За нас нема повлекување!
„ЗА НАС НЕМА ПОВЛЕКУВАЊЕ“ — тоа е пораката што ќе ја добиете кога ќе посетите еден необичен дом во Токио (Јапонија). Таму живее едно семејство од 22 мажи и жени, на просечна возраст од 70 години. Тие не се поврзани со роднински врски, туку со заеднички интерес — мисионерската служба. Во полновремената служба истрајале вкупно 1.026 години! Трите најстари членови се родени во 1910 година. Седуммина од нив започнале со полновремената служба уште додека биле тинејџери. Деветмина, пак, го виделе растот на делото на проповедање на Царството во Јапонија од неговиот почеток, по Втората светска војна (Исаија 60:22).
Меѓутоа, оваа шесткатна зграда на поранешната подружница на Стражарска кула, претставува извор на охрабрување, особено поради духот, т.е. доминантното тежнеење на мисионерите што живеат во неа. Иако повеќето од нив имаат физички ограничувања поради возраста или поради слабото здравје, ниту еден од овие духовни борци не е спремен да се откаже. Сведоците од Јапонија потполно им ја обновиле зградата, снабдувајќи ги со Сала на Царството во подрумот и со лифт.
Што ги усреќува
Со оглед на тоа што толку многу години биле на својата доделба, овие мисионери чувствуваат како таму да е нивниот дом. „Кога се вратив во Австралија поради обласниот конгрес минатото лето“, вели една од постарите членови на семејството, „бев спремна да се вратам дома веќе после две седмици!“ Тие ги сакаат луѓето на кои им служат и имаат длабока наклоност кон нив. Сите мисионери ги ценат писмата и телефонските повици што ги потсетуваат на активностите во изминатите денови.
Сето тоа е резултат на внимателната служба. Поттикнати од љубов кон Јехова, мисионерите настојчиво ја проповедале добрата вест под секакви околности. (Спореди 2. Тимотеј 4:2.) „Се научивме да бидеме радосни само поради тоа што му служиме на Јехова“, вели Вера Макеј, која служи во Јапонија веќе 37 години. „Дури и кога никој не излегува на вратата, ние сме таму за да сведочиме за Јехова.“
Дванаесет од овие мисионери никогаш не биле во брак, но тие се среќни што му служат на Јехова без пречки (1. Коринтјаните 7:35). Гледис Грегори, која служи како мисионер веќе 43 години, е една од нив. Таа вели: „За да имам поголема слобода во службата за Јехова, стапив во пионерската служба, подоцна бев во Гилеад [Библиската школа Гилеад на Стражарска кула], а потоа во мисионерската служба. Иако никогаш не се заколнав на такво нешто, останав немажена и, како и голем број други Сведоци, никогаш не зажалив поради тоа“.
Спремност да се привикнуваат
Макар што некои луѓе стануваат тврдоглави со стареењето, мисионерите се спремни да се привикнуваат. Лоис Даје, Моли Херон, како и Лејна и Маргрит Винтелер, биле во еден помал мисионерски дом во станбениот дел на Токио. Таму живееле повеќе од 20 години и се приврзале кон луѓето од тоа место. На своите подрачја, сестрите Винтелер посетувале 40 луѓе при обиколките со списанија, а Моли и Лоис 74. Потоа, Заедницата побарала од нив да се преселат во шесткатниот мисионерски дом во центарот на Токио. „Во почетокот бев потиштена и несреќна“, признава Лејна. Меѓутоа, како и секогаш, тие се привикнале на новата доделба. Како се чувствуваат сега? „Многу сме среќни“, одговара Лејна. „Двајца браќа од Бетелот се овде за да готват и за да го чистат домот. Добро сме згрижени.“ Сите се сложуваат со Лоис, која вели: „Љубезната грижа што Јеховината организација ја покажува кон нас, ни помага да истраеме“.
И Норин Томпсон се привикнала на новите околности. Таа вели: „Цели петнаесет години имав предност да го придружувам мојот сопруг [кој потекнувал од Нов Зеланд] во обласната служба кога цела Јапонија беше само една област“. Меѓутоа, здравјето на нејзиниот сопруг се влошило и таа морала да го надмине најголемото искушение во својот живот — неговата смрт пред 18 години. „Во тоа време“, вели таа, „она што ми овозможи да продолжам со мисионерската служба беше љубовта што ми ја покажаа браќата од Јапонија, како и молитвата и зафатеноста во службата.“
Истрајување и покрај здравствени проблеми
„Многумина имаат здравствени проблеми, но тие се радосни, а нивната желба да служат е извонредна особина“, вели Алберт Пастор, надгледникот на мисионерскиот дом. Еден лекар и неговата сопруга, која е медицинска сестра, доделени се во домот за да се грижат за мисионерите.
Еден ден, пред околу три години, Елзи Танигава која дипломираше во 11-тиот клас на Гилеад школата, ненадејно го изгуби видот на левото око. Четири месеци подоцна ѝ се инфицира и десното. „Понекогаш сум малку потиштена поради тоа што повеќе не можам да служам како што служев некогаш. Но, со сите љубезни подготовки од Заедницата и со љубезната помош од мојата партнерка и од другите, и понатаму наоѓам радост во службата за Јехова“, вели Елзи.
Шиничи Тохара и неговата сопруга, Масако, кои заедно со Елзи биле во истиот клас на Гилеад, во текот на изминатите неколку години се соочиле со многу тешкотии поради нивното здравје. За Шиничи, кој е способен говорник, претставува голем проблем тоа што не може да ги види своите белешки поради сѐ послабиот вид. Иако се подложил на неколку поголеми и помали операции во изминатите години, неговите очи светат кога зборува за еден 90-годишен библиски ученик кому му помага сега.
Иако имаат ‚трн во телото‘, овие мисионери гледаат на своите слабости онака како што гледал и апостол Павле, кој рекол: „Кога сум слаб, тогаш сум силен“ (2. Коринтјаните 12:7-10). И навистина тие се силни! Секое утро се будни за утринското обожавање во седум часот. По појадокот, оние кои се физички способни да го прават тоа, одат во рана утринска служба на подрачјето.
Ричард и Миртл Широма се меѓу оние што редовно одат во служба. Миртл имала мозочни удари предизвикани од напад на артериосклероза на мозокот во 1978, но сѐ до ноември 1987 таа го придружувала својот сопруг во патувачката служба. Сега Ричард, кој и самиот има 70 години, ѝ помага на Миртл во сѐ. Станува во 5.00 наутро, ја буди, ја капе, ја облекува, ја дотерува и ја храни. Потоа ја изнесува во нејзината инвалидска количка за служба на подрачјето секое утро, одат од куќа до куќа околу еден час а потоа им сведочат на луѓето по автобуските станици. Миртл повеќе не може да зборува, но последните зборови што ги изговорила биле Дендо, дендо, што на јапонски значи „Сведочење, сведочење“.
Нивната ќерка Сандра Сумида се пресели во мисионерскиот дом за да им помага. Неодамна, поради срцев напад, таа го изгуби својот драг сопруг. Многу ја цени љубезната подготовка на Друштвото Стражарска кула, кое ја доделило назад во Јапонија од Гуам, каде што служела како мисионер со својот сопруг. „Секогаш чувствував дека не им помагам доволно на моите родители поради тоа што бев во Гуам“, вели таа. „Мојата сестра Јоана се грижеше за нив во домов. Затоа, кога се укажа оваа можност, се чувствував добро. Тоа што овде се чувствувам потребна беше терапија за мене по ненадејната смрт на мојот сопруг.“
Успешна работа
Иако мисионерите ги чувствуваат последиците на годините, тие одбиваат да се откажат од својот мисионерски дух (Псалм 89:10; Римјаните 5:12). Џери и Јоши Тома, кои се меѓу првите дипломци на Гилеад што дошле во Јапонија, сѐ уште одат во деловното подрачје во центарот на Токио. „Кога дојдовме кај двокатната зграда што беше тука во 1949, одевме од ров до ров. Сега Токио се измени во метропола. Ние сме стари и не можеме да правиме толку колку што правевме порано. Но кога се враќаме од проповедање, многу сме освежени“, вели Јоши.
Лилијан Самсон е мисионер во Јапонија веќе 40 години и многу ужива во својата служба. „Сега ѝ помагам на една 80-годишна жена која проучуваше со мојата партнерка, Аделин Нако, која се врати на Хаваите за да се грижи за својата болна мајка. Жената неодамна стана објавител на Царството, откако ги надмина проблемите со обожавањето на предци. Таа отишла во храмот и ѝ рекла на сопругата на свештеникот: ‚Јас се преобратив кон христијанството!‘“ Со таква радост во својот живот, Лилијан никогаш не пожалила поради денот кога, на возраст од 19 години, ја напуштила световната работа и започнала со пионерската служба.
Рут Улрик и Марта Хес, кои се мисионерски партнерки повеќе од 45 години, делувале од овој мисионерски дом цели 35 години. Тие добро се привикнале на подрачјето. Во една прилика покраинскиот надгледник ја прашал Марта: „Можеш ли да ми го позајмиш твоето лице за да одам од врата на врата?“ Луѓето го познавале лицето на Марта и посегнувале по списанијата, додека покраинскиот надгледник тешко започнувал разговори.
Во својата обиколка со списанија, Рут има една жена која не може да чита поради здравствени проблеми. Па сепак, жената и понатаму зема списанија, па дури ја примила и тврдоукоричената книга Mankind’s Search for God (Човештвото во потрага по Бог). Рут се прашувала дали да продолжи да ѝ донесува списанија бидејќи се чинело дека никој не ја чита литературата. А потоа, еден ден, сопругот на жената ѝ пришол на Рут со книгата Search, велејќи: „Ова е прекрасна книга! Двапати ја прочитав“. Рут започнала библиска студија со него и со неговата жена.
И самиот мисионерски дом ги привлекува заинтересираните луѓе. Една вечер, во домот дошол еден млад човек и рекол: „Разбрав дека ако дојдам овде, ќе ми помогнете да научам за Библијата“. Со него била започната библиска студија. Како готвач во еден кинески ресторан, тој работел со една жена која била исклучена веќе многу години. Списанијата што ги оставил некој објавител кој дошол во ресторанот, дошле и во кујната. Му се допаднале на младиот готвач и тој почнал да ѝ поставува прашања на жената која порано била Сведок. Бидејќи не можела да му одговори, таа му рекла да оди во мисионерскиот дом. Сега тој човек служи како слуга помошник и како пионер. Во меѓувреме, жената која порано била исклучена, повторно била примена, а со текот на времето и таа станала општ пионер.
Сите мисионери во домот го ценат она што Јехова го сторил за нив. Тие дошле од Австралија, од Канада, од Соединетите Држави, од Хаваите и од Швајцарија, а 11 од нив биле од 11-тиот или од претходните класови на мисионерската школа Гилеад. Тие виделе како во Јапонија напредува делото на Царството, и ги делат чувствата на царот Давид кој рекол: „Бев млад, веќе остарев, и не видов оставен праведник, ниту потомците негови леб да просат“ (Псалм 36:25). Поради своето ценење за Божјата љубезна грижа, овие мисионери се одлучни да не се повлечат, туку да продолжат да му служат на Јехова.