Гласниците на божествен мир се собираат
„БЕВМЕ изградени од секој обласен конгрес на кој присуствувавме“ — вели еден христијански старешина од Соединетите Држави. „Меѓутоа, годинава беше неописливо. Секој конгресен ден си одевме прашувајќи се како следниот ден ќе ги надмине нашите очекувања, и не бевме разочарани!“
Ако си присуствувал на некој од Обласните конгреси „Гласници на божествен мир“, несомнено ќе се согласиш со овој одушевен делегат. Секој ден од конгресот се сосредоточуваше на некој поинаков аспект од налогот што Јеховините сведоци го извршуваат како Божји гласници. Да ја повториме тридневната програма.
‚Колку е прекрасен . . . оној кој навестува мир‘
Тоа беше темата на првиот конгресен ден. Се темелеше на Исаија 52:7. Во овие тешки времиња, мнозина му служат на Јехова под предизвикувачки околности. Предавањето „Да ги слушнеме ревните објавители на мирот“ вклучи интервјуа со некои од овие верни лица. Навистина беше охрабрувачки да се чујат нивните лични искажувања, а конгресните делегати на тој начин беа уверени дека Јехова може да ги зајакне и нив, па дури и да им ја обезбеди „силата, која е над она што е нормално“ за да им помогне да истраат (2. Коринтјаните 4:7, НС).
Јеховините барања не се тешки (1. Јованово 5:3). Ова беше објаснето во последното предавање од претпладневната програма, која достигна кулминација со објавувањето на брошурата од 32 страници, со наслов Што бара Бог од нас? Ова прекрасно илустрирано ново помошно средство за проучување несомнено ќе одигра значајна улога во помагањето на мнозина други да ги научат Божјите намери. Коментари во врска со користењето на оваа нова публикација се наоѓаат во последната студиска статија од списаниево и на страници 16 и 17.
Предавањето „Да истраеме во делото што е добро“ нагласи дека Јехова е сосема свесен за нашите искушенија. Да истраеме значи да не отстапиме и да не изгубиме надеж. Јехова ни ја дал својата Реч, својот дух и својата организација за да ни помага. Потребна е истрајност за да проповедаме, а проповедањето, пак, ни помага да истраеме, бидејќи тоа ја одржува нашата вера во живот. Со оглед на тоа дека линијата на целта е толку близу, не треба да дозволиме нашите проблеми да ни ја задушат ревноста, бидејќи само оние кои ќе истрајат до крајот, ќе бидат спасени (Матеј 24:13).
Клучното предавање „Нашата улога како гласници на божествен мир“ сврте внимание на ослободувањето на еврејските изгнаници од Вавилон и обновувањето на чистото обожавање во Ерусалим во 537 година пр. н. е. Овој настан, објасни говорникот, бил само навестување за она што Божјето Царство наскоро ќе го изврши во светски обем (Псалм 71:7; Исаија 9:7). Нашата сегашна задача е да ја проповедаме добрата вест за ова Царство и да живееме во склад со таа порака. Љубовта кон Бог и кон ближниот треба да нѐ поттикне да продолжиме во ова дело без престан (Дела 5:42).
Врвна точка на програмата во петокот беше циклусот предавања „Внимавај на скриените замки на забавата“. Денешната музика, кино-филмовите, видеолентите, телевизиските програми, видеоигрите, книгите, списанијата и стриповите честопати одразуваат демонско размислување. Затоа, треба да ‚се гадиме од она што е зло‘ и ‚цврсто да се држиме за она што е добро‘ (Римјаните 12:9, НС). Да, расипаната забава мораме да ја сметаме за одвратна и да отстапуваме од неа, додека размислуваме за работите кои се чесни, доблесни и достојни за пофалба (Филипјаните 4:8). Публикациите и средствата за истражување обезбедени од страна на Јеховината организација, ги поттикнуваат нашите умови со изградувачки мисли и нѐ обучуваат да разликуваме исправно од погрешно (Евреите 5:14). Треба цврсто да се држиме за овие подготовки како што би се држеле за еден сплав на разбранувано море.
Потоа следеше предавањето „Спротивстави му се на Ѓаволот — не поднесувај никакво соперништво“. Кратко пред да влезат во Ветената земја, илјадници Израелци биле фатени во замката на неморалот. Финес не поднесувал никакво соперништво спрема вистинското обожавање. Презел одлучна акција против престапниците, и неговата исклучителна оддаденост му била угодна на Јехова (4. Мојсеева 25:1—13). Сатановата цел е да го направи секого од нас неприкладен за влегување во Божјиот нов свет. Затоа, како Финес, мораме да им се спротивставиме на Ѓаволовите напори да нѐ извалка. Сеедно дали сме во брак или самци, мораме да ‚бегаме од блудството‘ (1. Коринтјаните 6:18).
„Лојално да се поддржува интегритетот на Божјата Реч“ беше завршното предавање на првиот ден од конгресот. Мнозина преведувачи менуваат или испуштаат делови од Писмото. На пример, за да ги смират поборниците на правата на жените, преведувачите на The New Testament and Psalms: An Inclusive Version (Новиот завет и Псалмите: инклузивна верзија) се осврнуваат на Бог не како на Татко, туку како на Татко-Мајка, а на Исус — како на „Човечкиот“, а не како на „Син човечки“. За разлика од тоа, New World Translation (Нов свет преводот) толку верно се придржува за текстот на оригиналниот јазик што послужил да се разјасни нашето размислување во врска со бројни библиски работи. На пример, говорникот рече: „Токму точните преводи на Нов свет преводот беа тие кои дадоа основа за нашето реорганизирање на собранијата со наименување на старешинства, во тесна согласност со примерот што бил даден во христијанското собрание од првиот век“. Ние ја покажуваме нашата лојалност спрема Божјата Реч со тоа што секојдневно ја читаме и го применуваме нејзиниот совет. Говорникот исто така рече: „Ние покажуваме дека сме лојални застапници на Божјата Реч со тоа што ревносно им ја проповедаме на другите и со тоа што внимателно ја користиме додека ги поучуваме другите, никогаш не обидувајќи се да ја прилагодуваме на своите идеи со извртување или проширување на она што таа го вели“.
‚Мирот Божји надминува секоја мисла‘
Оваа тема, темелена на Филипјаните 4:7 (НС), му даде тон на вториот ден од конгресот. Голем дел од изнесените информации зборуваа за исправното гледиште за својата служба, семејството, преданието и други аспекти од секојдневниот живот.
После една дискусија за дневниот стих, беше изнесен циклус предавања со наслов „Гласници кои носат добра вест на мир“. Нашата порака е порака на мир, и таа треба да биде пренесена на еден мирољубив начин (Ефесјаните 6:15). Наша цел е да ги добиеме срцата, а не аргументите. Обуката и публикациите што ги добиваме од Јеховината организација ни помагаат да го сториме токму тоа. Не треба да дозволиме рамнодушноста или апатијата да нѐ обесхрабрат. Напротив, треба и понатаму ‚да даваме сѐ од себе‘ и да имаме здрава рутина на лична студија, присуствување на состаноците и учествување во делото на проповедање (2. Тимотеј 2:15, НС). Не треба да се превиди правењето добро на другите, особено на оние кои се поврзани со нас во верата (Галатјаните 6:10). Се разбира, да даваме сѐ од себе не значи да работиме до исцрпување. Она што секој еден е во можност да го стори според својата способност и околностите, е прифатливо за Јехова.
Божјиот народ го дава своето време, енергија и средства за да ги унапредува интересите на Царството. Предавањето „Радосно давање во Јеховината организација“ го изнесе фактот дека поради тоа што сѐ повеќе лица слични на овци се оѕвиваат на пораката за Царството, постои потреба од додатна опрема, места за состанување и објекти на подружници. Нашите прилози ѝ овозможуваат на организацијата да има на располагање сѐ што е потребно за извршување на проповедничкото дело ширум светот. Великодушното давање исто така му оддава чест на Јехова и му донесува радост на дарителот. Затоа, како христијани, не смееме да го запоставиме овој важен аспект на нашето обожавање (2. Коринтјаните 8:1—7).
Претпладневната програма заврши со предавањето за крштавање — кое секогаш претставува врвна точка на големите собири на Јеховините сведоци. Каква само радост беше да се видат новопредадените како ги следат Исусовите стапки со подложување на крштавање во вода! (Матеј 3:13—17). Сите кои го преземаа овој чекор, поучени се за изворот на најголемата мудрост — Библијата. Освен тоа, тие нашле вистинска смисла во животот и се благословени со мир што доаѓа од сознанието дека го прават она што е исправно (Проповедник 12:13).
Јасен совет беше даден во предавањето „Нека те чува способноста за разликување“. Способноста за просудување е многу важна во врска со деловните постапки. Во Салата на Царството не треба да бркаме лични деловни активности ниту, пак, да ги искористуваме сохристијаните заради финансиска добивка. (Спореди Јован 2:15, 16.) Способност за просудување е потребна и кога се инвестира во некој бизнис или кога се земаат или даваат пари на заем. „Пропаѓањето на деловните потфати помеѓу христијаните довело до разочарување, па дури и до губење на духовноста кај оние кои пребрзо влегле во ризични сплетки за печалење пари“ — забележа говорникот. Иако не е погрешно христијаните да водат бизнис еден со друг, сигурно е мудро да се биде претпазлив. А кога меѓу две странки е направена деловна согласност, условите треба секогаш да бидат изложени писмено.
Божјето мерило за мажите и жените беше дискутирано во предавањето „Машко и женско ги создаде“. Низ вековите, улогите на половите биле искривувани. „Мнозина погрешно ја изедначуваат машкоста со грубо доминирање, мангупство или мачо-стил“ — рече предавачот. „Во извесни култури би било ретко, па дури и срамота, еден маж да плаче во јавноста или дури и насамо. Сепак, Јован 11:35 раскажува дека, додека бил во мноштвото покрај Лазаровиот гроб, ‚Исус просолзил‘.“ А како е со жените? Женственоста често е изедначувана со физичката привлечност. Но, предавачот праша: „Ако една жена е убава но ѝ недостига разумност и е кавгаџика, саркастична или арогантна, може ли таа навистина да биде убава, вистински женствена, во правата смисла на зборот?“ (Спореди Изреки 11:22; 31:26.) Во својот говор, однесување и дотерување, христијанските мажи и жени се стремат да ги следат библиските мерила. Предавачот рече: „Мажот што ги покажува плодовите на духот лесно може да биде почитуван, а жената што го прави тоа, лесно може да биде сакана“ (Галатјаните 5:22, 23).
Потоа дојде циклусот предавања „Богот на мирот се грижи за тебе“. Многу христијани имаат финансиски грижи. Меѓутоа, Јехова ветува: „Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам“ (Евреите 13:5). И покрај економските тешкотии, некои покажале доверба во ова ветување со тоа што стапиле во помошна или општа пионерска служба. Други, кои не можат сега да пионерат, ги ставаат интересите на Царството на прво место со тоа што ја користат секоја прилика да сведочат (Матеј 6:33). Сите такви напори се за пофалба! Јеховината организација обезбедила бројни публикации за да нѐ поддржи во нашата служба и да ни помогне да излеземе на крај со нашите проблеми. Ако покажуваме ценење за Јеховините духовни подготовки, тој ќе нѐ благослови со мир во овие економски бурни времиња! (Псалм 28:11).
На крајот од последното предавање тој ден, „Тежнеј кон божествен мир во семејниот живот“, конгресните делегати беа одушевени што ја добија новата книга Тајната на семејната среќа. „Трудољубиво проучете ја оваа книга лично и како семејни групи“ — поттикна предавачот. „Горливо настојувајте да го примените нејзиниот совет што се темели на Библијата, и сигурно ќе го зголемите мирот и среќата во вашето семејство.“
„Да го запазите единството . . . преку врските на мирот“
На темел на Ефесјаните 4:3, ова беше соодветна тема за последниот ден од конгресот. Привлечени од сите нации на светот, Јеховините сведоци се поучувани од Бог. Затоа, тие го сакаат мирот. Го следат Исусовиот пример и настојуваат ‚да го запазат единството на Духот преку врските на мирот‘.
Мирот што ја проникнува Божјата организација беше истакнат во циклусот предавања „Да се идентификува исправниот вид гласници“. Во древниот Израел постоеле лажни пророци. Меѓутоа, Божјите вистински гласници — како пророците Исаија, Језекиил и Јеремија — точно го претскажале падот на Ерусалим, периодот на изгнанство и конечното ослободување на Божјиот народ. Слична ситуација постои и денес. Лажните гласници изобилуваат на подрачјата на политиката и лажната религија. Па сепак, Јехова ги подигнал своите Сведоци за да ја објавуваат неговата намера во врска со овој систем на ствари. Особено од 1919 година, Јеховините слуги биле употребувани да ја објавуваат Божјата порака. Колку само се поинакви тие од лажните гласници на христијанскиот свет! Марливо да ја одиграме својата улога во ова дело сѐ додека Јехова не рече дека е извршено.
Предавањето „Слушај ја и биди ѝ послушен на Божјата Реч“ нагласи дека Писмото е најголемиот извор на водство, утеха и надеж (Исаија 30:20, 21; Римјаните 15:4). Денешниот свет е сѐ повеќе попустлив. Затоа, повеќе од кога и да е порано, треба да го слушаме советот што доаѓа од Божјата Реч и организација. Јехова ги знае нашите слабости, и во својата Реч тој јасно го истакнал правецот кој ќе ни биде од корист. Сознанието дека Јехова нѐ поддржува, ни дава доверба да одиме напред со сѐ што тој бара од нас.
Ова ѝ даде тон на костимираната драма што следеше. Таа беше насловена „Зошто да се почитуваат теократските подготовки?“ Користејќи го како подлога библискиот извештај за Гедеон, оваа изведба влеа една силна поука — мораме да ги следиме Божјите упатства и да не ги заменуваме со нашето сопствено размислување или, пак, да се обидуваме да го избегнеме теократскиот совет.
Јавното предавање беше на тема „Конечно вистински мир! — Од кој извор?“ Мирот што Бог го ветува, вклучува повеќе отколку сѐ што може да замисли овој свет. „Вистинскиот мир значи мир секој ден“ — рече говорникот. „Божјиот мир значи свет без болест, болка, тага и смрт.“ Библијата ни кажува дека Јехова „ги прекратува војните до крајот на земјата“ (Псалм 45:9). На кој начин тој ќе го стори тоа? Со тоа што ќе го отстрани подбуцнувачот на војната, Сатана Ѓаволот (Откровение 20:1—3). Тоа ќе им го отвори патот на ‚кротките да ја наследат земјата и да се насладуваат во изобилен мир‘ (Псалм 36:11).
После едно сиже на студиската статија на Стражарска кула за таа седмица, беше изнесено последното предавање на конгресот. Насловен „Да одиме напред како гласници на божествен мир“, овој возбудлив говор нагласи дека нашето проповедничко дело е и единствено и итно. Сега не е време да се опуштаме, да безделничиме или да се свртуваме кон погрешни идеи. Опремени сме со она што ни е потребно — Божјата порака, неговиот свет дух и бројни подготовки што доаѓаат од неговата теократска организација полна со љубов. Затоа, како Јеховини слуги да продолжиме да одиме напред како гласници на божествениот мир!
[Рамка/слики на страница 9]
Подготовка полна со љубов наменета за семејствата
Оние кои присуствуваа на вториот ден од Обласниот конгрес „Гласници на божествен мир“, беа одушевени што ја добија новата публикација со наслов Тајната на семејната среќа. Оваа книга содржи библиски информации што ќе им користат на сите семејства кои го сакаат Бог.
Еден старешина од Конектикат (САД), коментира: „На 15 јуни ја добивме нашата книга Семејна среќа. До 16 јуни, бев до половина со читањето. На 17 јуни, ја имавме нашата прва семејна студија со неа, и колку само бевме охрабрени! Истиот ден, го довршив читањето на книгата. Оваа извонредна публикација несомнено ќе се покаже скапоцена за сите оние кои ќе ја искористат. Отвореноста и современите информации на книгата нудат натамошен доказ дека ‚верниот и разумен роб‘ „дава храна во право време“ и дека е многу свесен за нашите потреби во овие искушувачки времиња“ (Матеј 24:45—47, НС).
[Слика на страница 7]
И старите и младите сакаат да знаат што бара Бог