Ни беше даден скапоцен бисер
РАСКАЖАЛ РИЧАРД ГУНТЕР
Беше септември 1959. Се наоѓавме на италијанскиот патнички брод Јулиј Цезар, кој пловеше преку Атлантскиот океан од Њујорк до Кадис (Шпанија). Друштвото Стражарска кула нѐ додели во таа Ибериска земја мене и мојата сопруга Рита, заедно со уште една мисионерска двојка, Пол и Евелин Хундертмарк. Пред нас стоеја големи предизвици. Но, како дојде до тоа да започнеме со мисионерска кариера?
РИТА и јас се крстивме како Јеховини сведоци во 1950 година во Њу Џерси (САД). Кратко потоа решивме, кога ќе дојде време, да земеме во своите раце еден скапоцен бисер. Бевме во собрание кое имаше доволно браќа и сестри за да служат на подрачјето. Затоа, чувствувавме обврска да се понудиме да служиме онаму каде што имаше поголема потреба од објавители. На меѓународниот конгрес на Јеховините сведоци во Њујорк, летото 1958, се пријавивме за мисионерска служба.
Кратко потоа бевме повикани во библиската школа Гилеад на Стражарска кула, а веќе следната година патувавме за Шпанија како мисионери. Бидејќи бевме зафатени со многу подготовки и обземени од возбуда, не сфативме веднаш што ни е дадено. Исус зборувал за еден многу скапоцен бисер (Матеј 13:45, 46). Иако тоа не било цел на неговата споредба, предноста да служиме како мисионери беше за нас слична на еден таков бисер. Кога ќе погледнеме на тоа изминато време, попотполно го цениме тој скапоцен подарок на служба во Јеховината организација.
Значајно искуство
Во тоа време, мисионерскиот курс Гилеад се одржуваше во прекрасната селска околина во подрачјето на Фингер Лејкс, во државата Њујорк. Таму поминавме шест прекрасни месеци потполно задлабочени во библиска студија и во вистинско христијанско дружење, изолирани од работите и проблемите на овој свет. Другите студенти беа од различни делови на светот, меѓу кои Австралија, Боливија, Британија, Грција и Нов Зеланд. Но, наскоро дојде денот на дипломирање. Во август 1959, со солзи во очите се збогувавме додека секој испловуваше кон својата мисионерска доделба. По еден месец, ние пристигнавме во Шпанија.
Нова култура
Стигнавме во јужното пристаниште Алхесирас, покрај огромната Гибралтарска карпа. Ние четворица — Рита и јас, заедно со двојката Хундертмарк — се качивме таа ноќ на воз за Мадрид. Отидовме во хотелот Меркадор, каде што чекавме сѐ додека не бевме поврзани со членовите на канцеларијата на подружницата на Друштвото, која работеше во тајност. Шпанија беше под диктаторската влада на генералот Франсиско Франко. Тоа значеше дека единствената законски призната религија во земјата е Римокатоличката црква. Бидејќи беше нелегално да се практицира во јавноста некоја друга религија, делото на проповедање од куќа до куќа, што го извршуваа Јеховините сведоци, беше забрането. Дури и религиозните состаноци беа забранувани, поради што Јеховините сведоци, кои во тоа време ги имаше околу 1.200 во 30 собранија во Шпанија, не можеа да се состануваат во Салите на Царството, како што беше случај во другите земји. Моравме да се состануваме тајно во приватни домови.
Учење шпански јазик и нашите почетоци
Нашиот прв предизвик беше да го научиме јазикот. Првиот месец поминувавме по 11 часа дневно во учење на шпанскиот јазик — 4 часа секое утро во класот, а следните 7 часа учевме сами. Вториот месец продолживме со утринските часови, но пладнињата ги посветувавме на проповедањето од куќа до куќа. Можете ли да си замислите? Иако сѐ уште не го знаевме јазикот и имавме само научен увод запишан на ливче, Рита и јас секогаш одевме сами во делото од куќа до куќа!
Се сеќавам кога тропнав на една врата во Ваљекас, работничкиот кварт во Мадрид. Со ливчето во раката, за секој случај, на шпански јазик реков: „Добро утро. Ние извршуваме христијанско дело. Библијата вели (ќе го прочитавме стихот). Би сакале да Ви ја дадеме оваа брошура“. Дамата само гледаше, а потоа ја зеде брошурата. При повторната посета, таа нѐ покани внатре и додека ние зборувавме, повторно само нѐ гледаше. Започнавме библиска студија, најдобро што можевме, а за време на студиите таа само слушаше и гледаше. По некое време конечно ни кажа дека при нашата прва посета тоа не разбрала што сме ѝ зборувале, но го слушнала зборот Диос (Бог), а за неа тоа било доволно за да сфати дека тоа е нешто добро. Со текот на времето стекна прилично библиско спознание, се крсти и стана Јеховин сведок.
За мене беше многу тешко да учам шпански јазик. Додека патував во градот, имав навика да ги учам напамет глаголските конјугации. Она што ќе го научев за една недела, го заборавав во текот на следната! Тоа многу ме обесхрабруваше. Неколку пати речиси се откажав. Бидејќи мојот шпански говор беше ужасен, браќата од Шпанија мораа да покажуваат голема стрпливост додека преземав водство. На еден обласен конгрес, еден брат ми даде рачно напишано известување кое требаше да го читам од бината. Бидејќи ми беше тешко да го прочитам неговиот ракопис, јас известив: „Утре понесете си ги на стадионот своите muletas (патерици)“, а требаше да речам: „Утре понесете си го на стадионот својот maletas (багаж)“. Се разбира, луѓето се смееја, а јас бев посрамен.
Првите искушенија во Мадрид
Првите неколку години во Мадрид претставуваа голема емоционална тешкотија за Рита и за мене. Многу ни недостигаа домот и пријателите. Секојпат кога ќе добиевме писмо од Соединетите Држави, нѐ обземаше налет на носталгија. Таквите периоди беа тешки, но поминуваа. На крајот на краиштата, ние се откажавме од домот, од семејството и од пријателите за да добиеме во замена поскапоцен бисер. Требаше да се привикнеме.
Кога почнавме да живееме во Мадрид, бевме сместени во еден многу беден пансион. Имавме своја соба и три оброка дневно. Тоа беше мала, темна соба, а душеците беа направени од слама. Месечната кирија го трошеше нашиот скромен џепарлак. Обично, напладне ручавме таму, а газдарицата ја оставаше нашата вечера во рерната за да биде топла и да имаме што да јадеме кога ќе се вратиме доцна навечер. Меѓутоа, додека одевме по улиците во текот на целиот ден до вечерта, многу огладнувавме. Ако не ни останеше џепарлак, ги трошевме нашите ограничени лични средства за да купиме од најефтините чоколадни слатки што можевме да ги најдеме. Но наскоро ситуацијата се измени кога нѐ посети зонскиот надгледник на Друштвото. Ја виде нашата тешкотија и рече дека можеме да побараме мал стан за да го користиме како мисионерски дом. Да, тоа би било многу подобро отколку да се бањаме стоејќи во тркалезно корито на подот од кујната. Сега можевме да се тушираме, да имаме фрижидер за да ја чуваме храната во него и едно решо за да ги подготвуваме своите оброци. Бевме многу благодарни за таквата грижа.
Прекрасни искуства во Мадрид
Проповедањето од куќа до куќа се извршуваше многу претпазливо. Дневната врева во Мадрид ни беше во прилог бидејќи нѐ штитеше да не бидеме забележани. Се трудевме да се облекуваме и да се однесуваме како и другите за да не бидеме препознатливи како странци. Проповедањето од врата до врата го извршувавме така што ќе влезевме во некоја станбена зграда, ќе тропневме на една врата, ќе поразговаравме со некој од станарите, а потоа ја напуштавме зградата, улицата и подрачјето. Секогаш постоеше веројатност домаќинот да ја повика полицијата, па затоа не беше мудро да останеме во соседството. Поради тоа, колку и да беа претпазливи во користењето на оваа тактика, Пол и Евелин Хундертмарк беа фатени и истерани од земјата во 1960 година. Тие отидоа во соседна Португалија каде што служеа неколку години, а Пол се грижеше за канцеларијата на подружницата, што работеше во тајност. Денес тој е надгледник на градот во Сан Диего (Калифорнија).
Сепак, кај нас имаше надокнада. Само неколку месеци подоцна, на шесте мисионери кои беа доделени во Португалија им беше наложено да ја напуштат земјата! Тоа доведе до радосен развој на настаните затоа што Ерик и Хејзел Бевериџ, со кои бевме во ист клас во Гилеад, сега добија упатство да ја напуштат Португалија и да дојдат во Шпанија. Така, во февруари 1962, повторно бевме во хотелот Меркадор — овој пат за да им изразиме добредојде на Ерик и на Хејзел кога пристигнаа.
Уште на самиот почеток во Мадрид, Рита и јас лично го согледавме искуство со религиозното лицемерство. Ја студиравме Библијата со една брачна двојка, Бернардо и Марија, кои живееја во една колиба направена од отпадни парчиња од градежен материјал што го наоѓал Бернардо. Со нив проучувавме доцна навечер, а после студијата тие ќе ни понудеа леб, вино, сирење или нешто друго што имаа. Забележав дека тоа сирење беше исто како американското. Една вечер после студијата, тие ја донесоа конзервата во која беше сирењето. Со големи букви, на англиски, на неа беше напишано: „Од американскиот народ за шпанскиот народ — Не смее да се продава“. Како го добило сирењето ова сиромашно семејство? Владата се послужила преку Католичката црква за да им го раздели на сиромашните. Но, свештеникот го продавал!
Плодна служба меѓу војската
Наскоро се случи нешто прекрасно, што се покажа како богат благослов за нас и за многу други. Од канцеларијата на подружницата добивме порака со која бевме замолени да посетиме некој млад човек по има Волтер Кидеш, кој бил сместен во базата на Воздухопловните сили на САД, во Торехон, лоцирана на неколку километри од Мадрид. Ги посетивме него и неговата сопруга и започнавме библиска студија со нив, но и со уште една двојка од Воздухопловните сили.
Во тоа време водев околу пет студии со персоналот на Воздухопловните сили на САД, се разбира, сите на англиски јазик. Седум од нив подоцна се крстија, а откако се вратија во Соединетите Држави, четворица од мажите станаа собраниски старешини.
Тоа беше време кога постоеја само неколку начини да се добијат книги, списанија и Библии во земјата, бидејќи нашето дело беше забрането. Меѓутоа, дел од литературата ја внесуваа туристите, како и нашите курири од Америка. Подружницата ме назначи за раководител на тајното складиште со литература, кое се наоѓаше во стовариштето во задниот дел на една продавница за материјали за пишување, во Ваљекас. Сопругата на сопственикот беше Јеховин сведок. Но, иако сопственикот не беше Сведок, тој го ценеше нашето дело, па затоа, и покрај големиот ризик за него и за неговиот бизнис, ми дозволи да го користам тој заден дел за да подготвувам пакети со литература кои ги испраќав во сите градови низ земјата. Бидејќи собата требаше секогаш да личи на она за што се сметаше дека е — правлива, растурена и полна со картони — требаше да направам работна маса и полици кои можат брзо да се постават и да бидат спремни за работа, а потоа да бидат скриени за кратко време. На крајот од денот, чекав да се испразни продавницата за да можам брзо да излезам со своите пакети.
Беше вистинска предност да се учествува во делењето на духовниот материјал, како што се списанијата Стражарска кула и Разбудете се! и другата литература, до собранијата низ земјата. Тоа беа возбудливи времиња.
Рита ја имаше радоста да води 16 домашни библиски студии, од кои половината станаа крстени Сведоци на Јехова. Една млада мажена жена, по име Долорес, ги минуваше студените зими во кревет поради проблеми со срцето. Напролет можеше да станува и да биде поактивна. Долорес имаше толку јака вера што, кога дојде време за нашиот обласен конгрес во Тулуз (Франција), таа имаше голема желба да присуствува. Лекарот ја предупреди дека тоа нема да биде мудро поради состојбата со нејзиното срце. Облечена во домашен фустан, со папучи и без багаж, таа отишла на железничката станица за да го испрати својот сопруг, мајка си и другите. Со солзи во очите, не можејќи да поднесе да гледа како заминуваат без неа, се качила на возот и заминала за Франција! Рита не знаеше што се случило. Но, на конгресот доживеа големо изненадување кога ја виде Долорес со насмевка од уво до уво!
Необична библиска студија
Раскажувањето за нашата доделба во Мадрид не можеме да го завршиме без да го вклучиме Дон Бенињо Франко, „el profesor“. Еден од месните Сведоци ме поведе со себе да посетиме еден постар господин кој живееше со својата сопруга во една многу сиромашна станбена зграда. Започнав библиска студија со него. Откако проучувавме околу една и пол година, тој побара да се крсти и да стане Јеховин сведок.
Овој постар господин, Дон Бенињо Франко, беше братучед на Франсиско Франко, тогашниот диктатор на Шпанија. Изгледа дека Дон Бенињо отсекогаш ја сакал слободата. За време на шпанската граѓанска војна, тој бил симпатизер на Републиката и бил против својот братучед — генералот кој ја добил војната и воспоставил диктатура на католицизмот. Уште од 1939, Дон Бенињо бил лишен од правото да работи и бил ограничен на многу скудни средства за живот. Така, братучедот на генерал Франсиско Франко, водачот на Шпанија, стана Јеховин сведок.
Ненадеен повик
Во 1965, канцеларијата на подружницата во Шпанија нѐ повика да започнеме да патуваме во покраинското дело во Барселона. Тоа значеше да ги напуштиме сите драги браќа во Мадрид, со кои толку многу се зближивме. Сега требаше да започне не само едно ново искуство туку и еден вид испит за мене. Искуството ме заплашуваше затоа што отсекогаш се сомневав во своите способности. Добро знам дека Јехова беше тој кој ме оспособи да бидам делотворен на ова поле од службата.
Посетувањето на некое собрание секоја недела, значеше да се живее во домовите на браќата. Моравме да живееме со куфери, а речиси секои две недели се селевме во друг дом. Ова е особено тешко за една жена. Но наскоро, Хозе и Розер Ескуде, кои живееја во Барселона, ни понудија да бидеме постојано кај нив. Тоа беше многу љубезно од нивна страна, бидејќи значеше дека ќе имаме едно постојано место каде што ги чуваме нашите работи и редовно место каде што ќе доаѓаме дома во неделите навечер.
Рита и јас ги поминавме следните четири години во покраинската служба во провинцијата Каталонија, сместена на Медитеранскиот брег. Сите наши библиски состаноци ги одржувавме тајно, во приватни домови, а исто така и нашето проповедање од куќа до куќа го извршувавме со претпазливост за да не привлечеме внимание. Понекогаш во неделите се собираше по едно цело собрание на „пикник“ во шумите, особено кога се одржуваше покраински состанок.
Секогаш ќе им се восхитуваме на многумина оддадени духовни браќа кои ги ризикуваа своите работни места и слободата, напрегајќи се да ги одржат собранијата обединети и активни. Многумина од нив преземаа водство во проширувањето на делото во околните гратчиња. Тоа создаде темел за големиот пораст во Шпанија по укинувањето на забраната и добивањето религиозна слобода во 1970 година.
Мораме да ја напуштиме нашата странска доделба
Во текот на десетте години поминати во Шпанија, нашето уживање во овие посебни благослови во Јеховината служба беше намалено поради ситуацијата со нашите родители. Во неколку прилики, речиси моравме да ја напуштиме нашата доделба и да одиме дома за да се грижиме за мајка ми и за татко ми. Меѓутоа, благодарение на љубезните браќа и сестри од собранијата што се наоѓаа близу до моите родители, можевме да продолжиме да служиме во Шпанија. Да, предноста што сите тие години служевме во мисионерското дело, делумно се должеше и на другите кои учествуваа со нас во ставањето на интересите на Царството на прво место.
Конечно, во декември 1968 се вративме дома за да се грижиме за мајка ми. Тој месец почина татко ми, а мајка ми остана сама. Сѐ уште релативно слободни да служиме полновремено, добивме задача да служиме во покраинското дело, но овој пат во Соединетите Држави. Следните 20 години служевме во шпански покраини. Иако го изгубивме нашиот скапоцен бисер на мисионерска служба, во рацете ни беше ставен друг.
Проповедање среде дрога и насилство
Сега служевме рамо до рамо со многу браќа и сестри кои живееја во оние подрачја од градовите, кои се зафатени со криминал. Всушност, токму во првата недела од покраинската служба во Бруклин (Њујорк), на Рита ѝ ја грабнаа чантата.
Во една прилика, една цела група, меѓу кои Рита и јас, проповедавме од куќа до куќа во еден друг дел на Њујорк Сити. Кога свртевме зад аголот од улицата, забележавме некои луѓе кои беа построени пред еден отвор на ѕидот од една напуштена зграда. Откако направивме неколку чекори по улицата, забележавме еден младич како стои на тротоарот и гледа во нас. Еден друг стоеше на далечниот агол, внимавајќи на полициски коли. Сме налетале на една операција со дрога! Првиот стражар се преплаши, но кога ги виде списанијата Стражарска кула, му олесна. На крајот на краиштата, јас можев да бидам полициски службеник! Потоа извика на шпански: „¡Las Atalayas! ¡Las Atalayas!“ („Стражарски кули! Стражарски кули!“). Тие знаеја кои сме ние, нѐ поистоветија со списанието и сѐ беше во ред. Кога минував покрај него, реков: „¿Buenos dias, como está?“ („Добро утро, како сте?“) Тој ми одговори со тоа што ме замоли да се молам за него!
Тешка одлука
Во 1990 стана очигледно дека ќе морам секојдневно да бидам со мајка ми. Со сите сили се обидувавме да останеме во патувачката служба, но разумот ни кажуваше дека не е можно истовремено да се исполнат двете обврски. Без сомнение, сакавме да ѝ обезбедиме на мајка ми добра грижа. Но, повторно моравме да се откажеме од скапоцениот бисер што многу го ценевме. Сите дословни скапоцени камења во светот и сето она што тие можат да го сторат за некого, е малку во споредба со скапоцените камења на служба како мисионер или како патувачки надгледник во Јеховината организација.
Рита и јас сега сме во своите 60-ти години. Потполно сме задоволни и се радуваме што служиме со едно локално собрание од шпанско говорно подрачје. Кога ќе погледнеме наназад кон сите години што сме ги поминале во Јеховината служба, благодарни сме му што ни доверил неколку скапоцени бисери.
[Слика на страница 23]
Со Рита и со Пол и Евелин Хундертмарк (десно), покрај арената за борба со бикови, во Мадрид
[Слика на страница 24]
На еден „пикник“ во шумите, служиме во едно собрание