очекувања за нов светски поредок ги отрезни многумина, а животот се сведе на секојдневна битка за преживување.
Статистиката покажува дека економската разлика меѓу богатите и сиромашните се претворила во бездна. Едно неодамнешно истражување покажа дека 82.7 проценти од светското богатство се наоѓа во рацете на само 20 проценти од светското население. Дали тогаш треба да се зачудиме што во повеќето земји преовладува војната, гладот, болеста, безредијата и анархијата? Напорите за подобрување на квалитетот на животот, кој сѐ повеќе се влошува, предизвикуваат огромен стрес врз емоциите на луѓето. Како резултат на тоа, се распаѓа и основната единка на општеството — семејството.
Иако повеќето како Тофлер сметаат дека човекот е должен да „изнаоѓа потполно нови начини за воспоставување на стабилност и сигурност“, настаните докажуваат дека луѓето не се во состојба сами да најдат решение.
Единствениот излез
Светата Библија, чие пишување започнало пред околу 3.500 години, не се изменила низ вековите. Нејзините начела не се промениле. На пример, денес, повеќе од кога и да било, зборовите од Јеремија 10:23 се покажале како вистинити: „Патот на човекот не зависи од него, . . . не е во власта на оној кој оди, за да ги исправа стапките свои“. Ако луѓето не се во состојба да го управуваат својот пат, тогаш кој е? Библијата укажува на единствениот вистински Извор на водство: „Јас сум Господ [Јехова NW], Бог твој, Кој те учи на добро, Кој те води по оној пат, по кој треба да одиш“ (Исаија 48:17).
Низ страниците на Библијата Јехова Бог нѐ учи како да не бидеме беспомошни. Тие изобилуваат со совети кои ни го покажуваат патот по кој треба да одиме. Тие денес важат исто толку колку што важеле и во времето кога биле напишани. Следната статија ќе ја разгледува практичноста на Библијата во овој век. Преку еден широк дијапазон од поими, како на пример здравје, благосостојба, семеен и личнен живот, можеш да увидиш дека Библијата навистина е како цврста карпа сред развејуван песок во денешниот свет.
[Слика на страница 4]
Библијата е како сигурно сидро во денешниов немирен свет