Душевен мир во едно натпреварувачко општество
„КОЈ сака да биде прв“ — ги советувал Исус Христос своите апостоли — „нека биде последен од сите, и на сите — слуга!“ Апостолите се препирале за тоа кој е најголем меѓу нив. А знаеле дека Исус го мразел таквиот дух. Тој никогаш не ги подбуцнувал своите ученици да бидат подобри еден од друг како начин да го промовира духовниот напредок (Марко 9:33-37).
Пред да дојде на Земјата, Исус Христос учествувал во создавањето на првата човечка двојка и знаел на кој начин биле тие создадени (Колосјаните 1:15, 16). Првите луѓе биле создадени со способност да напредуваат без сурово натпреварување со другите. Луѓето немале потреба да се борат меѓу себе за да одредат кој им е претпоставениот, ниту пак се натпреварувале со животните во борба за опстанок (1. Мојсеева 1:26; 2:20-24; 1. Коринтјаните 11:3).
Потекло на натпреварувачкиот дух
Тогаш, како се случило суровиот натпреварувачки дух да стане таква доминантна сила во човечкото општество? Првиот случај на убиство во човечката историја ни ја открива трагата. Натпреварувачкиот дух кај Каин, најстариот син на првата човечка двојка, довел до трагедија. Каин го убил својот брат Авел затоа што Авеловата жртва му се допаднала на Бог, а Каиновата не. И Библијата вели дека Каин „беше од лукавиот и го уби брата си“ (1. Јованово 3:12; 1. Мојсеева 4:4-8).
Да, лукавиот, Сатана Ѓаволот, е зачетникот и унапредувачот на натпреварувачкиот дух. Иако бил ангелски син Божји со големи предности, тој сакал повеќе. (Спореди Језекиил 28:14, 15.) Кога ја измамил Ева, ја открил сопствената желба. Рекол дека ако таа јаде од забранетото овошје ‚ќе стане како бог‘ (1. Мојсеева 3:4, 5). Сатана, всушност, сакал да биде како Бог, натпреварувајќи се со Јехова. Дух на натпреварување со Бог го поттикнал да се побуни (Јаков 1:14, 15).
Овој дух е заразен. Под Сатановото влијание, мирот што Бог му го дал на првобитното семејно уредување бил загубен (1. Мојсеева 3:6, 16). Уште од неговата побуна против Бог, Сатана Ѓаволот управува со човештвото, подгревајќи дух на натпревар, дури измамувајќи мажи и жени со верувањето дека бездушниот натпревар е клучот за успех. Меѓутоа, Библијата објаснува: „Каде што има завист и карање, таму има неслога и сѐ е лошо“ (Јаков 3:14-16). На тој начин Сатана го лишил човекот од неговата среќа и душевен мир.
Успех без натпреварување
Наспроти Сатановото наговарање, Библијата ни дава примери за успех без натпреварување. Најистакнат е примерот на Исус Христос. Иако постоел во Божје обличје, никогаш не помислувал да биде еднаков со Бог туку зел облик на слуга и дошол на Земјата. Што е уште поважно, се понизил и станал послушен до смрт на маченички столб. Овој послушен став, без некаков дух на ривалство, водел до тоа да ја постигне божествената наклоност. „Бог го повиси на надредена положба и љубезно му го даде името кое е над секое друго име“ (Филипјаните 2:5-9, НС). Има ли поголем успех што би можело некое суштество да го постигне? Тој му угодил на својот Татко до мера недостижна за било кој друг и тоа го сторил без каков и да е дух на ривалство или натпреварување (Изреки 27:11).
Бројни верни ангели на небото го покажуваат овој ист став. Иако Исус, кој бил поглавар на ангелите, станал нешто понизок од нив кога дошол на Земјата, тие спремно му служеле за неговите потреби. Очигледно, никаква помисла за искористување на ситуацијата со обид да биде заменет како Архангел не им поминала низ умот (Матеј 4:11; 1. Солунјаните 4:16; Евреите 2:7).
Нивната одбивност спрема натпреварувачкиот став е уште поочигледна кога ќе разгледаме како тие реагирале на Божјата намера да воздигне некои несовршени луѓе до бесмртен духовен живот и дека во таа состојба тие ќе им ‚судат на ангелите‘ (1. Коринтјаните 6:3). Ангелите имаат богато искуство во службата на Јехова и имаат далеку поголема способност да го исполнат доброто отколку несовршените луѓе. Сепак, ангелите среќно им служат на помазаниците на Земјата и никогаш не се љубоморни за она што тие ќе го примат (Евреите 1:14). Нивниот прекрасен, ненатпреварувачки став им овозможува и понатаму да служат пред престолот на Суверениот Господ Јехова.
Потоа, размисли за верните Божји слуги од старо време кои ќе бидат воскреснати на Земјата. Авраам бил истакнат пример на вера и бил наречен „татко на сите . . . што веруваат“ (Римјаните 4:9, 11). Јов дал вистински пример на истрајност (Јаков 5:11). Мојсеј, „најкроткиот човек меѓу сите луѓе на земјата“, ја водел нацијата Израел до слобода (4. Мојсеева 12:3). Кој меѓу несовршените луѓе поставил подобар пример на вера, истрајност и благост од овие луѓе? Меѓутоа, тие чекаат да го наследат земското подрачје на Божјето Царство (Матеј 25:34; Евреите 11:13-16). Тие, како и Јован Крстител, ќе бидат поставени под „најмалиот во царството небесно“ (Матеј 11:11). Дали тие некогаш би помислиле да се пожалат, упорно тврдејќи дека нивната вера, истрајност или благост се еднакви или во некои случаи поголеми од верата, истрајноста или благоста на оние на кои им е даден живот на небото? Сигурно не! Тие ќе бидат среќни земски поданици на Божјето Царство.
И денес е пријатно друштвото на луѓе кои немаат натпреварувачки став. Јасуо, кој го споменавме во првата статија, завлегол во големи долгови поради шпекулација со злато и го загубил сиот свој имот. „Пријателите“ го напуштиле. Бидејќи неговата жена почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци, отишол на нивните состаноци поради чувството на вина заради страдањето кое му го нанел на своето семејство. На крајот, се откажал од натпреварувањето и станал Јеховин сведок. Денес е среќен што е окружен со христијански пријатели, такви кои се спремни да му помогнат во време на неволја.
Како да се задржи душевен мир
Не е лесно секогаш да се задржи душевен мир во ова бездушно, натпреварувачко општество. Добро ќе направиме ако забележиме дека Библијата ги осудува ‚непријателството, кавгите, ревнувањата, гневот, расправиите, несогласностите, ересите, завистите‘ како ‚дела на телото‘ кои ги спречуваат луѓето да го наследат Божјето Царство. Сите овие дела одат рака под рака со натпреварувачкиот дух. Не е чудо што апостол Павле ги охрабрувал Галатјаните: „Да не стануваме себељубиви, натпреварувајќи се еден со друг и завидувајќи си еден на друг“ (Галатјаните 5:19-21, 26, НС).
Во овој контекст на Павловото писмо е покажан клучот како да се бориме со самољубивото натпреварување. Тој рекол: „А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста. Против такви нема закон“ (Галатјаните 5:22, 23). Плодовите на духот ни помагаат во мислите да се ослободиме од ривалството. Земи ја, на пример, особината љубов. „Љубовта не завидува“ — објаснува Павле. „Не се превознесува, не се гордее, не прави што е непристојно, не бара свое, не се срди“ (1. Коринтјаните 13:4-7). Со негување на љубовта, можеме да ја искорениме зависта, движечката сила во натпреварувачкиот дух. И другите плодови на духот ни помагаат од нашите срца и мисли да избришеме секакви долготрајни остатоци на бездушен натпреварувачки дух. Всушност, со самосовладувањето, секаков поттик кој би се појавил да се натпреваруваме со другите за да победиме по секоја цена набргу може да биде потиснат (Изреки 17:27).
Меѓутоа, со цел да ги негуваме овие особини, мораме да допуштиме Божјиот дух да работи во нас. Можеме да го подбудиме ова здраво делување на светиот дух така што ќе устраеме во молитва и ќе молиме Божјиот дух да ни помогне (Лука 11:13). Што ќе ни даде Бог како одговор на нашата молитва? Библијата одговара: „За ништо не грижете се, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност изјавувајте ги пред Бога своите барања, и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исуса Христа“ (Филипјаните 4:6, 7).
Ова било очигледно во случајот на Исусовите апостоли. Дури и откако Исус ја вовел Господовата вечера во последната ноќ со апостолите, тие сѐ уште се препирале за тоа кој од нив е најголем (Лука 22:24-27). Исус во различни прилики се обидел да им помогне да го исправат мислењето, но овој натпреварувачки став бил длабоко всаден во нив (Марко 9:34-37; 10:35-45; Јован 13:12-17). Меѓутоа, кога го примиле светиот дух по околу 50 дена после препирката, нивниот став се сменил. Немало повеќе расправија околу тоа кој ќе ги претставува во зборувањето пред љубопитното мноштво кое се насобрало тој ден на Пентакост (Дела 2:14-21).
Немало место за некаква човечка доминација над христијанското собрание. Кога требало да го решат проблемот во врска со обрежувањето, Јаков, кој не бил дури ни ученик во времето на Исусовата смрт, претседавал со овој важен состанок. Не постои запис за караница за тоа кој да преземе водство на тој состанок на водечкото тело на христијанското собрание. Каква промена од времето кога апостолите биле заразени со натпреварувачки дух! Со помош на светиот дух тие се сетиле на Исусовите учења и почнале да го сфаќаат значењето на неговите поуки (Јован 14:26).
Истото може да биде случај и со нас. Со помош на светиот дух можеме да надвладееме секаков потаен поттик да се натпреваруваме со другите за да напредуваме на нивна сметка. Наместо тоа, можеме да добиеме душевен мир кој ја надвишува секоја мисла. Библијата нѐ уверува дека изворот на суровото натпреварување, Сатана Ѓаволот, наскоро ќе биде фрлен во бездна и ќе биде онеспособен (Откровение 20:1-3). Ривалство помеѓу соседи повеќе нема да постои. Дали резултатот ќе биде општество без напредок? Напротив! Луѓето ќе се подигнат до совршенство не преку некакво меѓусебно натпреварување, туку со примена на Исусовата откупна жртва за нив (1. Јованово 2:1, 2).
Кеиносуки, кој го споменавме порано и кој еднаш веќе ја искусил славата на световниот успех со продажба на рекорден број на автомобили, се исцрпил ментално и физички, но најпосле ја оставил работата. „Денес животот ми е исполнет со вистинска радост“ — вели тој. Сфатил зошто Исусовиот живот го одбележувал вистински успех. Сега пронаоѓа закрепа во сѐ што може да направи во Божјето собрание ширум светот. На тој начин е подготвен за новиот свет во кој нема да има натпреварување. И ти можеш да добиеш претслика на ова општество на новиот свет ако посетиш една од Салите на Царството на твоето подрачје и се дружиш со Јеховините сведоци.
[Слика на страница 7]
Во човечкото општество во Божјиот нов свет ќе има мир и соработка