Тие ја извршиле Јеховината волја
Едно мало девојче кое зборувало со смелост
ВО ТЕКОТ на десеттиот век пр. н. е., односите меѓу Израел и Сирија биле напнати. Борбите избивале толку често што, кога поминале три години без насилство, тоа заслужило да биде запишано во историјата (3. Царства 22:1).
Особено заканувачки во тие времиња биле сириските пљачкашки банди, од кои некои се состоеле од стотици војници. Овие воини ги напаѓале и ги пљачкале Израелците, грабнувајќи и поробувајќи мнозина — дури и деца.
За време на еден препад, „едно мало девојче“ безмилосно било оттргнато од своето богобојазливо семејство (4. Царства 5:2). Откако го одвеле во Сирија, било присилено да живее меѓу оние кои можеби му биле застрашувачки и непознати — луѓе кои ги обожавале Сонцето, Месечината, ѕвездите, дрвјата, растенијата, па дури и камењата. Колку само поинакви биле тие од неговото семејство и од пријателите кои го обожавале единствениот вистинит Бог, Јехова! Меѓутоа, дури и во оваа туѓа околина, ова девојче покажало истакната смелост во поглед на обожавањето на Јехова. Како резултат на тоа, му го променило животот на еден угледен службеник кој служел кај сирискиот цар. Да видиме како.
Храброста да се проговори
Во библискиот извештај не е дадено името на малото девојче. Тоа станало слугинче на сопругата на Нееман, еден храбар војсководец на царот Бен-Адад II (4. Царства 5:1). Иако бил високо почитуван, Нееман ја имал одвратната болест лепра.
Можеби учтивоста на девојчето ја поттикнала сопругата на Нееман да има доверба во него. Можеби жената го прашала девојчето: ‚Што се прави за лепрозните во Израел?‘ Израелската девојка не се срамела смело да изјави: „О, да отидеше мојот господар при пророкот, кој е во Самарија, тој ќе ја симнеше од него лепрата“ (4. Царства 5:3).
Зборовите на ова девојче не биле отфрлени како детска фантазија. Напротив, тие му биле соопштени на царот Бен-Адад, кој го испратил Нееман и други во Самарија, на патување долго 150 километри, во потрага по овој пророк (4. Царства 5:4, 5).
Излекувањето на Нееман
Нееман и неговите луѓе отишле кај царот Јорам од Израел, носејќи писмо со препорака од Бен-Адад, како и еден значителен паричен подарок. Не е за изненадување што царот Јорам, обожавател на теле, не покажувал вера во Божјиот пророк како што покажувало слугинчето. Место тоа, мислел дека Нееман дошол за да бара кавга. Кога Божјиот пророк Јелисеј чул за страхувањето на Јорам, веднаш испратил порака, барајќи царот да го испрати Нееман во неговиот дом (4. Царства 5:6—8).
Кога Нееман пристигнал во домот на Јелисеј, пророкот испратил гласник кој му рекол: „Искапи се седумпати во Јордан, и телото твое ќе се обнови, и ќе бидеш чист“ (4. Царства 5:9, 10). Нееман бил разбеснет. Очекувајќи чудотворна и фалбаџиска парада, тој прашал: „Зар дамаските реки Авана и Фарфар не се подобри од сите израилски води? Не можев ли да се искапам во нив и да се исчистам?“ Нееман гневно се свртел од куќата на Јелисеј. Но, кога слугите на Нееман разумно поразговарале со него, тој најпосле попуштил. Откако се искапал седумпати во реката Јордан, ‚телото му се обновило како телото на мало дете и се исчистил‘ (4. Царства 5:11—14).
Враќајќи се кај Јелисеј, Нееман рекол: „Еве, познав, дека по целата земја нема Бог, освен во Израилот“. Нееман се заветувал дека „нема да принесува сепаленици и жртви на други богови, освен на Господа [на Јехова, НС]“ (4. Царства 5:15—17).
Поуки за нас
Нееман не би отишол кај пророкот Јелисеј да не проговорило смело малото слугинче. Денес, многу младинци постапуваат на сличен начин. Во училиштето може да бидат опкружени со ученици кои не се заинтересирани да му служат на Бог. Меѓутоа, тие отворено зборуваат за она што го веруваат. Некои од нив почнуваат да го прават тоа уште на доста мала возраст.
Размисли за Александра, едно петгодишно девојче од Австралија. Кога почнало да оди на училиште, мајка ѝ закажала средба со наставничката за да ѝ ги објасни верувањата на Јеховините сведоци. Но, мајка ѝ на Александра ја чекало изненадување. „Јас веќе сум запознаена со извесен број ваши верувања и што Александра ќе прави, а што нема да прави во училиштето“, рекла наставничката. Мајка ѝ на Александра била зачудена, бидејќи во училиштето немало други деца Сведоци. „Александра нѐ извести“, објаснила наставничката. Да, ова мало девојче веќе имало тактична дискусија со својата наставничка.
Таквите млади смело проговоруваат. На тој начин, тие постапуваат во склад со Псалм 148:12, 13: „Момчиња и девојки, старци со децата — сите нека го фалат името на Господа; зашто само Неговото име е возвишено. Него Го фалат на небото и на земјата“.