Конечната победа на Михаил, големиот кнез
„И во тоа време ќе се крене Михаил, големиот кнез, кој ќе ги брани синовите на твојот народ“ (ДАНИИЛ 12:1).
1. Каков став покажале многумина светски владетели спрема Јеховината сувереност, и како не е поинаков северниот цар?
„КОЈ Е Јехова, па да морам да го послушам неговиот глас и го испратам Израел?“ (2. Мојсеева 5:2, НС). Ова биле фараоновите предизвикувачки зборови до Мојсеј. Одбивајќи да го признае врховното Божество на Јехова, фараонот бил решен да го држи Израел во ропство. Други владетели покажале сличен презир кон Јехова, а ни царевите од Даниеловото пророштво не се исклучок (Исаија 36:13-20). Всушност, северниот цар отишол уште подалеку. Ангелот вели: „Ќе се крене и ќе се возвеличи повисоко од секое божество, ќе почне да хули на Бога над боговите . . . За боговите [за Богот, НС] на татковците свои нема ни да помисли, ни желба за жени нема да има, дури и никакво божество нема да уважува, бидејќи ќе се возгордее погоре од сите“ (Даниил 11:36, 37).
2, 3. На каков начин северниот цар го отфрлил „Богот на своите татковци“ заради обожавање на друг „бог“?
2 Исполнувајќи ги овие пророчки зборови, северниот цар го отфрлил ‚Богот на своите татковци‘ (или: „своите дедовски богови“, The New English Bible), било да се тоа паганските богови на Рим или тринитаријанското божество на т. н. христијанство. Хитлер го употребил т. н. христијанство за свои сопствени цели, но очигледно планирал да го замени со нова, германска црква. Неговиот наследник северен цар унапредувал отворен атеизам. Така, северниот цар себеси се направил бог кој ‚се возгордеал погоре од сите‘.
3 Пророштвото понатаму вели: „Но ќе укажува почест на бога [на богот на тврдините, НС], што татковците негови не го знаеле, ќе го чести со злато и сребро и драгоцени камења“ (Даниил 11:38). Фактички, северниот цар ја ставил својата доверба во модерниот научен милитаризам, „богот на тврдините“. Низ сето време на крајот тој барал спасение преку овој „бог“, жртвувајќи енормно богатство на неговиот олтар.
4. Каков успех имал северниот цар?
4 „И ќе изгради силна тврдина [ќе дејствува делотворно против најутврдените тврдини, НС] со туѓ бог: на оние, што ќе го признаваат, ќе им ги зголемува почестите и ќе им дава власт над мнозина и земја ќе раздава како награда“ (Даниил 11:39). Потпирајќи се на својот милитаристички „туѓ бог“, северниот цар дејствувал многу „делотворно“ и се покажал како огромна воена сила во „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1). Оние кои ја поддржувале неговата идеологија биле наградувани со политичка, финансиска и, понекогаш — воена поддршка.
„Во времето на крајот“
5, 6. Како се ‚судрил‘ јужниот цар, и како реагирал северниот цар?
5 Даниил 11:40а гласи: „Кон крајот на времето јужниот цар ќе се судри со него“. Се смета дека овој и следните стихови ќе се исполнат во нашата иднина. Меѓутоа, ако „времето на крајот“ овде значи истото како во Даниил 12:4, 9, би требало да го побараме исполнувањето на овие зборови во текот на последните денови. Дали јужниот цар се ‚судрил‘ со северниот цар во текот на ова време? Да, навистина. По Првата светска војна, казнениот мировен договор секако беше ‚судир‘, поттикнување на одмазда. По победата во Втората светска војна, јужниот цар го впери своето застрашувачко нуклеарно оружје во својот соперник и организира против него моќна воена алијанса, НАТО. Како што годините минуваа, неговото ‚судирање‘ вклучуваше високотехнолошка шпијунажа, како и дипломатски и воени офанзиви.
6 Како реагирал северниот цар? „Северниот цар ќе се впушти како бура врз него со коли, коњаници и многубројни кораби, ќе нападне на областите, ќе ги поплави и ќе мине преку нив“ (Даниил 11:40б). Историјата на последните денови го покажа експанзионизмот на северниот цар. За време на Втората светска војна, нацистичкиот „цар“ се изли преку своите граници во околните земји. На крајот од таа војна, наследничкиот „цар“ изгради моќна империја надвор од неговите граници. За време на Студената војна, северниот цар се бореше против својот ривал поддржувајќи војни на подрачјата на други земји, како и бунтови во Африка, Азија и Јужна Америка. Ги прогонуваше вистинските христијани така што ја ограничуваше (но никако не ја запираше) нивната активност. А неговите воени и политички офанзиви доведоа голем број земји под негова контрола. Ова е точно онака како што прорекол ангелот: „И ќе влезе во најубавата земја [духовниот имот на Божјиот народ], а многу области ќе пострадаат“ (Даниил 11:41а).
7. Какви граници имало за експанзионизмот на северниот цар?
7 Меѓутоа, иако — од гледиштето на неговиот соперник — северниот цар се појавил со заканувачка присутност, тој не успеал да го освои светот. „Од раката негова ќе се спасат само Едом, Моав и голем број од синовите Амонови“ (Даниил 11:41б). Во древни времиња, Едом, Моав и Амон биле сместени отприлика помеѓу Египет и Сирија. Тие можат да се земат како претслика на денешните нации и организации коишто северниот цар ги зел на око, но не успеал да ги доведе под свое влијание.
‚Египет нема да се спаси‘
8, 9. Како било почувствувано влијанието на северниот цар, дури и од страна на неговиот главен соперник?
8 Ангелот понатаму вели: „Ќе ја протегне раката своја врз разни земји; нема да се спаси ни земјата Египетска. Ќе освои златни и сребрени ризници и разни скапоцени работи од Египет; Ливијците и Етиопјаните ќе тргнат по него“ (Даниил 11:42, 43). Дури и јужниот цар, „Египет“, не ги избегнал последиците на експанзионистичката политика на северниот цар. На пример, тој претрпе значителен пораз во Виетнам. А што е со „Ливијците и Етиопјаните“? Овие соседи на древниот Египет би можеле да ги предочуваат нациите кои, во географска смисла, се соседи на современ „Египет“ и кои повремено биле следбеници, односно ‚тргнале по‘ северниот цар.
9 Дали владеел северниот цар над ‚златни и сребрени ризници на Египет‘? Па, тој сигурно не го победил јужниот цар, а до 1993 светската ситуација изгледала неверојатна дека тој ќе успее во тоа. Но имал силно влијание врз начинот на кој јужниот цар ги користел своите финансиски средства. Од страв пред својот ривал, јужниот цар секоја година одвојува големи суми за одржување на огромна војска, морнарица и воздушни сили. Во оваа мера за северниот цар може да се рече дека го ‚освоил [владеел над, НС]‘, односно го контролирал богатството со кое располагал јужниот цар.
Конечната кампања на северниот цар
10. На каков начин ангелот го опишува крајот на соперништвото помеѓу двајцата цареви?
10 Дали соперништвото помеѓу двата цара ќе трае бесконечно? Не. Ангелот му рекол на Даниел: „Гласовите од исток и од север ќе го смутат [северниот цар], па тој ќе излезе со најголема јарост за да истребува и погубува мнозина, и ќе ги распне царските шатори меѓу морето и гората на преславното светилиште; но ќе му дојде крајот, и никој нема да му помогне“ (Даниил 11:44, 45).
11, 12. Кои неодамнешни политички настани се однесуваат на соперништвото помеѓу северниот и јужниот цар, и што мораме допрва да дознаеме?
11 Овие настани лежат уште во иднината, и затоа не можеме да кажеме во детали како ќе се исполни пророштвото. Неодамна, политичката ситуација во поглед на двата цара се промени. Горкото соперништво помеѓу Соединетите Држави и источноевропските земји спласна. Освен тоа, во 1991 Советскиот Сојуз се распадна и повеќе не постои. (Види го изданието на Стражарска кула од 1. март 1992, страници 4, 5.)
12 Тогаш, кој е сега северниот цар? Дали треба да се идентификува со некоја од земјите коишто беа дел од стариот Советски Сојуз? Или пак потполно го менува својот идентитет, како што правел повеќе пати пред тоа? Не можеме да кажеме. Кој ќе биде северниот цар кога ќе се исполни Даниил 11:44, 45? Дали соперништвото помеѓу двата цара повторно ќе се распламти? И што е со огромните нуклеарни залихи кои сѐ уште постојат во голем број земји? Само времето може да одговори на овие прашања.
13, 14. Што знаеме за иднината на двајцата цареви?
13 Едно сигурно знаеме. Наскоро, северниот цар ќе поведе офанзивна кампања која ќе биде предизвикана од ‚гласови од исток и од север кои ќе го смутат‘. Оваа кампања непосредно ќе му претходи на неговиот ‚крај‘. Можеме да научиме повеќе за овие „гласови [извештаи, НС]“ ако ги разгледаме другите библиски пророштва.
14 Сепак, првин забележи дека не се вели за овие постапки на северниот цар дека се против јужниот цар. Тој не доаѓа до својот крај од рацете на неговиот најголем ривал. На сличен начин, јужниот цар не е уништен од северниот цар. Јужниот цар (во други пророштва прикажан како последен рог што се појавува на една дива ѕверка) е уништен „не со [човечка] рака“, туку од страна на Божјето Царство (Даниил 7:26; 8:25). Всушност, сите земски цареви на крајот ќе бидат уништени од Божјето Царство во битката од Армагедон, а тоа е очигледно она што ќе му се случи на северниот цар (Даниил 2:44; 12:1; Откровение 16:14, 16). Даниил 11:44, 45 опишува настани кои водат до таа конечна битка. Не е чудо што „никој нема да му помогне“ кога северниот цар ќе се соочи со својот крај!
15. Кои важни прашања останува да се разгледаат?
15 Тогаш, што се другите пророштва кои ги расветлуваат ‚гласовите [извештаите, НС]‘ коишто го поттикнуваат северниот цар да почне да „погубува мнозина“. И кои се мнозината коишто тој ќе сака да ги уништи?
Глас од исток
16. а) Кој истакнат настан мора да се случи пред Армагедон? б) Кои се ‚царевите од сончевиот исток‘?
16 Пред финалната битка, Армагедон, мора да биде уништен еден голем непријател на вистинското обожавање — Големиот Вавилон сличен на блудница, светското царство на лажната религија (Откровение 18:3-8). Неговото уништување е предвестено со истурањето на шестата чаша на Божјиот гнев врз симболичната река Еуфрат. Реката пресушува ‚за да се подготви патот за царевите од сончевиот исток‘ (Откровение 16:12). Кои се овие цареви? Никој друг освен Јехова Бог и Исус Христос!a
17. а) Што ни кажува Библијата за уништувањето на Големиот Вавилон? б) Што би можел да биде извештајот „од исток“?
17 Уништувањето на Големиот Вавилон сликовито е опишано во книгата Откровение: „А десетте рогови [,царевите‘ кои владеат во времето на крајот], што ги виде на ѕверот [црвената дива ѕверка која ја претставува Организацијата на обединетите нации], тие ќе ја замразат блудницата, ќе ја запустат и оголат, и телото нејзино ќе го изедат, а неа самата на оган ќе ја изгорат“ (Откровение 17:16). Навистина, нациите ‚уништуваат многу месо‘! (Даниил 7:5). Но, зошто владетелите, вклучувајќи го и северниот цар, ќе го уништат Големиот Вавилон? Затоа што ‚Бог им дава во срцата нивни да ја исполнат волјата Негова‘ (Откровение 17:17). Извештајот „од исток“ може да се однесува на оваа Јеховина постапка кога тој, на свој начин, им става во срцата на човечките лидери мисла да ја сотрат големата религиозна блудница (Даниил 11:44).
Извештај од север
18. Каква друга мета има северниот цар, и каде е сместен тој кога ќе дојде до својот крај?
18 Но има уште една мета за гневот на северниот цар. Ангелот вели дека тој ќе ги „распне царските шатори меѓу морето и гората на преславното светилиште“ (Даниил 11:45). Во Даниелово време, големото море било Средоземното Море, а светата гора бил Сион, каде што некогаш било местото на Божјиот храм. Затоа, во исполнувањето на пророштвото, разбеснетиот северен цар води воена кампања против Божјиот народ! Во духовна смисла денес, положбата „меѓу морето и гората“ е поместена на духовниот имот на Божјите помазани слуги кои излегле од „морето“ на отуѓеното човештво и кои ја имаат надежта да владеат на небесната гора Сион со Исус Христос (Исаија 57:20; Евреите 12:22; Откровение 14:1).
19. Како би можеле да го идентификуваме извештајот што го поттикнува Гоговиот напад, како што е покажано во Језекииловото пророштво? (Види ја фуснотата.)
19 И Језекиил, современик на Даниел, прорекол еден напад врз Божјиот народ „во последниот дел од деновите“ (НС). Рекол дека Гог од Магог ќе предизвика непријателства, а тој го претставува Сатана Ѓаволот (Езекиел 38:16). Симболички речено, од која страна доаѓа Гог? Јехова преку Језекиил вели: „И ти ќе тргнеш од твоето место, од [најодделечените делови на, НС] северните предели“ (Језекиил 38:15). Според тоа, извештајот „од север“ може да биде Сатановата пропаганда која го наведува северниот цар и сите други цареви да го нападнат Јеховиниот народ.b (Спореди Откровение 16:13, 14; 17:14.)
20, 21. а) Зошто Гог ќе ги поттикне нациите, вклучувајќи го и северниот цар, да го нападнат Божјиот народ? б) Дали ќе успее овој напад?
20 Гог го организира овој тотален напад поради просперитетот на ‚Божјиот Израел‘ кој, заедно со големото мноштво од други овци, повеќе не се дел од неговиот свет (Галатјаните 6:16; Јован 10:16; 17:15, 16; 1. Јованово 5:19). Гог гледа попреку на ‚народот собран од нациите, кој собира [духовно] богатство и имот‘ (Езекиел 38:12, НС; Откровение 5:9; 7:9). Во исполнение на овие зборови, Јеховиниот народ денес напредува како никогаш порано. Во многу земји во Европа, Африка и Азија, каде што порано беа забранети, тие сега обожаваат слободно. Помеѓу 1987 и 1992, преку еден милион „пожелни работи“ (НС) дојдоа од нациите во Јеховиниот дом на вистинско обожавање. Во духовна смисла, тие се богати и мирољубиви (Агеј 2:7; Исаија 2:2-4; 2. Коринтјаните 8:9).
21 Сметајќи дека христијанскиот духовен имот е „неоградена [селска, НС] земја“ азар за земање, Гог прави крајни напори да ја избрише оваа препрека до негова потполна контрола над човештвото (Језекиил 38:11). Но не успева. Кога земските цареви ќе го нападнат Јеховиниот народ, ним ќе ‚им дојде крајот‘. Како?
Трет цар
22, 23. Кој ќе застане за Божјиот народ кога Гог ќе нападне, и каков ќе биде исходот?
22 Језекиил вели дека Гоговиот напад е сигнал за Јехова Бог да се крене во полза на својот народ и да ги уништи Гоговите сили „на Израилевите планини“ (Језекиил 38:18; 39:4). Ова нѐ потсетува на она што ангелот му го рекол на Даниел: „И во тоа време ќе се крене Михаил, големиот кнез, кој ќе ги брани синовите на твојот народ, и ќе настане време тешко, какво што немало откако постојат луѓето, па сѐ до денес; но ќе се спасат во тоа време од твојот народ сите, кои ќе се најдат дека се запишани во книгата“ (Даниил 12:1).
23 Во 1914, Исус — небескиот воин Михаил — станал Цар на Божјето небесно Царство (Откровение 11:15; 12:7-9). Оттогаш, тој стоел во полза на ‚синовите на Данииловиот народ‘. Но, наскоро тој ќе ‚застане‘ во Јеховино име како непобедлив Цар-Воин, извршувајќи „одмазда врз оние, кои не го познаваат Бога и не го слушаат евангелието на нашиот Господ Исус Христос“ (2. Солуњанима 1:8, ДК). Сите нации на Земјата, вклучувајќи ги царевите од Даниеловото пророштво, „ќе се расплачат“ (Матеј 24:30). Сѐ уште со зли мисли во нивните срца спрема ‚Данииловиот народ‘, тие ќе загинат засекогаш од рацете на ‚Михаил, големиот кнез‘ (Откровение 19:11-21).
24. Како би требало да влијае на нас ова проучување на Даниеловото пророштво?
24 Зарем не копнееме да го видиме тој голем триумф на Михаил и на неговиот Бог, Јехова? Па таа победа ќе значи ‚спас‘, преживување за вистинските христијани. (Спореди Малахија 4:1-3.) Затоа, гледајќи кон иднината со желно исчекување, ги имаме на ум зборовите на апостолот Павле: „Проповедај го словото, настојувај во погодно време и во невреме“ (2. Тимотеј 4:2). Да се држиме цврсто за Речта на животот и марливо да ги бараме Јеховините овци додека трае поволното време. Ние сме во завршната фаза од трката за живот. Наградата е на дофат. Нека сите бидеме одлучни да истраеме до крајот и така да бидеме меѓу оние кои ќе бидат спасени (Матеј 24:13; Евреите 12:1).
[Фусноти]
a Види Откривење — Близу је величествени врхунац!, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., страници 229-230.
b Како алтернатива, извештајот „од север“ би можел да се покаже дека потекнува од Јехова, со оглед на неговите зборови до Гог: „Ќе ти ставам алка на твојата челуст; ќе те изведам“. „Ќе те изведам од северните предели и ќе те доведам на планините Израилеви“ (Језекиил 38:4; 39:2; спореди Псалми 47:2).
Дали разбираш?
◻ Како се ‚судрил‘ јужниот цар со северниот цар во времето на крајот?
◻ Што треба допрва да дознаеме во врска со исходот на соперништвото меѓу двата цара?
◻ Кои два настана пред Армагедон сигурно ќе го вклучат северниот цар?
◻ Како ќе го заштити Божјиот народ ‚Михаил, големиот кнез‘?
◻ Како би требало да реагираме на нашето проучување на Даниеловото пророштво?
[Слики на страница 19]
Северниот цар обожавал богови кои биле поинакви од боговите на неговите претци
[Извор на слика]
Горе лево и во средината: UPI/Bettmann; на дното лево: Reuters/Bettmann; на дното десно: Jasmin/Gamma Liaison