Тие ја извршувале Јеховината волја
Даниил му служел на Бог со постојаност
РЕТКО се случува текот на историјата да се промени преку ноќ. Сепак, тоа се случило во 539 година пр. н. е., кога Вавилонското Царство било соборено од страна на Мидијанците и Персијците за само неколку часа. До таа година, Јеховиниот пророк Даниил скоро 80 години живеел како еврејски изгнаник во Вавилон. Веројатно во своите 90-ти, на Даниил му претстоело соочување со едно од најголемите искушенија на неговиот интегритет кон Бог.
После падот на Вавилон, отпрвин изгледало дека работите одат на добро за Даниил. Новиот цар бил Дариј Мидијанинот — 62-годишен човек кој гледал на Даниил со благонаклоност. Едно од првите дела на Дариј како цар било да наименува 120 сатрапи и да подигне тројца мажи на ранг на високи чиновници.a Даниил бил еден од тие тројца повластени мажи. Увидувајќи го Данииловиот извонреден потенцијал, Дариј дури намеравал да му го даде положајот на премиер! Меѓутоа, токму тогаш се случило нешто што нагло ги променило плановите на царот.
Подмолен план
Останатите високи чиновници со Даниил, придружувани од една голема група сатрапи, му пристапиле на царот со една фасцинантна идеја. Тие го преколнувале Дариј да воведе закон кој одредувал: „Секој што во текот на триесет дена ќе се моли на кој и да било бог или човек, освен на тебе, царе, него да го фрлат во лавовска јама“ (Даниил 6:7). Можеби на Дариј му се чинело дека овие луѓе му ја изјавувале својата лојалност кон него. Можеби исто така резонирал дека овој закон ќе му помогне нему, странец, да го зајакне својот положај како поглавар на кралството.
Меѓутоа, високите службеници и сатрапите не го намислиле овој указ заради царот. Тие сакале ‚да го обвинат Даниил во управувањето со царството, но никако не можеле да најдат повод, ниту пак грешка, бидејќи тој бил верен и немал никаква погрешка ни вина‘. Затоа, овие подмолни луѓе резонирале: „Нема да најдеме причина против Даниила, ако не најдеме против него нешто во Законот на неговиот Бог“ (Даниил 6:4, 5). Свесни дека Даниил секојдневно му се молел на Јехова, тие барале тоа да го направат смртен престап.
Можеби високите чиновници и сатрапите негувале омраза спрема Даниил затоа што тој ‚ги надминувал [нив], бидејќи во него имало висок дух, и царот веќе се мислел да го постави над целото царство‘ (Даниил 6:3). Данииловата чесност можеби создала едно недобредојдено ограничување против корупцијата и митото. Како и да е, овие луѓе го убедиле царот да го потпише указот, правејќи го дел од ‚законот Мидијански и Персијски, кој не се нарушувал‘ (Даниил 6:8, 9).
Даниил останува цврст
Откако дознал за новата законска одредба, дали Даниил престанал да му се моли на Јехова? Воопшто не! Клечејќи во покривната соба во својата куќа, тој му се молел на Бога три пати на ден, ‚како што го правел тоа и порано‘ (Даниил 6:10). Додека се молел, неговите непријатели ‚го демнеле и го нашле Даниила дека се моли и бара милост пред својот Бог‘ (Даниил 6:11). Кога тие му го свртеле вниманието на царот за таа работа, Дариј бил вознемирен поради тоа што законот што го потпишал би го вмешал Даниила. „Дури до зајдисонце многу размислуваше да го избави“ — ни кажува извештајот. Но, дури ни царот не можел да го укине законот што тој го донел. Затоа, Даниил бил одведен кај лавовската јама — очигледно некоја вдлабнатина или подземно место. „Твојот Бог, Кому без престан Му служиш, Он нека те избави [тој самиот ќе те избави, НС]!“ — го уверувал царот Даниила (Даниил 6:12—16).
После една бессона ноќ и постење, Дариј поитал кон јамата. Даниил бил жив и неповреден! Царот веднаш реагирал. Како одмазда, дал да ги фрлат Данииловите непријатели и нивните семејства во лавовската јама. Исто така, Дариј ширум кралството објавил — ‚во секоја област на неговото царство да треперат и да се плашат пред Данииловиот Бог‘ (Даниил 6:17—27).
Поука за нас
Даниил бил добар пример за верност. Дури и царот, кој не го обожавал Јехова, забележал дека Даниил Му служел „без престан [со постојаност, НС]“ (Даниил 6:16, 20). Арамејскиот коренски збор преведен со „постојаност“, во основа значи „да се движи во круг“. Тој укажува на континуираност. Колку само добро ова го опишува Данииловиот нескршен интегритет кон Јехова!
Даниил развил образец на постојаност долго пред да биде фрлен во лавовската јама. Како млад заробеник во Вавилон, одбил да конзумира храна или пијалак што биле забранети со Мозаитскиот Закон или, пак, извалкани со пагански ритуал (Даниил 1:8). Подоцна, тој смело му ја објавил Божјата порака на вавилонскиот цар Навуходоносор (Даниил 4:16—22). Само неколку часа пред падот на Вавилон, Даниил бестрашно му ја објавил Божјата осуда на цар Валтазар (Даниил 5:22—28). Така, кога Даниил бил соочен со лавовската јама, тој продолжил по верниот пат што го имал започнато.
И ти можеш да му служиш на Јехова со постојаност. Дали си младо лице? Тогаш, дејствувај сега за да развиеш образец на постојаност со тоа што ќе го отфрлиш лошото друштво и расипувачкото однесување од овој свет. Ако веќе му служиш на Бог некое време, задржи образец на верна истрајност. Не предавај се, зашто секое искушение со кое се соочуваме, ни дава прилика да му покажеме на Јехова дека сме решени да му служиме со постојаност (Филипјаните 4:11—13).
[Фуснота]
a Изразот „сатрап“ (дословно значи „заштитник на царството“) се однесува на некој управувач, наименуван од персискиот цар да служи како главен владетел над една јурисдикциона област. Како официјален претставник на царот, тој бил одговорен за собирањето такси и испраќање на данокот до кралскиот двор.