Барај вистински мир и следи го!
„Кој го сака животот и сака да види добри денови . . . Нека се клони од зло и нека прави добро, нека бара мир и нека се стреми кон него [нека го следи, НС]“ (1. ПЕТРОВО 3:10, 11).
1. Кои прочуени зборови на Исаија несомнено ќе имаат сигурен успех?
„ЌЕ ГИ прековаат мечевите свои во плугови, а копјата свои — во српови; народ против народ нема да крене меч и нема повеќе да се учат на војна“ (Исаија 2:4). Иако овој фамозен текст е изложен близу светското седиште на Обединетите нации во Њујорк Сити, таа светска организација ни најмалку не го исполнила. Меѓутоа, како дел од непогрешливата реч на Јехова Бог, таа изјава нема да биде без резултати (Исаија 55:10, 11).
2. Според Исаија 2:2, 3, што мора да се случи „во последните дни“?
2 Зборовите што се наоѓаат во Исаија 2:4, всушност, се дел од едно прекрасно пророштво, пророштво во врска со вистинскиот мир — а тоа навистина се исполнува токму во нашево време. Пред да ги објави возбудливите изгледи дека ќе нема војни и оружја за војна, пророштвото вели: „И ете, во последните дни гората на домот Господов ќе биде поставена на врвот од планините и ќе се возвиси над ридовите, ќе појдат кон неа сите народи. Ќе тргнат многу народи и ќе речат: ‚Дојдете, да се искачиме на гората Господова, во домот на Бога Јаковов; Он ќе нѐ научи на Своите патишта, и ќе одиме по патеките Негови; зашто од Сион ќе излезе законот, и од Ерусалим — словото Господово“ (Исаија 2:2, 3).
Луѓето можат да станат мирољубиви
3. Како може едно лице да се промени од воинствено во мирољубиво?
3 Забележи дека, пред да можат луѓето да следат некој мирољубив пат, мораат да бидат поучени за Јеховините патишта. Послушниот одѕив на Јеховината поука може да го промени начинот на размислување и постапување на едно лице, така што некој кој бил воинствен, станува мирољубив. Како се постигнува ова преобразување? Стихот од Римјаните 12:2 вели: „Не управувајте се според овој век, туку преобразете се преку вашиот обновен ум, за да можете да познавате, која е добрата, угодна и совршена волја Божја“. Ние го преобразуваме нашиот ум, то ест го поттикнуваме во еден поинаков правец, со тоа што го полниме со начелата и упатствата од Божјата Реч. Редовното проучување на Библијата ни помага да ја направиме оваа промена и ни овозможува да си докажеме себеси која е Јеховината волја за нас за да можеме јасно да го видиме патот по кој мораме да одиме (Псалм 118:105).
4. На кој начин некој ја облекува мирољубивата нова личност?
4 Библиската вистина го преобразува не само нашиот начин на размислување туку и нашите постапки и личноста. Таа ни помага да го правиме она на што поттикнал апостол Павле: „Да го отфрлите од себе стариот човек според вашето поранешно живеење, кој се распаѓа во измамливите желби, да се обновите со духот на својот ум [во силата која го покренува вашиот ум, НС] и да се облечете во новиот човек, создаден според Бога во правда и светост во вистината“ (Ефесјаните 4:22—24). Силата што го покренува умот е внатрешна. Таа се преобразува и станува моќна додека расте нашата љубов кон Јехова и кон неговите закони, и нѐ прави духовни и мирољубиви луѓе.
5. На кој начин ‚новата заповед‘ што ја дал Исус на неговите ученици, придонесува за мирот меѓу нив?
5 Потребата од ова преобразување се гледа од поуката што Исус ја дал на неговите ученици во текот на своите последни часови со нив: „Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:34, 35). Оваа несебична љубов слична на Христовата, ги поврзува учениците во совршено единство (Колосјаните 3:14, НС). Само оние кои се спремни да ја прифатат и да живеат според оваа „нова заповед“, ќе се радуваат на мирот што го ветува Бог. Дали постојат луѓе кои го прават ова денес?
6. Зошто Јеховините сведоци уживаат мир за разлика од луѓето од светот?
6 Јеховините сведоци настојуваат да покажуваат љубов во нивното братство раширено низ светот. Иако се извлечени од сите народи од светот, тие не се мешаат во полемиките на светот, дури и кога се подложени на силен политички и верски притисок. Како обединет народ, тие се поучени од Јехова и уживаат мир (Исаија 54:13). Тие остануваат неутрални во политичките судири и не учествуваат во војните. Некои кои порано биле насилни, престанале со таквиот начин на живот. Станале мирољубиви христијани кои го имитираат примерот на Христос Исус. И сесрдно го следат Петровиот совет: „Кој го сака животот и сака да види добри денови, нека го пази јазикот свој од зло, и усните негови да не зборуваат лаги. Нека се клони од зло и нека прави добро, нека бара мир и нека се стреми кон него [нека го следи, НС]“ (1. Петрово 3:10, 11; Ефесјаните 4:3).
Оние кои го следат мирот
7, 8. Наведи примери за луѓе кои ја напуштиле војната и станале барачи на вистински мир. (Раскажи и други со кои можеби си запознаен.)
7 На пример, тука е Рами Овед, поранешен офицер во една специјализирана антитерористичка единица. Тој бил обучуван да ги убива своите непријатели. Горливо верувал во својот израелски национализам сѐ до денот кога открил дека рабините не сакале да се ожени со девојката што ја љубел, само затоа што таа била Азијка, не-Еврејка. Почнал да трага по вистината во Библијата. Потоа дошол во контакт со Јеховините сведоци. Неговото проучување на Библијата со Сведоците го уверило дека повеќе не може да биде фанатичен националист. Христијанската љубов значела да ги напушти војната и оружјето и да научи да ги сака луѓето од секоја раса. Колку само бил изненаден кога добил едно љубезно писмо со уводните зборови: „Мој брате Рами“! Што било толку необично во тоа? Пишувачот била една Палестинка Сведок. „Мислев дека тоа е неверојатно“ — вели Рами — „бидејќи Палестинците беа мои непријатели, а сега еден од нив ме нарекува ‚Мој брате‘ “. Рами и неговата сопруга сега го следат вистинскиот мир на Божји начин.
8 Друг пример е оној на Георг Ројтер, кој служел во германската армија која ја нападнала Русија за време на II светска војна. Набргу се разочарал од Хитлеровиот грандиозен план за светска доминација. Кога се вратил од војната, почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Тој напишал: „Конечно, работите почнаа да ми се разјаснуваат. Сфатив дека Бог не е оној кој е виновен за сето крвопролевање . . . Дознав дека неговата намера е да воспостави еден рај низ целата Земја, со вечни благослови за послушното човештво . . . Хитлер се фалеше во врска со својот ‚Илјадагодишен Рајх‘, но владееше само 12 [години] — и тоа со каков стравотен исход! Христос, а не Хитлер, е . . . тој кој може и кој ќе воспостави илјадагодишно владетелство над Земјата“. Веќе 50-тина години Георг служи во полновремената служба како пратеник на вистинскиот мир.
9. На кој начин искуството на Јеховините сведоци во нацистичка Германија докажува дека тие се храбри, а сепак мирољубиви?
9 Дури и сега, после повеќе од 50 години, интегритетот и неутралноста на Јеховините сведоци во Германија за време на нацистичкиот режим, продолжуваат да бидат сведоштво за нивната љубов кон Бог и кон мирот. Една џебна брошура, издадена од Меморијалниот музеј на холокаустот на САД во Вашингтон (Д. К.), наведува: „Јеховините сведоци поднесоа жестоко прогонство под нацистичкиот режим . . . Со храброста што ја покажа огромното мнозинство во одбивањето [да се откаже од својата религија] и покрај тортура, малтретирање во концентрациони логори, а понекогаш и со погубување, тие го заслужија почитувањето од многу современици“. Потоа додава: „За време на ослободувањето на логорите, Јеховините сведоци продолжија со своето дело, движејќи се меѓу преживеаните и правејќи преобратеници“.
Многу поголема промена
10. а) Каква огромна промена е потребна за да дојде вистински мир? б) Како било опишано тоа во книгата на Даниил?
10 Дали ова значи дека Јеховините сведоци веруваат дека тие можат да му донесат мир на целиот свет преку некакво масовно преобраќање кон верувањето во христијанска неутралност? Не! За да се обнови мирот на Земјата, потребна е една многу поголема промена. Каква? Разорното, угнетувачко и насилничко човечко владеење мора да му отстапи место на владеењето на Божјето Царство, за кое Исус ги учел своите ученици да се молат (Матеј 6:9, 10). Но, како ќе се случи тоа? Во еден божествено инспириран сон, пророкот Даниил дознал дека во последните денови, Божјето Царство, како некој огромен камен ‚отсечен не од човечки раце‘ (НС), ќе смачка еден џиновски лик кој ги претставува политичките владетелства на човештвото над Земјата. Потоа објавил: „Во деновите на тие царства небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема да се разруши никогаш, и тоа царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно“ (Даниил 2:31—44).
11. Преку кое средство Јехова ќе ја донесе потребната промена за мир?
11 Зошто ќе се случи оваа радикална промена на светската сцена? Затоа што Јехова ветил дека ќе ја исчисти Земјата од сите оние кои ја загадуваат и уништуваат (Откровение 11:18). Оваа преобразба ќе се случи во Јеховината праведна војна против Сатана и против неговиот злобен свет. Во Откровение 16:14, 16 читаме: „Тоа [то ест, нечистите инспирирани изрази] се ѓаволски духови, кои прават чуда; тие одат кај царевите [то ест, политичките владетели] на целиот свет, за да ги соберат за војна во оној голем ден на Бога Седржителот. И ги собра на местото наречено по еврејски Армагедон“.
12. Каков ќе биде Армагедон?
12 Каков ќе биде Армагедон? Тој нема да биде некаква нуклеарна апокалипса или катастрофа предизвикана од луѓето. Не, тоа е Божја војна што ќе им стави крај на сите човечки војни и ќе ги уништи сите оние кои ги унапредуваат таквите војни. Тоа е Божја војна што ќе им донесе вистински мир на оние кои го сакаат мирот. Да, Армагедон доаѓа онака како што наумил Јехова. Нема да се забави. Неговиот пророк Авакум бил инспириран да напише: „Видението се однесува до определеното време; тоа зборува за свршетокот и нема да излаже; па, и ако се забави, чекај го, оти ќе наиде и нема да се забави“ (Авакум 2:3). Поради нашите човечки чувства би можело да изгледа дека доцни, но Јехова се држи за својот распоред. Армагедон ќе удри во часот што Јехова го има однапред одредено.
13. Како ќе постапи Бог со вистинскиот виновник, Сатана Ѓаволот?
13 Оваа одлучна постапка ќе го расчисти патот за вистински мир! Но, за да биде вистинскиот мир цврсто втемелен, мора да се стори нешто друго — да се отстрани оној кој предизвикува поделба, омраза и борба. А Библијата прорекува дека како следно ќе се случи токму тоа — фрлањето в бездна на Сатана, подбуцнувачот на војните и таткото на лагите. Апостол Јован го видел овој настан во една пророчка визија, како што е запишано во Откровение 20:1—3: „Видов како од небото слегуваше ангел, кој што го имаше клучот од бездната и голема верига во раката своја: го фати змевот, древната змија, која што е ѓаволот и сатаната — и го врза за илјада години; потоа го фрли во бездната и го заклучи, ставајќи печат врз него за да не ги лаже веќе народите до завршувањето на илјадата години“.
14. Како може да се опише Јеховината триумфална постапка против Сатана?
14 Ова не е сон; тоа е Божје ветување — а Библијата вели: „Не е можно Бог да излаже“ (Евреите 6:18). Затоа, преку својот пророк Јеремија, Јехова можел да рече: „Јас сум Господ, Кој покажува милост, суд и правда на земјата; оти само тоа е благоугодно пред Мене, вели Господ“ (Јеремија 9:24). Јехова постапува по правда и праведност и се радува на мирот што ќе го донесе на Земјата.
Владеењето на Кнезот на мирот
15, 16. а) Кого го избрал Јехова за да владее како Цар? б) Како е опишано тоа владетелство, и кој ќе има удел во него?
15 За да им обезбеди на сите оние кои живеат под неговата подготовка на Царството да го имаат тој вистински мир, Јехова му го дал владетелството на вистинскиот Кнез на мирот, Исус Христос, како што е проречено во Исаија 9:6, 7: „Младинец ни се роди — Син ни се даде; власта е на рамењата Негови, и ќе Го наречат: Советник, Чудесни, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот. Неговата власт и мирот бескраен ќе растат . . . Тоа ќе го направи ревноста на Господа Саваота“. И псалмистот пророчки напишал за мирољубивото владетелство на Месијата: „Во Негово време ќе зацари правда, и ќе има изобилен мир сѐ додека не се одземе месечината“ (Псалм 71:7).
16 Освен тоа, со него на небесата ќе владеат 144-те илјади Христови браќа кои се помазани со дух. Овие се сонаследниците со Христа, за кои Павле запишал: „А Бог на мирот наскоро ќе го сотре сатаната под нозете ваши. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со вас“ (Римјаните 16:20). Да, од небесата, овие ќе имаат удел во Христовата победа над подбуцнувачот на војната, Сатана Ѓаволот!
17. Што мораме да сториме за да наследиме вистински мир?
17 Затоа, прашањето сега е: Што мораш да правиш ти за да наследиш вистински мир? Вистинскиот мир може да дојде само на Божји начин, а за да го постигнеш, мораш да преземеш позитивни чекори. Мораш да го прифатиш Кнезот на мирот и да се обратиш кон него. Ова значи дека мораш да го прифатиш Христос во неговата улога на Спасител и Откупител на грешното човештво. Самиот Исус ги кажал прочуените зборови: „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3:16). Дали си спремен да практикуваш вера во Христос Исус како Божји Застапник за донесување вистински мир и спасение? Под небото нема друго име кое може да воспостави мир и да го гарантира (Филипјаните 2:8—11). Зошто? Затоа што Исус е Избраниот од Бог. Тој е најголемиот гласник на мир кој некогаш одел по Земјата. Дали ќе го слушаш Исус и ќе го следиш неговиот пример?
18. Што треба да сториме во одговор на Исусовите зборови запишани во Јован 17:3?
18 „А животот вечен е тоа, да Те познаат [да примаат спознание за, НС] Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа“ (Јован 17:3). Сега е време да се прима точно спознание преку редовно присуствување на состаноците на Јеховините сведоци во Салата на Царството. Овие образовни состаноци ќе те поттикнат да го споделуваш со другите своето спознание и својата надеж. И ти можеш да станеш пратеник на Божјиот мир. Можеш да уживаш мир уште сега доколку имаш доверба во Јехова Бог, како што е наведено во Исаија 26:3, според New International Version: „Ќе го сочуваш во совршен мир оној чијшто разум е непоколеблив, бидејќи има доверба во тебе“. Во кого треба да имаш доверба? „Имајте доверба во Јехова за сите времиња, зашто во Јах, Јехова, е Карпата на недогледни времиња“ (Исаија 26:4, НС).
19, 20. Што ги очекува оние кои денес бараат мир и го следат?
19 Сега заземи став за вечниот живот во Божјиот мирољубив нов свет. Во Откровение 21:3, 4, Божјата Реч нѐ уверува: „Ете ја скинијата на Бога меѓу луѓето, и Он ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив — нивни Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“. Зарем тоа не е мирољубивата иднина по која копнееш?
20 Тогаш, сети се што ветил Бог. „Кротките ќе ја поседуваат Земјата, и навистина ќе наоѓаат своја извонредна радост во изобилството од мир. Посматрај го беспрекорниот и задржи го во вид исправниот, зашто иднината на тој човек ќе биде мирољубива“ (Псалм 36:11, 37, НС). Кога ќе дојде тој среќен ден, со благодарност да речеме: „Конечно вистински мир! Благодарение на Јехова Бог, изворот на вистинскиот мир!“
Можеш ли да објасниш?
◻ Што може да му помогне некому за да направи промени во мислите и во постапките?
◻ На кој начин Јеховините сведоци, поединечно и колективно, ја имаат покажано својата љубов кон вистинскиот мир?
◻ Како ќе постапи Јехова со сите оние кои унапредуваат омраза и војна?
◻ Што ќе стори владетелството на Кнезот на мирот во полза на човештвото?
[Слики на страница 14]
Зборовите на Исаија ги исполниле не ОН, туку оние кои се одѕвиваат на Јеховината поука
[Слики на страница 15]
Овие двајца мажи направиле промени за да го следат мирот
Рами Овед
Георг Ројтер
[Слика на страница 16]
Под владетелството на Кнезот на мирот ќе преовладува вистински мир