Трпеливост — зошто е толку ретка?
ЕМИЛИО имаше преку 60 години.a Дојде во Оаху во една жалосна мисија — да го погребе својот возрасен син. Додека одеше низ една мирна нагорна улица и разговараше со некои пријатели, Емилио се преплаши од еден автомобил кој пребрзо излегуваше во рикверц од една гаража. Автомобилот за малку што не го удри, па Емилио, од гнев и нетрпеливост, му се развика на возачот и удри со рака по автомобилот. Следеше расправија. Изгледа дека возачот го турна Емилио, кој падна и си ја удри главата на тврдиот плочник. По неколку дена, Емилио почина поради повреда на главата. Каков само жалосен исход!
Живееме во свет во кој трпеливоста е ретка особина. Сѐ повеќе возачи на автомобили возат пребрзо. Други возат преблиску до автомобилите кои и онака возат со максималната дозволена брзина. Трети, пак, се префрлаат од една лента на друга затоа што не можат да трпат некој да вози пред нив. Во домот, членовите на семејството можат брзо да избувнат и да станат насилни. Дури и некои христијани може претерано да се вознемират поради недостатоците, односно грешките на своите духовни браќа.
Зошто трпеливоста е толку ретка? Дали било така од секогаш? Зошто е толку тешко во нашево време да се биде трпелив?
Примери на нетрпеливост
Библијата ни кажува за една жена која не почекала да се консултира со својот маж пред да донесе една пресудна одлука. Таа се викала Ева. Истрчувајќи се пред Адам, можеби делумно поради нетрпеливост, јадела од забранетиот плод (1. Мојсеева 3:1-6). А како било со нејзиниот сопруг? И тој можеби покажал нетрпеливост со тоа што ја следел Ева во гревот, без претходно да му пристапи на својот небесен Татко Јехова за да добие помош и упатства. Нивната алчност, можеби комбинирана со нетрпеливост која водела до грев, имала фатални последици за сите нас. Од нив сме ја добиле и наследната склоност кон правење гревови, вклучувајќи ги и гревовите поради ароганција и нетрпеливост (Римјаните 5:12).
Околу 2.500 години после гревот на нашите прародители, Божјиот избран народ, односно Израелците, покажале голем и траен недостиг на вера, како и недостиг на трпеливост. Иако Јехова кратко пред тоа преку чудо ги избавил од ропството во Египет, тие брзо ‚ги заборавиле делата Негови‘ и ‚не го дочекале Неговото решение‘ (Псалм 105:7-14). Одново и одново правеле сериозни злодела бидејќи не биле трпеливи. Направиле златно теле и го обожавале; приговарале на Јеховиното обезбедување на мана како храна; а многумина од нив се побуниле дури и против Јеховиниот божествено наименуван претставник, Мојсеј. Навистина, нивниот недостиг на трпеливост ги одвел во жалост и несреќа.
Првиот човечки цар на Израел, Саул, ја изгубил можноста за своите синови да му бидат негови царски наследници. Зошто? Затоа што не го дочекал пророкот Самуил кој требало да му принесе жртва на Јехова. Стравот од луѓето го навел Саула да се истрча пред Самуела во принесувањето на жртвата. Замисли си само како се чувствувал Саул кога се појавил Самуел непосредно откако завршил со церемонијата! Само да беше почекал уште неколку минути! (1. Царства 13:6-14).
Само да почекала Ева на Адам наместо да избрза и да посегне по плодот! Само да се потсетеле Израелците дека треба да чекаат на совет од Јехова! Да, трпеливоста можела да ги поштеди нив, а и нас, од многу жалост и болки.
Причини за нетрпеливост
Библијата ни помага да ја разбереме главната причина за денешната нетрпеливост. Второто послание до Тимотеј, поглавје 3 (НС), опишува дека нашава генерација живее во „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“. Се вели дека луѓето „ќе бидат себељубиви, љубители на пари, вообразени, надуени, . . . без самосовладување, жестоки, без љубов кон доброто“ (стихови 2, 3). Таквиот алчен и себичен став постои во срцата и во умовите на многу луѓе, отежнувајќи им на сите, па и на вистинските христијани, да покажуваат трпеливост. Кога ги гледаме световните луѓе како возат брзо, влегуваат преку ред или вербално нѐ напаѓаат, трпеливоста може да ни биде крајно испитана. Можеме да паднеме во искушение да ги имитираме или да им враќаме мило за драго, спуштајќи се на нивното ниво на себична гордост.
Понекогаш можеме да изгубиме трпение поради нашите лични погрешни заклучоци. Забележи како ја опишал мудриот цар Соломон врската помеѓу наглото, погрешно расудување и нетрпеливото, гневно однесување: „Трпеливиот е подобар од горделивиот. Не станувај со духот свој брз на гнев, зашто гневот почива во пазувите на безумните“ (Проповедник 7:8, 9). Ако одвоиме време за да добиеме целосна, точна слика за ситуацијата, пред да реагираме на неа, веројатно ќе имаме повеќе разбирање, ќе бидеме посочувствителни и потрпеливи кон другите. Од друга страна, пак, надуениот, себичен дух може да нѐ наведе да бидеме тесногради, нетрпеливи и огорчени, како незадоволните и тврдоглави Израелци кои му додевале на Мојсеј (4. Мојсеева 20:2-5, 10).
Друга причина за зголемениот недостиг на трпеливост во овој свет е неговата безнадежна состојба, која е последица на отуѓеноста од Јехова. Давид ја изразил човековата потреба да се надева на Јехова: „А ти, душо моја, само по Бога оди, зашто на Него трпеливо се надевам“ (Псалм 61:5). Многу луѓе денес кои не го познаваат Јехова, имаат ограничен, замаглен видик, па затоа се обидуваат да го искористат секој грам задоволство и добивка додека сѐ уште имаат време. Како нивниот духовен татко, Сатана Ѓаволот, тие не се заинтересирани за тоа дали нивните постапки ќе ги повредат другите (Јован 8:44; 1. Јованово 5:19).
Не е ни чудо што трпеливоста денес е толку ретка појава. Овој зол, себичен систем на ствари, неговиот бог Сатана и грешните склоности на нашето паднато тело им отежнуваат на сите, па дури и на искрените, да бидат трпеливи. Сепак, Библијата нѐ подбудува да ‚покажуваме трпеливост‘, особено кога се работи за остварувањето на Божјата намера (Јаков 5:8, НС). Зошто трпеливоста е толку драгоцена? Од каква корист може да ни биде?
Трпеливост — Зошто е толку драгоцена
„Служат и оние кои само стојат и чекаат.“ Ова се зборови на англискиот поет Џон Милтон, пред повеќе од триста години, запишани во неговиот сонет „Кога беше слеп“. Во првиот дел од поемата тој ја изразува својата фрустрираност и загриженост што се чувствува неспособен да му служи потполно на Бог бидејќи ослепел кога ја минал 40-тата година од животот. Но, како што е одразено во последниот стих од поемата, што е цитиран погоре, тој сфатил дека човек може да го обожава Бог дури и ако трпеливо поднесува неволји и смирено бара поволни прилики за служба. Милтон ја увидел вредноста на трпеливото потпирање на Бог.
Повеќето од нас можеби имаат добар вид, но сите ние имаме ограничувања кои можат да нѐ наведат да се разгневиме или да се загрижиме. Како да стекнеме и да покажуваме трпеливост?
Охрабрувачки примери
Библијата ни дава повеќе одлични примери на трпеливост. Јеховината трпеливост овозможува вечен живот за безброј милиони луѓе (2. Петрово 3:9, 15). Кога љубезно нѐ повикал да го земеме неговиот јарем и ‚да најдеме мир за душите наши‘, Исус совршено ја одразил прекрасната трпеливост на својот Татко (Матеј 11:28-30). Медитирањето за примерите на Јехова и на Исус може да ни помогне да бидеме потрпеливи.
Човек кој изгледал дека има мноштво причини да биде гневен, огорчен или осветољубив, бил Јакововиот син Јосиф. Неговите браќа постапувале со него многу неправедно, бидејќи ковале завера како да го убијат и на крајот го продале во ропство. Во Египет, и покрај совесната, лојална служба за Петефриј, Јосиф бил неправедно обвинет и затворен. Тој трпеливо ги поднел сите свои неволји, веројатно разбирајќи дека таквите испити можат да послужат во Јеховината намера (1. Мојсеева 45:5). Поради тоа што негувал вера и надеж во Јехова, како и понизност и разборитост, Јосиф можел да покаже трпеливост под многу искушувачки околности.
Друга важна помош е Јеховиниот свет дух. Доколку, на пример, имаме избувлив карактер и остар јазик, можеме да молиме за помошта на светиот дух за да ги негуваме неговите плодови. Медитирањето за секој од тие плодови, како што е долготрпеливоста и самосовладувањето, ќе ни помогнат да видиме како се тие длабоко поврзани со трпеливоста (Галатјаните 5:22, 23).
Награди од трпеливоста
Ако сме трпеливи, можеме да извлечеме голема корист. Трпеливоста ни го зајакнува карактерот и нѐ штити од нагли, неразумни постапки. Кој од нас не направил грешки со последици затоа што пребрзо реагирал во тешки или стресни ситуации? Можеби сме рекле нешто нељубезно или сме се однесувале грубо. Можеби сме дозволиле некој безначаен настан да се претвори во голема битка на волји со некого што го сакаме. После многу гнев, незадоволство и болка, можеби покајнички сме помислиле: ‚Само да бев малку потрпелив‘. Покажувањето трпеливост може да нѐ заштити од сите видови жалост. Самиот тој факт внесува во нашиот живот повеќе мир, стабилност и задоволство (Филипјаните 4:5-7).
Трпеливоста може да ни помогне и да имаме мирно срце, полно со доверба. Ова овозможува да уживаме подобро телесно, емоционално и духовно здравје (Изреки 14:30). Неконтролираниот, распламтен гнев може да предизвика некое сериозно емоционално и физичко заболување, па дури и смрт. Од друга страна, пак, ако сме трпеливи, можеме да заземеме попозитивен став кон другите, особено кон нашите духовни браќа и кон членовите на семејството. Тогаш ќе сме посклони да бидеме обѕирни и услужливи, наместо раздразливи и критички настроени. Од своја страна, пак, на другите ќе им биде полесно и поугодно да бидат во наше друштво.
Особено старешините во христијанското собрание треба да покажуваат трпеливост. Понекогаш сохристијаните им пристапуваат со сериозни проблеми. Овие искрени луѓе можеби се збунети, вознемирени или депримирани, а старешините, пак, може да бидат изморени или вниманието да им е одвлечено со лични или со семејни проблеми. Сепак, колку само е важно старешините да покажуваат трпеливост во такви искушувачки ситуации! На тој начин, тие ќе можат да поучуваат ‚со кротост‘ и ‚да постапуваат нежно со стадото‘ (2. Тимотеј 2:24, 25; Дела 20:28, 29, НС). Во прашање се драгоцени животи. Каков само благослов за собранието се добрите, љубезни и трпеливи старешини!
Поглаварите на семејствата треба со своите домаќинства да постапуваат трпеливо, љубезно и со разбирање. Исто така, треба да очекуваат од членовите на семејството да ги покажуваат истите особини и да ги охрабруваат на тоа (Матеј 7:12). Ова многу ќе придонесе за љубовта и мирот во домот.
Покажувањето трпеливост во службата на подрачјето ќе им помогне на христијанските слуги попотполно да уживаат во самата служба. Ќе можат подобро да ја поднесат незаинтересираноста или противењето на кое ќе наидат. Наместо да се расправаат со разлутените станари, трпеливите слуги ќе можат да им дадат благ одговор или мирно да си заминат, зачувувајќи го мирот и радоста (Матеј 10:12, 13). Освен тоа, кога христијаните постапуваат трпеливо и љубезно со секого, поединците слични на овци ќе бидат привлечени кон пораката за Царството. Јехова ги благословил трпеливите напори во светски размери, така што секоја година стотици илјади кротки трагачи по вистината се собираат во Јеховиното собрание, полно со љубов.
Навистина, покажувањето трпеливост ќе ни донесе прекрасни награди. Ќе избегнеме многу несреќи и проблеми предизвикани од наглост или од пребрз јазик. Ќе бидеме посреќни, поспокојни и, веројатно, поздрави. Ќе доживееме поголема радост и мир во нашата служба, во собранието и дома. Но, најважно од сѐ, ќе уживаме поблизок однос со Бог. Затоа, чекај на Јехова. Вежбај трпеливост!
[Фуснота]
a Името е променето.
[Слика на страница 10]
Колку си трпелив во секојдневниот живот?