„Да не заслабнат рацете твои“
„,Да не заслабнат рацете твои.‘ Господ, твојот Бог, е посреде тебе. Он е силен да те спаси“ (СОФОНИЈА 3:16, 17).
1. Што навел еден библиски научник во врска со пророштвото од Софонија?
СОФОНИИНОТО пророштво укажувало на времето далеку после неговото прво исполнување во седмиот и шестиот век пр. н. е. Во својот коментар кон Софонија, професорот К. Ф. Кајл напишал: „Софонииното пророштво . . . не само што почнува со објавувањето на еден сеопшт суд над целиот свет, од кој потекнува судот што ќе ја снајде Јуда поради нејзините гревови, како и светот од нациите поради неговото непријателство спрема Јеховиниот народ, туку тоа од почеток до крај зборува за големиот и страшен Јеховин ден“.
2. Какви сличности постојат помеѓу условите во времето на Софонија и ситуацијата во денешниот христијански свет?
2 Денес, Јеховината судска одлука е да ги собере нациите заради уништување во еден многу поголем обем отколку во времето на Софонија (Софонија 3:8). Овие нации кои тврдат дека се христијани особено заслужуваат прекор во Божји очи. Исто како што Ерусалим платил ужасна цена за својата неверност спрема Јехова, така и христијанскиот свет мора да одговара пред Бог заради своите распуштени патишта. Божествените судови објавени против Јуда и Ерусалим во времето на Софонија, во уште поголема мерка важат за црквите и сектите на христијанскиот свет. Тие исто така го извалкале чистото обожавање со своите доктрини кои го срамотат Бог, од кои голем број се од паганско потекло. Тие жртвувале милиони здрави синови на современиот олтар на војната. Освен тоа, жителите на противсликата на Ерусалим го мешаат таканареченото христијанство со астрологија, со спиритистички обичаи и со деградирачки сексуален неморал, кои потсетуваат на обожавањето на Ваал (Софонија 1:4, 5).
3. Што може да се рече за многуте денешни световни лидери и политички влади, и што пророкувал Софонија?
3 Многу од политичките лидери на христијанскиот свет сакаат да бидат угледни во црквата. Но, како Јудините ‚кнезови‘, извесен број од нив ги искористуваат луѓето како ‚лавови што рикаат‘ и како изгладнети „волци“ (Софонија 3:1-3). Нивните политички лакеи го исполнуваат ‚домот на своите господари со насилство и измама‘ (Софонија 1:9, НС). Распространети се митото и корупцијата. Што се однесува до политичките влади во и надвор од христијанскиот свет, сѐ поголем број од нив ‚се прават важни‘ наспроти народот на Јехова на војските, неговите Сведоци, третирајќи ги како некоја презрена „ерес [секта, НС]“ (Софонија 2:8; Дела 24:5, 14). Во врска со сите такви политички лидери и нивните следбеници, Софонија пророкувал: „Ни среброто нивно, ниту златото нивно не ќе може да ги спаси во денот на гневот Господен, а од огнот на ревноста Негова ќе биде уништена таа земја, и тоа ќе биде ненадеен крај на сите жители [на Земјата, НС]“ (Софонија 1:18).
„Сокриени во денот на гневот Господен“
4. Што покажува дека ќе има преживеани во Јеховиниот голем ден, но што мораат тие да прават?
4 Во седмиот век пр. н. е., не биле истребени сите жители на Јуда. На сличен начин, и во големиот Јеховин ден ќе има преживеани. Преку својот пророк Софонија, Јехова им изјавил на таквите: „Додека уште не е дојден судот — денот ќе мине како трици, додека уште не е дојден врз вас пламнатиот гнев Господен, додека не настапил денот на јароста Господова. Побарајте Го Господа, сите смирени на земјата, вие што ги извршувате законите Негови; побарајте ја правдата, побарајте го смирението; можеби ќе се сокриете во денот на гневот Господен“ (Софонија 2:2, 3).
5. Кои биле првите кои го послушале Софонииното предупредување во ова време на крајот, и како Јехова ги употребил нив?
5 Во времето на крајот на овој свет, прв кој ја послушал пророчката покана бил остатокот од духовни Израелци, помазаните христијани (Римјаните 2:28, 29; 9:6; Галатјаните 6:16). Затоа што барале праведност и кротост и покажувале почит кон Јеховините судски одлуки, тие биле ослободени од Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија, и во 1919 година биле вратени во божествена милост. Оттогаш, а особено од 1922 година, овој верен остаток бестрашно ги објавувал Јеховините судови против црквите и сектите на христијанскиот свет и против политичките нации.
6. а) Што прорекол Софонија за верниот остаток? б) Како се исполнило ова пророштво?
6 Во врска со овој верен остаток, Софонија прорекол: „Ќе оставам среде тебе народ смирен и прост [скромен, НС], и тие ќе се надеваат на името Господово. Остатоците [Преостанатите, НС] од Израилот нема да вршат неправда, нема да зборуваат лага, и во устата нивна нема да се најде јазик сплеткарски, зашто сами ќе си пасат и ќе лежат, и никој нема да ги вознемирува“ (Софонија 3:12, 13). Овие помазани христијани секогаш го истакнувале Божјето име, а особено од 1931 година, кога го усвоиле името Јеховини сведоци (Исаија 43:10-12). Истакнувајќи го спорното прашање за Јеховината сувереност, тие му оддавале чест на божественото име, а тоа се покажало како прибежиште за нив (Изреки 18:11). Јехова изобилно ги храни во духовен поглед, а тие живеат без страв во еден духовен рај (Софонија 3:16, 17).
„Име и фалба меѓу сите народи“
7, 8. а) Кое натамошно пророштво се исполнило врз остатокот од духовниот Израел? б) Што увиделе милиони луѓе, и што чувствуваш ти лично за ова?
7 Длабоката приврзаност на остатокот кон Јеховиното име и кон праведните начела од неговата Реч не останала незабележана. Искрените луѓе ја увиделе разликата помеѓу однесувањето на остатокот и расипаноста и лицемерството на политичкото и религиозното водство на овој свет. Јехова ги благословил ‚преостанатите од [духовниот] Израел‘ (НС). Ги почестил со предноста да го носат неговото име и направил да имаат добра репутација меѓу народите на Земјата. Ова е исто онака како што пророкувал Софонија: „Во она време ќе ве доведам, во она време ќе ве соберам вас, зашто ќе ве направам прочуени и почитувани [ќе ве направам име и фалба, НС] меѓу сите народи на земјата, кога ќе го вратам вашиот плен [вашите заробеници, НС] пред очите ваши, вели Господ“ (Софонија 3:20).
8 Од 1935 година, дословно милиони луѓе спознале дека остатокот има Јеховин благослов. Тие радо ги следат овие духовни Евреи, односно Израелци, велејќи: „Ќе појдеме со тебе, оти чувме дека Бог е со вас“ (Захарија 8:23). Овие „други овци“ во помазаниот остаток го гледаат „верниот и разумен роб“, поставен од Христос ‚над целиот негов [земен] имот‘. Тие благодарно земаат од духовната храна што класата на робот ја подготвила „во право време“ (Јован 10:16; Матеј 24:45-47, НС).
9. Каков „јазик“ научиле да зборуваат милиони луѓе, и во кое големо дело другите овци служат „рамо до рамо“ со помазаниот остаток?
9 Заедно со остатокот, овие милиони други овци учат да живеат и да зборуваат во склад со ‚чистиот јазик‘.a Јехова пророкувал преку Софонија: „Тогаш ќе го променам јазикот на народите во чист јазик, за сите да го привикуваат името Јеховино, да му служат рамо до рамо“ (Софонија 3:9, НС). Да, другите овци обединето му служат на Јехова „рамо до рамо“ со помазаните членови на „малото стадо“ во итното дело на проповедање на „ова Евангелие за царството . . . за сведоштво на сите народи“ (Лука 12:32; Матеј 24:14).
‚Јеховиниот ден ќе дојде‘
10. Во што бил отсекогаш уверен помазаниот остаток, и што ќе доживее тој како класа?
10 Помазаниот остаток постојано ја имал на ум инспирираната изјава на апостол Петар: „Господ нема да задоцни со Своето ветување, како што некои мислат за бавењето; но долго време трпи, бидејќи не сака да изгинат некои [да биде уништен кој и да е, НС], туку сите да се обрнат кон покајание. И ќе дојде денот Господов, како крадец“ (2. Петрово 3:9, 10). Членовите на верната класа на робот никогаш не негувале сомневања околу доаѓањето на Јеховиниот ден во наше време. Тој голем ден ќе започне со извршувањето на Божјите судови против христијанскиот свет — противсликата на Ерусалим — и против остатокот од Големиот Вавилон (Софонија 1:2-4; Откровение 17:1, 5; 19:1, 2).
11, 12. а) Кој друг дел од Софонииното пророштво се исполнил врз остатокот? б) На кој начин помазаниот остаток го послушал повикот: „Да не заслабнат рацете твои“?
11 Верниот остаток се радува што во 1919 година бил ослободен од духовното заробеништво под Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија. Тој го доживеал исполнувањето на Софонииното пророштво: „Радувај се, ќерко Сионова, ликувај, Израиле, весели се и радувај се од сѐ срце, ќерко ерусалимска: Господ ја одмени пресудата над тебе, го изгони непријателот твој. Господ, Царот Израилев, е посреде тебе: нема повеќе да видиш зло. Во оној ден ќе му речат на Ерусалим: ‚не бој се‘ и на Сион ‚да не заслабнат рацете твои.‘ Господ, твојот Бог, е посреде тебе. Он е силен да те спаси“ (Софонија 3:14-17).
12 Со увереност и со изобилни докази дека Јехова е во неговата средина, помазаниот остаток бестрашно одел напред во исполнувањето на својот божествен налог. Тој ја проповедал добрата вест за Царството и ги разгласувал Јеховините судови против христијанскиот свет, против остатокот од Големиот Вавилон и против целокупниот Сатанов зол систем на ствари. И покрај сите тешкотии, низ децениите од 1919 година па наваму, тие ја слушале божествената заповед: ‚Не бој се, Сионе, да не заслабнат рацете твои‘. Ним не им омлитавеле рацете во дистрибуирањето на милијарди трактати, списанија, книги и џебни брошури, кои го објавуваат Јеховиното Царство. За другите овци, кои од 1935 година па наваму се собрале на нивната страна, тие биле пример кој вдахнува вера.
‚Да не заслабнат твоите раце‘
13, 14. а) Зошто некои Евреи престанале да му служат на Јехова, и како од што се гледало тоа? б) Што би било немудро да правиме, и во кое дело не треба да ни заслабнат рацете?
13 Додека ‚го чекаме‘ големиот Јеховин ден, како можеме да извлечеме практична помош од пророштвото на Софонија? Како прво, треба да внимаваме да не станеме како Евреите од времето на Софонија, кои престанале да го следат Јехова затоа што негувале сомневања во врска со близината на Јеховиниот ден. Таквите Евреи не мора отворено да ги изразувале своите сомневања, но нивниот начин на постапување откривал дека тие не верувале вистински во тоа дека Јеховиниот голем ден е близу. Наместо да го очекуваат Јехова, тие се сосредоточувале на трупањето богатство (Софонија 1:12, 13; 3:8).
14 Денес не е време да дозволиме сомневањата да пуштат корен во нашето срце. Би било многу немудро во своите мисли или срца да го одложуваме доаѓањето на Јеховиниот ден (2. Петрово 3:1-4, 10). Треба да избегнуваме да се повлечеме од следењето на Јехова или ‚да ни заслабнат рацете‘ во неговата служба. Тоа подразбира да не работиме со ‚мрзлива рака‘ во нашето проповедање на ‚Евангелието‘ (Изреки 10:4; Марко 13:10).
Бори се против рамнодушноста
15. Што би можело да доведе до тоа да ни омлитават рацете во Јеховината служба, и како бил претскажан овој проблем во пророштвото на Софонија?
15 Второ, треба да се пазиме од ослабувачките последици на рамнодушноста. Во многу западни земји, незаинтересираноста за духовните работи може да стане причина за обесхрабрување кај некои проповедници на добрата вест. Таква рамнодушност постоела во времето на Софонија. Преку својот пророк, Јехова изјавил: „Ќе им обрнам внимание на мажите кои . . . си велат во своите срца: ‚Јехова нема да направи добро, и тој нема да направи лошо‘“ (Софонија 1:12, НС). Пишувајќи за овој извадок во Cambridge Bible for Schools and Colleges (Кембриџска Библија за училишта и колеџи), А. Б. Дејвидсон навел дека тоа се однесува на луѓе кои „потонале во бесчувствителна рамнодушност или дури во неверување во какво и да е мешање на некоја виша сила во приликите на човештвото“.
16. Каква умствена состојба постои меѓу многу членови на црквите на христијанскиот свет, но какво охрабрување ни дава Јехова?
16 Рамнодушноста денес е преовладувачки став во многу делови на Земјата, а особено кај побогатите нации. Дури и членовите на црквите на христијанскиот свет едноставно не веруваат дека Јехова Бог во наше време ќе интервенира во човечките прилики. Тие ги игнорираат нашите напори да ги достигнеме со добрата вест за Царството, било со скептична насмевка или со едно отсечно „Не сум заинтересиран!“ Под вакви околности, упорноста во делото на сведочење може да биде вистински предизвик. Тоа претставува испит за нашата истрајност. Но, преку пророштвото на Софонија, Јехова го бодри својот верен народ, велејќи: „,Да не заслабнат рацете твои‘. Господ, твојот Бог, е посреде тебе. Он е силен да те спаси; ќе се развесели за тебе со радост, ќе биде милостив според љубовта Своја, ќе се гордее за тебе со песни“ (Софонија 3:16, 17).
17. Кој извонреден пример би требало да го следат поновите меѓу другите овци, и на кој начин?
17 Во современата историја на Јеховиниот народ, факт е дека во овие последни денови остатокот, како и постарите лица меѓу другите овци, извршиле едно огромно дело на собирање. Сите овие верни христијани покажале истрајност низ децениите. Тие не дозволиле рамнодушноста од страна на мнозинството во христијанскиот свет да ги обесхрабри. Затоа, поновите меѓу другите овци нека не дозволат да бидат обесхрабрени од рамнодушноста спрема духовните работи, која денес толку преовладува во многу земји. Нека не дозволат ‚рацете да им заслабнат‘, односно да им омлитават. Нека ја користат секоја прилика да ги нудат Стражарска кула, Разбудете се! и останатите извонредни публикации кои се посебно наменети да им помогнат на лицата слични на овци да ја дознаат вистината за Јеховиниот ден и за благословите што ќе уследат.
Напред, додека го очекуваме големиот ден!
18, 19. а) Какво охрабрување за истрајност наоѓаме во Матеј 24:13 и во Исаија 35:3, 4? б) На кој начин ќе бидеме благословени ако обединето одиме напред во Јеховината служба?
18 Исус изјавил: „Кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен“ (Матеј 24:13). Според тоа, да нема „ослабени раце“ или ‚колена што треперат‘ додека го очекуваме Јеховиниот голем ден! (Исаија 35:3, 4). Софонииното пророштво уверливо наведува за Јехова: „Он е силен да [Како Моќен, тој ќе, НС] те спаси“ (Софонија 3:17). Да, Јехова ќе го спаси ‚големото мноштво‘ во последната фаза од ‚големата неволја‘ (НС), кога ќе му нареди на својот Син да ги здроби на парчиња политичките нации кои продолжуваат ‚да се прават важни‘ наспроти неговиот народ (Откровение 7:9, 14; Софонија 2:10, 11; Псалм 2:7-9).
19 Додека се приближува големиот Јеховин ден, ревносно да одиме напред, служејќи му „еднодушно [рамо до рамо, НС]“! (Софонија 3:9). Правејќи така, самите ние, како и безброј други, ќе бидеме во можност да ‚се сокриеме во денот на гневот Господен‘ и да бидеме очевидци на посветувањето на неговото свето име.
[Фуснота]
a За комплетна дискусија за ‚чистиот јазик‘, види Стражарска кула од 1 април 1991 година, страници 20—25 и од 1 мај 1991 година, страници 10—20.
Да повториме
◻ Во кои погледи религиозната ситуација во христијанскиот свет се совпаѓа со онаа од времето на Софонија?
◻ На кој начин многу политички лидери наликуваат на световните „кнезови“ од времето на Софонија?
◻ Кои ветувања во книгата Софонија се исполниле врз остатокот?
◻ Што увиделе милиони луѓе?
◻ Зошто не треба да дозволиме рацете да ни заслабнат во Јеховината служба?
[Слики на страница 15]
Слично како Софонија, верниот остаток од помазани христијани бестрашно ги објавува Јеховините судови
[Слики на страница 18]
‚Другите овци‘ не дозволиле да ги обесхрабри рамнодушноста на луѓето