Собери храброст додека се приближува избавувањето
„,Јас сум со тебе, за да те избавувам‘ — вели Господ“ (ЈЕРЕМИЈА 1:19).
1, 2. Зошто на човечкото семејство му е потребно избавување?
ИЗБАВУВАЊЕ! Колку утешувачки збор! Да се биде избавен значи да се биде спасен, ослободен од некоја лоша, несреќна ситуација. Тоа ја вклучува мислата да се биде доведен во една многу подобра, посреќна состојба.
2 Колку само очајно му е потребно такво избавување на човечкото семејство во ова време! Луѓето насекаде се оптоварени и обесхрабрени со тешки проблеми — економски, социјални, физички, ментални и емоционални. Огромното мнозинство е незадоволно и разочарано од патот по кој оди светот и би сакало некаква промена на подобро (Исаија 60:2; Матеј 9:36).
„Времиња тешки“
3, 4. Зошто сега постои поголема потреба од избавување?
3 Со оглед на тоа што XX-тиов век доживеал поголемо страдање од кој и да е друг век, сега постои поголема потреба од избавување од кога и да било порано. Денес, преку една милијарда луѓе живеат во крајна сиромаштија, а тој број годишно се зголемува за околу 25 милиони. Секоја година, околу 13 милиони деца умираат од неисхранетост или од други причини поврзани со сиромаштијата — преку 35.000 дневно! А милиони постари луѓе умираат предвремено од различни болести (Лука 21:11; Откровение 6:8).
4 Војните и граѓанските немири предизвикале неискажливо страдање. Книгата Death by Government (Смрт од страна на владата) вели дека војните, етничките и верските судири, како и масовните убиства од страна на владите врз нивните сопствени граѓани, „во овој век убиле преку 203 милиони луѓе“. Понатаму таа вели: „Разбирливо е што мртвите би можеле да бројат скоро 360 милиони луѓе. Тоа е исто како нашиот вид да бил опустошен од некоја современа Црна чума. И навистина бил, ама од чума на Моќ, а не на бацили“. Писателот Ричард Харвуд забележал: „Во споредба со нив, варварските војни во изминатите векови биле само улични тепачки“ (Матеј 24:6, 7; Откровение 6:4).
5, 6. Што е тоа што го прави нашево време толку мачно?
5 За вознемирувачките услови од минативе години придонесува и огромниот пораст на насилничкиот криминал, неморал и сломот на семејството. Поранешниот секретар за образование на Соединетите Држави, Вилијам Бенет, забележал дека населението на САД во период од 30 години пораснало за 41 отсто, но насилничкиот криминал пораснал за 560 отсто, вонбрачните раѓања за 400 отсто, разводите за 300 отсто, а стапката на самоубиства меѓу тинејџерите за 200 отсто. Професорот Џон Дијулио Јуниор, од универзитетот Принстон, предупредил на растечките редови на млади „супер-грабливци“ кои „убиваат, напаѓаат, силуваат, пљачкаат, разбиваат и создаваат сериозни општински нереди. Тие не се плашат од срамниот печат на апсењето, од болките на затворањето или, пак, од гризењето на совеста“. Во таа земја, убиствата сега се втора водечка причина за смрт меѓу лицата од 15 до 19-годишна возраст. А повеќе деца под четиригодишна возраст умираат од малтретирање отколку од болест.
6 Таквиот криминал и насилство не се ограничени само на една нација. Повеќето земји известуваат за слични трендови. За ова придонесува и бранот од илегална употреба на дрога која расипува милиони лица. Австралискиот Sydney Morning Herald навел: „Меѓународното криумчарење на дрога станало втор најдоходовен бизнис во светот после трговијата со оружје“. Други фактори се насилството и неморалот кои сега ја преплавуваат телевизијата. Во многу земји, додека детето достигне возраст од 18 години, тоа веќе има видено десетици илјади насилни чинови на ТВ, како и безброј неморални чинови. Тоа претставува значајно расипувачко влијание, затоа што нашата личност ја обликува она со кое редовно ги храниме нашите мисли (Римјаните 12:2; Ефесјаните 5:3, 4).
7. На кој начин библиското пророштво ги прорекло сегашните лоши услови?
7 Библиското пророштво точно го прорекло овој страшен тренд на настаните во нашиов век. Тоа навело дека ќе има глобални војни, епидемии на болести, оскудици на храна и растечко беззаконие (Матеј 24:7—12; Лука 21:10, 11). А кога ќе размислиме за пророштвото што е забележано во 2. Тимотеј 3:1—5 (НС), тоа е исто како да слушаме вечерни вести. Тоа ја идентификува нашата ера како ‚последни денови‘, а луѓето ги опишува како ‚себељубиви, љубители на пари, непослушни на родителите, нелојални, без природна наклоност, без самосовладување, жестоки, надуени од гордост, повеќе љубители на задоволства отколку љубители на Бог‘. Токму таков е светот денес. Како што признал Вилијам Бенет: „Едноставно има премногу знаци за тоа . . . дека цивилизацијата е расипана“. Дури било речено дека цивилизацијата завршила со првата светска војна.
8. Зошто Бог го предизвикал општиот потоп во времето на Ное, и каква врска има ова со нашево време?
8 Сегашната ситуација е дури и полоша отколку пред општиот потоп од Ноевото време, кога ‚земјата се исполнила со насилство‘ (НС). Во тоа време, луѓето, општо земено, одбивале да се покајат за своите лоши патишта. Затоа, Бог рекол: „Се исполни земјата со неправда од нив; и, еве, Јас ќе ги истребам нив од земјата“. Општиот потоп го окончал тој насилен свет (1. Мојсеева 6:11, 13; 7:17—24).
Нема избавување од луѓе
9, 10. Зошто не треба да бараме луѓето да обезбедат избавување?
9 Можат ли човечките настојувања да нѐ избават од овие лоши услови? Божјата Реч одговара: „Не надевајте се на кнезовите и на синовите човечки, во нив нема спасение“. „Не е во власта на оној кој оди, за да ги исправа стапките свои“ (Псалм 145:3; Јеремија 10:23). Илјадниците години од човечката историја ги имаат потврдено овие вистини. Иако луѓето го испробуваат секој замислив политички, економски и социјален систем, условите се влошуваат. Да имало човечко решение, досега тоа би станало очигледно. Наместо тоа, реалноста е дека „човекот господари над човек на своја штета“ (Проповедник 8:9; Изреки 29:2; Јеремија 17:5, 6).
10 Пред неколку години, поранешниот национален секретар за безбедност на САД, Збигњев Бжежински, рекол: „Неизбежниот заклучок на секоја објективна анализа на глобалните трендови е дека социјалниот метеж, политичкиот немир, економската криза и меѓународната напнатост веројатно ќе станат пораширени“. Тој додал: „Заканата со која се соочува човештвото [е] глобална анархија“. Денес, таа проценка за светските услови важи уште повеќе. Коментирајќи за оваа ера на растечко насилство, една уводна статија во Register од Њу Хејвн (Конектикат), изјавила: „Се чини дека ситуацијата отишла предалеку за да може да се запре“. Не, нема да има запирање на влошувањето на овој свет, бидејќи пророштвото во врска со овие ‚последни денови‘ исто така навело: „Лошите луѓе и лажливците ќе напредуваат во злото, заблудувајќи други како и себеси“ (2. Тимотеј 3:13).
11. Зошто условите кои се влошуваат нема да бидат променети преку човечки напори?
11 Луѓето не можат да ги променат овие трендови затоа што Сатана е „богот од овој свет“ (2. Коринтјаните 4:4). Да, „целиот свет лежи во власта на злобниот“ (1. Јованово 5:19, НС; види и Јован 14:30). За нашево време, Библијата со право вели: „Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време“ (Откровение 12:12). Сатана знае дека неговото владеење и неговиот свет наскоро треба да завршат, па затоа е како „лав што рика и бара некого да го проголта“ (1. Петрово 5:8).
Близу е избавувањето — за кого?
12. За кого се приближува избавување?
12 Сѐ потешките услови на Земјата се очигледен доказ за тоа дека е близу една огромна промена — всушност, едно величествено избавување! За кого? Избавувањето се приближува за оние кои им обрнуваат внимание на предупредувачките сигнали и кои преземаат соодветна акција. Прво Јованово 2:17 покажува што мора да се стори: „Светот [Сатановиот систем на ствари] поминува и похотите негови, а оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека“ (2. Петрово 3:10—13).
13, 14. На кој начин Исус ја нагласил потребата да останеме будни?
13 Исус прорекол дека денешното расипано општество наскоро ќе биде збришано во едно време на неволја ‚какво што не било од почетокот на светот па досега, а и нема да биде‘ (Матеј 24:21). Затоа тој предупредил: „Само пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, и грижа за овој свет, за да не ве затече оној ден ненадејно; оти тој ќе дојде како примка за сите што живеат по целата земја; бидете будни во секое време и молете се, за да го одбегнете сето она, што ќе настане“ (Лука 21:34—36).
14 Оние кои ‚пазат‘ и кои ‚се будни‘ ќе ја откријат волјата на Бога и ќе ја вршат (Изреки 2:1—5; Римјаните 12:2). Тие се оние кои ќе ‚го избегнат‘ уништувањето што наскоро ќе биде нанесено врз Сатановиот свет. И можат да имаат потполна доверба дека ќе бидат избавени (Псалм 33:15; Изреки 10:28—30).
Главниот Избавител
15, 16. Кој е главниот Избавител, и зошто сме сигурни дека неговите пресуди ќе бидат праведни?
15 За да бидат избавени Божјите слуги, треба да бидат отстранети Сатана и неговиот целокупен светски систем на ствари. За тоа е потребен еден извор на избавување кој е далеку помоќен од луѓето. Тој извор е Јехова Бог, Врховниот Суверен, семоќниот Творец на вселената која влева страв. Тој е главниот Избавител: „Јас, Јас сум Господ, и нема Спасител освен Мене“ (Исаија 43:11; Изреки 18:11).
16 Јехова го има највисокиот степен на моќ, мудрост, правда и љубов (Псалм 146:5; Изреки 2:6; Исаија 61:8; 1. Јованово 4:8). Затоа, кога тој ќе ги изврши своите пресуди, можеме да бидеме сигурни дека неговите постапки ќе бидат праведни. Авраам прашал: „Зарем Судијата на целата Земја нема да суди право?“ (1. Мојсеева 18:24—33). Павле воскликнал: „Зар има неправда во Бога? Никако!“ (Римјаните 9:14). Јован напишал: „Да, Господи Боже Седржителу, вистинити и праведни се Твоите пресуди!“ (Откровение 16:7).
17. На кој начин Јеховините слуги во минатото изразиле доверба во Неговите ветувања?
17 Кога Јехова ветува избавување, тој бездруго и ќе го изврши. Исус Навин рекол: „Ниедно ветување не пропадна од сето добро ветување што го беше дал Јехова“ (Исус Навин 21:45, НС). Соломон изјавил: „Не пропадна ниту еден збор од сето негово добро ветување што тој го беше ветил“ (3. Царства 8:56, НС). Апостол Павле забележал дека Авраам ‚не се посомнил со неверие . . . наполно уверен дека [Бог] е силен и да го изврши она, што го ветил‘. Сара исто така ‚Го сметала за верен [Бога], Кој беше ветил‘ (Римјаните 4:20, 21; Евреите 11:11).
18. Зошто можат денешните Јеховини слуги да бидат уверени дека ќе бидат избавени?
18 За разлика од луѓето, Јехова е потполно доверлив, верен на својот збор. „Со клетва вели Господ Саваот: ‚Како што намислив, така и ќе биде; како што решив, така и ќе стане‘ “ (Исаија 14:24). Затоа, кога Библијата вели дека „Господ знае како да ги избавува побожните од искушение, а неправедните да ги држи во маки за судниот ден“, можеме да имаме полна доверба дека тоа и ќе се случи (2. Петрово 2:9). Дури и кога им се заканува уништување од моќните непријатели, Јеховините слуги се храбри поради неговиот став, одразен во неговото ветување до еден негов пророк: „Тие ќе војуваат против тебе, но нема да те победат; зашто Јас сум со тебе, за да те избавувам — вели Господ“ (Јеремија 1:19; Псалм 32:18, 19; Тит 1:2).
Избавувања во минатото
19. На кој начин Јехова го избавил Лот, и која е паралелата со нашево време?
19 Можеме да бидеме силно охрабрени ако раскажеме некои од Јеховините поранешни спасувачки дела. На пример, Лот бил „многу измачуван“ (НС) поради злобата на Содом и Гомор. Но, Јехова го забележал ‚големиот повик‘ против тие градови. Во право време, тој испратил гласници да го натераат Лот и неговото семејство веднаш да излезат од тоа подрачје. Со каков резултат? Јехова ‚го избавил праведниот Лот‘, ‚претворајќи ги градовите Содом и Гомор во пепел‘ (2. Петрово 2:6—8; 1. Мојсеева 18:20, 21). И денес, Јехова го забележува повикот на жалење во врска со тешката злоба на овој свет. Кога неговите современи гласници ќе го имаат завршено своето итно дело на сведочење до онаа мера до која Јехова сака, Тој ќе дејствува против овој свет и ќе ги избави своите слуги како што го избавил Лот (Матеј 24:14).
20. Опиши го Јеховиното избавување на древниот Израел од Египет.
20 Во древниот Египет биле поробени милиони од Божјиот народ. За нив Јехова рекол: „Го чув пискотот негов . . . Сега ја знам маката негова. Па слегов да го избавам“ (2. Мојсеева 3:7, 8). Меѓутоа, откако го пуштил Божјиот народ да си оди, фараонот се предомислил и го гонел со својата моќна војска. Изгледало како Израелците да се фатени во стапица кај Црвеното Море. Сепак, Мојсеј рекол: „Не плашете се, застанете и ќе видите Господ како ќе ве спаси денес“ (2. Мојсеева 14:8—14). Јехова го разделил Црвеното Море и Израелците побегнале. Фараоновите војски јуришале по нив, но Јехова ја употребил својата моќ така што ‚морето ги покрило; и тие потонале како олово во силните води‘. По тоа, Мојсеј воскликнал во песна до Јехова: „Кој е како Тебе прославен во светоста Своја, прекрасен во славата Своја и Творец на чудеса“ (2. Мојсеева 15:4—12, 19).
21. На кој начин Јеховиниот народ бил спасен од Амон, Моав и Сеир?
21 Во друга прилика, непријателските нации на Амон, Моав и Сеир (Едом) му се заканувале на Јеховиниот народ со уништување. Јехова рекол: „Не плашете се и не стравувајте од тоа големо [непријателско] множество, зашто војната не е ваша, туку Божја . . . Нема вие да се борите . . . Стојте и гледајте го спасението од Господа што ви се испраќа“. Јехова го избавил својот народ со тоа што внел збрка во редовите на непријателот, така што тие се испоклале еден со друг (2. Летописи 20:15—23).
22. За какво чудесно избавување на Израел од Асирија се погрижил Јехова?
22 Кога асирската светска сила дошла против Ерусалим, царот Сенахерим го исмејувал Јехова, велејќи му на народот што бил на ѕидот: „Кој од сите богови на тие земји [што јас ги поробив] ја спаси земјата своја од мојата рака? Та зар Господ [Јехова, НС] ќе го спаси Ерусалим од мојата рака?“ На Божјите слуги им рекол: „Нека не ви дава Езекија надеж во Господа, велејќи: ‚Господ ќе нѐ спаси‘ “. Тогаш Езекија горливо се помолил за избавување, за да „дознаат сите земни царства, дека Ти, Господи, си единствен Бог“. Јехова соборил 185.000 асирски војници, и Божјите слуги биле избавени. Подоцна, додека Сенахерим го обожавал својот лажен бог, неговите синови извршиле атентат врз него (Исаија, поглавја 36 и 37).
23. Кои прашања треба да се одговорат во врска со избавувањето денес?
23 Сигурно можеме да собереме храброст кога гледаме како Јехова во минатото извонредно го избавувал својот народ. А како е денес? Во каква опасна ситуација наскоро ќе се најдат неговите верни слуги, која ќе изискува негово чудесно избавување? Зошто тој морал да чека сѐ досега за да им донесе избавување? Какво ќе биде исполнувањето на Исусовите зборови: „Кога ќе почне тоа да станува, исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето спасение“? (Лука 21:28). И на кој начин ќе дојде избавувањето за Божјите слуги кои веќе умреле? Овие прашања ќе ги испита следната статија.
Прашања за повторување
◻ Зошто постои огромна потреба од избавување?
◻ Зошто не треба да бараме избавување од луѓето?
◻ За кого е близу избавувањето?
◻ Зошто можеме да бидеме уверени во Јеховиното избавување?
◻ Кои примери за избавување во минатото се охрабрувачки?
[Слика на страница 10]
Авраам бил меѓу оние кои имале полна доверба во Јехова