Дали се Јеховините сведоци култ?
ИСУС ХРИСТОС бил обвинет дека е пијаница, ненаситник, прекршител на Сабатот, лажен сведок, хулител на Бог и пратеник на Сатана. Исто така бил обвинет дека е превратник (Матеј 9:34; 11:19; 12:24; 26:65; Јован 8:13; 9:16; 19:12).
По Исусовата смрт и воскресение, неговите ученици исто така биле мета на сериозни обвиненија. Луѓе кои извикувале ‚оние ја побуниле вселената [населената земја, НС]‘, довлечкале една група христијани од првиот век кај градските владари (Дела 17:6). Во една друга прилика, апостол Павле и неговиот придружник Сила биле одведени кај властите и биле обвинети дека многу го вознемирувале градот Филипи (Дела 16:20).
Павле подоцна бил обвинет дека ‚е зараза и дека крева бунтови против сите Јудејци по вселената‘ и дека се обидува „храмот да го оскверни“ (Дела 24:5, 6). Главните Евреи од Рим точно ја опишале ситуацијата на Исусовите следбеници кога признале: „Зашто познато ни е дека на тоа учење насекаде се противречи“ (Дела 28:22).
Очигледно, оваа нова група која ја основал Исус Христос, некои ја сметале за верска група со радикални гледишта и обичаи кои се во судир со она што во тоа време се прифаќало како нормално однесување во општеството. Без сомнение, многу луѓе денес би ги сметале христијаните за деструктивен култ. Обвинителите често биле проминентни и угледни членови на заедницата, и изгледа дека тоа им придавало големо значење на тврдењата. Многу луѓе верувале во обвиненијата против Исус и неговите ученици. Сепак, како што веројатно знаеш, сите овие обвиненија биле лажни! Тоа што луѓето ги кажале тие работи не значи дека биле вистинити.
Како е денеска? Дали би било точно да се зборува за Јеховините сведоци како за верска група со радикални гледишта и обичаи кои се во судир со она што е прифатено како нормално однесување во општеството? Дали се Јеховините сведоци култ?
Што покажуваат доказите
Еден владин службеник на Санкт Петерсбург (Русија), објаснил: „Јеховините сведоци ни беа претставени како некаква илегална секта која седи во темнина и убива деца, а и себеси“. Меѓутоа, луѓето во Русија неодамна подобро се запознаа со вистинската природа на Сведоците. Откако соработувал со Јеховините сведоци на еден меѓународен конгрес, истиот службеник забележал: „Сега гледам нормални, насмеани луѓе, дури и подобри од многу луѓе кои јас познавам. Тие се мирољубиви и смирени и меѓусебно многу се сакаат“. Тој додал: „Навистина не разбирам зошто луѓето кажуваат такви лаги за нив“.
Јеховините сведоци не одржуваат ритуални состаноци, ниту пак нивното обожавање е прикриено во тајност. Авторката Џулија Мичел Корбет, која не е Сведок, наведува: „Кога се состануваат, обично повеќе пати седмично, во Сали на Царството (нивните места на состанување не се викаат цркви), поголемиот дел од времето го поминуваат во проучување на Библијата и во дискусија“. Нивните места за состанување јасно се означени со натписи. Состаноците се отворени и целата јавност е поканета да присуствува. Ненајавените гости се повеќе од добредојдени.
„Сведоците стекнаа репутација дека се чесни, учтиви и марливи“, додава Корбет во нејзината книга Religion in America. Многумина кои не се Сведоци спремно признаваат дека кај Јеховините сведоци нема ништо чудно или необично. Нивното однесување не е во судир со она што е прифатено како нормално однесување во општеството. The New Encyclopædia Britannica точно наведува дека Сведоците „се залагаат за висок морален стандард во личното однесување“.
Директорот за новински и посебни проекти на една телевизиска станица во САД, им напишал одговор на Јеховините сведоци во врска со еден искривен извештај за Сведоците на телевизиската новинска емисија 60 Minutes. Тој рекол: „Кога повеќето би живееле според вашата вера, оваа нација не би била ваква каква што е. Јас сум еден од оние новинари кој знае дека вашата организација се темели на љубов и на јака вера во Творецот. Сакам да знаете дека сите новинари не се со предрасуди“.
Добро позната религија
Дали е фер да се каже дека Јеховините сведоци се една мала маргинална религиозна група? Јеховините сведоци се во одредена смисла малубројни ако се споредат со некои религии. Меѓутоа, присети се што рекол Исус: „Тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малцина го наоѓаат“ (Матеј 7:13, 14).
Без разлика, Сведоците ни оддалеку не се еден мал маргинален култ. Во пролетта 1993, повеќе од 11 милиони луѓе беа присутни на Споменот на Христовата смрт што Сведоците го одржаа. Но нешто поважно од нивниот број е нивниот морален карактер и примерно однесување, кои им донеле пофалба ширум светот. Без сомнение, тоа придонело многу земји да им дадат службено признание како позната, бона фиде религија.
Извонредна е една неодамнешна одлука на Европската комисија за човекови права. Таа изјави дека Сведоците треба да имаат слобода на мислење, совест и вера, и дека го имаат правото да им зборуваат и да ги поучуваат другите за својата вера. Европската комисија не би донела таква одлука кога Јеховините сведоци би биле познати по користење измамливи и неетички методи за привлекување членови или кога би користеле манипулативни методи за да ги контролираат умовите на нивните следбеници.
Многу луѓе во светот се добро запознаени со Јеховините сведоци. Милионите не-Сведоци кои ја проучуваат Библијата со Сведоците или кои некогаш ја проучувале со нив, ги прашуваме: ‚Дали имало обиди да ти се измие мозокот? Дали користеле Сведоците врз тебе методи за контролирање на умот?‘ Секако дека не — би бил искрениот одговор. Очигледно, кога би се користеле вакви методи, би постоел огромен број жртви наспроти било каков аргумент во корист на Јеховините сведоци.
„Сосем хуманитарно настроени“
Членовите на некој култ често се изолираат од семејството, пријателите, па дури и од општеството воопшто. Дали е тоа случај со Јеховините сведоци? „Јас не припаѓам на Јеховините сведоци“, напишал еден новинар од Чешката Република. Сепак додал: „Очигледно е дека тие [Јеховините сведоци] имаат огромна морална сила. . . . Тие ги признаваат државните власти, но веруваат дека само Божјето Царство е способно да ги реши сите човечки проблеми. И внимавајте — тие не се фанатици. Тоа се луѓе кои се сосем хуманитарно настроени“.
И не живеат во комуни, изолирани од роднините и од другите. Јеховините сведоци сфаќаат дека нивна библиска одговорност е да ги љубат и да се грижат за своите семејства. Тие живеат и работат со луѓе од сите раси и религии. Кога ќе се случи несреќа, брзо реагираат со материјална и друга хуманитарна помош.
Што е уште поважно, тие се вклучени во една образовна програма каква што нема друга. Колку религии имаат организиран систем за лично посетување на секој поединец во нивната средина? Јеховините сведоци тоа го прават во повеќе од 200 земји и на повеќе од 200 јазици! Без сомнение, Јеховините сведоци се „сосем хуманитарно настроени“.
Стриктно придржување кон Библијата
Се разбира, учењата на Јеховините сведоци се поинакви од црковните. Јеховините сведоци веруваат дека Јехова е Семоќниот Бог и дека Исус е негов Син, а не дел од троедно божество. Нивната вера е тесно поврзана со верувањето дека само Божјето Царство може да му донесе ослободување на измаченото човештво. Тие ги предупредуваат луѓето на претстојното уништување на овој расипан систем на ствари. Проповедаат за Божјето ветување за еден земски рај за послушното човештво. Тие не обожаваат крст. Не слават Божиќ. Веруваат дека душата е смртна и дека не постои пеколен оган. Не јадат крв, ниту примаат трансфузија на крв. Се воздржуваат од мешање во политиката и учество во војните. Дали некогаш сте се прашале зошто учењата на Јеховините сведоци се толку поинакви?
Еден весник од Масачусетс, Daily Hampshire Gazette, објаснува дека поради тоа што Јеховините сведоци „стриктно ја толкуваат Библијата, се забрануваат многу активности коишто другите ги прифаќаат . . . сето тоа со намера да се следи примерот на христијаните од првиот век и на речта од Библијата“. The Encyclopedia of Religion се согласува дека „сѐ што тие веруваат се темели на Библијата. Скоро секоја изјава на вера ја ‚докажуваат со цитат‘ (односно даваат аргументи со библиски цитати), и без приговор го прифаќаат авторитетот на Библијата која целосно ја истиснува традицијата“. Книгата Religion in America наведува: „Групата никогаш не отстапила од својата сосредоточеност на проучување на Библијата, а нејзините учења се поткрепени со разработен систем на објаснувања на Библијата“.
Кој е нивниот водач?
Токму поради тоа тесно следење на библиските учења, меѓу Јеховините сведоци не може да се најде обожавање и идолизирање на човечки водачи што е толку карактеристично за култовите денес. Тие го отфрлаат концептот за поделба на свештеници и лаици. The Encyclopedia of Religion за Јеховините сведоци прикладно известува: „Забранети се свештеничка класа и посебни титули“.
Тие го следат Исус Христос како свој Водач и како Глава на христијанското собрание. Токму Исус го рекол следново: „Немојте да се наречувате учители, зашто еден е вашиот Учител — Христос, а вие сте сите браќа; и никого на земјата не викајте го свој татко, оти еден е вашиот Отец, Кој е на небесата; и наставници [водачи, НС] немојте да се именувате зашто, еден е вашиот Наставник [Водач, НС] — Христос“ (Матеј 23:8-12).
Јасно е дека Јеховините сведоци ни оддалеку не се култ како што Исус ни оддалеку не бил ненаситник и пијаница. Се разбира, не сите кои потпаднале под влијание на лажните извештаи за Исус и неговите ученици, биле наведени да го клеветат. Некои можеби само биле погрешно информирани. Ако имаш прашања во врска со Јеховините сведоци и нивните верувања, зошто не ги запознаеш подобро? Вратите на нивните Сали на Царството се ширум отворени за сите оние кои ја бараат вистината.
И ти можеш да извлечеш корист од нивната внимателна потрага по точно библиско спознание и да научиш како да го обожаваш Бог во согласност со Исусовите зборови: „Иде време и дошло веќе, кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на [ќе го обожаваат, НС] Отецот со дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние, кои Му се клањаат“ (Јован 4:23).