Твојот живот — која е неговата цел?
„Срцето мое се води по мудроста . . . сѐ додека да видам, што е подобро за синовите човечки . . . во текот на малкуте денови на својот живот“ (ПРОПОВЕДНИК 2:3).
1, 2. Зошто не е неисправно да се има разумен интерес за себеси?
ТИ СИ заинтересиран за себе, зарем не? Тоа е нормално. Затоа, јадеме секој ден, спиеме кога сме уморни и сакаме да бидеме со пријателите и саканите. Повремено, играме игри, пливаме или правиме други работи во кои уживаме, со што одразуваме урамнотежен интерес за себеси.
2 Таквиот интерес за себеси е во склад со она што Бог го поттикнал Соломон да го напише: „Не е ли добро за човекот да јаде, да пие и да ја насладува душата своја од својот труд?“ На темел на искуството, Соломон додал: „Но јас видов, оти и тоа е од Божјата рака; зашто, кој може да јаде, и кој може да се насладува без Бога [кој јаде и пие подобро од мене, НС]?“ (Проповедник 2:24, 25).
3. Кои загадочни прашања повеќето луѓе не можат да ги одговорат?
3 Сепак, ти знаеш дека животот е повеќе од јадење, пиење, спиење и правење некакво добро. Имаме болки, разочарувања и грижи. И се чини дека сме презафатени за да размислуваме за смислата на нашиот живот. Зарем тоа не е случај и со тебе? Откако го забележал нашето зголемено спознание и вештини, Вермонт Ројстер, поранешен уредник на The Wall Street Journal, напишал: „Тука постои една несекојдневна работа. Размислувајќи за самиот човек, за неговите дилеми и за неговото место во овој универзум, мошне малку сме напреднале во однос на почетокот на времето. Сѐ уште се соочуваме со прашањата: кои сме, зошто постоиме и каде одиме“.
4. Зошто треба секој од нас да сака да одговори на прашањата во кои сме вклучени сите ние?
4 Како би одговорил ти на прашањата: Кои сме? Зошто сме тука? И каде одиме? Минатиот јули, г-н Ројстер почина. Дали си претпоставуваш дека дотогаш нашол задоволувачки одговори? Поточно речено: Дали постои начин на кој ти можеш да го сториш тоа? И како може ова да ти помогне да се радуваш на посреќен, посмисловен живот? Да видиме.
Главен извор на увид
5. Зошто треба да гледаме на Бог кога бараме увид во прашањата околу смислата на животот?
5 Кога самите би ја барале смислата на нашиот живот, можеби би имале мал или никаков успех, како што било случај со повеќето мажи и жени, па дури и со оние со огромна наобразба и искуство. Но, не сме препуштени самите на себе. Нашиот Творец обезбедил помош. Кога ќе размислиш за тоа, зарем тој не е крајниот Извор на увид и мудрост, кој постои „отсекогаш и засекогаш“ и има потполно спознание за вселената и историјата? (Псалм 89:1, 2). Тој ги создал луѓето и го посматрал целото човечко искуство, па затоа тој е Оној од кого треба да бараме увид, а не од несовршените луѓе со нивното ограничено спознание и сфаќања (Псалм 13:1—3; Римјаните 3:10—12).
6. а) На кој начин Творецот го обезбедил потребниот увид? б) На кој начин е вклучен Соломон?
6 Иако не можеме да очекуваме Творецот да ни шепне в уво некакво откровение за смислата на животот, тој обезбедил еден извор на увид — својата инспирирана Реч (Псалм 31:8; 111:10, НС). Книгата Проповедник е особено вредна во овој поглед. Бог го инспирирал нејзиниот писател, така што ‚Соломоновата мудрост била поголема од мудроста на сите синови на Исток‘ (3. Царства 3:6—12; 4:30—34). „Мудроста на Соломона“ толку импресионирала една царица која дошла во посета, што рекла дека ни половина не било кажано и дека оние кои ја слушале неговата мудрост навистина биле среќниa (3. Царства 10:4—8). И ние можеме да стекнеме увид и среќа од божествената мудрост што нашиот Творец ја обезбедил преку Соломон.
7. а) Што заклучил Соломон во врска со повеќето активности под небесата? б) Преку што се илустрирани Соломоновите реалистични проценки?
7 Проповедник одразува мудрост дадена од Бог, која влијаела врз Соломоновото срце и мозок. Со оглед на тоа дека имал време, средства и увид за да го прави тоа, Соломон испитал ‚сѐ, што станувало под небото‘. Видел дека повеќето од тоа било „суета и мака за духот“, што претставува инспирирана проценка која треба да ја имаме на ум кога размислуваме за нашата цел во животот (Проповедник 1:13, 14, 16). Соломон бил отворен, реалистичен. На пример, размисли за неговите зборови што се наоѓаат во Проповедник 1:15, 18. Ти знаеш дека низ вековите луѓето испробале разни видови влади, понекогаш искрено обидувајќи се да ги решат проблемите и да го подобрат квалитетот на животот на луѓето. Сепак, дали некои навистина ги исправиле сите „криви“ работи на овој несовршен систем? А ти можеби си видел дека колку поголемо е нечие знаење толку подлабоко тој сфаќа дека во еден краток животен век е невозможно потполно да се исправат работите. Таквата свесност им донесува фрустрација на мнозина, но тоа не мора да важи и за нас.
8. Кои циклуси одамна постоеле?
8 Друга точка што треба да се разгледа се повторливите циклуси што влијаат врз нас, како што е изгревањето и заоѓањето на Сонцето или движењата на ветрот и водата. Тие постоеле и во времето на Мојсеј, Соломон, Наполеон и нашите прадедовци. И сѐ уште постојат. На сличен начин, „род еден си заминува, и род друг доаѓа“ (Проповедник 1:4—7). Од човечка гледна точка, малку нешто се изменило. Древните и современите луѓе имале споредливи активности, надежи, амбиции и постигања. Дури и ако некој човек како поединец си стекнал име или се истакнувал по убавина или способност, каде е сега тоа лице? Си заминало и веројатно е заборавено. Тоа не е нешто морбидно. Повеќето луѓе не можат дури ни да ги именуваат своите прадедовци или да кажат каде се родени и закопани. Сега можеш да сфатиш зошто Соломон реалистично видел суета во човечките потфати и напори (Проповедник 1:9—11).
9. Како може да ни помогне стекнувањето реалистичен увид во ситуацијата на човештвото?
9 Наместо да нѐ фрустрира, овој божествен увид во општата ситуација на човештвото може да има позитивен ефект, поттикнувајќи нѐ да избегнуваме да им придаваме непотребни вредности на целите или тежнеењата кои наскоро ќе поминат и ќе се заборават. Овој увид треба да ни помогне да процениме што добиваме од животот и што се обидуваме да постигнеме. За илустрација, наместо да бидеме аскети, можеме да најдеме радост во урамнотеженото јадење и пиење (Проповедник 2:24). И, како што ќе видиме, Соломон донесува еден многу позитивен и оптимистички заклучок. Накусо, тоа е дека треба длабоко да го цениме својот однос со нашиот Творец, кој може да ни помогне да имаме вечна среќна, смисловна иднина. Соломон нагласил: „А суштината на сѐ е: бој се од Бога и пази ги неговите заповеди, зашто сето тоа е [целата обврска, НС] за човекот“ (Проповедник 12:13).
Целта со оглед на животните циклуси
10. На кој начин Соломон ги споредил животните и луѓето?
10 Божествената мудрост одразена во Проповедник може понатаму да ни помогне во разгледувањето на нашата цел во животот. Како тоа? Така што Соломон реалистично се сосредоточил на други вистини за кои можеби ретко размислуваме. Една од нив ги вклучува сличностите помеѓу луѓето и животните. Исус ги споредил своите следбеници со овци, но сепак на луѓето, општо земено, не им е драго да бидат споредувани со животни (Јован 10:11—16). Сепак, Соломон изнел некои неоспорни факти: „Бог ќе ги испита [синовите на човештвото], и ќе им покаже оти тие сами по себе се животни, зашто сѐ што се случува со синовите човечки, се случува и со животните; крајот им е ист: како умираат едните, така умираат и другите . . . човекот нема предимство пред добитокот, зашто — сѐ е суета . . . сѐ произлегува од земја, и сѐ ќе се врати во земјата“ (Проповедник 3:18—20).
11. а) Како може да се опише типичниот циклус на едно животно? б) Што мислиш ти за една таква анализа?
11 Помисли на некое животно кое уживаш да го гледаш, можеби некој пештерник или зајак (5. Мојсеева 14:7; Псалм 104:18; Изреки 30:26, сите НС). Или, можеш да си замислиш некоја верверица; ширум светот постојат преку 300 видови. Колкав ѝ е животниот циклус? Откако ќе се роди, мајка ѝ ја одгледува неколку седмици. Наскоро, таа има крзно и може да се осмели да излезе надвор. Можеш да ја видиш како скока наоколу, учејќи се да си наоѓа храна. Но, честопати се чини дека само си игра, уживајќи во својата младешка свежина. Откако ќе расте околу една година, си наоѓа партнер. Тогаш мора да изгради гнездо или дувло и да се грижи за потомството. Ако најде доволно зрнести плодови, лешници и семки, семејството на верверицата може да стане полничко и има време да го зголеми својот дом. Но, за само неколку години, животното остарува и станува посклоно на несреќи и на болест. На возраст од десетина години, таа умира. Постојат мали разлики меѓу видовите верверици, но главно, толкав е нејзиниот животен циклус.
12. а) Реалистично гледано, зошто животниот циклус на многу луѓе е како оној на просечното животно? б) За што би можеле да размислуваме следниот пат кога ќе го видиме животното што го имавме на ум?
12 Повеќето луѓе не би приговориле на тој циклус за едно животно, и тешко дека би очекувале една верверица да има некаква промислена цел во животот. Меѓутоа, животот на многу луѓе не се разликува многу од нејзиниот, зарем не? Тие се раѓаат и се згрижени како бебиња. Јадат, растат и си играат како младинци. Наскоро, тие се возрасни, наоѓаат партнер и бараат место за живеење и средства за да обезбедат храна. Ако успеат, може да станат полнички и да го зголемат својот дом (гнездо), во кој ќе одгледуваат потомство. Но, децениите брзо поминуваат и тие стареат. Ако не порано, може да умрат после 70 или 80 години, исполнети со ‚неволја и штетни работи‘ (Псалм 90:9, 10, 12, НС). Би можел да размислуваш за овие отрезнувачки факти следниот пат кога ќе видиш некоја верверица (или друго животно што си го имал на ум).
13. Кој исход се покажува вистинит и за животните и за луѓето?
13 Можеш да сфатиш зошто Соломон го споредил животот на луѓето со животот на животните. Тој напишал: „Сѐ има свое време . . . време кога ќе се родиш, и време кога ќе умреш“. Последнава можност, смртта, е слична и за човекот и за животното — „како умираат едните, така умираат и другите“. Тој додал: „Сѐ произлегува од земја, и сѐ ќе се врати во земјата“ (Проповедник 3:1, 2, 19, 20).
14. На кој начин некои луѓе се обидуваат да го изменат вообичаениот животен циклус, но со каков резултат?
14 Оваа реалистична проценка не треба да ја сметаме за негативно размислување. Вистина, некои се обидуваат да ја променат ситуацијата, на пример со тоа што работат додатно за да ја подобрат својата материјална ситуација во однос на она што го имале нивните родители. Можеби тежнеат по повеќе години образование за да си обезбедат повисок стандард на живеење, додека се обидуваат да го прошират своето разбирање на животот. Или, пак, можеби се сосредоточуваат на вежбање или на режими во исхраната за да стекнат подобро здравје и незначително подолг живот. И овие напори можеби донесуваат извесни користи. Но, кој може да биде сигурен дека таквите напори ќе се покажат успешни? Дури и ако се покажат, колку долго ќе траат?
15. Која отворена проценка важи за животот на повеќето луѓе?
15 Соломон прашал: „Има многу такви работи, што ја зголемуваат суетата: тогаш што е за човекот подобро? Зашто, кој знае што е добро за човекот во животот, во текот на сите дни на неговиот суетен живот, што тој ги поминува како сенка? И кој ќе му каже на човекот, што ќе стане по него?“ (Проповедник 6:11, 12). Со оглед на тоа дека смртта прилично брзо ги окончува напорите на едно лице, дали навистина има многу корист од борбата да се стекнат повеќе материјални работи или од тежнеењето по долги години школување првенствено за да се стекне поголем имот? А бидејќи животот е толку краток и минува како сенка, мнозина сфаќаат дека нема време да ги пренасочат напорите кон некоја друга човечка цел кога ќе сфатат дека промашиле; ниту, пак, еден човек може да биде сигурен што ќе се случи со неговите деца „по него“.
Време е да се стекне добро име
16. а) Што треба да правиме ние коешто животните не можат да го прават? б) Која друга вистина треба да влијае врз нашето размислување?
16 За разлика од животните, ние луѓето ја имаме способноста да размислуваме: ‚Која е смислата на моето постоење? Дали е тоа само утврден циклус, време кога треба да се родам и да умрам?‘ Во тој поглед, сети се на вистината во Соломоновите зборови во врска со човекот и животното: „Сѐ ќе се врати во земјата“. Дали тоа значи дека смртта апсолутно го окончува нечие постоење? Па, Библијата покажува дека луѓето не поседуваат бесмртна душа која го преживува телото. Луѓето се души, а душата која греши — умира (Језекиил 18:4, 20). Соломон образложил: „Живите знаат дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат, и веќе за нив нема награда, зашто и споменот за нив е предаден на заборавот. Сѐ, што може да врши раката твоја, според силите свои, врши; зашто во гробот, каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост“ (Проповедник 9:5, 10).
17. На какво размислување треба да нѐ поттикне стихот од Проповедник 7:1, 2?
17 Со оглед на тој неизбежен факт, размисли за следнава изјава: „Подобро е име отколку добро масло, и денот на смртта отколку денот кога некој се раѓа. Подобро е да одиш во куќата на тажењето, отколку да одиш во куќата на гозбата, бидејќи тоа е крајот на сето човештво; и живиот треба да [го] земе [тоа] при срце“ (Проповедник 7:1, 2, НС). Мораме да се сложиме дека смртта е „крајот на сето човештво“. Ниеден човек не бил во состојба да испие каков и да било еликсир, да изеде некаква мешавина од витамини, да следи некаква исхрана или да се бави со какво и да било вежбање кое довело до вечен живот. И обично, „споменот за нив е предаден на заборавот“ недолго после нивната смрт. Тогаш, зошто едно име е „подобро отколку добро масло, и денот на смртта отколку денот кога некој се раѓа“?
18. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Соломон верувал во воскресение?
18 Како што беше забележано, Соломон бил реалистичен. Тој знаел за своите претци Авраам, Исак и Јаков, кои сигурно си стекнале добро име кај нашиот Творец. Поради тоа што добро го познавал Авраам, Јехова Бог ветил дека ќе го благослови него и неговото семе (1. Мојсеева 18:18, 19; 22:17). Да, Авраам имал добро име кај Бог и станал негов пријател (2. Летописи 20:7; Исаија 41:8; Јаков 2:23). Авраам знаел дека неговиот живот и животот на неговиот син не биле едноставно дел од некаков бескраен циклус на раѓање и смрт. Сигурно постоело нешто повеќе од тоа. Тие го имале загарантираниот изглед да живеат повторно, не затоа што поседувале бесмртна душа, туку затоа што би воскреснале. Авраам бил уверен дека ‚Бог може да го воскресне мртвиот [Исак]‘ (Евреите 11:17—19).
19. Каков увид можеме да стекнеме од Јов во врска со значењето на Проповедник 7:1?
19 Тоа е клучот да се разбере на кој начин ‚името е подобро отколку добро масло, и денот на смртта отколку денот кога некој се раѓа‘. Како Јов пред него, така и Соломон бил уверен дека Оној кој го создал човечкиот живот може и да го обнови. Тој може да ги врати во живот луѓето кои умреле (Јов 14:7—14). Верниот Јов рекол: „Ти [Јехова] би викнал, и јас би Ти дал одговор, и Ти би покажал благоволение [ќе копнееш, НС] кон созданието на Твоите раце“ (Јов 14:15). Размисли само за тоа! Нашиот Творец ‚копнее‘ по своите лојални слуги кои умреле („Ти би сакал да го видиш уште еднаш делото на своите раце“, The Jerusalem Bible). Применувајќи ја откупната жртва на Исуса Христа, Творецот може да воскреснува луѓе (Јован 3:16; Дела 24:15). Очигледно, луѓето може да се разликуваат од обичните животни кои умираат.
20. а) Кога денот на смртта е подобар од денот на раѓањето? б) На кој начин Лазаровото воскресение повлијаело на мнозина?
20 Ова значи дека денот на смртта може да биде подобар отколку денот кога некој се раѓа, доколку лицето дотогаш си изградило добро име кај Јехова, кој може да ги воскресне верните лица кои умираат. Поголемиот Соломон, Исус Христос, го докажал тоа. На пример, тој го вратил во живот верниот човек Лазар (Лука 11:31; Јован 11:1—44). Како што можеш да си замислиш, мнозина од оние кои посведочиле за Лазаровото враќање во живот биле силно трогнати и поверувале во Божјиот Син (Јован 11:45). Мислиш ли дека тие се чувствувале бесцелно во животот, дека немале поим кои се и каде одат? Напротив, тие можеле да видат дека не треба да бидат обични животни кои се раѓаат, живеат некое време и потоа умираат. Нивната цел во животот била директно и тесно поврзана со познавањето на Исусовиот Татко и со вршењето на Неговата волја. А како е со тебе? Дали оваа дискусија ти помогна да увидиш, или да видиш појасно, на кој начин твојот живот може и треба да има вистинска цел?
21. Кој аспект во пронаоѓањето смисла во нашиот живот сакаме уште да го испитаме?
21 Сепак, да се има вистинска и смисловна цел во животот значи далеку повеќе отколку само да се размислува за смртта и за повторното живеење потоа. Тоа го вклучува она што секојдневно го правиме во својот живот. Соломон и тоа го разјаснил во Проповедник, како што ќе видиме во следнава статија.
[Фуснота]
a „Расказот за царицата од Саба ја истакнува Соломоновата мудрост, а приказната честопати е нарекувана легенда (3. Ц. 10:1—13). Но, контекстот покажува дека нејзината посета кај Соломон всушност била поврзана со трговија и како таква е разбирлива; не треба да се сомнева во нејзината историчност“ (The International Standard Bible Encyclopedia, 1988, том IV, страница 567).
Дали се сеќаваш?
◻ На кои начини животните и луѓето се споредливи?
◻ Зошто смртта нагласува дека голем дел од човековите напори и активност се суета?
◻ Како може денот на смртта да биде подобар од денот на раѓањето?
◻ Од кој однос зависи дали ќе имаме смисловна цел во животот?
[Слики на страница 10]
На кој начин твојот живот значително се разликува од животот на животните?