Како гледа Бог на обожавањето на христијанскиот свет?
„НЕ СЕКОЈ што Ми вели: ‚Господи, Господи‘, ќе влезе во царството небесно“, рекол Исус Христос, „а оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен. Мнозина ќе ми речат во оној ден: ‚Господи, Господи, . . . не во Твое ли име многу чуда правевме?‘ И тогаш Јас ќе им кажам: ‚Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите незаконски дела [творци на беззаконие, НС]!‘“ (Матеј 7:21—23).
Преку својата света Реч, Библијата, Бог објаснил која е неговата волја. Дали црквите на христијанскиот свет ја вршат Божјата волја? Или, пак, како што ги нарекол Исус, се „творци на беззаконие“?
Крвопролевање
Во ноќта пред смртта на својот Учител, Петар за малку ќе започнел еден вооружен конфликт со групата војници кои биле испратени да го уапсат Исус (Јован 18:3, 10). Но, Исус мирно ја поправил ситуацијата и го предупредил Петар: „Сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат“ (Матеј 26:52). Ова јасно предупредување е повторено во Откровение 13:10. Дали црквите на христијанскиот свет го послушале тоа? Или, пак, ја делат одговорноста за војните што се во тек во разни делови од Земјата?
Во текот на II светска војна, илјадници Срби и Хрвати биле убиени во името на религијата. „Во Хрватска“, известува The New Encyclopædia Britannica, „домашниот фашистички режим воспостави политика на ‚расно прочистување‘ која отиде подалеку дури и од постапките на нацистите . . . Беше изјавено дека една третина од српското население ќе биде депортирана, една третина преобратена на римокатолицизам, а една третина ликвидирана. . . . Парцијалната соработка на католичкото свештенство во овие постапки сериозно ги компромитира односите црква–држава после војната“. Безброј луѓе биле натерани да се преобратат на католицизмот или да умрат; на илјадници други не им беше даден ниту избор. Цели села — мажи, жени и деца — беа втерувани во нивните православни цркви и убивани. А како е со противничките комунистички војски? Дали и тие имале религиозна поддршка?
„Некои од свештениците учествуваа во војната застанувајќи на страната на револуционерните сили“, известува книгата Историја на Југославија. „Партизанските војски вклучуваа дури и свештеници, како од српските православни така и од римокатоличките цркви“, наведува книгата Yugoslavia and the New Communism. Верските разлики и понатаму го распалуваат огнот на војната на Балканот.
А како е со Руанда? Генералниот секретар на Католичкиот институт за меѓународни односи, Јан Линден, во журналот The Month го признал следново: „Истражувањата од страна на African Rights во Лондон даваат еден или два примери за локални католички, англикански и баптистички црковни водачи кои поради пропуст или по налог биле вплеткани во убивањата од страна на војската . . . Не постои апсолутно никакво сомневање дека еден значаен број угледни христијани во епархиите биле вклучени во убивањата“. За жал, борбите помеѓу таканаречените христијани продолжуваат да ја измачуваат централна Африка.
Блуд и прељуба
Според Божјата Реч, постои само едно чесно место за сексот, а тоа е во рамките на брачната врска. „Бракот на сите треба да е чесен“ — наведува Библијата — „и брачното легло — чисто; а блудниците и прељубниците ќе ги суди Бог“ (Евреите 13:4). Дали црковните водачи ја поддржуваат оваа поука од Бог?
Во 1989 година, Англиканската црква во Австралија издаде еден официјален документ за сексуалноста, кој сугерираше дека сексот пред бракот не е неисправен доколку двајцата се потполно оддадени еден на друг. Уште понеодамна, водачот на Англиканската црква во Шкотска изјави: „Црквата не треба да ги осудува аферите како грешни и неисправни. Црквата мора да го прифати фактот дека прељубата е предизвикана од нашата генетика“.
Во Јужна Африка, извесен број свештеници проговорија во полза на хомосексуалноста. На пример, во 1990 година, јужноафриканското списание You цитираше еден угледен англикански свештеник кој вели: „Писмото не е обврзувачко засекогаш . . . Верувам дека ќе има промени во ставот и во политиката на црквата кон хомосексуалците“. (Спореди Римјаните 1:26, 27.)
Според 1994 Britannica Book of the Year, сексуалноста станала доминантно спорно прашање во американските цркви, особено во врска со работите како што се „ординирањето во служба на лица кои се изјасниле како хомосексуалци и лезбејки, религиозното разбирање на правата на хомосексуалците, благословувањето на ‚хомосексуалниот брак‘ и озаконувањето или осудувањето на начини на живот што се поврзани со хомосексуалноста“. Повеќето од главните црковни деноминации ги толерираат свештениците кои се борат за поголема сексуална слобода. Според 1995 Britannica Book of the Year, 55 епископални бискупи потпишале декларација со која „ја потврдуваат прифатливоста на ординирањето и делувањето на хомосексуалците“.
Некои свештеници аргументираат во полза на хомосексуалноста, тврдејќи дека Исус никогаш не говорел против неа. Но, дали навистина е така? Исус Христос изјавил дека Божјата Реч е вистина (Јован 17:17). Тоа значи дека тој го поддржувал Божјето гледиште за хомосексуалноста, како што е опишано во 3. Мојсеева 18:22, кое гласи: „Не легнувај со маж, како со жена; тоа е одвратност“. Освен тоа, Исус ги вброил блудот и прељубата во ‚злото кое излегува однатре и го осквернува човекот‘ (Марко 7:21—23). Грчкиот збор за блуд е поширок термин отколку оној за прељуба. Тој ги опишува сите облици на сексуални односи вон законскиот брак, вклучувајќи ја и хомосексуалноста (Јуда 7). И Исус Христос ги предупредил своите следбеници да не толерираат никаков наводен христијански учител кој ја омаловажува сериозноста на блудот (Откровение 1:1; 2:14, 20).
Кога верските водачи се борат за ординирање на хомосексуалци и лезбејки, како влијае тоа врз членовите на нивните цркви, особено врз младите? Зарем тоа не е мотивација за експериментирање со вонбрачен секс? За разлика од тоа, Божјата Реч ги поттикнува христијаните ‚да бегаат од блудството‘ (1. Коринтјаните 6:18). Ако некој соверник падне во таков грев, се дава помош полна со љубов за лицето да се врати во Божјата милост (Јаков 5:16, 19, 20). А што ако ваквата помош се отфрла? Библијата наведува дека, доколку таквите не се покајат, тие „нема да го наследат царството Божјо“ (1. Коринтјаните 6:9, 10).
„Забрануваат да се стапува во брак“
Поради „[распространетоста на, НС] блудството“, Библијата вели дека „подобро е да се женат и мажат, отколку да се возбудуваат [отколку да се распламтени од страст, НС]“ (1. Коринтјаните 7:2, 9). И покрај овој мудар совет, од многумина свештеници се бара целибат, т. е. да останат неженети. „Заветот за целибат не е прекршен“, објаснува Нино Ло Бело во својата книга The Vatican Papers, „ако еден свештеник, калуѓер или калуѓерка стапи во сексуални односи . . . Може да се добие проштевање за сексуалните односи ако се даде искрена изјава во исповедница, додека бракот на кој и да е свештеник едноставно не би бил признат од страна на Црквата.“ Дали ова учење дало добар или лош плод? (Матеј 7:15—19).
Без сомнение, многумина свештеници водат морално чесен живот, но со голем број од нив не е така. Според 1992 Britannica Book of the Year, „се известува дека Римокатоличката црква платила 300 милиони долари за да ги намири судските парници за сексуална злоупотреба од страна на свештеници“. Подоцна, во изданието од 1994 година, пишувало: „Смртта на извесен број свештеници предизвикана од сида го изнесе на видело присуството на свештеници-хомосексуалци, како и забелешките дека имало претеран број . . . хомосексуалци кои биле привлечени во свештенството“. Не е чудо што Библијата наведува дека ‚забранувањето да се стапува во брак‘ е ‚ѓаволско учење‘ (1. Тимотеј 4:1—3). „Од гледна точка на некои историчари“, пишува Питер де Роса во својата книга Vicars of Christ (Христови викари), „[свештеничкиот целибат] веројатно му нанел поголема штета на моралот отколку која и да било друга институција на Запад, вклучувајќи ја и проституцијата . . . Најчесто, [тоа] било дамка врз името на христијанството . . . Принудниот целибат секогаш доведувал до лицемерство во редовите на свештенството . . . Свештеникот може да падне илјада пати, но со канонскиот закон му е забрането да се ожени еднаш“.
Ако се разгледа Божјето гледиште за обожавањето на Ваал, не е тешко да се увиди како тој сигурно гледа на поделените цркви на христијанскиот свет. Последната книга од Библијата ги соединува сите облици на лажно обожавање под името „Вавилон големиот, мајка на блудниците и на земните гнасотии“. „Во него“ — додава Библијата — „се најде крв на пророци и светии, а и на сите што беа избиени на земјата“ (Откровение 17:5; 18:24).
Затоа, сите оние кои сакаат да бидат негови вистински обожаватели, Бог ги поттикнува: „Излезете од неа, луѓе Мои, за да не учествувате во гревовите нејзини, и да не се заразите од раните нејзини; . . . Во еден ден ќе ја сполетаат поразите: смрт, жалост и глад, и ќе биде изгорена во оган, зашто силен е Господ, Кој ја суди“ (Откровение 18:4, 8).
Сега се поставува прашањето: Откако човек ќе излезе од лажната религија, каде треба да оди? Каков облик на обожавање е прифатлив за Бог?
[Рамка/слика на страница 5]
Идолопоклонство
Обожавањето на Ваал ја вклучувало употребата на идоли. Израелците се обиделе да го измешаат обожавањето на Јехова со она на Ваал. Тие дури донеле и идоли во Јеховиниот храм. Божјето гледиште за обожавањето идоли било разјаснето кога Тој донел уништување врз Ерусалим и неговиот храм.
Многу цркви на христијанскиот свет се полни со идоли, било да се во облик на крст, икони или кипови на Марија. Освен тоа, многу посетители на црквите се поучени да се клањаат, да клечат или да се крстат пред овие ликови. За разлика од тоа, на вистинските христијани им е заповедано да ‚го одбегнуваат служењето на идолите‘ (1. Коринтјаните 10:14). Тие не се обидуваат да го обожаваат Бог со помош на материјални предмети (Јован 4:24).
[Извор на слика]
Musée du Louvre, Париз
[Рамка на страница 7]
„Црковниот водач треба да биде без маана“
ОВОЈ израз е од Тит 1:7, според Today’s English Version. Преводот King James Version гласи: „Бискупот мора да биде непорочен“. Зборот „бискуп“ потекнува од еден грчки збор што значи „надгледник“. Според тоа, мажите кои се наименувани да го преземаат водството во вистинското христијанско собрание, мораат да живеат според темелните библиски мерила. Ако не, треба да бидат отстранети од нивниот положај на надгледување, затоа што повеќе не се ‚пример за стадото‘ (1. Петрово 5:2, 3). Колку сериозно го сфаќаат ова барање црквите на христијанскиот свет?
Во својата книга I Care About Your Marriage (Јас се грижам за вашиот брак), д-р Еверет Вортингтон се осврнува на една анкета спроведена помеѓу 100 пастори во државата Вирџинија (САД). Повеќе од 40 отсто признале дека се впуштале во некаков облик на однесување што предизвикува страст, со некој кој не бил нивни брачен партнер. Голем број од нив имале направено прељуба.
„Во текот на минатата деценија“, забележува Christianity Today, „црквата секогаш одново беше разнишувана од откривањата на неморално однесување на некои од нејзините најугледни водачи.“ Статијата „Зошто прељубничките пастори не треба да бидат повторно вратени на положај“, ја доведе во прашање вообичаената практика во христијанскиот свет црковните водачи брзо да бидат враќани на нивните поранешни положаи откако биле „обвинети за сексуален грев“.