Бидете смели!
„Да бидеме смели и да речеме: ‚Јехова е мој помошник‘“ (ЕВРЕИТЕ 13:6, НС).
1. Каква смелост покажале оние кои ја дознале Божјата вистина во првиот век н. е.?
ТОА се случило во првиот век од нашата ера. Долгоочекуваниот Месија дошол. Добро ги поучил своите ученици и започнал едно животоважно проповедничко дело. Дошло време луѓето да ја чујат добрата вест за Божјето Царство. Затоа, мажи и жени кои ја дознале вистината, храбро ја објавувале таа прекрасна порака (Матеј 28:19, 20).
2. Зошто им е потребна храброст на Јеховините сведоци денес?
2 Царството не било воспоставено во тие денови. Но поставениот Цар, Исус Христос, пророкувал за неговата идна невидлива присутност во моќта на Царството. Таа требало да биде обележана со такви работи како што се неспоредливи војни, глад, чуми, земјотреси и проповедање на добрата вест ширум светот (Матеј 24:3-14; Лука 21:10, 11). Како Сведоци на Јехова, нам ни е потребна храброст за да излеземе на крај со овие услови и со прогонството што го доживуваме. Затоа ќе биде корисно да разгледаме библиски извештаи за храбри објавители на Царството од првиот век.
Храбро имитирај го Христос
3. Кој го дава најдобриот пример на храброст, и што било речено за него во Евреите 12:1-3?
3 Исус Христос го дава најдобриот пример на храброст. Откако наведува „многу“ храбри претхристијански сведоци на Јехова, апостолот Павле се сосредоточува на Исус и вели: „Имајќи толку многу сведоци, да отфрлиме од себеси секакво бреме и грев, што лесно нѐ опкружува, и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба, имајќи Го пред очи Началникот и Завршителот на верата — Исуса, Кој, поради Неговата идна радост претрпе крст, откако го презре срамот, и седна од десната страна на престолот Божји. Помислете, пак, на Оној, Кој од грешниците претрпе над Себеси таква поруга, та да не ви дотегне, и да не опаднете духом!“ (Евреите 12:1-3).
4. Како покажал храброст Исус кога бил искушуван од Сатана?
4 По неговото крштение и 40-дневно размислување, молитва и постење во пустината, Исус смело му се спротивставил на Сатана. Кога бил искушуван од Ѓаволот да претвори камење во леб, Исус одбил, затоа што било неисправно да се направи чудо за да се задоволи некаква лична желба. „Напишано е:“ — рекол Исус — „,Не само од леб ќе живее човекот, а и од секој збор што излегува од устата на Бога‘“. Кога Сатана го предизвикал да скокне од храмската стреа, Исус одбил затоа што би било грев да го искушува Бог да го спаси од потенцијално самоубиство. „Напишано е исто така —“, изјавил Христос, „,Не искушувај Го Господа, Твојот Бог‘“. Сатана му ги понудил сите царства на светот за едно ‚поклонување‘, но Исус не сакал да отпадне и да го поддржи Ѓаволовото тврдење дека луѓето нема да му останат верни на Бог под испит. Затоа Исус објавил: „Бегај од Мене, сатано, зашто е напишано: ‚На Господа, твојот Бог, да Му се поклонуваш и само Нему да Му служиш!‘“ На тоа, Искушувачот ‚отишол од Него за некое време‘ (Матеј 4:1-11; Лука 4:13).
5. Што може да ни помогне да поднесеме искушение?
5 Исус му бил подложен на Јехова и му се спротивставил на Сатана. Ако слично и ние ‚му се покориме на Бога, а се противиме на ѓаволот, тој ќе побегне од нас‘ (Јаков 4:7). Како Исус, можеме храбро да поднесеме искушение ако го применуваме Писмото, можеби дури и го цитираме во времето кога сме искушувани да сториме нешто грешно. Можно ли е да попуштиме на искушение да извршиме кражба ако во тоа време си го повторуваме Божјиот закон: „Не кради“? Дали е веројатно двајца христијани да подлегнат на сексуален неморал ако барем еден од нив храбро ги цитира зборовите: „Не врши прељуба“? (Римјаните 13:8-10; 2. Мојсеева 20:14, 15).
6. Како Исус храбро го победил светот?
6 Како христијани кои се мразени од овој свет, можеме да го избегнеме неговиот дух и грешно однесување. Исус им рекол на своите следбеници: „Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот“ (Јован 16:33). Тој триумфирал над светот така што не станал како него. Неговиот пример како победник и исходот на неговиот пат на чување на беспрекорноста може да нѐ исполни со храброста да го имитираме така што ќе останеме одделени од овој свет и неизвалкани од него (Јован 17:16).
Храброст да се продолжи да се проповеда
7, 8. Што ќе ни помогне да продолжиме да проповедаме и покрај прогонство?
7 Исус и неговите ученици се потпирале на Бог за храброст да продолжат да проповедаат и покрај прогонство. Христос храбро ја исполнил својата служба и покрај прогонство, а после Пентакост 33. г. н. е., неговите прогонети следбеници продолжиле да ја објавуваат добрата вест и покрај тоа што еврејските религиозни водачи се обиделе да ги запрат (Дела на св. апостоли 4:18-20; 5:29). Учениците молеле: „Господи, погледај на нивните заплашувања и дај им на слугите Свои наполно слободно да го проповедаат Твоето слово“. И што се случило? „Откако се помолија, се затресе местото, каде што беа собрани,“ — вели извештајот — „и сите се исполнија со Дух Свети и слободно [со смелост, НС] го проповедаа словото Божјо“ (Дела на св. апостоли 4:21-31).
8 Бидејќи повеќето луѓе денес не се приемливи за добрата вест, смелоста е честопати неопходна за да продолжиме да им проповедаме. Особено кога се прогонети, на Јеховините слуги им треба храброст дадена од Бог за да дадат темелно сведоштво (Дела на св. апостоли 2:40; 20:24). Така храбриот објавител на Царството, Павле, му рекол на еден млад, помалку искусен соработник: „Бог не ни го даде духот на стравот, туку духот на силата, љубовта и трезвеноста. И така, не срамувај се од страдањата на [од сведоштвото за, НС] нашиот Господ Исус Христос, ниту од мене, Неговиот затвореник, туку стани учесник во страдањата за Благовестието Христово по силата на Бога“ (2. Тимотеј 1:7, 8). Ако молиме за храброст, ќе бидеме во можност да продолжиме да проповедаме, па дури ни прогонството нема да ни ја одземе радоста како објавители на Царството (Матеј 5:10-12).
Храброст да се заземе став за Јехова
9, 10. а) Што сториле Евреите и паганите од првиот век за да станат крстени следбеници на Христос? б) Зошто била неопходна храброст за да се стане христијанин?
9 Мнозина Евреи и пагани од првиот век храбро ги отфрлиле небиблиските традиции за да станат крстени следбеници на Христос. Набргу по Пентакост 33. г. н. е., „бројот на учениците во Ерусалим се зголемуваше; и големо мнозинство на свештеници се покоруваа на верата“ (Дела на св. апостоли 6:7). Тие Евреи ја имале храброста да ги прекинат религиозните врски и да го прифатат Исус како Месија.
10 Почнувајќи од 36. г. н. е., многумина пагани станале верници. Кога Корнилиј, членовите на неговото семејство и други пагани ја слушнале добрата вест, непосредно ја прифатиле, примиле свет дух и биле ‚крстени во името на Исуса Христа‘ (Дела на св. апостоли 10:1-48). Во Филипи еден пагански темничар и неговото домаќинство брзо го прифатиле христијанството и ‚веднаш се покрстиле тој и сите негови домашни‘ (Дела на св. апостоли 16:25-34). Била потребна храброст да се направат такви чекори бидејќи христијаните биле прогонувано, непопуларно малцинство. Тие сѐ уште се тоа. Но ако не си се предал на Бог и не си се крстил како Јеховин сведок, зарем не е време да ги преземеш овие храбри чекори?
Храброст во разделени домови
11. Какви извонредни примери на храброст дале Евника и Тимотеј?
11 Евника и нејзиниот син Тимотеј дале извонредни примери на храбра вера во разделен дом. Иако Евника имала пагански сопруг, таа го поучувала својот син за „Светите Писанија“ уште од неговото детство (2. Тимотеј 3:14-17). Откако станала христијанка, таа покажала „нелицемерна вера“ (2. Тимотеј 1:5). Исто така ја имала храброста да му ги пренесе христијанските поуки на Тимотеј додека покажувала респект спрема поглаварството на нејзиниот маж неверник. Секако, нејзината вера и храброст биле наградени кога нејзиниот добро поучен син бил избран да го придружува Павле на мисионерски патувања. Колку ова може да ги охрабри христијанските родители кои самите се наоѓаат во слични околности!
12. Каква личност станал Тимотеј, и кои сега се покажуваат како него?
12 Иако живеел во религиозно разделен дом, Тимотеј храбро го прифатил христијанството и станал духовна личност за која Павле можел да рече: „Се надевам во Господа Исуса дека наскоро при вас [Филипјаните] ќе го пратам Тимотеја, та и јас, откако разберам како сте, да се утешам со духот. Бидејќи немам никого еднаков со моите мисли, кој толку искрено би се грижел за вас . . . неговата исправност [доказот што го даде за себе, НС] ви е позната: тој, како син кон татко, слугуваше заедно со мене при благовествувањето“ (Филипјаните 2:19-22). Денеска, многу момчиња и девојки во религиозно разделени домови храбро го прифаќаат вистинското христијанство. Како Тимотеј, тие даваат доказ за себе и колку се радуваме што тие се дел од Јеховината организација!
Храброст да се „ризикува глава“
13. На каков начин покажале храброст Акила и Прискила?
13 Акила и неговата жена, Прискила (Приска), пружиле пример така што храбро ги ‚положиле своите глави‘ за еден соверник. Тие го примиле Павле во нивниот дом, работеле со него во изработувањето на шатори и му помогнале да го основа новото собрание во Коринт (Дела на св. апостоли 18:1-4). Во текот на 15-годишното пријателство, на неоткриен начин ги довеле дури и своите животи во опасност заради него. Тие живееле во Рим кога тој им рекол на тамошните христијани: „Поздравете ги Прискила и Акила, моите сотрудници во Христа Исуса, кои за мојата душа ја положија својата глава; ним не само јас им благодарам, туку и сите цркви од незнабошците“ (Римјаните 16:3, 4).
14. Во склад со која „заповед“ постапиле Акила и Прискила со тоа што ги ризикувале своите глави за Павле?
14 Ризикувајќи ги своите глави за Павле, Акила и Прискила постапиле во склад со Исусовите зборови: „Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како што Јас ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг“ (Јован 13:34). Оваа заповед била „нова“ во таа смисла што одела уште подалеку од барањето на Мозаитскиот закон: човек да го љуби својот ближен како себеси (3. Мојсеева 19:18). Таа барала самопожртвувана љубов која би одела дотаму што човек би го дал и својот живот за другите, како што направил Исус. Писателот Тертулијан од вториот и третиот век н. е. цитирал некои световни луѓе во врска со христијаните кога напишал: „,Гледајте‘, велат луѓето, ‚како се љубат меѓусебно . . . и како се спремни дури и да умрат еден за друг‘“ (Apology, поглавје XXXIX, 7). Особено кога се наоѓаме среде прогонство, можеме да бидеме принудени да покажеме братска љубов така што храбро ќе ги ризикуваме своите животи за да избегнеме да ги изложиме соверниците на бруталност или смрт од рацете на непријателот (1. Јованово 3:16).
Храброста донесува радост
15, 16. Како може да се поврзат храброста и радоста, како што е покажано во Дела на св. апостоли, поглавје 16?
15 Павле и Сила докажуваат дека ако се покажува храброст среде испит, тоа може да донесе радост. По наредба на градските магистрати во градот Филипи, биле јавно тепани со стапови и ставени во затворска клада. Но, тие не се згрчиле потиштено од страв. И покрај нивните искушувачки околности, сѐ уште ја имале храброста што ја дава Бог и радоста што таа им ја донесува на верните христијани.
16 Некаде околу полноќ, Павле и Сила се молеле и го фалеле Бог во песна. Наеднаш, земјотрес го затресол затворот, им се ослободиле оковите и се отвориле вратите. На исплашениот темничар и неговото семејство им било дадено храбро сведоштво кое довело до нивно крштевање како Јеховини слуги. Тој самиот ‚се зарадувал со целиот свој дом, оти поверувал во Бога‘ (Дела на св. апостоли 16:16-34). Колкава радост тоа мора да им донело на Павле и Сила! Откако ги разгледавме овие и други библиски примери на храброст, како можеме да останеме храбри како Јеховини слуги?
Остани храбар
17. Како надежта во Јехова е поврзана со храброста, како што покажува Псалм 26?
17 Надежта во Јехова ќе ни помогне да останеме храбри. Давид пеел: „Надевај се на Господа [Јехова, НС]; биди мажествен; нека е цврсто срцето твое; надевај се на Господа“ (Псалм 26:14). Псалм 26 покажува дека Давид се потпирал на Јехова како на „крепост“ во својот живот (стих 1). Откако видел како Бог постапувал со Давидовите противници во минатото, тоа му дало храброст (стихови 2, 3). Ценењето на Јеховиниот центар на обожавање бил уште еден фактор (стих 4). Довербата во Јеховината помош, заштита и ослободување исто така ја изградиле Давидовата храброст (стихови 5-10). Од корист била и постојаната подука за Јеховиниот праведен пат (стих 11). Молитва полна со доверба за ослободување од неговите противници, заедно со вера и надеж, му помогнале на Давид да биде храбар (стихови 12-14). Ние можеме да ја изградиме нашата храброст на слични начини и така да покажеме дека навистина ‚се надеваме на Јехова‘ (НС).
18. а) Што покажува дека редовното дружење со сообожавателите на Јехова може да ни помогне да останеме храбри? б) Каква улога играат христијанските состаноци во изградувањето на храброста?
18 Редовното дружење со другите обожаватели на Јехова може да ни помогне да останеме храбри. Кога Павле се повикал на цезарот и патувал за Рим, соверниците го сретнале на Апиевиот плоштад и кај Трите крчми. „Кога ги виде Павле,“ — вели извештајот — „Му заблагодари на Бога и се ободри“ (Дела на св. апостоли 28:15). Додека редовно ги посетуваме христијанските состаноци, го слушаме Павловиот совет: „Да бидеме внимателни еден кон друг, за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела, не напуштајќи го своето собрание, како што некои имаат обичај, туку да се поучуваме [подбудуваме, НС] еден друг, и тоа во толку повеќе, до колку гледате дека се приближува судниот ден“ (Евреите 10:24, 25). Што значи да се обхрабруваме еден со друг? Охрабрува значи „да влее храброст, дух или надеж“ (Webster’s Ninth New Collegiate Dictionary). Ние можеме многу да сториме за да им влееме храброст на другите христијани, а нивното охрабрување може на сличен начин да ја изгради оваа особина во нас.
19. Како можат Библијата и христијанските публикации да помогнат да останеме храбри?
19 За да останеме храбри, мораме редовно да ја проучуваме Божјата Реч и да ги применуваме нејзините совети во својот живот (5. Мојсеева 31:9-12; Исус Навин 1:8). Нашата редовна студија треба да ги вклучува христијанските публикации кои се темелат на Светото Писмо, бидејќи здравите совети што ги пружаат тие ќе ни помогнат да се соочиме со испити на вера со храброст што ја дава Бог. Од библиските извештаи видовме како Божјите слуги биле храбри во различни ситуации. Можеби во моментов не знаеме како можат да ни помогнат таквите информации, но Божјата Реч има моќ и она што го учиме од неа може секогаш да ни користи (Евреите 4:12). На пример, ако на нашата служба почне да влијае стравот од луѓето, можеме да се сетиме како Енох ја имал храброста да им ја каже Божјата порака на безбожниците (Јуда 14, 15).
20. Зошто може да се рече дека молитвата е витална ако сакаме да останеме храбри како Јеховини слуги?
20 За да останеме храбри како Божји слуги, мораме да истраеме во молитва (Римјаните 12:12). Исус храбро ги поднел своите искушенија затоа што ‚со силен вик и солзи упатил молби и молитви кон Оној, Кој можел да Го спаси од смртта, и, поради Својата побожност бил чуен‘ (Евреите 5:7). Ако останеме блиски со Бог во молитва, нема да бидеме како световните страшливци одредени да исчезнат во „втората смрт“ од која нема воскресение (Откровение 21:8). Само неговите храбри слуги можат да сметаат на божествена заштита и живот во Божјиот нов свет.
21. Зошто можат лојалните Сведоци на Јехова да бидат храбри?
21 Како лојални Сведоци на Јехова, не треба да се плашиме од демонски и човечки непријатели бидејќи ја имаме Божјата поддршка и Исусовиот храбар пример како оној кој го победил светот. Духовно изградувачкото друштво со Јеховиниот народ исто така ни помага да бидеме храбри. Нашата храброст се изградува и преку водството и советот од Светото Писмо и христијанските публикации. А библиските извештаи за Божјите слуги од минатото ни помагаат да одиме храбро по неговите патишта. Затоа, во овие критични последни денови да одиме смело напред во светата служба. Да, секој еден од Божјиот народ нека биде храбар!
Како би одговорил?
◻ Како може Исусовиот пример да нѐ исполни со храброст?
◻ Што им влеало храброст на Исус и на неговите ученици да продолжат да проповедаат?
◻ Зошто на Евреите и паганите им требало храброст за да заземат став за Јехова?
◻ Какви примери на храброст дале Евника и Тимотеј?
◻ Каков доказ постои дека храброста донесува радост дури и среде прогонство?
[Слика на страница 18]
Како Исус, и ние можеме да поднесеме искушение ако го применуваме и цитираме Писмото