Одржи единство во овие последни денови
‚Живејте само достојно за Христовото Евангелие, . . . стојте во еден дух, борејќи се еднодушно за евангелската вера‘ (ФИЛИПЈАНИТЕ 1:27).
1. Каков контраст постои меѓу Јеховините сведоци и светот?
ОВА се „последните денови“. Нема сомнение во тоа дека дошле ‚критичните времиња со кои тешко ќе се излегува на крај‘ (2. Тимотеј 3:1—5, НС). Во ова ‚последно време‘ со неговиот немир во човечкото општество, Јеховините сведоци слично се истакнуваат по нивниот мир и единство (Даниил 12:4). Но, од секој поединец кој припаѓа на глобалното семејство од Јеховини обожаватели се бара да работи напорно за да го одржи ова единство.
2. Што рекол Павле во врска со одржувањето единство, и кое прашање ќе го разгледаме?
2 Апостол Павле ги советувал сохристијаните да одржат единство. Тој напишал: „Живејте само достојно за Христовото Евангелие, та, ако дојдам и ве видам, или отсуствувам, да чујам за вас дека стоите во еден дух, борејќи се еднодушно за евангелската вера, и во ништо не плашете се од противниците; тоа е знак за нивната погибел, а вам — за спасение. И тоа е [знак, НС] од Бога“ (Филипјаните 1:27, 28). Павловите зборови јасно покажуваат дека мораме да работиме заедно како христијани. Тогаш, што ќе ни помогне да го одржиме нашето христијанско единство во овие тешки времиња?
Подложи се на божествената волја
3. Кога и како првите необрежани пагани станале следбеници на Христа?
3 Еден начин да го одржиме нашето единство е секогаш да се подложуваме на божествената волја. Ова може да изискува прилагодување во нашето размислување. Размисли за раните еврејски ученици на Исус Христос. Кога апостол Петар за првпат им проповедал на необрежани пагани во 36 година н. е., Бог им подарил свет дух на овие луѓе од нациите и тие биле крстени (Дела, поглавје 10). Дотогаш, само Евреите, прозелитите на јудаизмот и Самарјаните биле станати следбеници на Исус Христос (Дела 8:4—8, 26—38).
4. Што рекол Петар откако објаснил што се случило со Корнилиј, и каков испит претставувало тоа за Исусовите еврејски ученици?
4 Кога апостолите и другите браќа во Ерусалим дознале за преобраќањето на Корнилиј и на другите пагани, тие биле заинтересирани да го чујат Петровиот извештај. Откако објаснил што се случило со Корнилиј и со останатите пагани кои верувале, апостолот заклучил со зборовите: „Кога, пак, Бог им даде [на тие пагани кои поверувале] еднаков дар [на свет дух], како и нам [Евреите], кои поверувавме во Господа Исуса Христа, тогаш кој сум јас да Му се воспротивам на Бога“ (Дела 11:1—17). Ова претставувало испит за еврејските следбеници на Исус Христос. Дали ќе се потчинат на Божјата волја и ќе ги прифатат како свои сообожаватели паганите кои верувале? Или, пак, единството на Јеховините земни слуги ќе биде загрозено?
5. Како апостолите и другите браќа реагирале на фактот дека Бог им дал покајание на паганите, и што можеме да научиме од овој став?
5 Извештајот вели: „Откако го ислушаа тоа, тие [апостолите и другите браќа] се успокоија и Го прославуваа Бога, велејќи: ‚Значи, и на незнабожците Бог им даде покајание за живот‘“ (Дела 11:18). Тој став го зачувал и унапредил единството на Исусовите следбеници. За само кратко време, делото на проповедање напредувало меѓу паганите, односно луѓето од нациите, и тие активности имале Јеховин благослов. И ние би требало да се согласиме кога се бара нашата соработка во врска со оформувањето ново собрание или кога се прави некакво теократско прилагодување под водството на Божјиот свет дух. Нашата сесрдна соработка ќе му биде угодна на Јехова и ќе ни помогне да го одржиме нашето единство во овие последни денови.
Држи се цврсто за вистината
6. Каков ефект има вистината врз единството на Јеховините обожаватели?
6 Како дел од Јеховиното семејство од обожаватели, одржуваме единство затоа што сите ние сме ‚научени од Бога‘ и цврсто се држиме за неговата откриена вистина (Јован 6:45; Псалм 42:3). Поради тоа што нашите учења се темелат на Божјата Реч, сите ние зборуваме во согласност. Радо ја прифаќаме духовната храна што Јехова ја дава на располагање преку ‚верниот и разумен роб‘ (Матеј 24:45—47, НС). Таквото истоветно учење ни помага да го одржиме нашето единство ширум светот.
7. Ако нам како поединци ни е тешко да разбереме извесна точка, што треба а што не треба да сториме?
7 Што ако ние лично имаме тешкотија да разбереме или да прифатиме извесна точка? Треба да се молиме за мудрост и да преземеме истражување во Писмото и во христијанските публикации (Изреки 2:4, 5; Јаков 1:5—8). Може да ни помогне разговорот со некој старешина. Ако точката сѐ уште не може да се разбере, може ќе е најдобро да се остави работата да мирува. Можеби на таа тема ќе бидат објавени повеќе информации и тогаш нашето разбирање ќе се прошири. Меѓутоа, би било неисправно да се обидуваме да ги уверуваме другите во собранието да го прифатат нашето поинакво мислење. Тоа би посеало несклад и не би придонело за зачувување на единството. Колку само е подобро да ‚живееме во вистината‘ и да ги охрабруваме другите да го прават тоа! (3. Јованово 4).
8. Кој став спрема вистината е соодветен?
8 Во првиот век, Павле рекол: „Сега гледам нејасно како во огледало, а тогаш — лице во лице; сега знам нешто, а тогаш ќе знам [точно, НС] како што сум познат“ (1. Коринтјаните 13:12). Иако раните христијани не ги гледале сите детали, тие останале обединети. Ние сега имаме многу појасно разбирање на Јеховината намера и на неговата Реч на вистината. Затоа, да бидеме благодарни за вистината што сме ја добиле преку ‚верниот роб‘. И да бидеме благодарни што Јехова нѐ води преку својата организација. Иако секогаш не сме го имале истиот степен на спознание, ние не сме гладувале или жеднееле духовно. Место тоа, нашиот Пастир, Јехова, нѐ чувал обединети и добро се грижел за нас (Псалм 22:1—3).
Исправно користи го јазикот
9. Како може да се употребува јазикот за да се унапредува единството?
9 Користењето на јазикот за да ги храбриме другите претставува важен начин за унапредување на единството и на духот на братството. Писмото кое решило едно прашање во врска со обрежувањето, испратено од водечкото тело од првиот век, било извор на охрабрување. Откако го прочитале, паганските ученици во Антиохија ‚се зарадувале поради утехата‘. Јуда и Сила, кои биле испратени од Ерусалим со писмото, ‚со многу зборови ги утешиле браќата и ги утврдиле‘. Несомнено, присуството на Павле и Варнава исто така ги охрабрило и зајакнало соверниците во Антиохија (Дела 15:1—3, 23—32). Ние можеме да го правиме истото кога се собираме на христијанските состаноци и „да се охрабруваме“ (НС) преку нашето присуство и изградувачките коментари (Евреите 10:24, 25).
10. Што можеби ќе треба да се стори за да се одржи единството доколку се случи клеветење?
10 Меѓутоа, неисправната употреба на јазикот може да го загрози нашето единство. „Јазикот е мал орган, но големи работи зборува“ — напишал ученикот Јаков. „Ете, мал оган, а колку голема гора запалува“ (Јаков 3:5). Јехова ги мрази оние кои предизвикуваат кавга (Изреки 6:16—19). Таквиот говор може да предизвика неединство. Тогаш, што ако постои клеветење, односно, кога некој е опсипуван со навреди или е подложен на навредлив говор? Старешините ќе се обидат да му помогнат на престапникот. Меѓутоа, непокајничкиот клеветник треба да биде исклучен за да се одржи мирот, редот и единството на собранието. Најпосле, Павле напишал: „Да не се дружите со оној, кој наречувајќи се брат, си останува . . . хулник [клеветник, НС] . . . со таков дури и да не јадете“ (1. Коринтјаните 5:11).
11. Зошто е важна понизноста доколку сме рекле нешто што предизвикало напнатост меѓу нас и некој соверник?
11 Зауздувањето на јазикот ни помага да одржиме единство (Јаков 3:10—18). Но, да претпоставиме дека сме рекле нешто што предизвикало напнатост меѓу нас и некој сохристијанин. Зарем не би било прикладно да преземеме иницијатива да склучиме мир со нашиот брат и да се извиниме ако е потребно? (Матеј 5:23, 24). Вистина, за ова е потребно понизност, односно скромност на умот, но Петар напишал: „Покорувајте се еден на друг и здобивајте се со понизност [со скромност на умот, НС], бидејќи Бог им се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат“ (1. Петрово 5:5). Понизноста ќе нѐ поттикне да ‚се стремиме кон мир‘ со нашите браќа, да ги признаваме своите грешки и соодветно да се извинуваме. Тоа помага да се одржи единството на Јеховиното семејство (1. Петрово 3:10, 11).
12. Како можеме да го употребуваме јазикот за да го унапредуваме и да го одржиме единството на Јеховиниот народ?
12 Можеме да го унапредуваме семејниот дух меѓу оние во Јеховината организација ако исправно го користиме својот јазик. Затоа што Павле го сторил токму тоа, можел да ги потсети солунјаните: „Зашто знаете дека секого од вас, како татко децата свои, ние ве молевме и утешувавме и сведочевме да живеете достојно за Бога“ (1. Солунјаните 2:11, 12). Со тоа што дал добар пример во овој поглед, Павле можел да ги поттикне сохристијаните ‚да ги утешуваат малодушните‘ (1. Солунјаните 5:14). Помисли само колкаво добро можеме да направиме ако го користиме јазикот за да ги утешуваме, охрабруваме и изградуваме другите. Да, „колку е добар еден збор во вистинско време“ (Изреки 15:23, НС). Освен тоа, таквиот говор помага да се унапредува и да се одржи единството на Јеховиниот народ.
Проштавај!
13. Зошто треба да проштаваме?
13 Да му се прости на некој престапник кој се извинил е многу битно ако сакаме да одржиме христијанско единство. А колку често треба да проштаваме? Исус му рекол на Петар: „Не ти велам до седум, туку до седумдесетпати по седум [до седумдесет и седум пати, НС]“ (Матеј 18:22). Ако не проштаваме, постапуваме против нашите сопствени интереси. Како тоа? Па, непријателството и негувањето лутина ќе ни го одземат мирот во мислите. А ако станеме познати како такви кои се свирепи и кои не проштаваат, со тоа би можеле да предизвикаме да нѐ отфрлуваат (Изреки 11:17). Негувањето лутина не му се допаѓа на Бог и може да доведе до тежок грев (3. Мојсеева 19:18). Сети се дека на Јован Крстител му била отсечена главата во еден заговор што го сковала злобната Иродијада која ‚се озлобила против него‘ (Марко 6:19—28).
14. а) Што нѐ учи Матеј 6:14, 15 за проштавањето? б) Мораме ли секогаш да чекаме извинување пред да простиме некому?
14 Исусовата пример-молитва ги вклучува овие зборови: „Прости ни ги нашите гревови, зашто и ние самите му ги проштеваме на секој наш должник“ (Лука 11:4). Ако не проштаваме, ризикуваме некој ден Јехова Бог повеќе да не ни ги прости нашите гревови, зашто Исус рекол: „Ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен; ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите“ (Матеј 6:14, 15). Затоа, ако навистина сакаме да го дадеме својот дел во одржувањето единство во Јеховиното семејство од обожаватели, ние ќе проштаваме, можеби едноставно така што ќе ја заборавиме навредата што се должела на непромисленост и во која немало некоја зла намера. Павле рекол: „Трпете се еден со друг и проштавајте си. Ако некој има поплака на некого, како што Христос [Јехова, НС] ви прости, така и вие направете!“ (Колосјаните 3:13). Кога проштаваме, помагаме да се одржи скапоценото единство на Јеховината организација.
Единството и личните одлуки
15. Што му помага на Јеховиниот народ да одржи единство кога донесува лични одлуки?
15 Бог нѐ направил лица со слободна волја, како и со предноста и одговорноста да донесуваме лични одлуки (5. Мојсеева 30:19, 20; Галатјаните 6:5). Сепак, способни сме да го одржиме нашето единство затоа што се потчинуваме на библиските закони и начела. Ние ги земаме нив во обѕир кога донесуваме лични одлуки (Дела 5:29; 1. Јованово 5:3). Да претпоставиме дека се покренува некое прашање во врска со неутралноста. Можеме да донесеме информирана лична одлука со тоа што ќе запомниме дека ‚не сме дел од светот‘ и дека сме ги ‚прековале мечевите свои во плугови‘ (Јован 17:16, НС; Исаија 2:2—4). На сличен начин, кога мораме да донесеме некоја лична одлука во врска со нашиот однос со државата, ние го земаме во обѕир она што го вели Библијата во врска со плаќањето на „Божјото на Бога“, додека се подложуваме на „претпоставените власти“ во световните работи (Лука 20:25; Римјаните 13:1—7; Тит 3:1, 2). Да, ако ги земаме во обѕир библиските закони и начела кога донесуваме лични одлуки, тоа помага да се одржи нашето христијанско единство.
16. Како можеме да помогнеме да се одржи единство кога донесуваме одлуки што не се ниту исправни ниту неисправни во библиски поглед? Илустрирај.
16 Можеме да придонесеме да се одржи христијанското единство дури и кога донесуваме некоја одлука што е потполно лична и ниту е исправна ниту, пак, неисправна во библиски поглед. Како тоа? Така што кон другите кои би можеле да бидат засегнати од нашата одлука ќе покажуваме интерес полн со љубов. Да илустрираме: Во собранието во древниот Коринт се покренало прашање во врска со месо жртвувано на идоли. Се разбира, еден христијанин нема да учествува во некаква идолопоклоничка церемонија. Меѓутоа, не било грешно да се јаде исправно искрвавен остаток од месо што се продавало на јавен пазар (Дела 15:28, 29; 1. Коринтјаните 10:25). Па сепак, совеста на некои христијани била вознемирена поради јадењето вакво месо. Затоа, Павле ги поттикнал другите христијани да избегнуваат да ги спрепнуваат. Всушност, тој напишал: „Штом храната го соблазнува мојот брат, тогаш нема никогаш да јадам месо, за да не го соблазнувам својот брат“ (1. Коринтјаните 8:13). Според тоа, дури и кога не е вклучен некој библиски закон или начело, колку само би било полно со љубов да се земаат во обѕир другите кога се донесуваат лични одлуки кои би можеле да влијаат врз единството на Божјето семејство!
17. Што е препорачливо да се стори кога мораме да донесеме лични одлуки?
17 Ако не сме сигурни кој правец да го заземеме, мудро е да одлучиме на начин кој нѐ остава со мирна совест, а другите треба да ја почитуваат нашата одлука (Римјаните 14:10—12). Се разбира, кога мораме да донесеме некоја лична одлука, треба да бараме Јеховино водство во молитва. Како псалмистот, можеме со доверба да молиме: „Приклони го увото Твое кон мене, . . . Зашто Ти си крепост моја и прибежиште мое, заради името Твое поведи ме и управувај со мене“ (Псалм 30:2, 3).
Секогаш одржувај христијанско единство
18. Како го илустрирал Павле единството на христијанското собрание?
18 Во 1. Коринтјаните, поглавје 12, Павле го употребил човечкото тело за да го илустрира единството на христијанското собрание. Тој ја истакнал меѓусебната зависност и важноста на секој орган. „Ако сите тие би биле само еден орган, тогаш каде е телото?“ — прашал Павле. „А сега се, пак, многу органи, но сепак едно тело. И не може окото да ѝ рече на раката: ‚Не си ми потребна‘, ниту, пак, главата на нозете: ‚Не сте ми потребни‘“ (1. Коринтјаните 12:19—21). На сличен начин, сите ние во семејството од Јеховини обожаватели не вршиме иста функција. Па сепак сме обединети и потребни еден на друг.
19. Како можеме да извлечеме корист од Божјите духовни подготовки, и што рекол еден постар брат во врска со ова?
19 Како што на телото му е потребна храна, нега и водство, така и нам ни се потребни духовните подготовки што ги дава Бог преку својата Реч, преку својот дух и преку својата организација. За да извлечеме корист од овие подготовки, мораме да бидеме дел од Јеховиното земно семејство. После многу години во Божјата служба, еден брат напишал: „Толку сум благодарен што живеев во спознание за Јеховините намери од тие рани денови токму пред 1914 година кога сѐ не беше така јасно . . . па до денес, кога вистината сјае како пладневно сонце. Ако нешто ми било најважно, тоа беше да се држам тесно до Јеховината видлива организација. Моето рано искуство ме научи колку е нездраво да се ослонуваш на човечко резонирање. Откако во мојот ум се решив по тоа прашање, одлучив да останам со верната организација. Како би можел некој поинаку да добие Јеховина милост и благослов?“
20. Што треба да бидеме одлучни да правиме во врска со нашето единство како Јеховин народ?
20 Јехова го повикал својот народ од световната темнина и неединство (1. Петрово 2:9). Нѐ довел во благословено единство со себеси и со нашите соверници. Ова единство ќе постои во новиот систем на ствари што сега е толку близу. Затоа, во овие критични последни денови да продолжиме да се ‚облекуваме во љубов‘ и да правиме сѐ што можеме за да го унапредуваме и да го одржиме нашето скапоцено единство (Колосјаните 3:14).
Како би одговорил?
◻ Зошто може вршењето на Божјата волја и цврстото држење за вистината да ни помогнат да одржиме единство?
◻ На кој начин единството е поврзано со исправната употреба на јазикот?
◻ Што е вклучено во тоа да се проштава?
◻ Како можеме да одржиме единство при донесувањето лични одлуки?
◻ Зошто треба да се одржи христијанско единство?
[Слика на страница 16]
Исто како што овој овчар го чува заедно своето стадо, така Јехова го чува обединет својот народ
[Слики на страница 18]
Ако понизно се извиниме кога ќе нанесеме навреда, помагаме да се унапредува единството