Верните семејства го забрзуваат порастот на Шри Ланка
ПОЗНАТА како Цејлон сѐ до 1972 година, Шри Ланка е еден прекрасен остров со плажи порабени со палми, со планински венци и мали пустини. Во висорамнините, Адамовиот врв, висок 2243 метри, претставува свето место за четири главни религии.a Во близина се наоѓа Ворлдс Енд, една стрмнина каде што карпестиот гребен нагло се спушта преку 1.500 метри. Ова место нуди една од најспектакуларните глетки на Шри Ланка.
Шри Ланка има 18 милиони жители со интересно потекло. Уште од петтиот век пр. н. е., островот го населиле индоевропејци од Северна Индија. Тоа се Синхалези кои сега сочинуваат три четвртини од населението. Потоа, во еден одреден период до XII век, дошол еден бран Тамилци од јужна Индија; тие сега живеат главно во северниот и источниот дел од островот. Португалците, Холанѓаните и Британците исто така оставиле своја трага од времето на колонијализмот. Освен тоа, поморските трговци од арапските и малајските полуострови се доселиле меѓу локалното население. Тука има мали групи Европјани, Персијци, Кинези и други.
Освен расната разноликост, и јазикот и религијата на Шри Ланка ја одразуваат нејзината различна позадина. Главните јазици на островот се синхалески, тамилски и англиски. Многу Шриланкани зборуваат најмалку два од трите јазици. И етничкото потекло игра важна улога во религијата на луѓето. Повеќето Синхалези се будисти, додека повеќето Тамилци се хиндуси. Оние кои имаат арапско или малајско потекло обично се придржуваат за исламот, а оние со европско потекло обично се членови на христијанските цркви — католици и протестанти.
Соочување со предизвикот
Сето тоа создава огромен предизвик за Јеховините сведоци на Шри Ланка. Тие особено се трудат да ја спроведат Исусовата заповед: „Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи“ (Матеј 24:14). Освен тоа што мораат да се соочат со повеќе јазици, објавителите на добрата вест можат да зборуваат со будисти, хиндуси, членови на црквите на христијанството, како и со атеисти — и тоа во текот на неколку часови сведочење.
За да бидат делотворни во службата, објавителите мораат да ги носат списанијата Стражарска кула и Разбудете се!, како и друга библиска литература на тамилски, синхалески и англиски јазик. Оние кои се доволно јаки, носат и Библии на овие јазици. Неодамна, објавителите беа многу радосни кога брошурите Се грижи ли Бог навистина за нас? и Нашите проблеми — Кој ќе ни помогне да ги решиме?, како и трактатот Ќе преживее ли овој свет?, беа симултано издадени на трите јазици. Тоа значеше дека ќе има повеќе алатки за службата.
Сведоците работеле напорно уште од 1912 година, кога Чарлс Тејз Расел, тогашниот претседател на Меѓународното друштво на истражувачите на Библијата, накратко го посетил Цејлон. Меѓутоа, на позначаен пораст требало да се чека сѐ до доаѓањето на дипломците од Библиската школа Гилеад на Стражарска кула, во 1947 година. Оттогаш, објавителите на Шри Ланка се радувале на прекрасни резултати од нивното проповедничко дело. Во 1994 година, 1.866 објавители на Царството воделе во просек по 2.551 домашна библиска студија секој месец, а бројот од 6.930 присутни на Споменот бил скоро четирипати поголем од бројот на објавителите во сите собранија. Каков прекрасен благослов!
Во споредба со некои други земји, можеби се чини дека напредокот во Шри Ланка е бавен. Еден фактор за тоа се јаките семејни врски. Меѓутоа, тоа може да биде и позитивно. Кога римскиот воен офицер Корнилиј зазел став за вистината, таков став зазело и неговото семејство (Дела 10:1, 2, 24, 44). Книгата Дела споменува и други јаки христијански семејства, вклучувајќи го семејството на Лидија, на Крисп и на темничарот на Павле и Сила (Дела 16:14, 15, 32-34; 18:8).
Навистина, јаките семејни врски можат да бидат корисни таму каде што постои добра организација и верна истрајност. Имајќи ги на ум зборовите од Исаија 60:22, долгогодишниот мисионер Реј Метјус забележува: „Се чини дека Јехова сега ги забрзува работите во право време, не само преку поединци туку и преку семејства“.
Организираното семејство донесува фалба
Секако дека и денес на Шри Ланка има такви верни семејства. На пример, таму е добро организираното семејство Синапа кое живее во Котахена, еден дел од Коломбо — главниот град на Шри Ланка. Иако поглаварот на семејството, Мариан, неодамна починал, неговата сопруга Анама и 12 од нивните 15 деца, на возраст од 13 до 33 години, продолжуваат да му служат на Јехова како семејство. Кога се пишуваше овој извештај, осум од децата биле крстени, а три биле веќе во полновремената служба како општи пионери. Други три биле одвреме навреме во помошна пионерска служба. Од најмладите во семејството имало четворица некрстени објавители. Освен тоа, четирите внуци, иако сѐ уште биле мали, ја проучувале Библијата и присуствувале на христијанските состаноци во собранието на Јеховините сведоци — Коломбо Север.
Анама прв пат чула за добрата вест за Царството во 1978 година, кога добила примерок на Стражарска кула. Била започната библиска студија и, откако го завршила помошното средство за проучување на Библијата — книгата Вистина која води до вечен живот, Анама му го предала својот живот на Јехова Бог и се крстила, давајќи им на тој начин пример на многумина од нејзиното семејство.
Како војникот Корнилиј, и Анама има добра организација во семејството. „Моравме да ги планираме христијанските состаноци и конгресите — а да не зборуваме за училиштето“, се присеќава Анама. „Облеката беше проблем, но со Јеховин благослов бевме во можност да сошиеме нешто нова облека за секој конгрес. Целото семејство пристигнуваше добро облечено и добро нахрането — и со голема насмевка.“
Децата со задоволство се сеќаваат на организацијата во нивното домаќинство. За да му помогнат на целото семејство да присуствува на христијанските состаноци, постарите обично добивале посебни одговорности. На пример, Мангала перела, а Винифреда пеглала. Винифреда, која исто така им помагала на помалите да се облечат, вели: „Сите изгледаа многу убаво кога ќе излезеа од дома“.
И духовните подготовки биле добро организирани. Ќерката Пушпам, сега општ пионер, се сеќава: „Нашето семејство секој ден уживаше во заедничкото читање на Библијата и во разгледувањето на дневниот стих од Библијата“. Анама додава: „Секое дете си има личен примерок од Библијата, од Стражарска кула и други публикации. Внимателно ги слушам сите нивни коментари на состаноците. Кога е потребно, дома им давам охрабрување и исправање. Навечер се собираме заедно за да го завршиме денот со семејна молитва“.
Постарите деца се од непроценлива вредност кога ѝ помагаат на Анама да му даде прекрасно христијанско воспитување на целото семејство. Исполнетиот план, меѓутоа, не ја спречува нивната желба да ја споделуваат добрата вест надвор од нивниот дом. Сѐ на сѐ, различни членови од семејството водат 57 домашни библиски студии со луѓе од соседството. Зетот Рајан коментира: „Семејството води напредни библиски студии. Мојата сопруга Пушпам веќе ја имаше предноста да види како една нејзина ученичка му го предава својот живот на Јехова“.
Голема врева се кренала кога едно такво големо семејство ја напуштило Римокатоличката црква. Иако самиот свештеник никогаш лично не го посетил семејството за да открие зошто се случило тоа, тој ги замолил другите членови од црквата да го испитаат случајот. Следеле повеќе дискусии, а најмногу околу науката за тројство. Анама секогаш се ослонувала на Јехова и на Библијата за да ја одбрани својата вера. Најомилен стих за овие дискусии ѝ бил Јован 17:3.
Семејството Синапа јасно покажува дека добрата организација и постојаниот труд можат да донесат задоволувачки резултати. Преку нивните ревносни напори, расте една нова генерација објавители на Царството, сите на Јеховина фалба.
Противењето го обединува семејството во вистинското обожавање
Семејството Ратнам се наоѓа на само неколку километри од семејството Синапа, во Нархенпитја, еден друг дел од Коломбо. И тие порано биле римокатолици. Во 1982 година, некои Сведоци кои биле во службата од куќа до куќа го пронашле Балендран, сопругот на најстарата ќерка, Фатима. Со целото семејство било започната библиска студија. Кратко потоа нивните три деца ја прашале бабата Игнасиамал како гласи Божјето име. Кога децата ѝ кажале дека одговорот е „Јехова“, го поттикнале нејзиниот интерес и била започната библиска студија и со неа. Подоцна, две нејзини ќерки, Џевакала и Стела, се придружиле на студијата и, до 1988 година, сите три биле крстени.
Во меѓувреме, Балендран и Фатима ја споделиле вистината со една друга сестра на Фатима, Малика, и со нејзиниот сопруг, Јоганатан. Овој пар се крстил во 1987 година и љубовта кон Јехова ја всадиле и во нивните две деца. Пушпа, една друга сестра на Фатима, била следната која дошла во вистината. Таа се предала и се крстила во 1990 година. Додека нејзиниот сопруг Ека служел во едно англиско собрание во Токио, Пушпа му помагала на нивниот мал син Алфред да биде одгледан по Јеховиниот пат.
До овој момент, четири од десетте деца на семејството Ратнам зазеле став за вистинското обожавање. За среќа, уште три добро напредуваат во нивните лични библиски студии. Од 11 внуци, едно девојче, Прадепа, веќе е крстена. Седум други дечиња редовно се поучуваат преку нивната семејна библиска студија. Освен тоа, се водат вкупно 24 домашни библиски студии со заинтересирани луѓе во соседството.
Сето тоа не дошло така едноставно. Во почетокот имало противење во семејството. Таткото, Мутупилај и постарите браќа многу биле против тоа некој од семејството да оди на состаноци во Салата на Царството или во делото на јавно проповедање. Иако ова противење било поврзано со личната безбедност, Мутупилај додава: „Јас бев потполно предаден на ‚светците‘ и не сакав моето семејство да излезе од Католичката црква“. Но, сега тој е уверен дека тие го обожаваат вистинскиот Бог, затоа што ги увидел користите што им ги донела нивната вера.
На пример, газдата на куќата, кој бил будист, се обидел да ги истера од својот посед со помош на маѓии. Една ноќ дошол и ставил „маѓепсани“ цитрони околу куќата. Суеверните соседи биле обземени од страв и сите очекувале да му се случи некоја несреќа на семејството Ратнам. Меѓутоа, кога Игнасиамал го открила тоа, таа и децата едноставно го тргнале овошјето без никаков страв — и не им се случило ништо лошо. Нивната бестрашна постапка дала добро сведоштво во средината, што предизвикало луѓето да имаат големо почитување спрема нив. Стела започнала две домашни библиски студии во соседните куќи. Охрабрена од тоа, и снаата Назера прифатила библиска студија.
Размислувајќи за многуте благослови што ги доживеало нејзиното семејство, Игнасиамал забележува: „Многу сум среќна што го гледам духовниот раст во семејството. Јехова нѐ благословил зашто противењето омекна, а порасна обединетоста на нашето семејство“.
Колкав голем благослов се покажале овие големи семејства. Нивните гласови се придружиле на гласовите од помалите семејства, семејствата со еден родител и христијаните самци кои многу се трудат да го забрзаат објавувањето на добрата вест за Царството во „сјајната земја“ — како што значи името на Шри Ланка. Заедно со нивните сообожаватели низ целиот свет, Сведоците од Шри Ланка го очекуваат обновувањето на Рајот, на што уште сега нѐ потсетуваат плажите и планините на прекрасната Шри Ланка.
[Фуснота]
a Таму има една голема вдлабнатина за која се мисли дека е отпечаток на стапката на Адам, на Буда, на Шива и на „Свети“ Томас според муслиманските, будистичките, хиндуистичките и црковните легенди.
[Слики на страници 24 и 25]
Многу луѓе на Шри Ланка се одѕиваат на христијанското проповедање и поучување