Прашања од читателите
Дали плодот од дрвото за познавање на доброто и злото, од кое каснала Ева, а подоцна и Адам, бил јаболко?
Тоа не се знае. Многу луѓе мислеле дека ‚забранетиот плод‘ бил јаболко, а низ вековите уметниците така и го насликувале. Но, Библијата не го именува дрвото ниту неговите плодови. Ева се осврнала на него само како на „родот на она дрво среде рајот“ (1. Мојсеева 3:3).
Во врска со ова, вредно за внимание е објаснувањето под поимот „Јаболко“ во Insight on the Scriptures:
„Постојат многу претпоставки во врска со идентификацијата на дрвото и на плодот означен со хебрејскиот збор тапу́ах. Самиот збор укажува на нешто што се истакнува со својот мирис, односно арома. Потекнува од коренот напхах, со значење ‚дува, тешко дише, се бори за здив‘ (1Мо 2:7; Јов 31:39, НС; Јер Ере 15:9, НС). Во врска со ова, М. К. Фишер напишал: ‚На прв поглед се чини дека не постои поврзаност [со напхаˊх] во семантички поглед, но поимите „здив“ и „испушта мирис“ се сродни. Паралелната форма пуах има двојно значење: „дува“ (ветер) и „испушта пријатен мирис, е миризлив“‘ (Theological Wordbook of the Old Testament, издадена во 1980 од Р. Л. Харис, том 2, страница 586).
Наместо јаболко, предложени се неколку плодови меѓу кои и портокал, цитрон, дуња и кајсија. . . . Меѓутоа, сродниот арапски збор туфах првенствено значи ‚јаболко‘, а забележително е тоа што хебрејските називи за местата Тафуа и Вет-тафуа (наречени така веројатно поради распространетоста на овој плод во нивната околина) се зачувани во нивните арапски еквиваленти за употребата на овој збор (Ису 12:17; 15:34, 53; 16:8; 17:8, сите НС). Овие места не се наоѓале во низина, туку на ритчест предел каде што климата е прилично умерена. Освен тоа, можноста за некои климатски промени во минатото не може наполно да се исклучи. Денес во Израел сѐ уште растат јаболкници и поради тоа се чини дека тие во доволна мера се совпаѓаат со библискиот опис. Вилијам Томсон, кој во текот на минатиот век поминал многу години во Сирија и во Палестина, известил дека пронашол овоштарници со јаболкници во пределот на Аскалон, во Рамнините на Филистеја (The Land and the Book, ревидирано во 1910 од Џ. Гранд, страници 545, 546).
Јаболкницата (Pyrus malus) најчесто се споменува во Песна над песните, каде што изразите на љубов искажани од овчарот, придружникот на Суламката, се споредени со пријатната сенка на јаболкницата и со слаткиот вкус на нејзиниот плод (Пе 2:3, 5). Од своја страна, пак, тој го споредува нејзиниот здив со миризбата на јаболко (Пе 7:9; види и 8:5). Во Изреки (25:11) со право умесниот говор е спореден со „златно јаболко во сребрена кошничка“. Друго осврнување на јаболко се наоѓа уште во Јоил 1:12. Народната традиција за јаболкото како забранет плод од Едем, нема никаква библиска основа. Слично на тоа, изразот ‚јаболко на окото‘ се наоѓа во библискиот превод King James Version (Пс 17:8; Из 7:2; и други), но тоа не е хебрејски израз; дословниот превод е ‚зеница на [нечие] око‘“ (Insight on the Scriptures, том 1, страници 131, 132, издадено во 1988 од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.).