Врховниот суд на Конектикат ги поддржува правата на пациентот
На 16 април 1996, Врховниот суд на Конектикат (САД) го поддржа правото на Јеховините сведоци да одбијат трансфузија на крв. Оваа одлука укина една поранешна одлука на првостепениот суд.
Во август 1994, Нели Вега, Јеховин сведок, почна силно да крвави откако го роди своето прво дете. Напорите да се запре нејзиното крвавење се покажаа неделотворни. Додека се влошуваше состојбата на г-ѓа Вега, болницата бараше да добие судски налог кој овластува трансфузија на крв. Г-ѓа Вега веќе имаше потпишано медицинско ослободување, кое упатува да не ѝ се дава никаква крв или крвни деривати за време на нејзиниот болнички престој, со што ја ослободува болницата од секаква одговорност за последиците од нејзината одлука. Меѓутоа, болницата аргументираше дека присилувањето на трансфузија на крв би дејствувало за најдобрите интереси на новороденчето на кое, како што аргументираше болницата, му треба неговата мајка. Првостепениот суд исто така беше загрижен што, освен нејзината загуба на крв, г-ѓа Вега е млада, здрава жена. Така, и покрај протестите и од сопругот на г-ѓа Вега и од нејзиниот адвокат, судот издаде наредба и беше извршена трансфузија.
Со текот на времето, случајот беше изнесен пред Врховниот суд на Конектикат. Таму едногласно беше одлучено дека постапката на болницата ги повредила правата на г-ѓа Вега. Одлуката наведуваше: „Сослушувањето пред првостепениот суд се случило сред ноќ, под екстремно итни услови кои не придонеле за способноста на ниту една од страните потполно да ги развијат своите аргументи“.
Оваа одлука на Врховниот суд на Конектикат е значајна и за луѓето кои не се Јеховини сведоци. „Таа е важна за сите пациенти кои би можеле да не се согласуваат со одлуките на своите лекари“ — вели Доналд Т. Ридли, адвокат на г-ѓа Вега. „Одлуката ќе ги спречи болниците да ги газат вредностите на пациентите, сеедно дали се религиозни или световни.“