Добри и лоши плодови
„Господ ми покажа: и, еве, две кошници со смокви . . . едната кошница беше полна со многу добри смокви, какви што се раните смокви, а втората кошница — со смокви, многу лоши, кои поради лошиот вкус не можеа да се јадат“ (ЈЕРЕМИЈА 24:1, 2).
1. Како покажал Јехова сомилост кон својот народ, Израел, но како одговориле тие?
ТОА било во 607. г. пр. н. е. Преостанеле само десет години пред Јехова да изврши заслужена осуда над Ерусалим и неговиот народ. Јеремија веќе 30 години неуморно проповедал. Забележи го Ездриниот жив опис на ситуацијата, кој се наоѓа во 2. Летописи 36:15: „Господ, Бог на нивните татковци, им испраќаше Свои гласници уште во рано утро, зашто Му беше жал за Својот народ и Своето живеалиште“. И каков бил резултатот од сиот овој напор? За жал, Ездра раскажува понатаму во стих 16: „Но тие се подбиваа со испратените од Бога и не се грижеа за зборовите Негови, ги понижуваа пророците Негови, додека гневот на Господа не падна врз народот Негов, та немаше за него спасение“.
2, 3. Опиши ја извонредната визија што Јехова му ја покажал на Јеремија.
2 Дали ова значело дека нацијата на Јуда требало да биде целосно избришана? За да го најдеме одговорот, да разгледаме една важна визија која потоа му била дадена на Јеремија и запишана во поглавје 24 од книгата што го носи неговото име. Бог употребил две кошници со смокви од оваа визија како симбол на настаните меѓу неговиот заветен народ. Тие требало да бидат претставени со два различни вида на плодови, добри и лоши.
3 Јеремија поглавје 24, стихови 1 и 2, опишуваат што видел Божјиот пророк: „Господ ми покажа: и, еве, две кошници со смокви, поставени пред храмот Господен, откако вавилонскиот цар Навуходоносор го изведе од Ерусалим заробениот јудејски цар Јехониј, синот Јоакимов, и јудејските кнезови со дрводелците и ковачите и ги одведе во Вавилон; едната кошница беше полна со многу добри смокви, какви што се раните смокви, а втората кошница — со смокви, многу лоши, кои поради лошиот вкус [поради расипаност, НС] не можеа да се јадат“.
Добрите смокви од визијата
4. Каква утешна порака за верните Израелци содржела визијата за смоквите?
4 Откако го запрашал Јеремија за она што го видел, Јехова понатаму, во стиховите 5 до 7, рекол: „Како овие добри смокви Јас ќе ги препознаам добрите преселници јудејски, што ги испратив од ова место во земјата Халдејска. И ќе ги свртам кон нив очите Мои за нивно добро и ќе ги вратам во оваа земја, и ќе ги подигнам, нема да ги сосипам, и ќе ги посадам, а не да ги искоренам; и ќе им дадам срце, за да Ме познаваат, дека Јас сум Господ, и тие ќе бидат Мој народ. Јас пак ќе им бидам нивни Бог, оти тие ќе се обрнат кон Мене од сѐ срце“.
5, 6. а) Како некои Израелци биле ‚испратени на добар начин‘ во Халдеја? б) Како Јехова ‚ги свртел своите очи за нивно добро‘ кон верните Израелци коишто биле во заробеништво?
5 Така, од она што Јехова овде го рекол се чини дека претстоеле добри времиња, дека нацијата на Јуда нема да биде потполно избришана. Но какво е значењето на оваа кошница со добри смокви?
6 Јехонија, или Јехојахин, царувал над Јуда само три месеци и десет дена пред доброволно да му го предаде Ерусалим на цар Навуходоносор. Меѓу оние коишто ги одвел со себе во заробеништво биле Даниил и неговите тројца еврејски придружници Ананиј, Мисаил и Азариј, како и Језекиил. Вавилонскиот цар им ги сочувал животите и затоа можело да се рече дека Јехова сите овие заробеници ги сметал за испратени на добар начин во земјата на Халдејците. Дали забележа дека Јехова исто така ветил оти ‚ќе ги сврти кон нив своите очи за нивно добро‘? Како се исполнило тоа? Во 537. пр. н. е., 80 години подоцна, Јехова предизвикал царот Кир да издаде декрет со кој му допуштил на еден остаток од нивни потомци да се вратат во земјата Јуда. Овие верни Евреи повторно го изградиле градот Ерусалим; подигнале нов храм за обожавање на нивниот Бог, Јехова; и му се вратиле со сето свое срце. Така, во сето ова, овие заробеници и нивните потомци за Јехова биле како многу добри рани смокви.
7. Кога и како било Јеховиното око над современата класа на Јеремија „за нивно добро“?
7 Може се сеќаваш дека во претходната статија во врска со Јеремиините пророчки зборови научивме дека тие имаат значење за нашиов 20. век. А поглавје 24 не е исклучок. За време на мрачните години на I Светска војна, многу Јеховини предадени слуги, на овој или оној начин потпаднале под влијанието на Големиот Вавилон. Но Јеховините будни ‚очи биле свртени кон нив за нивно добро‘. Така, токму преку Поголемиот Кир, Христос Исус, Јехова ја скршил моќта на Големиот Вавилон над нив и постепено ги довел во еден духовен рај. Овие духовни Израелци се оѕвале и се вратиле кај Јехова со сето свое срце. Потоа, во 1931, со радост го прифатиле името Јеховини сведоци. Навистина, сега би можело да се рече дека во Јеховини очи тие станале како кошница со многу добри смокви.
8. На кој начин ја објавиле Јеховините сведоци нашироко слаткоста на пораката за Царството која била слична на смоква?
8 А Јеховините сведоци не ја промашиле целта на Божјата незаслужена доброта што ги ослободил од Големиот Вавилон. Не ја задржале за себеси слаткоста на пораката на добрата вест за Царството која била слична на смоква туку нашироко ја објавувале, во склад со Исусовите зборови од Матеј 24:14: „Ќе биде проповедано ова Евангелие за Царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи“. И каков бил резултатот? Повеќе од 4.700.000 поединци слични на овци кои не се духовни Израелци, побегнале од Големиот Вавилон!
Лошите смокви од визијата
9. Кои биле претставени со лошите смокви од визијата на Јеремија, и што требало да се случи со нив?
9 Но што е со кошницата со лоши смокви од визијата на Јеремија? Јеремија сега го вперува своето внимание на Јеховините зборови во Јеремија, поглавје 24, стихови 8 до 10: „А за лошите смокви, кои не можат да се јадат поради нивниот вкус, така вели Господ: такви ќе ги направам јудејскиот цар Седекија и кнезовите негови, и другите ерусалимци, што ќе останат во оваа земја и што ќе живеат во Египетската земја; и ќе ги предадам на зло и тешко страдање во сите земни царства, за поруга и за приказ, за потсмев и за проклетство по сите места, каде што ќе ги растурам. Па ќе испратам врз нив меч, глад и помор, додека не ги истребам од земјата, која им ја дадов ним и на татковците нивни“.
10. Зошто Јехова го сметал Седекија за ‚лоша смоква‘?
10 Така навистина се покажало дека Седекија бил ‚лоша смоква‘ во Јеховини очи. Не само што се побунил против цар Навуходоносор со тоа што ја прекршил заклетвата за лојалност што му ја дал на тој цар во Јеховино име туку потполно ја отфрлил Јеховината сомилост која му била покажана преку Јеремија. Всушност, отишол дури дотаму што го уапсил Јеремија! Не е ни чудно што Ездра во 2. Летописи 36:12 вака го резимира ставот на царот: „И тој го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, својот Бог. Тој не се смири [не се понизи, НС]“. Во Јеховини очи, Седекија и оние кои останале во Ерусалим биле како кошница со лоши, гнили смокви!
Симболични гнили смокви денес
11, 12. Кои се идентификувани денес како лоши смокви, и што ќе се случи со нив?
11 А погледни низ светот денес. Мислиш ли дека можеме да најдеме симболична кошница со лоши смокви? Да ги разгледаме фактите, споредувајќи го нашето време со Јеремииното. Во овој 20. век, Јехова ја употребува класата на Јеремија, помазаниот остаток, за постојано да ги предупредува народите за неговиот иден гнев во големата неволја. Тој ги повикал националните групи да му ја оддадат славата што му припаѓа на неговото име, да го обожаваат со дух и вистина и да го признаат неговиот владејачки Син, Исус Христос, како законски владетел на Земјата. Каква е реакцијата? Иста како во времето на Јеремија. Народите продолжуваат да го прават она што е лошо во Јеховини очи.
12 Кои се тие коишто го поддржуваат овој бунтовен став? Кој постојано бие шега со овие Божји гласници слични на Јеремија така што го доведува во прашање нивното овластување да делуваат како Божји слуги? Кој постојано ја презира Речта Божја? Кој стои денес зад повеќето прогонувања на Јеховините сведоци? Одговорот е јасен како ден — тоа е т. н. христијанство, особено свештенството! А само погледни го сиот тој гнил, лош плод на т. н. христијанство за којшто беше дискутирано во претходната статија. О да, сигурно дека денес на Земјата постои симболична кошница со лоши смокви. Фактички, Јехова вели дека тие „не можат да се јадат поради расипаност“ (НС). Јеховините зборови преку Јеремија одекнуваат сѐ до нашите денови: ‚Ќе ги истребам!‘ За Јеховината жестина против т. н. христијанство ќе нема лек.
Предупредувачка лекција за нас
13. Како треба да ја разбереме визијата за двете кошници со смокви, имајќи ги предвид Павловите зборови од 1. Коринтјаните 10:11?
13 Додека испитуваме што вклучува Јеремиината инспирирана порака на предупредување, во ушите ни одѕвонуваат зборовите на апостол Павле од 1. Коринтјаните 10:11: „Сето тоа стануваше, та да служат како пример, а беше напишано за поука за нас, до кои стигна крајот на вековите“. Дали лично сме го зеле при срце предупредувањето што ни е соопштено преку оваа визија за двете кошници со смокви? Ова што го дискутираме е битен дел од работите што му се случиле на Израел како предупредувачки пример за нас.
14. Како одговорил Израел на Јеховината нежна грижа?
14 На крајот, да се сетиме на Јеховините зборови до цар Давид во врска со Израел, кои се наоѓаат во 2. Царства 7:10: „Јас ќе одредам место за Мојот народ, за Израилот, ќе го утврдам“. Јехова љубезно се грижел за својот народ, Израел, во секој поглед. Израелците имале доста причини да даваат добар плод во својот живот. Тие требало само да ја слушаат Јеховината божествена поука и да ги држат неговите заповеди. Но, само дел од нив го правеле тоа. Повеќето биле толку тврдоглави и самоволни што раѓале лош, гнил плод.
15. Како одговориле денес на Јеховината сомилост духовниот Израел и неговите придружници слични на овци?
15 А како е со нашето време? Јехова покажува големо сочувство спрема својот остаток од духовниот Израел и нивните придружници слични на овци. Неговото око е постојано над нив од нивното духовно ослободување во 1919. Како што прорекол преку Исаија, тие секојдневно добиваат божествена поука од најголемиот Учител во универзумот, Јехова Бог (Исаија 54:13). Оваа божествена поука, управувана преку неговиот сакан Син, Исус Христос, довела до изобилен мир меѓу нив и постојано ги доведува во сѐ поблизок однос со Јехова. Каква прекрасна духовна околина ни пружа ова на сите нас што можеме да го познаваме Јехова, да го слушаме и да продолжиме да донесуваме добар плод во нашите животи — плод кој му донесува фалба на Јехова! Од тоа зависи самиот наш живот!
16. Како може секој од нас лично да ја примени визијата за двете кошници со смокви?
16 Но и покрај сета Божја незаслужена доброта, сѐ уште има такви кои стануваат бунтовни и со тврди срца, какви што биле мнозина во стара Јуда, и кои раѓаат лош, гнил плод во своите животи. Колку трагично! Нека никој од нас никогаш не ја изгуби од вид предупредувачката лекција која ни се разјасни преку овие две кошници со смокви со нивните плодови — добри и лоши. Додека Јеховината заслужена осуда над отпадничкото христијанство наближува, да ја земеме при срце опомената на апостол Павле: „Да постапувате достојно за Бога, угодувајќи Му во сѐ, принесувајќи плод во секое добро дело“ (Колосјаните 1:10).
Повторување „Добри и лоши плодови“ и пасуси 1-4 од „Јеховиниот спор со нациите“
◻ Што претставува кошницата со добри смокви?
◻ Како станала очигледна кошницата со лоши смокви од визијата?
◻ Каква предупредувачка лекција ни дава Јеремиината порака?
◻ Што било значајно во врска со 607. пр. н. е. и 1914 н. е.?
[Слика на страница 15]
Како добри смокви, Божјиот народ произвел сладок плод на Царството
[Слика на страница 15]
Т. н. христијанство се покажало како кошница со лоши смокви