Објавителите на Царството известуваат
‚Вашата светлина да свети пред луѓето‘
ВО СВОЈАТА Проповед на Гората, Исус им рекол на своите ученици: „Вие сте светлината на светот“. Понатаму ги поттикнал: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесни“ (Матеј 5:14—16).
Во Италија, добрите дела на Јеховините сведоци не останале незабележани. На пример, нивното добро однесување кога присуствуваат на своите годишни конгреси му донесува фалба на Бог, како што потврдуваат и следниве извештаи:
▪ Една жена од Терни (Италија), со години ѝ помагала на ќерка си во водењето на една кафеана што била сместена близу стадионот во тој град. Таа раскажува: „Забележав огромна разлика помеѓу оние кои доаѓаа на фудбалските натпревари и делегатите на конгресите на Јеховините сведоци. Сведоците беа поскромни во своето облекување и беа чесни и учтиви. Честопати се прашував како можат луѓе од различни раси да се слагаат толку добро.
Еден ден, една жена Сведок ме запре на улица и праша дали го знам Божјето име. Јас не го знаев и бидејќи ми беше познато дека Јеховините сведоци се добри луѓе, се согласив таа да ме посети. Имав прашања во врска со состојбата на умрените, кои таа ми ги одговори на темел на Библијата. Без колебање, прифатив библиска студија и две седмици подоцна почнав да присуствувам на состаноците.
Ќерка ми отпрвин ми се противеше, но моето однесување и решеност го променија нејзиниот став. Почнав да проучувам пред девет месеци. Денес, ќерка ми и нејзиниот сопруг со ценење коментираат за Сведоците кои често навраќаат во нивната кафеана. Што се однесува до мене, се крстив на еден конгрес на овој стадион“.
▪ После еден конгрес во Розето дељи Абруци, управникот на еден камп рекол: „Забележав дека Јеховините сведоци се многу чесни во сѐ што прават. Минатава седмица имав 40-мина од нив во мојот камп и не направија никакви проблеми. Напротив, тие се единствените кои доаѓаат и ти кажуваат ако имаат некое додатно лице кое престојува во нивната приколка или шатор. Што се однесува до мене, тие се најдобрите муштерии што можеш да ги имаш“.
▪ После истиот конгрес, директорот на еден хотел навел: „Сите Јеховини сведоци се мирољубиви. Тие не креваат врева и рано си легнуваат. Навистина се љубезни, чесни и добро се однесуваат. Би било прекрасно кога секој би бил како нив. Другите крадат сѐ — вазни, пепелници, па дури и тоалетна хартија и шеќер! Ништо слично не ни се случило со вас. Кога вашите деца навечер земаат сладоледи од фрижидерот, не се секирам околу тоа да одам и да проверувам што зеле. Тие пресметуваат колку ми должат и веднаш доаѓаат да платат. Имам потполна доверба во нив. Колку само би било прекрасно кога и другите би биле такви! Посакувам сите мои гости да се Јеховини сведоци“.
Јеховините сведоци се добро познати во Италија, како и во многу други делови од Земјината топка. Тие ‚задржуваат примерно однесување меѓу народите‘ и на тој начин му донесуваат фалба на вистинскиот Бог, чиешто име го носат тие (1. Петрово 2:12, НС).