Сите нека го слават Јехова!
„Треба да го слават Јехова во подрачјето на светлината“ (ИСАИЈА 24:15, НС).
1. Како гледале на Јеховиното име неговите пророци, и со кој став во денешниот христијански свет може да се контрастира тоа?
ЈЕХОВА — славното Божје име! Колку само се радувале верните пророци од старо време да зборуваат во тоа име! Со восклик тие го славеле својот Суверен Господ, Јехова, чие име го идентификува како Голем Наумител (Исаија 40:5; Јеремија 10:6, 10; Језекиил 36:23). Дури и таканаречените помали пророци биле многу гласни во оддавањето слава на Јехова. Еден од овие бил Агеј. Во книгата на Агеј, составена од само 38 стихови, Божјето име е употребено 35 пати. Таквото пророштво звучи безживотно кога скапоценото име Јехова е заменето со титулата „Господ“, како што превосходните апостоли на христијанскиот свет го преведуваат во своите преводи на Библијата. (Спореди 2. Коринтјаните 11:5.)
2, 3. а) На кој начин се исполнило едно извонредно пророштво во врска со обновата на Израел? б) Во каква радост учествувале еврејскиот остаток и нивните придружници?
2 Во Исаија 12:2 (НС) е употребена двојна форма на името.a Пророкот изјавува: „Гледај! Бог е моето спасение. Ќе имам доверба и нема да се плашам; зашто Јах, Јехова, е мојата сила и моќ, и тој ми стана спасение“. (Види и Исаија 26:4, НС.) На тој начин, околу 200 години пред Израел да биде ослободен од вавилонското ропство, Јах Јехова преку својот пророк Исаија давал уверување дека тој е нивниот моќен Спасител. Тоа заробеништво требало да трае од 607 до 537 година пр. н. е. Исаија исто така напишал: „Јас сум Господ, Кој сѐ создадов [Јас, Јехова, правам сѐ, НС] . . . Кој вели за Кира: ‚Тој е Мој пастир, и тој ќе ја исполни секоја волја Моја и ќе му рече на Ерусалим: ‚Ти ќе бидеш одново изграден!‘ и на храмот ‚ти ќе бидеш основан!‘“ Кој бил овој Кир? Забележливо е што се покажало дека тоа бил царот Кир од Персија, кој го поробил Вавилон во 539 година пр. н. е. (Исаија 44:24, 28).
3 Верно на Јеховините зборови до заробениот Израел, запишани од Исаија, Кир го издал указот: „Кој меѓу сите вас е од Неговиот народ, — Бог нека биде со него, и нека оди во Ерусалим, кој е во Јудеја, да гради дом на Господа, Бога Израилев, на оној Бог, Кој е во Ерусалим“. Еден крајно среќен еврејски остаток заедно со неизраелските Нетинејци и синовите на Соломоновите слуги, се вратил во Ерусалим. Тие пристигнале навреме да го прослават празникот Сеници во 537 година пр. н. е. и да направат жртви за Јехова на неговиот олтар. Следната година, во вториот месец, го поставиле темелот на вториот храм, среде гласни извици на радост и фалба до Јехова (1. Ездра 1:1—4; 2:1, 2, 43, 55; 3:1—6, 8, 10—13).
4. На кој начин 35. и 55-тото поглавје од Исаија стануваат стварност?
4 Јеховиното пророштво за обнова требало славно да се исполни во Израел: „Ќе се развесели пустињата и сувата земја, и ненаселената земја ќе се зарадува и ќе расцути како крин . . . тие ќе ја видат славата на Господа, величината на нашиот Бог“. „Вие ќе излезете со веселба и ќе бидете испратени со мир; горите и ридовите ќе пеат песна пред вас . . . и тоа ќе биде за слава на Господа, за вечен знак, неразрушив“ (Исаија 35:1, 2; 55:12, 13).
5. Зошто радоста на Израел била краткотрајна?
5 Меѓутоа, таа радост била краткотрајна. Соседните народи барале меѓуверска алијанса за градењето на храмот. Отпрвин, Евреите се држеле цврсто, изјавувајќи: „Не бива да градите заедно со нас дом на нашиот Бог; ние сами ќе градиме дом на Господа, Бога Израилев, како што ни заповеда Кир, царот персиски“. Тие соседи сега станале лути противници. ‚Зеле да му ги ослабуваат рацете на јудејскиот народ и да му пречат во градењето.‘ Исто така, погрешно му ја прикажале ситуацијата на Артаксеркс, Кировиот наследник, кој издал забрана за изградбата на храмот (1. Ездра 4:1—23). Делото стагнирало 17 години. За жал, во текот на тоа време, Евреите западнале во материјалистички начин на живот.
„Јехова над војските“ говори
6. а) Како реагирал Јехова на ситуацијата во Израел? б) Зошто очигледното значење на Агејовото име е соодветно?
6 Дури и така, Јехова ја покажал ‚својата сила и моќ‘ во полза на Израел со тоа што испратил пророци, особено Агеј и Захарија, за да ги разбудат Евреите во поглед на нивните одговорности. Агејовото име има празнична поврзаност бидејќи изгледа дека значи „Роден на празник“. Соодветно на тоа, тој почнал да пророкува на првиот ден од месецот на празникот Сеници, а во тоа време од Евреите се барало ‚само да се веселат‘ (5. Мојсеева 16:15). Преку Агеј, Јехова соопштил четири пораки во период од 112 дена (Агеј 1:1; 2:1, 10, 20).
7. Како треба да нѐ охрабрат Агејовите уводни зборови?
7 Воведувајќи го своето пророштво, Агеј рекол: „Вака вели Господ Саваот [Јехова над војските, НС]“ (Агеј 1:2а). Кои би можеле да бидат тие ‚војски‘? Тоа се Јеховините ангелски мноштва, на кои во Библијата понекогаш се укажува како на воени сили (Јов 1:6; 2:1; Псалм 102:20, 21; Матеј 26:53). Зарем не нѐ охрабрува тоа што самиот Суверен Господ Јехова денес ги користи овие непобедливи небесни сили за да го управува нашето дело на обнова на вистинското обожавање на Земјата? (Спореди 4. Царства 6:15—17.)
8. Кој изглед влијаел врз Израел, и со каков резултат?
8 Што била содржината на Агејовата прва порака? Луѓето рекле: „Уште не е дојдено времето, не е време сега да се гради дом Господен“. Изградбата на храмот, кој ја претставувал обновата на вистинското обожавање, повеќе не била нивна прва грижа. Тие се свртеле да си градат раскошни куќи. Материјалистичкиот став ја намалил нивната одушевеност за Јеховиното обожавање. Како последица од тоа, неговиот благослов бил тргнат. Нивните полиња повеќе не биле плодни, и им недостигала облека за суровото зимско време. Приходот им станал скуден, и изгледало како да ставаат пари во торба полна со дупки (Агеј 1:2б—6).
9. Каква силна, изградувачка опомена дал Јехова?
9 Јехова двапати ја дал острата опомена: „Свртете го срцето ваше кон патиштата свои“. Очигледно, Зоровавел, управителот на Ерусалим, и првосвештеникот Исус се оѕвале и смело го охрабриле сиот народ да ‚го послушаат гласот на Господа, својот Бог, а и зборовите на пророкот Агеј, како гласник на нивниот Господ Бог, и народот се подуплашил од Господа‘. Освен тоа, ‚Агеј, гласникот Господов, испратен од Господа, му рекол на народот: „Јас сум со вас“ — вели Господ‘ (Агеј 1:5, 7—14).
10. Како ја употребил Јехова својата моќ во полза на Израел?
10 Некои ветерани во Ерусалим можеби сметале дека славата на повторно изградениот храм ќе биде „ништо“ во споредба со онаа на поранешниот храм. Меѓутоа, околу 51 ден подоцна, Јехова го поттикнал Агеја да објави втора порака. Тој разгласил: „,Охрабри се сега, Зоровавеле, — вели Господ — ободри се, Исусе, сине Јоседеков, првосвештенику, охрабрете се сите народи овде — вели Господ — и работете, зашто Јас сум со вас‘, вели Господ Саваот . . . ‚не плашете се!‘“ Јехова, кој во свое време би ја употребил својата семоќна сила за да ги ‚потресе небото и земјата‘, се погрижил да биде премавнато сето противење, па дури и царската забрана. За пет години, изградбата на храмот била доведена до величествен успех (Агеј 2:3—6).
11. На кој начин Бог го исполнил вториот храм со ‚поголема слава‘?
11 Тогаш било исполнето едно забележително ветување: „,Мораат да влезат пожелните работи од сите нации; и овој дом ќе го исполнам со слава‘ — рекол Јехова над војските“ (Агеј 2:7, НС). Се покажало дека тие ‚пожелни работи‘ се не-Израелци кои дошле да обожаваат во тој храм, бидејќи тој ја одразувал славата на неговата величествена присутност. На кој начин овој повторно изграден храм се споредувал со оној што бил изграден во времето на Соломон? Божјиот пророк изјавил: „Славата на овој последен храм ќе биде поголема отколку на поранешниот — вели Господ Саваот“ (Агеј 2:9). Во првото исполнување на пророштвото, повторно изградениот храм останал подолго отколку првиот дом. Тој сѐ уште стоел кога се појавил Месијата во 29 година н. е. Понатаму, пред неговите отпаднички непријатели да дадат да биде убиен во 33 година н. е., самиот Месија му донел слава кога ја проповедал вистината таму.
12. За каква цел послужиле првите два храма?
12 Првиот и вториот храм во Ерусалим послужиле за една битна цел со тоа што предочувале важни карактеристики на Месиината свештеничка служба и што го одржувале живо Јеховиното чисто обожавање на Земјата до самата појава на Месијата (Евреите 10:1).
Славниот духовен храм
13. а) Кои настани во врска со духовниот храм се случиле од 29 до 33 година н. е.? б) Каква суштинска улога одиграла Исусовата откупна жртва во овие настани?
13 Дали Агејовото пророштво за обнова има посебно значење за подоцнежни времиња? Секако дека има! Повторно изградениот храм во Ерусалим станал средиште на сето вистинско обожавање на Земјата. Но, тој предочувал еден далеку пославен духовен храм. Тој храм почнал да дејствува во 29 година н. е. кога, при Исусовото крштавање во реката Јордан, Јехова го помазал Исуса за Првосвештеник, при што светиот дух слегнал врз него како гулаб (Матеј 3:16). Откако Исус ја завршил својата земна служба со жртвена смрт, бил воскреснат на небото, претставено со Најсветата светиња на храмот, и таму му ја принел на Јехова заслугата на својата жртва. Таа послужила како откупнина, покривајќи ги гревовите на неговите ученици и отворајќи го патот да бидат помазани на денот на Пентакост 33 година н. е., како потсвештеници во Јеховиниот духовен храм. Нивната верна служба до смрт во храмскиот двор на Земјата би ги довела до едно идно небесно воскресение за натамошна свештеничка служба.
14. а) Каква радост ја придружувала ревносната активност на раното христијанско собрание? б) Зошто ова радување било краткотрајно?
14 Илјадници покајнички Евреи — а подоцна и пагани — се слеале во тоа христијанско собрание и учествувале во објавувањето на добрата вест за Божјето идно владеење на Царството над Земјата. По 30-тина години, апостол Павле можел да изјави дека добрата вест му била проповедана „на секое поднебесно создание“ (Колосјаните 1:23). Но, по смртта на апостолите, настапил голем отпад, а светлината на вистината почнала да трепери. Правото христијанство било засенето од секташтвото на христијанскиот свет, темелено на пагански учења и филозофии (Дела 20:29, 30).
15, 16. а) На кој начин во 1914 година се исполнило едно пророштво? б) Какво собирање го обележало крајот на XIX и почетокот на XX век?
15 Поминале векови. Тогаш, во 1870-тите години, една група искрени христијани почнале да се ангажираат во едно проникливо проучување на Библијата. На темел на Писмото, тие биле во можност точно да укажат на 1914 година како на година која го означува завршетокот на ‚[одредените, НС] времиња на незнабошците‘. Токму во тоа време завршиле седумте симболични „времиња“ (2.520 години човечко владеење слично на ѕвер) со небесното востоличување на Христа Исуса — Оној кој го има „законското право“ како Месијански Цар на Земјата (Лука 21:24; Даниил 4:22; Језекиил 21:26, 27, НС). Особено од 1919 година наваму, овие Истражувачи на Библијата, денес познати како Јеховини сведоци, се ангажирале во енергично ширење на добрата вест за претстојното Царство ширум Земјата. Токму во 1919 година, неколку илјади од нив се оѕваа на повикот за акција што беше издаден на конгресот во Седар Поинт (Охајо, САД). Тие растеа бројно сѐ до 1935 година, кога 56.153 лица известија служба на подрачјето. Таа година, 52.465 зедоа од симболите на лебот и виното на годишниот Спомен на Исусовата смрт, симболизирајќи ја на тој начин својата надеж да станат свештеници со Христос Исус во небесниот дел од Јеховиниот голем духовен храм. И тие треба да служат со него како придружни цареви во неговото Месијанско Царство (Лука 22:29, 30; Римјаните 8:15—17).
16 Меѓутоа, Откровение 7:4—8 и 14:1—4 покажува дека вкупниот број на овие помазани христијани е ограничен на 144.000, од кои мнозина биле собрани во текот на првиот век пред да настапи големиот отпад. Од крајот на XIX и понатаму во XX век, Јехова го довршува собирањето на оваа група која е исчистена со водата на неговата Реч, прогласена за праведна преку верата во Исусовата помирбена жртва и конечно запечатена како помазани христијани за да го сочинуваат вкупниот број од 144.000.
17. а) Какво собирање се случило од 1930-тите години наваму? б) Зошто овде е од интерес Јован 3:30? (Види и Лука 7:28.)
17 Што следи кога ќе биде избран целиот број на помазаници? Во 1935 година, на еден епохален конгрес во Вашингтон (Д. К., САД) беше објавено дека ‚големото мноштво‘ од Откровение 7:9—17 е група што треба да биде признаена „после“ 144-те илјади и чија судбина е вечен живот на рајска Земја. Откако јасно го идентификувал помазаниот Исус, Јован Крстител, чие воскресение ќе биде на Земјата како еден од ‚другите овци‘, за Месијата рекол: „Он треба да расте, а јас да се смалувам!“ (Јован 1:29; 3:30; 10:16; Матеј 11:11). Делото на Јован Крстител за подготвување ученици за Месијата завршувало кога Исус потоа го презел избирањето на еден сѐ поголем број лица кои требало да бидат меѓу 144-те илјади. Во 1930-тите години се случило обратното. Меѓу 144-те илјади бил ‚повикан и избран‘ еден опаѓачки број, додека бројот на ‚големото мноштво‘ „други овци“ почнал во голема мера да расте. Ова големо мноштво и понатаму се множи додека злобниот светски систем се ближи кон својот крај во Армагедон (Откровение 17:14б).
18. а) Зошто можеме со доверба да очекуваме дека ‚милиони кои сега живеат никогаш нема да умрат‘? б) Зошто треба ревносно да внимаваме на Агеј 2:4?
18 Во почетокот на 1920-тите, едно истакнато јавно предавање изнесено од Јеховините сведоци, имаше наслов „Милиони кои сега живеат нема никогаш да умрат“. Ова можеби одразуваше претеран оптимизам во тоа време. Но, денес оваа изјава може да се даде со полна доверба. И сѐ поголемата светлина врз библиското пророштво и анархијата на овој свет што е на умирање, силно укажуваат дека крајот на Сатановиот систем е многу, многу близу! Извештајот од Споменот за 1996 година покажува дека присуствувале 12.921.933 лица, од кои само 8.757 (0,068 отсто) ја покажале својата небесна надеж со тоа што зеле од симболите. Обновата на вистинското обожавање се ближи кон својот завршеток. Но, нека никогаш не ни омлитават рацете во тоа дело. Да, Агеј 2:4 наведува: „ ,Охрабрете се сите народи овде — вели Господ — и работете, зашто Јас сум со вас‘, вели Господ Саваот“. Да бидеме одлучни никакви тенденции на материјализмот или, пак, световност никогаш да не ни ја задушат ревноста за Јеховиното дело! (1. Јованово 2:15—17).
19. Како можеме да имаме удел во исполнувањето на Агеј 2:6, 7?
19 Радост е што ја имаме предноста да учествуваме во современото исполнување на Агеј 2:6, 7: „,Вака вели Господ Саваот — уште еднаш — и ете, скоро ќе се случи тоа — ќе ги затресам небото и земјата, морето и сувото; ќе ги стресам сите народи — и ќе дојде Оној, Кого Го бараат сите народи [мораат да влезат пожелните работи од сите нации, НС] и ќе се исполни овој Дом со слава‘, вели Господ Саваот“. Низ овој свет на XX-ов век беснеат алчност, корупција и омраза. Тој навистина е во своите последни денови, а Јехова веќе започнал да го ‚тресе‘ со тоа што дал неговите Сведоци да ‚го проповедаат неговиот ден на одмазда‘ (Исаија 61:2). Ова подготвително тресење ќе доживее кулминација со уништувањето на светот во Армагедон, но пред тоа време, Јехова ги извлекува за својата служба „пожелните работи од сите нации“ — кротките луѓе на Земјата слични на овци (Јован 6:44). Ова „големо мноштво“ сега ‚принесува света служба‘ (НС) во земниот двор на неговиот дом за обожавање (Откровение 7:9, 15).
20. Каде се наоѓа најскапоценото богатство?
20 Службата во Јеховиниот духовен храм донесува добивка што е поскапоцена од какво и да е материјално богатство (Изреки 2:1—6; 3:13, 14; Матеј 6:19—21). Освен тоа, Агеј 2:9 наведува: „ ,Славата на овој последен храм ќе биде поголема отколку на поранешниот — вели Господ Саваот; и на ова место ќе му дадам мир‘, — вели Господ Саваот“. Што значат овие зборови за нас денес? Тоа ќе ни го каже нашата следна статија.
[Фуснота]
a Изразот „Јах Јехова“ е употребен заради посебен нагласок. Види Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), том 1, страница 1248.
Прашања за повторување
◻ Кој пример на пророците треба да го следиме во поглед на Јеховиното име?
◻ Какво охрабрување добиваме од Јеховината моќна порака до обновениот Израел?
◻ Каков славен духовен храм функционира денес?
◻ Какви собирања се случиле по редослед во текот на XIX и XX век, и со каков величествен изглед?
[Слики на страница 7]
Небесните војски на Јехова ги упатуваат и ги поддржуваат неговите Сведоци на Земјата