„Раката Јеховина“ во мојот живот
РАСКАЖАЛ ЛОРЕНС ТОМПСОН
ЕДНА вечер, 1946, јас и татко ми седевме в кола и ја гледавме поларната светлина како танцува на небото. Разговаравме за Јеховиното величество и нашето ништожество. Повторно ги оживеавме епизодите од времето кога делото на Јеховините сведоци беше забрането во Канада. Тате ми го врежа во главата начинот на кој Јехова го поткрепувал и водел Својот народ низ сите тие години.
ИАКО имав само 13 години, можев да сфатам дека она што тате ми го зборуваше е вистинито. Тој исто така ми го напомена значењето на итноста и големината на делото на проповедање кое допрва требаше да се изврши. Тате ја цитираше 4. Мојсеева 11:23 и ми нагласи дека раката Јеховина навистина никогаш не е куса. Само недостигот на вера и доверба во него од наша страна го ограничува тоа што тој ќе го стори за нас. Тоа беше еден драгоцен разговор меѓу татко и син, нешто што никогаш нема да го заборавам.
Проучувањето на публикациите на Watch Tower, а особено книгата Salvation (Спасение) издадена во 1939, исто така во голема мера влијаеја на мојот млад живот. Никогаш нема да ја заборавам нејзината возбудлива уводна споредба: „Брзиот патнички воз преполн со патници ита со брзина од 160 километри на час. Мора да ја премине реката преку мост под агол од 180 степени, така што луѓето на задната платформа од возот можат да ја видат локомотивата . . . Двајца мажи кои стојат на задната платформа . . . забележуваат дека еден лак на мостот од поодалечениот дел гори и паѓа во реката. Сфаќаат дека се соочени со голема опасност. Тоа е навистина критична ситуација. Дали би можело возот да се запре навреме за да се спасат животите на многуте патници?“
Применувајќи ја илустрацијата, книгата заклучува: „Слично и денес, сите народи и нации на Земјата се соочуваат лице в лице со најитната ситуација. Предупредени се, како што заповеда Бог, дека неволјата од Армагедон е пред врата. . . . Со тоа што се предупредени, секој еден кој е на тој начин предупреден мора сега да одбере во кој правец ќе тргне“.
Забрзаниот воз, мостот кој гори и итноста на делото на проповедање неизбришливо ми се врежаа во мислите.
Раната проповедничка активност
Почнав да учествувам во делото на проповедање во 1938, кога имав пет години. Хенри и Алис Твид, двајца пионери (полновремени слуги), ќе ме земеа со нив и заедно ќе поминевме од 10 до 12 часа дневно, разговарајќи со луѓето. Неизмерно уживав во ваквата целодневна служба за Јехова. Затоа бев воодушевен кога следната година тате и мама ми дозволија да станам објавител и да ја известувам мојата активност.
Во тие денови, на почетокот, бевме вклучени во информативните поворки, при што одевме по главните улици на градовите и носевме плакати испишани со пароли кои ја разоткриваа лажната религија и го објавуваа Божјето Царство. Користевме и портабл фонографи и пуштавме пораки темелени на Библијата на самите врати на домовите. Пуштавме говори од брат Џ. Ф. Ратерфорд, претседателот на Watch Tower Society, а некои од нив ги знаев и на памет. Сѐ уште се сеќавам кога го слушав како вели: „Многу пати е речено: Религијата е замка и измама!“
Забрана на нашето дело во Канада
За време на Втората светска војна, делото на Јеховините сведоци беше забрането во Канада, како што беше и во нацистичка Германија и други земји. Затоа ја користевме само Библијата, но продолживме со нашето дело овластено од Бог, послушни на библиските упатства (Матеј 28:19, 20; Дела 5:29). Научивме да се соочуваме со полициските рации на нашите состаноци и во нашите домови. Станавме искусни во испитувањето и испрашувањето пред судови и судии.
Јас и брат ми Џим станавме експерти во растурањето брошури пред вратите и терасите без да застанеме со возилата. Покрај тоа, работевме како курири и понекогаш како стражари за оние кои ја поминуваа границата за да присуствуваат на конгресите во САД.
Нашата куќа беше во предградието на Порт Артур (денешен Тундер Беј) во Онтерио, окружена со дрвја и грмушки на околу еден хектар. Имавме крава, теле, свињи и кокошки — сето тоа служеше како добра камуфлажа за да им помогнеме на младите сохристијани кои беа под истрага со цел да ги затворат поради проповедањето на Божјето Царство.
Ноќе, автомобили, камиони и приколки кои ги носеа младите христијани, ќе влезеа и излезеа од нашиот зафрлен двор. Ние ги сместувавме, криевме, маскиравме и храневме овие младинци, а потоа ги испраќавме по нивниот пат. Татко ми и мајка ми, заедно со тие рани работници, беа слуги предадени со целата душа кои го обликуваа моето младо срце да му служи и да го љуби Јехова Бог.
Во август 1941, му го предадов својот живот на Јехова и се крстив во едно малечко езеро длабоко во шумите. Повеќемина се собравме за овој настан доцна во ноќта во една куќарка осветлена со ламба. Очигледно сомничава, полицијата патролираше близу нас, пребарувајќи го езерото со светилки, но не нѐ откри.
Повеќе аспекти на полновремената служба
Во 1951 завршив средно училиште и отпатував речиси 1.600 километри за да ја примам пионерската доделба во Кобург (Онтерио). Собранието беше малечко и јас немав партнер за пионерската служба. Но, се сетив дека раката Јеховина не е куса, па најмив соба, готвев сам и бев среќен што му служам на Јехова. Следната година бев повикан да служам во подружницата на Watch Tower Society во Торонто. Тука научив многу корисни лекции кои ме прочистија за идната служба за Царството.
Откако служев во Торонто како пионер преку една година, се венчав со Луси Трудо и во зимата 1954 добивме пионерска доделба во Леви (Квебек). Времето беше кочан студено, народот и вознемирувањата од полицијата беа застрашувачки, а предизвик претставуваше и да се научи францускиот јазик. Низ сето тоа раката Јеховина не беше никогаш куса, така, иако имаше тешки времиња, секако имавме многу благослови.
На пример, бевме замолени да прегледаме два брода (Ароза Стар и Ароза Кулм) кои Друштвото планираше да ги користи за превезување на делегати на големите меѓународни конгреси во Европа во 1955. Управите на бродските компании понекогаш ни укажуваа гостољубивост бидејќи беа заинтересирани Друштвото да им биде муштерија, а тоа беше пријатно закрепнување од напорната служба во Квебек во тоа време.
Есента 1955 бев повикан да служам како патувачки надгледник и таа зима ја поминавме посетувајќи ги оддалечените собранија на замрзнатиот север на Онтерио. Следната година ја посетувавме Библиската школа Гилеад на Watchtower во Соединетите Држави и после тоа бевме доделени како мисионери во Бразил (Јужна Америка).
Се фрливме на нашата нова задача со сето срце и душа и набргу бевме во можност да проповедаме и поучуваме на португалски јазик. На почетокот од 1957, бев доделен да работам како патувачки надгледник. Сега, наместо смрзнувачкото студенило на северот, водевме борба со преголема жештина. Многупати моравме да застанеме и да го отстраниме вжештениот песок од нашите чевли или да сечеме и џвакаме шеќерна трска за да си ја обновиме силата. Но, имавме и благослови.
Во гратчето Реженте Фежу зборував со шефот на полицијата и тој нареди сите продавници да се затворат и им рече на сите да дојдат на градскиот плоштад. Под сенката на едно расцветано дрво со широки лисја одржав библиско предавање за сите граѓани. Денес, овде постои собрание на Сведоци.
Децата ги одгледувавме во Бразил
Кога Луси затрудни во 1958, се населивме во Жуис де Фора и служевме како специјални пионери. Во следните две години ни се родија двете ќерки, Сузан и Ким. Тие се покажаа како вистински благослов во службата, со тоа што станаа новост во градот. Додека ги туркавме детските колички преку калдрмите, луѓето доаѓаа да ги видат. Со оглед на тоа што потребата од објавители на Царството беше голема во Ресифе, нешто појужно од екваторот, се преселивме во тоа многу жешко место.
Во 1961, не само што бев во можност да помогнам околу подготовките за авионски превоз на Сведоците кои одеа на конгрес во Сао Паоло туку и јас лично можев да присуствувам на тој значаен конгрес. Меѓутоа, после околу 20 минути лет, авионот одеднаш почна да се урива кон земјата, фрлајќи ги патниците низ целата кабина. Внатрешноста на авионот беше пустелија; седиштата беа оттргнати од нивните лежишта, а патниците беа изудирани и раскрвавени. За среќа, пилотот успеа да го врати авионот во нормална положба и ние безбедно слетавме. Никој од нас не беше сериозно повреден, па затоа можевме да продолжиме со следниот авион за Сао Паоло. Се радувавме на еден прекрасен конгрес, но јас си реков дека никогаш повеќе нема да летам со авион!
Меѓутоа, кога пристигнав дома од конгресот, ме чекаше друга задача. Требаше да се грижам за едно собрание длабоко во џунглата во Терезина, во државата Пиауј. Требаше до таму да патувам со авион. Бев исплашен, но ја примив задачата потпирајќи се на Јеховината рака.
Во 1962, во Ресифе ни се роди синот Грег. Иако не бев веќе во можност да бидам пионер, бидејќи сега имав семејство, бев во можност да вршам позитивно влијание на малото собрание. Децата секогаш ревно ни се придружуваа во службата бидејќи направивме да им биде занимлива. Секое од нив, од тригодишна возраст беше во состојба да изнесе понуда пред врата. Имавме обичај никогаш да не ги пропуштаме состаноците или учеството во службата на проповедање. Дури и кога некој од семејството беше болен и некој мораше да остане дома со него, останатите одеа на состаноците или учествуваа во службата на подрачјето.
Низ годините, како семејство редовно разговаравме за наставните програми за децата и нивните цели во живот, подготвувајќи ги за кариера во Јеховината организација. Се грижевме да не бидат изложени на ослабувачки влијанија, како што е телевизијата. Немавме телевизор во куќата сѐ додека децата не пораснаа на тинејџерска возраст. И иако имавме средства, не ги разгалувавме со материјалните работи. На пример, купивме само еден велосипед кој тројцата го делеа меѓусебе.
Соработувавме меѓусебно колку што беше можно повеќе, игравме кошарка, пливавме и заедно патувавме. Нашите патувања беа поврзани со посета на христијанските конгреси или на бетелските домови во другите земји. Овие патувања ни овозможија слободно меѓусебно да разговараме така што јас и Луси дознававме што се наоѓа во срцата на нашите деца. Толку сме му благодарни на Јехова за овие радосни години!
На крајот, десетте години во тропските предели, близу до екваторот, штетно се одразија на здравјето на Луси. Затоа ни беше добредојдена промена на доделбата во една поумерена клима на југот, во Куритиба, во државата Парана.
Враќање во Канада
Во 1977, после скоро 20 години во Бразил, јас и Луси се вративме во Канада со децата за да се грижиме за мојот болен татко. Каква само поинаква средина беше тоа за нашето семејство! Но, што се однесува до духовниот живот тоа не беше промена, бидејќи го задржавме истиот утврден ред со нашето љубезно христијанско братство.
Во Канада, полновремената служба стана нешто во кое беше вклучено целото семејство, така што и двете ќерки по ред стапија во полновремената пионерска служба. Секој од нас имаше свој удел во овој семеен потфат. Секоја заработувачка од работата со скратено работно време беше ставана во фондот за трошоци за одржување на куќата и трите автомобила кои беа неопходни за нашето расфрлено подрачје. Секоја недела после семејната библиска студија, разговаравме за семејните планови. Овие дискусии му помогнаа секому да сфати каде одиме и што правиме со својот живот.
Нашиот син Грег исто како и неговите постари сестри, за своја цел ја имаше полновремената служба. Уште од својата петта година изрази желба да работи во подружницата на Друштвото, наречена Бетел. Никогаш не ја испушти од предвид таа цел и, по завршувањето на средното училиште, нѐ праша мене и мајка си: „Што мислите? Да одам ли во Бетел?“
Иако помислата дека ќе нѐ напушти беше тешка за нас, без двоумење одговоривме: „Никаде нема повеќе да ја почувствуваш Јеховината рака како што ќе ја почувствуваш во Бетелот — самото срце на Јеховината организација“. По два месеца замина во Бетелот во Канада. Тоа беше во 1980 и тој сѐ уште служи таму.
1980-те донесоа нови предизвици за мене и Луси. Повторно се најдовме таму каде што и започнавме — само ние двајцата. До тоа време Сузан се омажи и беше пионерка заедно со својот сопруг, а Ким и Грег служеа во Бетел. Што да сториме? Прашањето набргу беше одговорено во 1981 кога бевме повикани да служиме во португалска покраина која се простира на површина од околу 2.000 километри. Сѐ уште се радуваме на патувачката служба.
Ким се омажи и посетуваше Гилеад, а денес со својот сопруг служи во покраинска служба во Бразил. Сузан и нејзиниот сопруг се сѐ уште во Канада, одгледуваат две деца, а сопругот на Сузан е пионер. Иако нашето семејство во последниве години беше физички одвоено поради нашите задачи во полновремената служба, остануваме блиски духовно и емоционално.
Јас и Луси гледаме напред кон светла иднина со нашето семејство на исчистената Земја (2. Петрово 3:13). Како и Мојсеј од старо време, лично ја искусивме вистинитоста на одговорот од реторичкото прашање во 4. Мојсеева 11:23: „Зар е раката Господова (Јеховина, НС) кратка: сега ќе видиш, ќе се оствари ли зборот Мој кон тебе, или не“. Навистина, ништо не може да го запре Јехова да ги благослови своите слуги за нивната служба со цело срце.
[Слика на страница 25]
Јас и мојата сопруга Луси