Природните катастрофи — дали е виновен Бог?
„БОЖЕ, што ни направи?“
Како што се известува, ова го изјавил некој човек кој ја преживеал ерупцијата на снежниот Невадо дел Руис во Колумбија на 13. ноември 1985. Калливата лавина го затрпала целиот град Армеро, убивајќи преку 20.000 луѓе во текот на само една ноќ.
Разбирливо е што човекот реагирал на ваков начин. Беспомошни наспроти природните сили кои втеруваат страв, луѓето од најрани времиња ваквите катастрофални настани му ги припишувале на Бог. Примитивните народи, за да ги смират своите богови на морето, небото, земјата, планината, вулканот и други извори на опасност, принесувале дарови, па дури и човечки жртви. И денес, некои луѓе последицата од катастрофалните природни настани ја прифаќаат како судбина или Божје дело.
Дали е Бог навистина одговорен за катастрофите во светот кои на луѓето им нанесуваат толку многу страдања и губитоци? Дали треба да го обвиниме него? За да ги пронајдеме одговорите, потребно е одблиску да се запознаеме со сето она што е вклучено во ваквите катастрофи. Всушност, потребно е да истражиме некои веќе познати факти.
Што е „природна катастрофа“?
Кога земјотрес го погодил Тангшан во Кина и според официјалните известувања на Кина загинале 242.000 луѓе, а ураганот Ендрју се спуштил над Јужна Флорида и Луизијана (Соединетите Држави) и причинил штета од милијарди долари, како природни катастрофи ги зазедоа насловните страници на медиумите. Сепак, што ако земјотресот се случел во ненаселената пустина Гоби, 1.100 километри северозападно од Тангшан, или, што ако ураганот Ендрју свртел во друг правец и се испразнил во морето не допирајќи го копното? Едвај би се сетиле сега на нив.
Тогаш, јасно е дека, кога зборуваме за природните катастрофи, не зборуваме само за драматичното пројавување на природните сили. Секоја година се случуваат илјадници поголеми или помали земјотреси, како и голем број бури, циклони, урагани, тајфуни, вулкански ерупции и други насилни феномени кои не се ништо повеќе од обична статистика во некои книги. Меѓутоа, кога таквите настани ќе предизвикаат голема материјална и човечка загуба и прекин на нормалниот начин на живот, стануваат катастрофи.
Треба да се забележи дека штетата и губитоците кои произлегуваат не се секогаш пропорционални со природните сили кои се вклучени во тоа. Најголемата катастрофа не е секогаш причинета со најсилното пројавување на природните сили. На пример, во 1971 земјотрес од 6,6 степени по Рихтерова скала го погоди Сан Фернандо во Калифорнија (САД) при што загинаа 65 луѓе. Една година подоцна, во земјотрес од 6,2 степени во Манагва (Никарагва) загинаа 5.000 луѓе!
Според тоа, кога зборуваме за поголема деструктивност на природните сили, мораме да се запрашаме: „Дали станале природните елементи понасилни или, пак, придонесуваат кон проблемот човечките фактори?
Кој е одговорен?
Библијата го идентификува Јехова Бог како Голем Творец на сите работи, вклучувајќи ги и природните сили на Земјата (1. Мојсеева 1:1; Неемија 9:6; Евреите 3:4; Откровение 4:11). Тоа не значи дека тој го предизвикува секое движење на ветерот или секое паѓање на дождот. Напротив, поставил во движење извесни закони кои управуваат со Земјата и нејзината околина. На пример, во Проповедник 1:5-7 читаме за три основни дејствија кои го овозможуваат животот на Земјата — секојдневното изгревање и заоѓање на сонцето, непроменливиот образец на ветровите и водениот циклус. Без обѕир дали човештвото е свесно за нив или не, овие и други природни системи како што се климата, геологијата и екологијата со илјадници години функционираат на Земјата. Всушност, на писателот на Проповедник му било свртено вниманието на големиот контраст помеѓу непроменливите и бескрајни патишта на творештвото и краткотрајната и минлива природа на човековиот живот.
Јехова не само што е Творец на природните сили туку има моќ и да ги контролира. Низ целата Библија можеме да најдеме извештаи како Јехова, за да ја исполни својата цел, ги контролирал или управувал таквите сили. Во нив спаѓаат раздвојувањето на Црвеното море во Мојсеево време и запирање на сонцето и месечината на нивните патеки преку небото во деновите на Исус Навин (2. Мојсеева 14:21-28; Исус Навин 10:12, 13). И Исус Христос, Синот Божји и ветениот Месија, покажал моќ над природните сили, на пример, кога ја смирил бурата на Галилејското море (Марко 4:37-39). Ваквите извештаи не оставаат место за сомневање дека Јехова Бог и неговиот Син, Исус Христос, можат во потполност да контролираат сѐ што влијае на животот овде на Земјава (2. Летописи 20:6; Јеремија 32:17; Матеј 19:26).
Бидејќи е тоа точно, дали можеме да го сметаме Бог како одговорен за зголеменото пустошење и уништување кое произлегува од природните катастрофи во денешно време? За да одговориме на ова прашање, најнапред мораме да разгледаме дали постои доказ дека силите на природата денес станале драматично понасилни, а можеби и неконтролирани.
Во врска со ова, забележи што вели книгата Natural Disasters—Acts of God or Acts of Man? (Природните катастрофи — Божје или човечко дело?): „Не постои доказ дека се промениле климатските механизми поврзани со сушите, поплавите и циклоните. И ниту еден геолог не тврди дека земјините движења, со кои се поврзани земјотресите, вулканите и цунамите (земјотресни бранови), стануваат понасилни“. На сличен начин и книгата Earthshock забележува: „Камените слоеви на секој континент содржат запис за безброј поголеми или помали геолошки настани и секој од нив можел да биде катастрофална несреќа за човештвото кога би се случил денес — и научно е извесно дека вакви настани ќе се случуваат одново и одново во иднината“. Со други зборови, Земјата и нејзините динамични сили останале, повеќе или помалку, непроменети низ вековите. Затоа, без обѕир дали извесни статистики укажуваат на раст на некои облици на геолошка или друга активност или не, Земјата не станала неконтролирано насилна во денешно време.
Што е тогаш со извештаите за зголемена фреквенција и деструктивност на природните сили за кои читаме? Ако не можат да се обвинат силите на природата, тогаш прстот мора да си го замешал човекот. И, навистина, авторитетите признале дека човечките активности ја направиле нашата средина поизложена и поранлива на природните катастрофи. Во земјите во развој, растечките потреби за храна ги принудуваат земјоделците прекумерно да го обработуваат парчето земја што го имаат или добиваат нови површини така што ги уништуваат животоважните површини со шума. Тоа води до сериозна ерозија на почвата. И растечката популација го забрзува растот на сиромашните станбени населби и колиби кои бесцелно се градат на несигурни подрачја. Дури и во многу поразвиените земји, луѓето, како што се милионите кои живеат долж Сан Андреас Фолт во Калифорнија, се изложуваат себеси на опасност и покрај јасните предупредувања. Во такви случаи, кога ќе се случи некаков ненадеен настан — бура, поплава или земјотрес — дали можат катастрофалните последици кои се случиле навистина да се наречат „природни“?
Типичен пример е сушата во африканскиот Сахел. Под суша обично подразбираме недостаток на врнежи или недоволно количество вода, што води до глад, изгладнетост и смрт. Но, дали масовниот глад и изгладнетост на ова подрачје се должи само на недоволно количество вода? Книгата Nature on the Rampage вели: „Собраните докази од страна на научните агенции и агенциите за помош покажуваат дека денешниот глад не трае толку заради пролонгираната суша колку заради пролонгираната злоупотреба на земјата и водените извори. . . . Континуираната дезертификација на Сахел во голема мера е феномен кој го предизвикал човекот“. Јужноафриканскиот весник The Natal Witness, забележува: „Гладот не е заради недостигот на храна; гладот е затоа што до храната не може да се дојде. Со други зборови, заради сиромаштијата“.
Истото може да се рече и за поголемиот дел од штетата која настанува од другите катастрофи. Истражувањата покажале дека посиромашните народи страдаат од несразмерно повисока стапка на смртност од природните катастрофи за разлика од побогатите народи во светот. На пример, според едно истражување, од 1960 до 1981, Јапонија била погодена од 43 земјотреси и други катастрофи со 2.700 жртви, пресметано 63 жртви на една катастрофа. Во истиот тој период Перу имал 31 катастрофа со 91.000 мртви или 2.900 на секоја катастрофа. Зошто таква разлика? Природните сили можеби предизвикале природни катастрофи, но човечката дејност — социјалната, економската и политичката — е таа која е одговорна за големата разлика во загубата на животи и уништен имот.
Кое е решението?
Научниците и стручњаците со години се обидуваат да изнајдат начини да се борат со природните катастрофи. Испитуваат длабоко во внатрешноста на земјата, обидувајќи се да сознаат на кој начин делуваат земјотресите и вулканските ерупции. Со вселенски сателити ги набљудуваат временските обрасци за да ги утврдат патеките на циклоните и ураганите или да претскажат поплава и суша. Сите овие истражувања им пружиле информации со кои се надеваат дека ќе биде можно да се олесни влијанието на ваквите природни сили.
Дали овие напори донеле добри резултати? Што се однесува до скапите, високотехнолошки мерки, една организација која ја набљудува природната околина забележува: „Овие високотехнолошки мерки имаат само релативно значење. Но, ако трошат несразмерно многу пари и труд — ако служат само како изговор да ги игнорираме опасностите кои се составен дел на општествата во кои живеат жртви на катастрофите, опасностите кои ги влошуваат катастрофите — тогаш можат да причинат повеќе штета отколку корист“. На пример, спознанието дека крајбрежната делта на Бангладеш постојано е загрозена од поплави и плимни бранови е корисно, но тоа спознание не ги спречува милионите Бангладежани да бидат принудени да живеат таму. Последицата е катастрофи кои се повторуваат со смртен данок од стотици илјади жртви.
Јасно, технолошките информации можат да имаат само ограничена корист. Уште една потребна работа е способноста да се ублажат притисоците кои не им оставаат на луѓето друга можност освен да живеат во подрачја особено изложени на опасности или да живеат на начин со кој ја уништуваат околината. Со други зборови, за да се ублажи штетата која ја причиниле елементите, потребно е целосно преобликување на социјалните, економските и политичките системи под кои живееме. Кој може да исполни таква задача? Единствено Оној кој може и да ги контролира силите кои ги предизвикуваат природните катастрофи.
Божјите дела во иднина
Јехова Бог нема само да се пресмета со симптомите, туку ќе дојде до самиот корен кој е причина за човековата мизерија. Ќе им стави крај на алчните и угнетувачки политички, комерцијални и религиозни системи кои ‚господарат над човекот на негова штета‘ (Проповедник 8:9). Секој кој е запознаен со Библијата не може, а да не забележи дека на сите нејзини страници се наоѓаат бројни пророштва кои укажуваат на времето кога Бог ќе преземе акција да ја ослободи Земјата од злоба и страдање и да го обнови земскиот рај на мир и праведност (Псалм 37:9-11, 29; Исаија 13:9; 65:17, 20-25; Јеремија 25:31-33; 2. Петрово 3:7; Откровение 11:18).
Тоа е, всушност, она за кое Исус Христос ги поучувал сите свои следбеници да се молат, имено, „да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата“ (Матеј 6:10). Месијанското Царство ќе ги отстрани и замени сите несовршени човечки влади, како што прорекол пророк Даниел: „И во деновите на тие царства небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема да се разруши никогаш, и тоа царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно“ (Даниил 2:44).
Што ќе оствари Божјето Царство, а што денешните нации не можат? Библијата ни дава еден воодушевувачки претсјај за она што треба да дојде. Наместо условите илустрирани на овие страници, како што се глад и сиромаштво, „ќе има изболиство од жито на земјата; на врвовите горски ќе има изобилство“ (НС) и „дрвјата во полето ќе го даваат својот плод и земјата ќе ги дава своите производи; и тие ќе бидат во безопасност на земјата своја“ (Псалм 72:16; Језекиил 34:27). Што се однесува до природната околина, Библијата ни вели: „Ќе се развесели пустињата и сувата земја, и ненаселената земја ќе се зарадува и ќе расцути како крин. . . . Зашто води ќе бликнат во пустињата, и потоци во степите. И водниот привид ќе се претвори во езеро, а жедната земја — во водни извори“ (Исаија 35:1, 6, 7). И војни нема да има повеќе (Псалм 45:9).
На кој начин Јехова Бог ќе го исполни сето тоа и како тој ќе постапи со сите природни сили за да не бидат причина за било каква штета, Библијата не известува. Меѓутоа, она што е извесно е дека сите кои ќе живеат под таа праведна влада „нема да се трудат напразно и да раѓаат деца за скрб; зашто ќе бидат семе, благословено од Господа, и потомците нивни со нив“ (Исаија 65:23).
Низ страниците на ова списание како и во другите публикации на Watch Tower Society, Јеховините сведоци секогаш одново укажуваат дека Божјето Царство е воспоставено на небото во годината 1914. Под управата на тоа Царство скоро 80 години се дава глобално сведоштво и денес ние сме на прагот на исполнувањето на ветените „ново небо и нова земја“. Човештвото ќе биде ослободено не само од пустошењето на природните катастрофи туку и од болката и страдањето кое ги погодува човештвото за последниве шест илјади години. За тоа време, навистина може да се каже дека „поранешното помина“ (2. Петрово 3:13; Откровение 21:4).
Што е, пак, денес? Дали Бог делува во корист на оние кои се во неволја која се должи на природните околности или на нешто друго? Мошне веројатно дека да, но не секогаш безусловно на начин на кој повеќето луѓе би очекувале.
[Слики на страници 8 и 9]
Човечките активности ја направиле нашата околина поосетлива на природните катастрофи
[Извор на слика]
Laif / Sipa Press
Chamussy / Sipa Press
Wesley Bocxe / Sipa Press
Jose Nicolas / Sipa Press