Како може да ти користи стравот од Бог?
ДАЛИ изразот „страв од Бог“ ти звучи чудно? Многумина можеби мислат дека ако навистина го сакаат Бог, не треба и да се плашат од него. Како ни користи стравот од Бог?
Размисли за користите
Да разгледаме некои од користите кои доаѓаат поради „стравот од Господа“. На пример, тој води кон тоа да постигнеме вистинска мудрост. Луѓето се обидувале на многу начини, не жалејќи напори, да стекнат таква мудрост, но не успеале затоа што игнорираат едно темелно начело: „Почеток на мудроста е стравот од Господа“ (Псалм 110:10; Изреки 9:10). Размисли за тоа како таквиот страв му помогнал на еден поранешен наркоман да постапува мудро. Тој објаснува: „Додека го зголемував спознанието за Бог, исто така развив и страв да не го повредам, односно дека нема да му угодам. Знаев дека тој гледа и копнеев да имам одобрување во негови очи. Тоа ме поттикна да ја уништам дрогата што ја поседував така што ја фрлив во клозетот и ја пуштив водата“. Овој човек ги совладал своите лоши практики, му го предал животот на Јехова и сега е слуга во Јоханесбург (ЈАР).
Дали сакаш да го избегнуваш она што е лошо? „Стравот Господов ја мрази неправдата“ (Изреки 8:13). Да, овој исправен страв може да те чува од многу лоши навики коишто Бог ги осудува, како што се пушење, злоупотреба на дрога, пијанство и сексуален неморал. Освен што му угодуваш на Јехова, се чуваш од ужасните работи што им се случуваат на луѓето, вклучувајќи ги и страшните болести на кои се изложуваат (Римјаните 1:26, 27; 12:1, 2; 1. Коринтјаните 6:9, 10; 1. Солунјаните 4:3-8). Стравот од Бог не само што ќе ти помогне да се чуваш од она што е лошо и изопачено туку ќе те води до она што е чисто и здраво, бидејќи ни е кажано дека „Стравот Господов е чист“ (Псалм 18:9).
Среќата е уште една цел кон која се стремат повеќето луѓе. Како можеш да ја постигнеш? Божјата Реч вели: „Блажен е оној човек, кој се бои од Господа“ (Псалм 111:1; 127:1). Искуството на една тинејџерка го потврдува ова. Била вовлечена во секакви видови недозволен секс, како и во спиритизам и крадење. Потоа почнала да ја проучува Библијата и ја увидела потребата да го слуша и да се плаши од Јехова. Таа вели: „Тоа што го запознав Јехова е најубавото нешто што ми се случи. Јехова ми помогна толку многу за да ја пронајдам вистината и среќата. Чувствувам дека му должам премногу затоа што ми ги отвори очите и ми даде прилика навистина да размислам и да го најдам. Сега сакам да им помогнам на другите луѓе да ја пронајдат оваа среќа“.
Јехова исто така ветува дека тој ќе ги награди ‚оние, кои се плашат од Неговото име‘ (Откровение 11:18). Освен тоа, „стравот Господен води кон живот, и кој го има, секогаш ќе биде задоволен, и зло нема да го снајде“ (Изреки 19:23). Навистина, „стравот Господен“ е тој што ќе ни го донесе сето она што некогаш ќе ни биде потребно. Кога е поврзан со понизност, резултатот е ‚богатство, слава и живот‘ (Изреки 22:4; 10:27).