Природните катастрофи — знак на времето?
„ЌЕ се дигне народ против народ, и царство против царство; и на места ќе има глад, помор и потреси; а сето тоа е почеток на болките.“ Со овие зборови Исус Христос на своите ученици пред 19. века им објаснил дека вакви катастрофални настани, заедно со пораст на беззаконието и проповедање на добрата вест за Божјето Царство по целиот свет, ќе го воведат сложениот знак кој ќе го означи „свршетокот на светот“ (Матеј 24:3-14).
Со оглед на изнесеново, можеме да се запрашаме: „Дали сме виделе покатастрофални земјотреси, урагани, поплави, суши и глад од изминативе генерации? И, наспроти напредокот на науката и технологијата, дали, како последица на тоа, страдаат пропорционално повеќе луѓе?
За повеќето, одговорот гласи: „Да“. На пример, списанието New Scientist предупредува дека „во светот може да се очекуваат повеќе катастрофи во 1990-ите отколку во претходните децении“. Слично на ова, во UN Chronicle од јуни 1991, претседателот на Светската метеоролошка организација изјавил: „Тенденцијата е сосем очигледна. Од 1960-ите до 1980-ите . . ., се јавил пораст во честотата на големите природни катастрофи и тоа за пет пати, а три пати поголем пораст што се однесува до целокупната економска загуба“. Пружајќи малку надеж за оваа тема, World Health, списание на Светската здравствена организација при ОН, забележува: „Случаите на природни катастрофи со нивните разорни ефекти можат да се испитаат низ историјата. Меѓутоа, како што 21. век се приближува, се соочуваме со мешавина од демографски, еколошки и технолошки услови кои се менуваат и придонесуваат повеќето популации да се поранливи на дејството на природните катастрофи, но и на оние кои ги предизвикал човекот“.
Секој кој им посветува внимание на актуелните настани не е изненаден од ваквите изјави. На средствата за информирање не им недостасуваат сензационални извештаи, било да е тоа вулканска ерупција на Филипините, земјотрес во Калифорнија, поплава во Бангладеш, глад во Сомалија, ураган на Хаваите или плимен бран во Никарагва. Не поминува ни месец, а да не се извести за катастрофа во некој дел од светот.
Некои луѓе ова го отфрлаат како безначајно. Тврдат дека очигледниот пораст на катастрофите во денешно време се должи само на тоа што денес можеме подобро да се информираме или, пак, дека податоците подобро се обработуваат. Понатаму, таквите тврдат дека денес повеќе луѓе страдаат од катастрофи едноставно затоа што населението е зголемено. Дали е ова конечниот одговор?
Забележи што е речено во статијата на New Scientist која е погоре цитирана. „Во 1960-ите ивестени се 523 катастрофи, а во 1970-ите — 767. Од 1980-ите, бројот нарасна на 1387.“ Понатаму се објаснува дека „дел од овој очигледен пораст може да се припише и на поголемата искреност во известувањето на катастрофите во Кина и Советскиот Сојуз“. Потоа додава: „Дури и без тоа, бројката е во пораст“. Наглиот пораст на бројот на катастрофите не може да се објасни само со подоброто известување или подобро обработување на податоците.
Понатаму, UN Chronicle од март 1992, известува: „Во текот на изминативе две децении, околу 3 милиони луѓе ги загубиле своите животи, а 800 милиони биле погодени од разни ‚пустошења, несреќи или страдања‘ кои им ги нанеле природните катастрофи“. Тоа значи дека скоро секој седми човек кој живее на Земјава бил погоден од некаква катастрофа или трагедија. Ова е навистина зачудувачки и ни остава малку место за сомневање дека нашето столетие е столетие на преврати и немири.
Бидејќи Библијата го прорекла ова време на големи катастрофи, дали тоа значи дека Бог е одговорен за катастрофите и страдањата кои од тоа произлегувааат? Многу луѓе така размислуваат. Но, што покажуваат фактите? И што е најважно, што покажува Библијата?
[Извор на слика на страница 2]
Cover: W. Faidley/Weatherstock
[Извори на слики на страница 3]
Фотографијата во средина: Марк Питерс / Sipa Press
WHO / League of Red Cross